Божјата реч нека ги води твоите чекори
„Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (ПСАЛМ 119:105).
1, 2. Зошто повеќето луѓе не успеале да најдат вистински мир и среќа?
СИ СЕ НАШОЛ ли во ситуација да мораш да прашаш некого да ти го покаже патот? Можеби си бил близу до местото каде што си тргнал, но не си бил сигурен во врска со последните неколку улички. Или можеби си се изгубил и требало да тргнеш по сосема друг пат. И во едниот и во другиот случај, зар не би било мудро да ги послушаш упатствата што ќе ти ги даде некој што го познава тоа место? Тој би можел да ти помогне да стигнеш онаму каде што си тргнал.
2 Илјадници години, луѓето општо земено се обидувале да си го пробијат патот низ животот без да бараат помош од Бог. Меѓутоа, препуштени сами на себе, несовршените луѓе се сосема изгубени. Тие не можат да си го најдат патот до вистинскиот мир и среќа. Зошто не успеваат во тоа? Пред повеќе од 2.500 години, пророкот Еремија рекол: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Секој што се обидува да управува со своите чекори во животот без да прифати соодветна помош сигурно ќе биде разочаран. Јасно е дека на луѓето навистина им треба водство!
3. Зошто само Јехова Бог е вистински способен да им даде водство на луѓето, и што ветува тој?
3 Само Јехова Бог е вистински способен да ни даде такво водство. Зошто? Затоа што подобро од кој и да е друг знае какви се луѓето. Исто така, добро знае како дошло до тоа човештвото да тргне во погрешен правец и да се изгуби. Освен тоа, знае што е потребно за луѓето да се вратат на правиот пат. А бидејќи нѐ создал, Јехова секогаш знае што е најдобро за нас (Исаија 48:17). Затоа можеме да имаме целосна доверба во неговото ветување што е запишано во Псалм 32:8: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“. Нема никакво сомнение: Јехова го дава најдоброто водство. Но, како нѐ води?
4, 5. Како можат да нѐ водат Божјите зборови?
4 Еден псалмист му рекол на Јехова во молитва: „Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (Псалм 119:105). Божјите зборови и опомени се запишани во Библијата, и тие можат да ни помогнат да ги совладаме препреките што би можеле да ни се појават на патот. Всушност, кога ја читаме Библијата и дозволуваме таа да нѐ води, од прва рака го искусуваме она што е опишано во Исаија 30:21: „Вашите уши ќе ја чујат речта зад вас како вели: ‚Тоа е патот, одете по него!‘“
5 Но, забележи дека Псалм 119:105 ни покажува за кои две работи служи Божјата реч. Прво, таа служи како светилка на нашата нога. Кога се соочуваме со секојдневните проблеми, нашите чекори треба да бидат водени од начелата што се наоѓаат во Библијата. Само така ќе можеме да донесуваме мудри одлуки и ќе успееме да ги избегнуваме стапиците што ни ги поставува овој свет. Второ, Божјите опомени ја осветлуваат нашата патека и ни помагаат да донесуваме одлуки што се во склад со нашата надеж дека ќе живееме вечно во рајот што го ветил Бог. Ако патот пред нас е добро осветлен, ќе можеме да ги согледаме последиците — добри или лоши — од правецот во кој сме тргнале (Римјаните 14:21; 1. Тимотеј 6:9; Откровение 22:12). Да видиме подетално како Божјите зборови што се запишани во Библијата можат да бидат светилка на нашата нога и светлина на нашата патека.
„Светилка на мојата нога“
6. Во кои околности Божјите зборови можат да бидат светилка на нашата нога?
6 Секој ден донесуваме некакви одлуки. Некои одлуки можеби не ни изгледаат толку важни, но понекогаш можеби ќе се најдеме во ситуација кога се ставени на испит нашиот морал, нашата чесност или нашата неутралност. За да ги надминеме успешно тие искушенија, мора нашата ‚моќ на согледување да ни биде извежбана да разликува добро и зло‘ (Евреите 5:14). Со тоа што добро ќе се запознаеме со Божјата реч и ќе ги разбереме начелата што се изнесени во неа, ќе ја извежбаме нашата совест да можеме да донесуваме одлуки што му се допаѓаат на Јехова (Изреки 3:21).
7. Опиши ситуација во која еден христијанин може да биде на искушение да се дружи со колеги што не му се соверници.
7 Да разгледаме еден пример. Дали си возрасен човек што искрено се труди да го радува Јеховиното срце? (Изреки 27:11). Тоа е за пофалба. Но, замисли си за момент дека некои колеги ти нудат билет за да појдеш со нив на некој спортски натпревар. Пријатно им е со тебе на работното место и би сакале да се дружите и откако ќе заврши работното време. Можеби си убеден дека тие не се лоши луѓе. А можеби дури и имаат исправни мерила за некои работи. Што ќе направиш? Се кријат ли некакви опасности зад нивната покана? Како може Божјата реч да ти помогне да донесеш исправна одлука во оваа ситуација?
8. Кои библиски начела ни помагаат да одлучиме со кого да се дружиме?
8 Да разгледаме неколку библиски начела. Првото на кое можеби ќе помислиш е запишано во 1. Коринќаните 15:33, каде што стои: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“. За да се држиш за ова начело, дали треба сосема да ги одбегнуваш луѓето што не се од твојата религија? Библискиот одговор на ова прашање е ‚не‘. И самиот апостол Павле покажал нежна грижа за „најразлични луѓе“, вклучувајќи ги и оние што не биле христијани (1. Коринќаните 9:22, фуснота). Самата суштина на христијанството бара да се интересираме за другите — вклучувајќи ги и оние што не се од нашата вера (Римјаните 10:13-15). Всушност, како ќе можеме да го послушаме советот „да им правиме добро на сите“ ако се изолираме од луѓето на кои можеби им треба нашата помош? (Галатите 6:10).
9. Кој библиски совет ни помага да бидеме урамнотежени во нашиот однос со колегите?
9 Меѓутоа, има јасна разлика помеѓу тоа да бидеме љубезни кон некој колега и да бидеме блиски пријатели со него. Овде е вклучено уште едно библиско начело. Апостол Павле ги опоменал христијаните: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“ (2. Коринќаните 6:14). Што значи фразата „не впрегнувајте се во нееднаков јарем“? Некои библиски преводи ги преведуваат овие зборови со „не здружувајте се“, „не обидувајте се да соработувате како еднакви“ или „не склопувајте несоодветни пријателства“. Кога станува несоодветно дружењето со некој колега? Кога ја преминува границата и станува како впрегнување во нееднаков јарем? Божјата реч, Библијата, може да ги води твоите чекори во оваа ситуација.
10. а) На кој начин Исус ги избирал своите пријатели? б) Кои прашања можат да ти помогнат мудро да ги избереш своите пријатели?
10 Размисли за примерот на Исус, кој ги сака луѓето уште од моментот кога биле создадени (Изреки 8:31). Додека бил на Земјата, тој станал многу близок со своите следбеници (Јован 13:1). Почувствувал дури и „наклоност“ кон еден човек што бил во заблуда во поглед на својата вера (Марко 10:17-22). Но, Исус поставил и јасни граници во врска со изборот на блиски пријатели. Тој не бил близок со луѓе што не биле искрено заинтересирани да ја вршат волјата на неговиот Татко. Во една прилика, Исус рекол: „Вие сте мои пријатели ако го правите она што ви го заповедам“ (Јован 15:14). Навистина, можеби одлично се сложувате со некој колега. Но, прашај се: ‚Дали тој или таа сака да го прави она што го заповедал Исус? Дали сака да го запознае Јехова, оној на кого Исус ни рекол дека треба да му служиме? Дали ги има истите морални мерила што ги имам јас како христијанин?‘ (Матеј 4:10). Ако отворено разговараш со своите колеги и ако секогаш цврсто се држиш за библиските мерила, лесно ќе дојдеш до одговорот на овие прашања.
11. Наведи некои ситуации во кои Божјите зборови треба да ги водат нашите чекори.
11 Има уште многу други ситуации во кои Божјите зборови можат да бидат како светилка на нашата нога. На пример, на еден невработен христијанин може да му понудат работа што очајно му треба. Меѓутоа, таа ќе му одзема многу време и енергија, и ако ја прифати, ќе мора да отсуствува од некои христијански состаноци и нема да може да учествува и во други активности поврзани со службата за вистинскиот Бог (Псалм 37:25). Друг христијанин можеби се наоѓа на големо искушение да се забавува гледајќи нешто што јасно ги прекршува библиските начела (Ефешаните 4:17-19). Трет, пак, можеби лесно го погодуваат мааните на соверниците (Колошаните 3:13). Во сите овие ситуации Божјата реч треба да биде светилка на нашата нога. Всушност, ако ги следиме библиските начела, успешно ќе можеме да се соочиме со каков и да е предизвик на кој ќе наидеме во животот. Божјата реч е ‚корисна за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста‘ (2. Тимотеј 3:16).
„Светлина за мојата патека“
12. Во кој поглед Божјите зборови се светлина за нашата патека?
12 Во Псалм 119:105 пишува и дека Божјите зборови можат да бидат светлина за нашата патека, осветлувајќи ни го патот пред нас. Не тапкаме во темнина во врска со иднината, бидејќи Библијата ни објаснува на што се должат тешките услови во светот и каков ќе биде крајот на сѐ. Да, ние сфаќаме дека живееме во „последните денови“ на овој злобен свет (2. Тимотеј 3:1-5). Тоа што знаеме што ни носи иднината треба длабоко да влијае врз тоа како живееме сега. Апостол Петар напишал: „Бидејќи сето тоа така треба да се распадне, вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог додека го очекувате и го имате на ум Јеховиниот ден“ (2. Петрово 3:11, 12).
13. Како треба да влијае врз нашето размислување и начин на живот итноста на времето во кое живееме?
13 Од начинот на кој размислуваме и од нашиот начин на живот треба јасно да се гледа дека сме цврсто уверени дека „светот поминува и неговата желба“ (1. Јованово 2:17). Ако ги применуваме библиските упатства, ќе можеме мудро да одлучуваме какви цели да си поставуваме. На пример, Исус рекол: „Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Матеј 6:33). Колку е пофално што многу млади покажуваат вера во Исусовите зборови со тоа што стапуваат во полновремена служба! Други — вклучувајќи и цели семејства — доброволно се преселиле во земји каде што има многу голема потреба од објавители на Царството.
14. На кој начин едно христијанско семејство ја зголемило својата служба?
14 Да земеме за пример едно четиричлено христијанско семејство што се преселило од Соединетите Држави во Доминиканската Република за да служат во собранието во еден град со 50.000 жители. Во собранието има околу 130 објавители на Царството. Сепак, на 12 април 2006 год., на Спомен-свеченоста со која се одбележа Христовата смрт присуствуваа околу 1.300 души! Полето за проповедање во тоа место е толку ‚зрело за жетва‘ што по само пет месеци, таткото, мајката, синот и ќерката воделе вкупно 30 библиски студии (Јован 4:35). Таткото објаснува: „Во собранието имаме 30 браќа и сестри што се преселиле овде за да помогнат. Околу 20 од нив се од Соединетите Држави, а другите се од Бахамите, Италија, Канада, Нов Зеланд и Шпанија. Тие доаѓаат желни да ја вршат службата и им го пренесуваат својот елан на локалните браќа“.
15. Какви благослови си искусил затоа што на прво место во животот си го ставил Царството?
15 Се разбира, многумина не се во можност да се преселат во друга земја за да служат онаму каде што има поголема потреба. Но, оние што се во можност — или што можат да ги средат своите околности за да се стават на располагање — сигурно ќе искусат многу благослови додека учествуваат во оваа гранка од службата. Без оглед на тоа каде служиш, не лишувај се од радоста што ќе можеш да ја чувствуваш кога ќе му служиш на Јехова со сите свои сили. Ако на прво место во животот го ставиш Царството, Јехова ветува дека ќе ‚ти излее благослов додека не биде доста‘ (Малахија 3:10).
Како ти користи водството што го дава Јехова
16. Како ќе ни користи тоа што ќе дозволиме да нѐ водат Божјите зборови?
16 Како што видовме, Јеховините зборови нѐ водат во две работи. Тие служат како светилка за нашата нога, помагајќи ни да одиме напред во исправен правец и водејќи нѐ кога треба да донесуваме одлуки. Исто така, тие ја осветлуваат нашата патека, овозможувајќи ни јасно да видиме што има пред нас. А тоа ни помага да го послушаме советот на Петар: „Подгответе го умот за напорна работа, бидете трезвени во сѐ. Надевајте се на незаслужената доброта што ќе ви биде покажана кога ќе се појави Исус Христос“ (1. Петрово 1:13).
17. Како ќе ни помогне проучувањето на Библијата да го следиме водството што ни го дава Бог?
17 Нема никакво сомнение дека Јехова ни дава водство. Прашањето е, дали ќе го следиш? За да разбереш какво водство ти дава Јехова, постави си за цел да прочиташ дел од Библијата секој ден. Длабоко размислувај за она што го читаш, обиди се да сфатиш што мисли Јехова за одредена работа, и размисли на кои начини материјалот се однесува на твојот живот (1. Тимотеј 4:15). Потоа, ‚користи го својот разум‘ кога донесуваш лични одлуки (Римјаните 12:1).
18. Какви благослови добиваме кога дозволуваме да нѐ води Божјата реч?
18 Ако им дозволиме, начелата од Божјата реч ќе нѐ просветлат и ќе ни го дадат водството што ни е потребно кога донесуваме одлуки во врска со тоа кој е исправниот пат по кој треба да одиме. Можеме да бидеме уверени дека Јеховините зборови што се запишани во Библијата ‚му даваат мудрост на неискусниот‘ (Псалм 19:7). Кога дозволуваме таа да нѐ води, имаме чиста совест и радосни сме затоа што сме му угодиле на Јехова (1. Тимотеј 1:18, 19). Ако дозволиме Божјите зборови да ги водат нашите чекори секој ден, Јехова ќе нѐ награди со најголемиот благослов — вечен живот (Јован 17:3).
Се сеќаваш ли?
• Зошто е важно да дозволиме Јехова Бог да ги води нашите чекори?
• На кој начин можат Божјите зборови да бидат светилка на нашите нозе?
• Како може Божјите зборови да бидат светлина на нашата патека?
• Како ќе ни помогне проучувањето на Библијата да го следиме Божјето водство?
[Слика на страница 15]
Кога станува немудро да се дружиме со некој што не ни е соверник?
[Слика на страница 16]
На Исус му биле блиски пријатели оние што ја вршеле Јеховината волја
[Слики на страница 17]
Дали нашиот начин на живот покажува дека на прво место го ставаме Царството?