Ослободување од лажната религија
„,Излезете од нивната средина, (...)‘ Вели Господ, и ’Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!‘“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 6:17).
1. Каков договор се обидел Сатана да направи со Исус, и за кои две работи нѐ учи таа негова понуда?
„СИТЕ овие работи ќе ти ги дадам ако паднеш долу и ми укажеш чин на обожавање.“ Иако оваа понуда била направена илјадници години после почетокот на лажната религија, таа го дава клучот за сфаќањето кој стои зад лажното обожавање и која е неговата цел. Кон крајот на 29. н.е., Ѓаволот му ги понудил на Исус сите царства на овој свет во замена на еден чин на обожавање. Оваа епизода ни кажува две работи: дека царствата на овој свет му биле дадени на Сатана и дека крајната цел на лажната религија е обожавање на Ѓаволот (Матеј 4:8, 9, NW).
2. Што учиме од Исусовите зборови во Матеј 4:10?
2 Со својот одговор, Исус не само што ја одбил лажната религија, туку исто така покажал што вклучува вистинската религија. Тој изјавил: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“ (Матеј 4:10). Според тоа, целта на вистинската религија, е обожавање на единствениот вистински Бог, Јехова. Тоа вклучува вера и послушност, вршење на Јеховината волја.
Потеклото на лажната религија
3. (а) Кога и како започнала лажната религија на Земјата? (б) Кое е првото забележано дело на религиозна нетолеранција, и како продолжило оттогаш религиозното прогонување?
3 Лажната религија започнала на Земјата кога првите луѓе не го послушале Бог и го прифатиле предлогот на Змијата сами да одлучуваат за ‚доброто и злото‘ (Постанак 3:5, Стварност). Правејќи го тоа (кога ја прифатиле понудата на змијата], тие го одбиле Јеховиниот праведен суверенитет и го напуштиле исправното обожавање, вистинската религија. Тие биле првите луѓе кои ‚ја замениле вистината Божја со лага и му се поклониле и му служеле на созданието повеќе отколку на Создателот‘ (Римјаните 1:25). Суштеството кое несвесно избрале да го обожаваат не било никој друг туку Сатана, Ѓаволот, „првобитната змија“ (Откровение 12:9, NW). Нивниот најстар син Каин, одбил да го следи Јеховиниот љубезен совет и затоа се побунил против Неговиот суверенитет. Свесно или несвесно, Каин станал „дете на злобниот“, Сатана, и вршел обожавање на Ѓаволот. Го убил својот помлад брат Авел, кој вршел вистинско обожавање, вистинска религија (1. Јованово 3:12, Revised English Bible; 1. Мојсеева 4:3-8; Евреите 11:4). Авеловата крв била првата крв пролеана поради религиозна нетолеранција. За жал, лажната религија продолжила да пролева невина крв сѐ до денешен ден. (Види Матеј 23:29-35; 24:3, 9.)
4. Кои библиски стихови ја опишуваат природата на вистинската религија во случајот со Ное?
4 Пред потопот, Сатана успеал да го одврати мнозинството од човештвото од вистинската религија. Меѓутоа, Ное „нашол милост во очите на Јехова“. Зошто? Затоа што тој „одел со вистинскиот Бог“. Со други зборови, вршел вистинско обожавање. Вистинската религија не е церемонија или ритуал, туку начин на живот. Таа вклучува да се полага вера во Јехова и послушно да му се служи, ‚да се оди со него‘. Ное го правел тоа (1. Мојсеева 6:8, 9, 22; 7:1, NW; Евреите 11:6, 7).
5. (а) Што се обидел Ѓаволот да воспостави после потопот, и како? (б) Како Јехова го спречил планот на Ѓаволот, и каков бил исходот?
5 Не долго после потопот, Ѓаволот очигледно го употребил Немрод, човек озлогласен по својот „отпор против Јехова“, во своето настојување да го обедини целото човештво во еден облик на обожавање пак би било против Јехова (1. Мојсеева 10:8, 9, NW; 11:2-4). Тоа требало да биде една обединета лажна религија, обединето обожавање на Ѓаволот, сконцентрирано на градот и кулата кои неговите обожаватели ги изградиле. Јехова го спречил тој план со тоа што го побркал ’едниот јазик‘ на којшто целото човештво тогаш зборувало (1. Мојсеева 11:5-9). Затоа, градот и кулата добиле имиња Вавел, подоцна Вавилон, двете со значење „Збрка“. Оваа јазична побрканост довела до растурање на човештвото по целата Земја.
6. (а) Какви религиозни идеи им биле всадени на обожавателите на Сатана пред да се бидат растурени? (б) Зошто религиите ширум светот имаат слични верувања? (в) За каква сатанска цел послужил Вавилон, и каков симбол станал тој древен град?
6 Меѓутоа, врз основа на историјата на митологијата и религијата, се чини дека пред тоа растурање на човештвото од страна на Јехова, Сатана им всадил во умовите на своите обожаватели одредени основи на лажната религија. Тоа ги вклучувало религиозните сфаќања за преживување на душата после смртта, страв од мртвите и постоење на пеколен подземен свет, заедно со обожавањето на безброј богови и божици, од кои некои биле групирани во тријади. Таквите верувања биле пренесени по целата Земја преку разновидните јазични групи. Со текот на времето, тие основни идеи претрпеле промени. Но во целина, тие ја сочинуваат структурата на лажната религија во сите делови на светот. Иако бил спречен во својот обид да создаде обединета лажна религија со светски центар во Вавилон, Сатана се задоволил со разновидни облици на лажно обожавање, инспирирани од Вавилон и замислени да го свртат обожавањето од Јехова кон него [Сатана]. Со векови Вавилон и понатаму бил влијателен центар на идолопоклонство, магии, гатање и астрологија — сѐ битни компоненти на лажната религија. Не е за изненадување што книгата Откровение го симболизира светското царство на лажната религија како гнасна блудница наречена Големиот Вавилон (Откровение 17:1-5).
Вистинската религија
7. Зошто вистинската религија не била погодена со побрканоста на јазикот? (б) Кој бил наречен „татко на сите кои веруваат“, и зошто?
7 Очигледно е дека вистинската религија не била опфатена од тоа што Јехова го побркал средството за изразување на човештвото во Вавел. Пред потопот, верни мажи и жени како Авел, Енох, Ное и Ноевата жена и Ноевите синови и снаи вршеле вистинско обожавање. После потопот вистинското обожавање било зачувано во лозата на Ноевиот син Сим. Авраам, потомок на Сим, ја извршувал вистинската религија и станал познат како „татко на сите кои веруваат“ (Римљанима 4:11, Даничиќ–Караџиќ). Неговата вера била поткрепена со дела (Јаков 2:21-23). Неговата религија била животен пат.
8. (а) Како вистинската религија била во противречност со лажната религија во 16. век пр.н.е., и кој бил резултатот? (б) Какво ново уредување вовел Јехова во врска со своето чисто обожавање?
8 Вистинското обожавање продолжило да се врши во лозата на Авраамовите потомци — Исак, Јаков (или Израел) и 12-те сина на Јаков, од кои настанале 12-те Израелови племиња. На крајот од 16. век пр.н.е., Авраамовите потомци преку Исак се бореле да ја зачуваат чистата религија во една непријателска, паганска средина — Египет — кадешто биле присилени на ропство. Јехова го употребил својот слуга Мојсеј, од племето Леви, да ги ослободи Своите обожаватели од египетскиот јарем, земја длабоко западната во лажната религија. Преку Мојсеј, Јехова скучил сојуз со Израел и ги направил Свој избран народ. Во тоа време, Јехова го кодифицирал [го составил во законик] своето обожавање, и привремено го ставил во границите на еден систем на жртвувања кои ги вршело свештенството и во материјален храм, најпрвин во подвижниот шатор за обожавање, а потоа во храмот во Ерусалим.
9. (а) Како се вршело чистото обожавање пред Законот на сојузот? (б) Како Исус покажал дека материјалните карактеристики на Законот не биле трајни?
9 Меѓутоа, треба да се забележи дека тие материјални карактеристики не биле наменети да станат трајни компоненти на вистинската религија. Законот бил „сенка на работите кои ќе дојдат“ (Колосјаните 2:17, NW; Евреите 9:8-10; 10:1). Пред Мојсеевиот Закон, во времето на патријарсите, поглаварите на семејствата очигледно ги претставувале своите домаќинства при принесување жртви на олтарите кои ги подигнувале (1. Мојсеева 12:8; 26:25; 35:2, 3; Јов 1:5). Но не постоело организирано свештенство или систем на жртвувања со церемонии и ритуали. Освен тоа, самиот Исус ја покажал привремената природа на кодифицираното обожавање со центар во Ерусалим, кога на една жена Самарјанка ѝ рекол: „Доаѓа часот кога ниту на оваа планина [Герасим, поранешно место на еден самарјански храм], ниту во Ерусалим не ќе го обожавате Таткото. (...) Доаѓа часот, и еве веќе дошол, кога вистинските обожаватели ќе го обожаваат Таткото со дух и вистина“ (Јован 4:21-23, NW). Исус покажал дека вистинската религија мора да се врши не со материјални работи, туку со дух и вистина.
Вавилонско ропство
10. (а) Зошто Јехова дозволил неговиот народ да биде одведен во ропство во Вавилон? (б) На кои два начина Јехова ослободил еден верен остаток во 537. пр.н.е., и која била главната цел на нивното враќање во Јуда?
10 Од побуната во Еден па наваму, постојано постоело непријателство помеѓу вистинската и лажната религија. Понекогаш, симболички кажано, лажната религија, претставена со Вавилон од времето на Немрод, ги земала во ропство вистинските обожаватели. Пред Јехова да дозволи неговиот народ да биде одведен во ропство во Вавилон во 617. и 607. пр.н.е., тие веќе биле жртва на вавилонската лажна религија (Јеремија 2:13-23; 15:2; 20:6; Језекиил 12:10, 11). Во 537 пр.н.е., еден верен остаток се вратил во Јуда (Исаија 10:21). Тие обрнале внимание на пророчкиот повик: „Излегувајте од Вавилон“ (Исаија 48:20). Тоа не требало да биде само физичко ослободување, туку и духовно ослободување од една средина на нечиста, идолопоклонска лажна религија. Затоа на тој верен остаток му било заповедано: „Бегајте, бегајте, излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто! Излезете од неговата средина! Исчистете се, вие кои ги носите садовите Јахвини!“ (Исаија 52:11, Ст). Основната цел на нивното враќање во Јуда била повторно да го воспостават чистото обожавање, вистинската религија.
11. Покрај обновувањето на чистото обожавање во Јуда, кои нови религиозни развои се случиле во шестиот век пр.н.е.?
11 Интересно е дека истиот тој шести век пр.н.е. посведочил за новото разгранување на лажната религија во рамките на Големиот Вавилон. Тој век го доживеал раѓањето на будизмот, конфучијанизмот, зороастријанизмот и џаинизмот, а да не зборуваме за рационалистичката грчка филозофија која подоцна ќе изврши големо влијание на црквите на т.н. христијанство. Значи додека во Јуда било обновувано чистото обожавање, Божјиот пранепријател давал поширок избор на замени во лажната религија.
12. Какво ослободување од вавилонско ропство се случило во I. век н.е., и кое предупредување го дал Павле?
12 Во времето на појавувањето на Исус во Израел, поголемиот дел од Евреите вршел разни облици на јудаизам, облик на религија која присвоила многу вавилонски религиозни сфаќања. Тој се надоврзал на Големиот Вавилон. Христос го осудил тоа и ги ослободил своите ученици од вавилонско ропство (Матеј, 23. поглавје; Лука 4:18). Бидејќи лажната религија и грчката филозофија биле раширени во областите кадешто проповедал, апостол Павле го цитирал Исаииното пророштво и го применил на христијаните, кои требало да бидат ослободени од нечистото влијание на Големиот Вавилон. Тој напишал: „Каква сличност има храмот Божји со идолите [вавилонски]? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ‚Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ‘. ‚Затоа излезете од нивната средина и одделете се!‘ Вели Господ, и ‚Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!‘“ (2. Коринтјаните 6:16, 17).
Ослободување од лажната религија во времето на крајот
13. Што се укажува во пораките коишто Христос ги испратил до седумте собранија во Мала Азија, и што произлегло како резултат на тоа?
13 Пораките кои Исус ги испратил до седумте собранија во Мала Азија преку Откровението дадено на апостол Јован јасно покажуваат дека до крајот на првиот век н.е., во христијанското собрание се провлекувале вавилонски религиозни обичаи и ставови (Откровение, 2. и 3. поглавје). Отпадништвото цветало особено од вториот до петиот век н.е., што довело до појавување на расипана имитација на чистата христијанска религија. Вавилонските доктрини, како бесмртност на душата, огнен пекол и Тројството, биле помешани во учењата на отпадничкото христијанство. Католичките, православните и подоцна протестанските цркви ги присвоиле тие лажни догми и затоа станале дел од Големиот Вавилон, Ѓаволовото светско царство на лажната религија.
14, 15. (а) Што покажала Исусовата споредба со житото и плевелот? (б) Што се случило кон крајот на 19. век, и кои науки се разјасниле до 1914?
14 Вистинската религија никогаш не била потполно уништена. Секогаш низ вековите имало љубители на вистината, од кои некои платиле со својот живот за својата верност кон Јехова и неговата Реч, Библијата. Но како што покажува Исусовата споредба со житото и плевелот, во „завршетокот на системот“ симболичното жито, односно помазаните синови на Царството, би било само одвоено од плевелот, односно од синовите на злобниот (Матеј 13:24-30, 36-43, NW). Додека се приближувало времето на крајот — времето да се одигра тоа одвојување — искрени истражувачи на Библијата кон крајот на 19. век почнале да се ослободуваат од ропството на лажната религија.
15 До 1914, тие христијани, денес познати како Јеховини сведоци, негувале цврста вера во откупнината. Тие знаат дека Христовата присутност мора да биде невидлива. Разбрале дека 1914 ќе го означи крајот на „времињата на незнабошците“ (Лука 21:24). И јасно го сфатиле значењето на душата и воскресението. Исто така биле просветлени што се однесува до големата грешка на црковните учења за пеколниот оган и Тројството. Тие научиле и почнале да го употребуваат божественото име и ја препознале неисправноста на теоријата на еволуцијата и вршењето на спиритизам.
16. На кој повик се одзвале помазаните христијани во 1919?
16 Тоа било добар почеток во отфрлањето на оковите на лажната религија. А во 1919, Големиот Вавилон потполно ја изгубил својата доминација над Божјиот народ. Како што остатокот Евреи бил ослободен од Вавилон во 537. пр.н.е., така верниот остаток помазани христијани го послушале повикот да ‚излезат од неговата средина [Големиот Вавилон]‘ (Исаија 52:11).
17. (а) Што се развило од 1922 па наваму, и каква потреба се почувствувала меѓу Божјиот народ? (б) Која екстремна положба била присвоена, и зошто е тоа разбирливо?
17 Од 1922 па наваму, биле објавени и јавно растурени силните библиски вистини, кои ја разобличиле вавилонската лажна религија, особено црквите на т.н. христијанство. Била увидена потребата во умот на Божјиот очистен народ да му се втисне дека ослободувањето од сите облици на лажната религија мора да биде потполно. Затоа, со години се избегнувала дури и употребата на зборот „религија“ кога се зборувало за чистото обожавање. По улиците на големите градови биле парадирани пароли како „Религијата е замка и измама“. Книгите како Government (Влада, 1928) и „The Truth Shall Make You Free“ (Вистината ќе ве ослободи, 1943) направиле кристално јасна разлика помеѓу „христијанството“ и „религијата“. Таа екстремна положба е разбирлива, затоа што морало да се направи потполно ослободување од насекаде раширениот религиозен систем на Големиот Вавилон.
Вистинската и лажната религија
18. Какво ново разбирање на поимот „религија“ било дадено во 1951, и како е објаснето тоа во Годишникот за 1975?
18 Тогаш, во 1951, дошло правото време Јехова да му даде на својот народ јасно разбирање за разликата помеѓу вистинската и лажната религија. 1975 Yearbook of Jehovah’s Witnesses [Годишникот] известува: „Во 1951 застапниците на вистинското обожавање научија нешто значајно за терминот ‚религија‘. Некои од нив добро се сеќаваат на 1938 кога, понекогаш, го носеа натписот кој наведува на размислување ‚Религијата е замка и измама‘. Од нивна гледна точка тогаш, целата ‚религија‘ била нехристијанска, од Ѓаволот. Но Стражарска кула од 15. март 1951 даде одобрение за користење на придавките ‚вистинска‘ или ‚лажна‘ во врска со религијата. Освен тоа, занимливата книга What Has Religion Done for Mankind? (Што направила религијата за човештвото?, издадена 1951 и објавена во текот на конгресот ‚Чисто обожавање‘ на стадионот Вембли, Лондон, Англија) го кажа следново: ‚Земајќи го предвид начинот како се употребува, „религија“ во својата наједноставна дефиниција означува систем на обожавање, облик на обожавање, сеедно дали е вистинско или лажно обожавање. Тоа е во согласност со значењето на хебрејскиот збор ‚абода́‘, кој буквално значи „служба“, без разлика на кого укажува.‘ Според тоа, изразите ‚лажна религија‘ и ‚вистинска религија‘ станале вообичаени меѓу Јеховините сведоци“ (стр. 225).
19, 20. (а) Зошто вистинските обожаватели не требало да бидат вознемирени со употребата на зборот „религија“ кога се однесува на чистото обожавање? (б) Што му овозможило тоа ново разбирање на Јеховиниот народ да направи?
19 Во одговорот на прашањето од еден читател, во изданието на Стражарска кула од 15. август 1951, стоело: „Никој не треба да се вознемирува поради употребата на терминот ‚религија‘. Тоа што ние го употребуваме не нѐ става во класата на лажните религии заробени со традиција, исто како што и тоа што се нарекуваме христијани не нѐ става меѓу лажните христијани на т.н. христијанство.“
20 Далеку од тоа да биде компромис, тоа ново разбирање на зборот „религија“ му овозможил на Јеховиниот народ да го прошири јазот помеѓу вистинското и лажното обожавање, како што ќе покаже следната статија.
Да го провериме нашето разбирање
◻ Кога и како започнала лажната религија на Земјата?
◻ Што се обидел Сатана да воспостави после потопот, и како бил спречен неговиот план?
◻ На што станал симбол Вавилон?
◻ Какви ослободувања се случиле во 537. пр.н.е., во првиот век н.е. и во 1919?
◻ Какво ново разбирање добил поимот „религија“ во 1951, и зошто токму тогаш?
[Рамка/слика на страница 11]
Лажните науки во кои се верува насекаде по светот имаат свое потекло од Вавилон:
◻ Тројства, односно тријади на богови
◻ Човечката душа ја преживува смртта
◻ Спиритизам — разговарање со „мртвите“
◻ Употреба на ликови во обожавањето
◻ Употреба на магии за смирување на демоните
◻ Владеење на моќно свештенство