Богатството на великодушноста донесува радост
КАКО љубезен христијански надгледник, апостол Павле им го мислел најдоброто на своите соверници (2. Коринќаните 11:28). Затоа, кога кон средината на 50-тите години од првиот век од нашата ера организирал да се соберат пари за бедните христијани во Јудеја, тој ја искористил таа прилика да даде една скапоцена поука за великодушноста. Павле нагласил дека Јехова високо го цени радосното давање: „Секој нека прави како што решил во своето срце, не безволно ниту под принуда, зашто Бог љуби весел дарител“ (2. Коринќаните 9:7).
Во длабока сиромаштија, а сепак дарежливи
Повеќето христијани во првиот век не биле угледни во поглед на социјалната положба. Павле забележал дека меѓу нив ‚немало мнозина моќни‘. Тие биле „она што е слабо во светот“, „неблагородно во светот“ (1. Коринќаните 1:26—28). На пример, христијаните кои живееле во Македонија биле во „крајно сиромаштво“ и „под неволја“. Сепак, тие понизни македонски верници молеле за предноста финансиски да приложат за „службата наменета за светите“; и она што го дале, посведочил Павле, било ‚преку нивните вистински можности‘! (2. Коринќаните 8:1—4).
Меѓутоа, таквото великодушно давање не било просудено според дадената сума. Наместо тоа, важни биле мотивацијата, спремноста да се дели и склоноста на срцето. Павле им покажал на коринтските христијани дека во давањето прилози се вклучени и умот и срцето. Тој рекол: „Ја знам вашата подготвеност на умот поради која се фалам со вас пред Македонците . . . а вашата ревност го поттикнала мнозинството од нив“. Тие биле ‚решени во своето срце‘ да даваат великодушно (2. Коринќаните 9:2, 7).
‚Душата ги поттикнала‘
Апостол Павле можеби имал на ум еден поранешен пример на великодушно давање, пример што се случил во пустелијата повеќе од 15 века пред негово време. Дванаесетте племиња на Израел биле ослободени од ропството во Египет. Сега се наоѓале во подножјето на гората Синај, и Јехова им заповедал да направат шатор за обожавање и да го опремат со алатки за обожавање. Тоа барало многу средства, и нацијата била повикана да даде прилог.
Како реагирале тие Израелци? „А тогаш секој, кого срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, дојде носејќи го својот принос во чест на Господа за градба на Шаторот на средбата“ (Излез 35:21). Дали нацијата дала великодушен принос? И тоа каков! На Мојсеј му бил даден следниов извештај: „Народот донесува многу повеќе отколку што е потребно за изведување на работата, што Господ ни нареди да ја извршиме“ (Излез 36:5).
Каква била финансиската состојба на Израелците во тоа време? Недолго пред тоа, тие биле бедни робови, ‚измачувани со тешки работи‘, ‚животот им бил загорчен‘, имале живот со „страдања“ (Излез 1:11, 14; 3:7; 5:10—18). Значи, најверојатно не биле материјално богати. Точно, од земјата каде што биле робови Израелците си заминале со ситен и крупен добиток (Излез 12:32). Но, тој добиток изгледа не вредел многу, бидејќи откако го напуштиле Египет се жалеле дека немаат ни месо ни леб за јадење (Излез 16:3).
Тогаш, од каде им биле на Израелците скапоценостите кои ги приложиле за изградба на шаторот? Од своите поранешни господари, Египќаните. Библијата вели: „Израелците . . . побараа од Египетците сребрени и златни скапоцености, и облеки . . . [Египетците] даваа“. Овие великодушни дела од страна на Египќаните биле благослов од Јехова, а не од фараонот. Божествениот запис вели: „Господ направи Египетците да му бидат благонаклонети на народот, па даваа“ (Излез 12:35, 36).
Тогаш, замисли си како се чувствувале Израелците. Генерации страдале поради тешкото ропство и немаштија. Сега биле слободни и имале богати материјални поседи. Како би се чувствувале ако дадат дел од тие поседи? Можеби си мислеле дека тие ги спечалиле и дека имаат право да ги задржат. Меѓутоа, кога биле повикани да дадат финансиски прилог за поддршка на чистото обожавање, го сториле тоа — и тоа не колебливо или скржаво! Не заборавиле дека Јехова е тој кој им овозможил да ги имаат тие материјални работи. Значи, тие изобилно дале од своето сребро и злато и стока. Биле „со племенито срце“. ‚Срцата ги влечеле.‘ ‚Душата ги поттикнувала.‘ Тоа навистина бил „доброволен принос во чест на Господа“ (Излез 25:1—9; 35:4—9, 20—29; 36:3—7).
Спремност да се дава
Големината на прилогот не ја дава секогаш вистинската слика за великодушноста на дарителот. Еднаш Исус Христос забележал како луѓето ставаат пари во ковчезите за прилози во храмот. Богатите поединци пуштале многу монети, но Исус бил импресиониран кога видел како една бедна вдовица пушта две парички со многу мала вредност. Тој рекол: „Оваа вдовица, иако сиромашна, пушти повеќе од сите нив . . . од својата немаштија [таа] ги пушти сите свои средства за живот“ (Лука 21:1—4; Марко 12:41—44).
Коментарите на Павле до коринќаните биле во склад со оваа мисла на Исус. Кога станало збор за давање прилози за да им се помогне на бедните соверници, Павле забележал: „Зашто ако најпрво постои спремност, таа е особено прифатлива според она што некој го има, а не според она што некој го нема“ (2. Коринќаните 8:12). Да, прилозите не се нешто за натпревар или споредба. Лицето дава во склад со своите средства, и Јехова е задоволен од духот на дарежливост.
Иако никој, всушност, не може да го збогати Јехова, кој поседува сѐ, приложувањето е предност која им пружа прилика на обожавателите да ја покажат својата љубов кон него (1. Летописи 29:14—17). Прилозите кои се даваат — не заради истакнување или од други себични мотиви, туку со исправен став и за да се унапредува вистинското обожавање — донесуваат радост, а со тоа и Божји благослов (Матеј 6:1—4). Исус рекол: „Повеќе среќа има во давањето отколку во примањето“ (Дела 20:35). Можеме да имаме удел во таа среќа ако ја даваме својата сила во Јеховината служба и ако одвојуваме дел од своите материјални поседи за поддршка на вистинското обожавање и за помош на оние кои ја заслужуваат (1. Коринќаните 16:1, 2).
Спремност да се дава денес
Денес Јеховините сведоци се возбудени кога го гледаат светскиот напредок во проповедањето на „оваа добра вест за царството“ (Матеј 24:14). Во текот на последната деценија од 20 век се крстија повеќе од 3.000.000 лица за да го симболизираат своето предание на Јехова Бог, и беа формирани околу 30.000 нови собранија. Да, една третина од собранијата на Јеховините сведоци кои постојат денес се формирани во текот на последниве десет години! Поголем дел од овој пораст е резултат на напорната работа на искрените христијански мажи и жени кои го даваат своето време и енергија за да ги посетуваат ближните и да им кажуваат за Јеховините намери. Дел од овој пораст е резултат на работата на мисионерите, кои ги напуштаат своите домови и патуваат во далечни земји за да помогнат во делото на проповедање на Царството. Како резултат на тој пораст организирани се нови покраини, а тоа наложи потреба да се наименуваат нови покраински надгледници. Освен тоа, беа потребни уште повеќе Библии за да се користат во проповедањето и за лична студија. Беше потребна повеќе печатена литература. И од една земја во друга зградите на подружниците мораше да се прошират или да се заменат со поголеми објекти. Сите овие додатни потреби беа обезбедени со помош на доброволните прилози на Јеховиниот народ.
Потреба од Сали на Царството
Една извонредна потреба која стана очигледна со порастот на бројот на Јеховините сведоци е потребата од Сали на Царството. Анкетите спроведени во почетокот на 2000 година открија дека има потреба од преку 11.000 Сали на Царството во земјите во развој, каде финансиите се ограничени. Земи ја за пример Ангола. И покрај годините на граѓанска војна, таа земја доживува просечен годишен пораст од околу 10 проценти во бројот на објавителите на Царството. Меѓутоа, повеќето од 675-те собранија на оваа огромна земја во Африка се состануваат под ведро небо. Во земјата има само 22 Сали на Царството, а само 12 од нив имаат некаков покрив.
Слична ситуација постои и во Демократска Република Конго. Иако во главниот град Киншаса има речиси 300 собранија, имаат само десет Сали на Царството. Во целата земја моментално постои потреба од над 1.500 Сали на Царството. Поради брзиот раст во источноевропските земји, Русија и Украина заедно известуваат за потреба од стотици Сали на Царството. Експлозивниот пораст во Латинска Америка особено доаѓа до израз во Бразил, каде има повеќе од половина милион Сведоци и голема потреба од повеќе Сали на Царството.
За да се задоволат потребите во ваквите земји, Јеховините сведоци спроведуваат една забрзана програма за изградба на Сали на Царството. Програмата се финансира со великодушните прилози на светското братство, така што дури и најсиромашните собранија ќе можат да имаат погоден центар на обожавање.
Исто како во времето на древниот Израел, може да се постигне многу бидејќи искрените христијани ‚го почитуваат Господа со својот имот‘ (Пословици 3:9, 10). Водечкото тело на Јеховините сведоци би сакало да ја искористи оваа прилика да им изрази длабока благодарност на сите чии срца ги поттикнуваат да учествуваат во ова доброволно давање. И можеме да бидеме сигурни дека Јеховиниот дух ќе продолжи да ги поттикнува срцата на неговиот народ да ги поддржуваат потребите за делото на Царството кое сѐ повеќе се шири.
Додека светската експанзија продолжува, постојано да бараме прилики да ја покажеме нашата радост и спремност во давањето на нашата сила, време и на нашите средства. И да ја доживееме вистинската радост што ја донесува таквиот дух на давање.
[Рамка на страница 29]
„КОРИСТЕТЕ ГИ МУДРО!“
„Имам десет години. Ви ги испраќам овие пари за да купите хартија или нешто друго за да правите книги“ (Синди).
„Сакам да ви ги испратам овие пари за да ни правите повеќе книги. Ги заштедив кога му помагав на тато. Затоа, користете ги мудро!“ (Пам, седумгодишна).
„Тажен сум заради ураганот. Се надевам дека сте на безбедно. Овие [2 долара] се сѐ што имам во касичката“ (Алисон, четиригодишна).
„Се викам Руди, и имам 11 години. Брат ми Ралф има шест години. А сестра ми Џудит има две и пол. Штедевме три месеци од нашиот џепарлак за да им помогнеме на нашите браќа во [едно завојувано подрачје]. Можевме да ги заштедиме овие 20 долари кои сега ви ги испраќаме.“
„Жал ми е за браќата [погодени од ураган]. Спечалив 17 долари додека работев со татко ми. Париве не ви ги испраќам за нешто посебно, вие одлучете за тоа“ (Меклен, осумгодишен).
[Рамка на страница 31]
Начини на кои некои избираат да даваат
ПРИЛОЗИ ЗА ДЕЛОТО ШИРУМ СВЕТОТ
Мнозина ставаат настрана или, пак, планираат некој износ од својот буџет кој го пуштаат во кутиите за прилози со натпис „Прилози за делото на Заедницата ширум светот — Матеј 24:14“. Секој месец собранијата го испраќаат овој износ до канцеларијата на локалната подружница.
Доброволните парични донации можат да се испратат и директно до канцеларијата на Заедницата која ја опслужува твојата земја. Може да се дарува и накит или, пак, други скапоцености. Таквите прилози треба да бидат проследени со едно кратко писмо во кое се наведува дека се работи за целосен подарок.
СПОГОДБА ЗА УСЛОВНА ДОНАЦИЈА
На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат пари со една специјална спогодба според која, доколку донаторот има лична потреба, донацијата ќе му се врати. За повеќе информации, те молиме контактирај со локалната канцеларија на подружницата.
ДОБРОТВОРНО ПЛАНИРАЊЕ
Освен целосните подароци во вид на пари и условните донации на пари, постојат и други методи на давање во корист на службата за Царството ширум светот. Тие вклучуваат:
Осигурување: Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да биде именувана како корисник на полиса за животно или пензиско осигурување.
Банковни сметки: Кај Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат банковни сметки, уверенија за депозити или поединечни пензиски сметки како депонирани или, пак, да се направат наплатливи по смртта, во согласност со локалните банкарски барања.
Вредносни хартии и обврзници: Вредносни хартии и обврзници можат да се подарат на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница како целосен подарок.
Недвижен имот: На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да се подари недвижен имот што може да се продаде, било како целосен подарок или, пак, да се задржи на доживотно користење од страна на донаторот, кој може и понатаму да живее во него до крајот на својот живот. Лицето треба да стапи во контакт со Заедницата пред да ѝ пренесе каков и да било недвижен имот.
Тестаменти и полномоштија: Имот или пари можат да бидат завештани на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница со законски верифициран тестамент или, пак, Заедницата може да биде именувана како корисник на договор за ополномоштување. Полномоштието во корист на религиозна организација може да обезбеди извесни даночни погодности.
Ако си заинтересиран за некоја од овие подготовки за добротворно планирање, треба да пишеш на соодветната адреса на страница 2.