ОСМО ПОГЛАВЈЕ
Бог сака чисти луѓе
„Со оној што е чист постапуваш чисто“ (ПСАЛМ 18:26).
1-3. а) Зошто една мајка сака нејзиното синче да биде чисто и уредно? б) Зошто Јехова сака неговите слуги да бидат чисти, и зошто ние сакаме да бидеме чисти?
ЕДНА мајка го спрема своето синче за да излезат. Го бања и му облекува чисти и испеглани алишта. Знае дека чистотата е многу важна за неговото здравје. Исто така, свесна е дека изгледот на синчето остава или убав или лош впечаток за родителите.
2 Јехова, нашиот небесен Татко, сака неговите слуги да бидат чисти. Во неговата Реч стои: „Со оној што е чист постапуваш чисто“a (Псалм 18:26). Јехова нѐ сака и знае дека е за наше добро да бидеме чисти. Исто така, очекува од нас, како негови Сведоци, да оставиме убав впечаток за него. Кога сме чисти и убаво се однесуваме, му донесуваме чест, а не срам на Јехова и на неговото свето име (Езекиел 36:22; прочитај 1. Петрово 2:12).
3 Штом знаеме дека Бог сака чисти луѓе, се разбира дека сакаме да бидеме чисти. Од љубов кон него, сакаме да му искажеме чест со сѐ што правиме. Освен тоа, сакаме да ја зачуваме неговата љубов. Затоа, ајде да разгледаме зошто треба да бидеме чисти, што значи да бидеме чисти и како да ја одржуваме чистотата. Ова ќе ни помогне да видиме во кои работи можеби ќе треба да се подобриме.
ЗОШТО ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЧИСТИ?
4, 5. а) Која е главната причина зошто треба да бидеме чисти? б) Како чистотата на Јехова може да се види во неговите творби?
4 Еден начин на кој Јехова нѐ учи е со тоа што самиот ни дава пример. Затоа неговата Реч нѐ поттикнува ‚да се угледаме на Бог‘ (Ефешаните 5:1). Главната причина зошто треба да бидеме чисти е следнава: Јехова, Богот кому му служиме, е чист и свет во секој поглед. (Прочитај 3. Мојсеева 11:44, 45.)
5 Како многу негови особини, и чистотата на Јехова може да се види во неговите творби (Римјаните 1:20). Земјата била создадена како чист дом за луѓето. Јехова осмислил еколошки циклуси кои ги прочистуваат водата и воздухот. Некои микроорганизми имаат функција како фирма за комунална хигиена, затоа што ги преработуваат отпадните материи и ги претвораат во безопасни состојки. Научниците користат некои од овие гладни микроорганизми за да ги исчистат нафтените дамки и други штетни материи што се резултат на човечката себичност и алчност. Очигледно, на Оној што ‚ја направил земјата‘ чистотата му е многу важна, па затоа треба да ни биде важна и нам (Еремија 10:12).
6, 7. Како се гледало од Мојсеевиот закон дека од оние што му служат на Јехова се бара да бидат чисти?
6 Друга причина зошто треба да бидеме чисти е тоа што Јехова, нашиот Севишен Владетел, бара од неговите слуги да бидат чисти. Според Законот што Јехова му го дал на Израел, чистотата била составен дел на обожавањето. Во Законот било наведено дека на Денот на очистувањето првосвештеникот морал да се искапе — и тоа не еднаш, туку двапати (3. Мојсеева 16:4, 23, 24). Од свештениците што ги вршеле обредите се барало да си ги измијат рацете и нозете пред да му ги принесат жртвите на Јехова (2. Мојсеева 30:17-21; 2. Летописи 4:6). Во Законот биле наведени околу 70 причини што предизвикувале некој да биде физички и церемонијално нечист. Сѐ додека се сметал за нечист, еден Израелец не можел да учествува во обожавањето, а во некои случаи, ако учествувал, тоа се казнувало со смрт (3. Мојсеева 15:31). Секој што одбивал да се очисти онака како што налагал Законот, во што спаѓало и капењето и перењето на облеката, требало да биде „погубен и така да биде отстранет од заедницата“ (4. Мојсеева 19:17-20).
7 Ние не сме под Мојсеевиот закон, но од него дознаваме како гледа Бог на работите. Од Законот јасно се гледало дека од оние што му служат на Бог се бара да бидат чисти. Јехова не се менува (Малахија 3:6). Тој нема да го прифати она што го правиме за него ако не е „чисто и неизвалкано“ (Јаков 1:27). Затоа, треба да знаеме што очекува тој од нас во поглед на чистотата.
ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ ЧИСТ ВО БОЖЈИ ОЧИ
8. На кои подрачја Јехова очекува да бидеме чисти?
8 Во Библијата, чистотата вклучува повеќе отколку само физичка чистота. Да се биде чист во Божји очи значи да се биде чист во сите аспекти од животот. Јехова очекува да бидеме чисти на четири основни подрачја — духовно, морално, умствено и физички. Да разгледаме што е вклучено во секое од нив.
9, 10. Што значи да бидеме духовно чисти, и во што не се мешаат вистинските христијани?
9 Духовна чистота. Едноставно кажано, да бидеме духовно чисти значи да не ја мешаме вистинската религија со лажната. Кога Израелците излегле од Вавилон за да се вратат во Ерусалим, требало да им бидат послушни на овие вдахновени зборови: „Излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто... бидете чисти“ (Исаија 52:11). Израелците се вратиле дома првенствено за да ја обноват светата служба за Јехова. Таа света служба морала да биде чиста — незагадена со никакви учења, навики и обичаи од вавилонската религија, кои го обесчестуваат Бог.
10 Денес, ние како вистински христијани мораме да внимаваме да не се извалкаме со што и да било од лажната религија. (Прочитај 1. Коринќаните 10:21.) Мораме да бидеме многу претпазливи, зашто лажната религија има огромно влијание насекаде околу нас. Во многу земји има разни традиции, настани и обичаи што се поврзани со лажни верски учења. Според едно такво учење, некој дел од човекот продолжува да живее и по смртта (Проповедник 9:5, 6, 10). Вистинските христијани не се мешаат во обичаите во кои има примеси од верувања што потекнуваат од лажната религија.b Нема да дозволиме притисокот од другите да нѐ наведе да ги погазиме библиските мерила за чисто обожавање (Дела 5:29).
11. Што значи да се биде морално чист, и зошто е многу важно да бидеме морално чисти?
11 Морална чистота. Да бидеме морално чисти значи да не правиме каков и да било сексуален неморал. (Прочитај Ефешаните 5:5.) Многу е важно да останеме морално чисти. Како што ќе видиме во следното поглавје од оваа книга, за да ја зачуваме Божјата љубов, мораме ‚да бегаме од блуд‘. Оние што вршат блуд и не се каат за тоа „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10, 18). За Бог, тие спаѓаат во „валканите“. Ако не се исчистат во морален поглед, „ќе завршат во... втората смрт“ (Откровение 21:8).
12, 13. Како се поврзани мислите и постапките, и што ќе ни помогне да бидеме умствено чисти?
12 Умствена чистота. Мислите водат до постапки. Ако дозволиме во умот и во срцето да ни се вгнездат лоши мисли, кога-тогаш сигурно ќе направиме некои валкани работи (Матеј 5:28; 15:18-20). Но, ако во умот ставаме чисти мисли, тие ќе нѐ поттикнуваат да останеме чисти. (Прочитај Филипјаните 4:8.) Што ќе ни помогне да бидеме умствено чисти? Една работа е да немаме никаков контакт со забава која може да ни ги извалка мислите.c Исто така, можеме да ставаме во умот чисти мисли со тоа што редовно ќе ја проучуваме Божјата Реч (Псалм 19:8, 9).
13 За да ја зачуваме Божјата љубов, многу е важно да бидеме духовно, морално и умствено чисти. Овие аспекти на чистотата подетално се разработени во други поглавја од оваа книга. Сега да го разгледаме четвртото подрачје — физичката чистота.
КАКО ДА ЈА ОДРЖУВАМЕ ФИЗИЧКАТА ЧИСТОТА?
14. Зошто физичката чистота не е само лична работа?
14 Да бидеме физички чисти значи да ни бидат чисти телото и опкружувањето. Дали физичката чистота е лична работа во која никој не треба да ни се меша? Не за слугите на Јехова. Како што веќе спомнавме, физичката чистота му е многу важна на Јехова, не само затоа што е за наше добро, туку и затоа што остава или добар или лош впечаток за него. Размисли за споредбата што беше дадена во почетокот. Кога ќе видиш едно дете кое секогаш е валкано или неуредно, сигурно се прашуваш какви родители се тие што го пуштаат детето такво. Не би сакале со нашиот изглед или со начинот на живот да го срамотиме нашиот небесен Татко или да придонесеме другите да не ја сфатат сериозно пораката што ја објавуваме. Во Божјата Реч пишува: „Во ништо не даваме никаква причина за спрепнување, за да нема што да ѝ се приговори на нашата служба, туку во сѐ се препорачуваме како Божји слуги“ (2. Коринќаните 6:3, 4). Тогаш, како да ја одржуваме физичката чистота?
15, 16. Што спаѓа во добри навики за лична хигиена, и како треба да изгледа нашата облека?
15 Лична хигиена и изглед. Иако културата и условите за живот се разликуваат од земја до земја, општо земено сите можеме да најдеме доволно сапун и вода за редовно да се капеме и за да се одржуваме чисти и ние и нашите деца. Во добри навики за лична хигиена спаѓа да си ги миеме рацете со сапун и вода пред да јадеме или пред да фаќаме храна, откако ќе одиме во ВЦ и откако ќе бришеме бебе или ќе му ја менуваме пелената. Миењето раце со сапун и вода може да спречи многу болести, па дури и да спаси животи. Може да го спречи ширењето на разни опасни вируси и бактерии, и со тоа да спречи да дојде до стомачни болести. Во земјите каде што куќите обично немаат канализација, фекалиите може да се закопуваат, како што се правело во древниот Израел (5. Мојсеева 23:12, 13).
16 Треба редовно да си ја переме и облеката за да биде чиста и да изгледа уредно. Облеката на еден христијанин не мора да биде скапа или по најнова мода, но треба да биде уредна, чиста и скромна. (Прочитај 1. Тимотеј 2:9, 10.) Каде и да сме, сакаме со нашиот изглед ‚да го украсиме учењето на нашиот Спасител, Бог‘ (Тит 2:10).
17. Зошто нашиот дом и опкружување треба да бидат чисти и уредни?
17 Домот и опкружувањето. Можеби нашиот дом не е луксузен или најсовремено опремен, но треба да биде чист и уреден, колку што дозволуваат околностите. Исто така, ако на состаноците и во служба одиме со автомобил, треба да го одржуваме колку што е можно почист, и внатре и однадвор. Да не заборавиме дека чистиот дом и опкружување сами по себе даваат големо сведоштво за Богот на кој му служиме. На крајот на краиштата, ние ги поучуваме луѓето дека Јехова е чист Бог, дека ‚ќе ги уништи оние што ја уништуваат земјата‘ и дека неговото Царство наскоро ќе ја претвори Земјата во рај (Откровение 11:18; Лука 23:43). Нормално дека сакаме по нашиот дом и по работите што ги имаме другите да видат дека ние уште сега имаме навики за хигиена какви што ќе треба да имаме и во новиот свет.
18. Како ќе покажеме ценење за нашата Сала на Царството?
18 Местото каде што го обожаваме Бог. Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да покажуваме ценење за нашата Сала на Царството, која е центар на вистинското обожавање во нашата околина. Кога новите ќе дојдат во салата, сакаме да добијат убав впечаток за местото каде што се состануваме. Салата треба редовно да се чисти и да се одржува за да изгледа убаво. Ќе покажеме дека ја цениме нашата Сала на Царството со тоа што ќе правиме сѐ што можеме за да ја одржуваме во добра состојба. Треба да ни биде чест да вложиме дел од своето време за да помогнеме во чистењето и „за обнова и за поправање“ на местото каде што го обожаваме Бог (2. Летописи 34:10). Истото важи и кога имаме собир или конгрес во некоја Конгресна сала или во некој друг објект.
ДА СЕ ИСЧИСТИМЕ ОД ВАЛКАНИ НАВИКИ
19. Што не смееме да имаме ако сакаме да бидеме физички чисти, и како ни помага Библијата во овој поглед?
19 За да бидеме физички чисти, не смееме да имаме никакви навики што нѐ валкаат, како што се пушењето, прекумерното пиење и немедицинската употреба на супстанции што влијаат врз свеста или што предизвикуваат зависност. Во Библијата не се наведени сите нечисти и одвратни навики што постојат денес. Но, во неа ни се дадени начела кои ни помагаат да видиме што мисли Јехова за таквите навики. Кога знаеме што мисли тој за некоја работа, љубовта кон него ќе нѐ поттикне да го правиме она што го сака. Да разгледаме пет такви библиски начела.
20, 21. Какви навики не сака Јехова да имаме, и која јака причина ја имаме за да го послушаме?
20 „Бидејќи ги имаме овие ветувања, сакани, да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, и да се усовршуваме во светоста во Божји страв“ (2. Коринќаните 7:1). Јехова не сака да имаме никакви навики што ни ги загадуваат телото и духот, односно умот. Затоа мораме да се пазиме од зависностите за кои се знае дека се штетни за физичкото и душевното здравје.
21 Библијата ни дава многу јака причина зошто „да се исчистиме од секоја валканост“. Забележи дека 2. Коринќаните 7:1 почнува со зборовите: „Бидејќи ги имаме овие ветувања“. Кои ветувања? Како што е спомнато во претходните стихови, Јехова ветува: „Јас ќе ве примам. И ќе ви бидам татко“ (2. Коринќаните 6:17, 18). Замисли си: Јехова ветува дека ќе се грижи за тебе, ќе те штити и ќе те сака како што еден татко го штити, го сака и се грижи за своето дете. Но, Јехова ќе ги исполни овие ветувања само ако немаш никаква валканост „на телото и духот“. Според тоа, колку би било глупаво да дозволиш некоја валкана навика да ти го уништи тој скапоцен и близок однос со Јехова!
22-25. Кои библиски начела можат да ни помогнат да немаме никакви нечисти навики?
22 „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Исус ја издвоил оваа заповед како најголема од сите (Матеј 22:38). Јехова заслужува таква љубов. Но, за да го сакаме со сето срце, со сета душа и со сиот ум, мораме да избегнуваме сѐ што може да ни го скрати животот или да ни го затапи умот што Бог ни го дал.
23 „[Јехова] им дава на сите живот и здив и сѐ“ (Дела 17:24, 25). Животот е дар од Бог. Го сакаме Дарителот, па затоа сакаме да покажеме ценење и за неговиот дар. Избегнуваме сѐ што може да ни го наруши здравјето, зашто ни е јасно дека тоа би било големо непочитување кон дарот на животот (Псалм 36:9).
24 „Сакај го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Валканите навики честопати не влијаат само врз оној што ги има туку и врз оние околу него. На пример, чадот од цигарите штетно влијае и врз непушачите. Оној што ги повредува другите, ја прекршува Божјата заповед да го сакаме својот ближен. Исто така, покажува дека не е точно кога вели дека го сака Бог (1. Јованово 4:20, 21).
25 ,Бидете им подложни и покорни на властите и на владетелите‘ (Тит 3:1). Во многу земји, поседувањето или употребата на некои дроги е кривично дело. Како вистински христијани, ние ниту поседуваме ниту користиме дрога (Римјаните 13:1).
26. а) Што треба да правиме за да ја зачуваме Божјата љубов? б) Зошто за нас е најдобро да бидеме чисти во Божји очи?
26 За да ја зачуваме Божјата љубов, треба да бидеме чисти, не само во аспект или два, туку во секој поглед. Можеби не е баш лесно да ги оставиме и да се чуваме од валканите навики, но сепак е возможно.d Всушност, нема подобар начин на живот, зашто Јехова секогаш нѐ учи за наше добро. (Прочитај Исаија 48:17.) Што е најважно, кога сме чисти, тоа ни носи голема радост зашто знаеме дека оставаме убав впечаток за Богот што го сакаме. Тоа, пак, ни помага да ја зачуваме неговата љубов.
a Изворните зборови кои се преведени со „чист“ или „чисто“ понекогаш укажуваат на физичка чистота, но најчесто се однесуваат на морална или на духовна чистота.
b Некои празници и обичаи што вистинските христијани не ги слават подетално се разработени во 13. поглавје од оваа книга.
c Во 6. поглавје од оваа книга се разгледани некои работи што ќе ни помогнат да избереме добра забава.
d Види ги рамките „Дали се борам да постапувам исправно?“ и „За Бог сѐ е возможно“.
e Името е сменето.