Утеха од ‚Богот на секоја утеха‘
„Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 1:3, 4).
1, 2. Каква утеха им треба на ожалостените луѓе?
НА ОЖАЛОСТЕНИТЕ луѓе им треба искрена утеха — не изветвени фрази или клишеа. Сите ние сме чуле дека ‚времето ги лечи раните‘, но во раните стадиуми на тагување, зарем ќе го утеши таа мисла оној што е обземан од жалост? Христијаните знаат дека Бог ветил воскресение, но тоа не ја отстранува длабоката болка и траума од ненадејната загуба. А ако си изгубил дете, другото што е живо, бездруго, не е замена за драгоценото дете што умрело.
2 Во време на загуба, многу ќе ни помогне искрената утеха, утеха која има цврста основа во Божјите ветувања. Исто така ни треба сочувство. Ова сигурно се однесува и на луѓето во Руанда, а особено на стотиците тамошни семејства на Јеховини сведоци кои изгубиле некој близок во тој ѓаволски етнички масакр. Од кого можат да извлечат утеха сите оние кои се ожалостени?
Јехова — Богот на утехата
3. Како покажал Јехова пример за давање утеха?
3 Јехова го дал примерот со тоа што ни дава утеха на сите нас. Го испратил на Земјата својот единороден Син, Христос Исус, за да ни даде вечна утеха и надеж. Исус поучувал: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Исто така, на своите следбеници им рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јован 15:13). Во една друга прилика рекол: „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). А Павле рекол: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5:8). Со помош на овие, како и на многу други стихови, ја осознаваме љубовта на Бог и на Христос Исус.
4. Зошто апостол Павле му бил особено благодарен на Јехова?
4 Апостол Павле бил потполно свесен за Јеховината незаслужена доброта. Тој бил извлечен од духовно мртва состојба — од фанатичен прогонител на Христовите следбеници, тој самиот станал прогонет христијанин (Ефесјаните 2:1-5). Своето искуство го опишува со зборовите: „Јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква. Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене“ (1. Коринтјаните 15:9, 10).
5. Што напишал Павле за утехата од Бог?
5 Соодветно на тоа, Павле напишал: „Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака, та и ние да можеме да ги утешиме оние што се наоѓаат при секаква мака, со онаа утеха, со која Бог нѐ утешува нас самите! Оти, како што се умножуваат Христовите страдања во нас, така се умножува и утехата наша преку Христа. Ако сме во мака, за ваша утеха е и спасение, кое е можно само така, кога ги претрпувате истите страдања, што ги трпиме и ние; а и надежта наша за вас е тврда. Се утешуваме ли, се утешуваме за ваша утеха и спасение, знаејќи дека како што учествувате во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата“ (2. Коринтјаните 1:3-7).
6. Што се подразбира под грчкиот збор преведен со „утеха“?
6 Колку само инспирирачки зборови! Грчкиот збор преведен овде со „утеха“ е поврзан со „повикување на некој да биде покрај некого“. Оттаму, „тоа е стоењето покрај некого за да се охрабри кога поднесува големи искушенија“ (A Linguistic Key to the Greek New Testament). Еден библиски научник напишал: „Зборот . . . секогаш значи далеку повеќе од обично смирувачко сочувство. . . . Христијанската утеха е утеха која дава храброст, утеха која му овозможува на човека да се бори со сите проблеми во животот“. Исто така, таа вклучува утешни зборови кои се темелени на цврстото ветување и надеж, односно на воскресението на мртвите.
Исус и Павле — сочувствителни утешители
7. Како ги утешувал Павле своите христијански браќа?
7 Каков само прекрасен пример за давање утеха бил Павле! На браќата во Солун можел да им напише: „Ние бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца. Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги. Зашто знаете дека секого од вас, како татко децата свои, ние ве молевме и утешувавме и сведочевме“. Исто како грижливите родители кои се полни со љубов, така и сите ние можеме да ја делиме со другите својата срдечност и разбирање кога тоа им е потребно (1. Солунјаните 2:7, 8, 11, 12).
8. Зошто Исусовите поуки се утеха за ужалените?
8 Во покажувањето на таква грижа и доброта, Павле само го имитирал својот голем Пример, Исус. Сети се на сочувствителниот повик што Исус го упатува до сите, како што е забележано во Матеј 11:28-30: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“. Да, Исусовите поуки се закрепнувачки бидејќи содржат надеж и ветување — ветувањето за воскресение. Ова е надежта и ветувањето што им го нудиме на луѓето, на пример, кога им ја оставаме брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш. Оваа надеж може да ни помогне на сите нас, дури и ако жалиме веќе долго време.
Како да ги утешиме ужалените
9. Зошто не треба да бидеме нетрпеливи со ужалените?
9 Жалоста не е ограничена на некаков одреден временски период веднаш по смртта на саканата особа. Некои луѓе, особено оние кои изгубиле дете, го носат товарот на жалоста низ целиот живот. Една брачна двојка верни христијани од Шпанија, во 1963 го изгубиле својот 11-годишен син како жртва на менингитот. До ден-денес тие леат солзи кога зборуваат за Пакито. Годишниците, фотографиите, сувенирите, можат да евоцираат тажни спомени. Затоа, никогаш не треба да бидеме нетрпеливи и да мислиме дека другите би морале досега да ја надминат својата загуба. Медицинските авторитети признаваат: „Депресиите и емоционалните промени можат да траат и по неколку години“. Затоа, запомнете дека емоционалните лузни, исто како физичките лузни на телото, можат да ни останат доживотно.
10. Што мораме да сториме за да им помогнеме на ужалените?
10 Кои практични работи можеме да ги направиме за да ги утешиме ужалените во христијанското собрание? На братот или на сестрата на кои им е потребна утеха, би можеле со сета искреност да им кажеме: „Ако можам нешто да сторам, само кажи ми“. Но, всушност, колку често ужалениот нѐ бара за да ни рече: „Се сетив како можеш да ми помогнеш“? Очигледно, треба да преземеме соодветна иницијатива доколку сакаме да го утешиме ужалениот. Затоа, како можеме да бидеме од корист? Еве неколку практични предлози.
11. Како може нашето слушање да биде утеха за другите?
11 Слушај: Една од најкорисните работи што можеш да ги направиш е да ја поделиш болката со ужалениот со тоа што ќе го слушаш. Можеш да прашаш: „Сакаш ли да зборуваш за тоа?“ Остави му нему да одлучи. Еден христијанин се сеќава на времето кога починал татко му: „Многу ми помагаше кога другите прашуваа што се случило, а потоа навистина слушаа“. Како што советувал Јаков, биди брз на слушање (Јаков 1:19). Слушај трпеливо и со сочувство. „Плачете со расплаканите“, препорачува Библијата во Римјаните 12:15. Сети се дека Исус плачел со Марта и Марија (Јован 11:35).
12. Во што да ги разуверуваме оние што тагуваат?
12 Разуверувајте ги: Задржи на ум дека ужалениот човек може отпрво да чувствува вина, мислејќи дека можеби можел да стори многу повеќе. Увери го дека веројатно е сторено сѐ што било можно да се стори (или нешто друго што знаеш дека е вистинито и позитивно). Увери го исто така дека она што го чувствува не е ништо необично. Кажи му за други за кои знаеш дека успешно закрепнале од слична загуба. Со други зборови, биди чувствителен и сочувствителен. Нашата љубезна помош може многу да значи! Соломон напишал: „Умесно кажаниот збор е како златно јаболко во сребрена кошничка“ (Изреки 16:24; 25:11; 1. Солунјаните 5:11, 14).
13. Како можеме да помогнеме ако се ставиме на располагање?
13 Стој на располагање: Стави се на располагање, не само за првите неколку дена, кога се присутни многу пријатели и роднини, туку и со месеци подоцна, ако е потребно, кога другите се вратиле на својата секојдневна рутина. Периодот на жалење може многу да варира, зависно од поединецот. Нашиот интерес и сочувство како христијани може многу да значи во времето на потреба. Библијата вели дека „има пријатели поприврзани од брат“. Затоа, изреката: „Во неволие пријателот се познава“, е вистинита изрека што треба да ја практикуваме (Изреки 18:25; спореди Дела 28:15).
14. За што можеме да зборуваме за да ги утешиме ужалените?
14 Зборувај за добрите особини на покојниот: Ова е друга голема помош, кога ќе се даде во правиот момент. Раскажи за него позитивни анегдоти на кои се сеќаваш. Не плаши се да го користиш името на таа особа. Не однесувај се како починатиот близок никогаш да не постоел или како да бил безвредна личност. Утешно е да се знае што вели една публикација од Харвардското медицинско училиште: „Еден вид закрепнување е постигнато кога ужалениот конечно ќе може да размислува за покојниот без огромна жалост . . . Кога ќе се признае и прифати новата реалност, жалоста се губи во драгоцените спомени“. ‚Драгоцени спомени‘ — колку само е утешно човек да се присети на тие драгоцени моменти што ги поминал со саканото лице! Еден Сведок, кој го изгубил својот татко пред неколку години, вели: „Посебен спомен за мене е времето кога ја читавме Библијата заедно со татко ми, набрзо откако тој започна да ја проучува вистината. Исто така, се сеќавам и на моментите кога лежевме на брегот од реката и разговаравме за некои мои проблеми. Се гледавме секоја трета или четврта година, па затоа тие прилики беа многу драгоцени“.
15. Како може човек да преземе иницијатива за да помогне?
15 Преземи соодветна иницијатива кога е потребно: Некои ужалени луѓе можат да излезат на крај подобро од другите. Затоа, зависно од околностите, преземи практични чекори за да помогнеш. Една ужалена христијанка се сеќава: „Мнозина ми рекоа: ‚Ако можам било што да сторам, само кажи‘. Но една христијанска сестра, без да ме праша, отиде право во спалната, ја извади валканата постелнина и ја испра. Една друга сестра зеде кофа со вода и средства за чистење и го изриба килимот каде што беше повратил мојот сопруг. Ова беа вистински пријателки, на кои никогаш нема да им го заборавам тоа“. Таму каде што постои очигледна потреба од помош, преземи иницијатива — можеби со тоа што ќе подготвиш јадење, ќе помогнеш околу чистењето или ќе извршиш некоја друга услуга. Се разбира, треба да внимаваме да не се наметнуваме кога ужалениот сака приватност. Според тоа, треба да ги земеме при срце Павловите зборови: „И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост, и долготрпеливост“. Добротата, трпеливоста и љубовта никогаш не изневеруваат (Колосјаните 3:12; 1. Коринтјаните 13:4-8).
16. Како може да утеши едно писмо или картичка?
16 Напиши писмо или испрати утешна картичка: Честопати се превидува вредноста на утешните писма или на убавите картички на сочувство. Каква е користа од нив? Па, тие можат да се препрочитаат повеќе пати. Таквото писмо не треба да биде долго, но треба да го покажува твоето сочувство. Исто така, треба да одразува духовен тон, но без цели проповеди. Дури и едноставната порака „Покрај тебе сме“, може да биде утешна.
17. Како може да утеши молитвата?
17 Моли се со нив: Не потценувај ја вредноста на своите молитви со и за ужалените сохристијани. Во Јаков 5:16, Библијата вели: „Голема сила има усрдната молитва на праведникот“. На пример, кога ужалениот слуша како се молиме во негова корист, тоа му помага да излезе на крај со негативните чувства како што е чувството на вина. Во моменти на слабост или обесхрабреност, Сатана се обидува да нѐ ослабне со своите „сплетки“, односно „лукави дела“. Тоа се моменти кога ни се потребни утехата и поддршката од молитвата, како што рекол Павле: ‚Со секој вид молитва и преколнување, принесувајте молитви во дух во секоја прилика. И за таа цел, бидете будни со сета постојаност и со преколнувања во корист на сите свети‘ (Ефесјаните 6:11, 18, Kingdom Interlinear; спореди Јаков 5:13-15).
Што да се избегнува
18, 19. Како можеме да покажеме тактичност во разговорите?
18 Кога човек е ожалостен, има и некои работи што не треба да се направат или речат. Изреки 12:18 предупредува: „Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите исцелува“. Понекогаш, без да сме свесни, не сме тактични. На пример, може да кажеме: „Знам како се чувствуваш“. Но, дали навистина знаеш? Дали си ја доживеал сосема истата загуба? Исто така, луѓето реагираат на различни начини. Твојата реакција можеби не е идентична со реакцијата на ужалениот. Можеби е почувствително да се каже: „Вистински сочувствувам со тебе бидејќи и јас доживеав слична загуба кога ми умре . . . пред некое време“.
19 Ќе се покаже чувствителност и ако се избегнуваат коментари за тоа дали покојниот ќе воскресне или не. Некои браќа и сестри се длабоко повредени од проценувачките забелешки околу идните изгледи на покојниот сопружник кој не бил верник. Ние не сме судии за тоа кој ќе воскресне, а кој нема. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова, кој ги гледа срцата, ќе биде далеку помилосрден отколку што воопшто можат да бидат повеќето од нас (Псалм 85:15; Лука 6:35-37).
Библиски стихови кои утешуваат
20, 21. Кои библиски стихови можат да ги утешат ужалените?
20 Еден од најголемите извори на помош, дадена во право време, е разгледувањето на Јеховините ветувања за мртвите. Овие библиски мисли ќе бидат корисни, сеедно дали ужалениот е веќе Сведок или е некој човек што сме го сретнале во службата. Кои се некои од овие стихови? Знаеме дека Јехова е Бог на секоја утеха, зашто тој рекол: „Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител“. Тој, исто така, рекол: „Како што некого го утешува мајка, така ќе ве утешам и Јас“ (Исаија 51:12; 66:13).
21 Псалмистот напишал: „Таа ме утешува во неволјата моја, оти Твоето слово ме оживува. Се сетив за Твоите вечни судови, Господи, и се утешував. Па нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон Твојот слуга“. Забележи дека во овие стихови честопати се употребува зборот „утеха“. Да, можеме да најдеме вистинска утеха за себе и за другите ако се обратиме на Јеховината Реч во време на неволја. Претходнонаведеното, комбинирано со љубовта и сочувството од страна на браќата, може да ни помогне да ја преживееме загубата и повторно да го исполниме животот со радосни активности во христијанската служба (Псалм 118:50, 52, 76).
22. Каква иднина стои пред нас?
22 Исто така, донекаде ќе ја надминеме својата жалост ако сме зафатени со помагање на другите во нивните неволји. Доколку го свртиме своето внимание на другите на кои им е потребна утеха, ќе доживееме вистинска среќа од давањето во духовна смисла (Дела 20:35). Да ја делиме со нив визијата за денот на воскресение, кога луѓе од сите поранешни нации, генерација по генерација, ќе им изразуваат добредојде на своите блиски што ги изгубиле, кои, пак, ќе се вратат од мртвите во новиот свет. Каква иднина! Колку само солзи радосници ќе бидат пролеани тогаш кога ќе се сетиме дека Јехова навистина е Богот „Кој ги утешува смирените“! (2. Коринтјаните 7:6).
Се сеќаваш ли?
◻ На кој начин Јехова е „Бог на секоја утеха“?
◻ Како ги утешувале Исус и Павле ужалените?
◻ Со кои работи можеме да ги утешиме оние што тагуваат?
◻ Што треба да избегнуваме кога сме со ужалените?
◻ Кои се твоите омилени библиски стихови за утеха во време на загуба?
[Слика на страница 15]
Тактично преземи иницијатива за да им помогнеш на оние што тагуваат