Тихик — доверлив сотрудник
ВО РАЗЛИЧНИ прилики, Тихик патувал со апостол Павле и дејствувал како негов гласник. Тој бил пратеник кому можело да му бидат доверени пари и одговорности на надгледување. Бидејќи Писмото ја истакнува неговата доверливост — особина неопходна за сите христијани — можеби ти би сакал да знаеш нешто повеќе за него.
Павле го опишал Тихик како свој ‚љубен брат и верен служител и сотрудник во Господа‘ (Колосјаните 4:7). Зошто апостолот така гледал на него?
Ерусалимската мисија за помош
Околу 55 н. е., меѓу христијаните во Јудеја се појавила оскудица во материјален поглед. Со помош на собранијата во Европа и Мала Азија, Павле организирал да се соберат пари за да им се помогне. Тихик, кој бил од областа на Азија, одиграл улога во мисијата за помош.
Откако дал упатства за тоа како да се постапи со тој прилог, Павле предложил да бидат испратени доверливи мажи во Ерусалим или да одат таму со него за да ја однесат сумата (1. Коринтјаните 16:1—4). Кога го започнал долгото патување од Грција кон Ерусалим, тој бил придружуван од неколку мажи, од кои очигледно еден бил Тихик (Дела 20:4). Можеби било потребно едно такво големо друштво бидејќи носеле пари кои им биле доверени од неколку собранија. Можеби значаен фактор за тоа била потребата од безбедност, зашто друмските разбојници претставувале закана за безбедно преминување (2. Коринтјаните 11:26).
Со оглед на тоа што Аристарх и Трофим го придружувале Павле до Ерусалим, некои мислат дека веројатно и Тихик и другите го сториле истото (Дела 21:29; 24:17; 27:1, 2). Бидејќи Тихик бил вклучен во оваа програма за помош, тој е еден од неколкуте на кои било укажано како на еден „брат“ кој работел со Тит во Грција за да го уреди собирањето пари и кој бил ‚избран од црквите, за да го придружува [Павле] во тоа добро дело‘ (2. Коринтјаните 8:18, 19; 12:18). Доколку првиот налог кој го исполнил Тихик бил одговорен, ништо помалку одговорен не бил ни вториот негов налог.
Од Рим до Колоси
После пет или шест години (60—61 н. е.), Павле се надевал дека ќе биде пуштен од неговото прво затворање во Рим. Тихик бил со него, на стотици километри од дома. Сега Тихик се враќал во Азија. Тоа му овозможило на Павле да испрати писма до христијанските собранија во тоа подрачје и да го испрати Онисим — слугата бегалец на Филимон — назад во Колоси. Тихик и Онисим носеле најмалку три писма кои сега се вклучени во библискиот канон — едно до ефесјаните, едно до колосјаните и едно до Филимон. Можеби едно писмо било доставено и до собранието во Лаодикија, град на околу 18 километри од Колоси (Ефесјаните 6:21; Колосјаните 4:7—9, 16; Филимон 10—12).
Тихик не бил само поштар. Тој бил доверлив личен гласник, зашто Павле напишал: „Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и сотрудник во Господа, кого нарочно поради тоа го испратив при вас, за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши“ (Колосјаните 4:7, 8).
Изучувачот Е. Рендолф Ричардс истакнува дека писмоносецот „честопати бил лична алка меѓу авторот и примателите, покрај пишаната алка . . . [Една причина] за потребата од доверлив носач било тоа [што] честопати тој носел додатни информации. Едно писмо може накратко да ја опише ситуацијата, честопати со проценка на авторот, но од носачот се очекува детално да му ги изложи на примателот сите детали“. Иако писмото можеби се занимавало со учења или со итни работи, другите информации би биле пренесени усно преку еден доверлив гласник.
Писмата до ефесјаните, до колосјаните и до Филимон малку кажуваат за тоа како се снаоѓал Павле. Затоа, Тихик морал да пренесе лични информации, да ги објасни Павловите околности во Рим и доволно добро да ги сфати состојбите во собранијата за да може да даде охрабрување. Ваквите пораки и одговорности им биле доверувани само на оние на кои можело да се смета дека верно ќе го претставуваат испраќачот. Тихик бил таков човек.
Надгледување на далечни доделби
Откако бил ослободен од домашен притвор во Рим, Павле размислувал да го испрати или Тихик или Артема кај Тит на островот Крит (Тит 1:5; 3:12). За време на Павловото второ затворање во Рим (веројатно околу 65 н. е.), апостолот повторно го испратил Тихик во Ефес, можеби да го заземе местото на Тимотеј кој тогаш можел да патува за да биде покрај Павле (2. Тимотеј 4:9, 12).
Дали Тихик отишол и на Крит и во Ефес во текот на тој период, не е јасно. Сепак, ваквите референци сугерираат дека тој останал еден од Павловите блиски придружници сѐ до последните години од службата на апостолот. Ако Павле размислувал да го испрати на одговорни и можеби тешки мисии наместо Тимотеј и Тит, очигледно е дека Тихик станал зрел христијански надгледник. (Спореди 1. Тимотеј 1:3; Тит 1:10—13.) Неговата спремност да патува и да биде употребуван на далечни доделби го направила корисен за Павле и за целото христијанско собрание.
Денес, самопожртвуваните христијани спремно му служат на Бог во локалните собранија на Јеховините сведоци или, пак, се ставаат на располагање за да ги унапредуваат интересите на Царството на други места. Илјадници радо прифатиле доделби како мисионери, патувачки надгледници, меѓународни слуги на градежните објекти, во светската централа на Watch Tower Society или во една од нејзините подружници. Како и Тихик, тие не се забележливи, но се работници кои напорно работат, ‚верни министри‘ кои му се драги на Бог и љубени од другите христијани како ‚сотрудници во Господа‘ кои се достојни за доверба.