Негувај разумност
„Кротоста [разумноста, НС] ваша нека им биде позната на сите луге! Господ е близу!“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 4:5).
1. Зошто е предизвик да се биде разумен во денешниов свет?
„РАЗУМНИОТ човек“ — според англискиот новинар сер Алан Патрик Херберт, претставува митолошка фигура. Всушност, понекогаш може да се чини дека во овој раскаран свет нема веќе разумни луѓе. Библијата прорекла дека во овие критични „последни денови“ луѓето ќе бидат „нескротливи“, „пребрзи“ и „непомирливи“ — со други зборови, сѐ друго освен разумни (2. Тимотеј 3:1-5). И покрај тоа, вистинските христијани високо ја ценат разумноста, зашто знаат дека таа претставува ознака на божествена мудрост (Јаков 3:17, НС). Ние не мислиме дека е невозможно да се биде разумен во еден неразумен свет. Напротив, безрезервно го прифаќаме предизвикот од инспирираниот совет на апостол Павле што се наоѓа во Филипјаните 4:5: „Кротоста [разумноста, НС] ваша нека им биде позната на сите луѓе!“
2. Како зборовите на апостол Павле во Филипјаните 4:5 ни помагаат да одредиме дали сме разумни?
2 Забележи како Павловите зборови ни помагаат да испитаме дали сме разумни. Не се работи толку за тоа како самите се гледаме себеси, туку како другите гледаат на нас, односно каков глас уживаме. Преводот на Филипс овој стих го преведува: „Бидете познати како разумни“. Секој од нас би можел да се запраша: ‚На каков глас сум? Дали ме знаат како разумен, попустлив и благ? Или сум познат како крут, груб или тврдоглав?‘
3. а) Што значи грчкиот збор преведен со „разумен“, и зошто оваа особина е привлечна? б) Како би можел еден христијанин да научи да биде поразумен?
3 Нашата репутација во овој поглед едноставно ќе покаже до кој степен го имитираме Исус Христос (1. Коринтјаните 11:1). Кога бил овде на Земјата, Исус совршено го одразувал надмоќниот пример на разумност на својот Татко (Јован 14:9). Всушност, кога Павле пишувал за „Христовата кротост и благост“, грчкиот збор што го употребил за љубезност (епиеики́ас) исто така значи „разумност“, или дословно — „попустливост“ (2. Коринтјаните 10:1). Делото The Expositor’s Bible Commentary (Коментар на толкувачот за Библијата) ова го нарекува „еден од најголемите зборови за опис на карактер во Н[овиот] З[авет]“. Тој опишува особина која е толку привлечна, што еден научник зборот го преведува со „пријатна разумност“. Затоа, да подискутираме за три начини на кои Исус, како и неговиот Татко, Јехова, покажал разумност. Така можеме да научиме како и ние да станеме поразумни (1. Петрово 2:21).
‚Спремни да простат‘
4. Како покажал самиот Исус дека е ‚спремен да прости‘?
4 По примерот на неговиот Татко, Исус покажувал разумност така што секогаш одново бил ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5, НС). Размисли за времето кога Петар, Исусов близок пријател, трипати се одрекол од него во ноќта кога Исус бил фатен и суден. Самиот Исус претходно изјавил: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец“ (Матеј 10:33). Дали ова правило Исус круто и безмилосно го применил на Петар? Не, по Неговото воскресение, Исус лично го посетил Петар, без сомнение за да го утеши и смири овој покајнички апостол со скршено срце (Лука 24:34; 1. Коринтјаните 15:5). Кратко потоа, Исус му дал на Петар голема одговорност (Дела 2:1-41). Тука покажал пријатна разумност во најголема мера! Зарем не е утешна помислата за тоа дека Јехова го поставил Исус како Судија над целото човештво? (Исаија 11:1-4; Јован 5:22).
5. а) Каква репутација треба да имаат старешините помеѓу овците? б) Кој материјал би можеле да го повторат старешините пред да решаваат правни случаи, и зошто?
5 Кога во собранието старешините дејствуваат како судии, тие настојуваат да го следат Исусовот разумен пример. Не сакаат овците да се плашат од нив како од казнувачи. Напротив, тежнеат да го имитираат Исус, за овците да се чувствуваат безбедни со нив како со пастири полни со љубов. Во правните случаи тие во потполност се трудат да бидат разумни, спремни да простат. Пред да му пристапат на случајот, на некои старешини им користело да ги повторат статиите од Стражарска кула од 1. јули 1992, „Јехова, непристрасниот ‚Судија на целата земја‘“ и „Старешини, судете со праведност“. Така го имаат на ум резимето за Јеховиниот начин на судење: „Одлучност каде што е потребно, милост каде што е можно“. Не е погрешно да се тежнее кон милост при судењето кога постои разумна основа за тоа (Матеј 12:7). Сериозна грешка е да се биде груб или безмилосен (Језекиил 34:4). Затоа, старешините ќе избегнат грешки доколу го бараат најљубезниот, најмилосрден правец што е можен во рамките на правдата. (Спореди Матеј 23:23; Јаков 2:13.)
Флексибилност кога ќе се променат околностите
6. Како Исус покажал разумност спрема паганката чијашто ќерка била демонизирана?
6 Исто како Јехова, и Исус брзо реагирал кога требало да го промени правецот или да се прилагоди на нови ситуации кога ќе настанале. Во една прилика, една паганка го молела да ја излекува нејзината тешко демонизирана ќерка. На три различни начини, Исус отпрвин покажал дека нема да ѝ помогне — прво, така што одбил да ѝ одговори; второ, со тоа што директно изјавил дека не бил испратен кај паганите, туку кај Евреите; и трето, со тоа што дал една илустрација со која на љубезен начин го истакнал истото. Меѓутоа, жената била упорна и со тоа покажала вонредна вера. Земајќи ги предвид овие исклучителни околности, Исус увидел дека не било време да се наметнува некакво општо правило; било време да се биде прилагодлив како одговор на повисоките принципи.a Така, Исус го сторил токму она што трипати покажал дека нема да го стори. Ја излекувал ќерката на жената! (Матеј 15:21-28).
7. На кои начини родителите можат да покажат разумност, и зошто?
7 Дали сме и ние познати по нашата спремност да попуштиме кога тоа е прикладно? Родителите често треба да покажуваат таква разумност. Бидејќи секое дете е единствено, методите кои се успешни кај едно дете може да се несоодветни за друго. Освен тоа, како децата растат, така нивните потреби се менуваат. Дали е потребно да се промени времето кога треба децата да се вратат дома? Дали на семејната студија ќе ѝ користи еден пожив облик? Кога родителот претерано реагира на некоја незначителна грешка, дали е спремен да биде понизен и да ги поправи работите? Родителите кои се попустливи во тој поглед, избегнуваат непотребно да ги иритираат своите деца и да ги отуѓуваат од Јехова (Ефесјаните 6:4).
8. Како можат собраниските старешини да го преземат водството кога се работи за прилагодување на потребите на подрачјето?
8 Кога ќе настанат нови околности, и старешините треба да се прилагодат, но сепак никогаш да не компромитираат одредени Божји закони. Кога го надгледувате делото на проповедање, дали внимавате на промените на подрачјето? Бидејќи начинот на живот на луѓето во околината се менува, можеби треба да се поттикне вечерното сведочење, сведочењето на улица или по телефон. Прилагодувањето на таквите начини ни помага поделотворно да го исполниме нашиот налог за проповедање (Матеј 28:19, 20; 1. Коринтјаните 9:26). И Павле секогаш настојувал во својата служба да се прилагоди на сите видови луѓе. Дали го правиме истото, на пример, така што учиме нешто за месните религии и култури за да бидеме во состојба да им помогнеме на луѓето? (1. Коринтјаните 9:19-23).
9. Зошто старешината не треба да инсистира проблемите секогаш да се решаваат на начин на кој тоа го правел во минатото?
9 Додека овие последни денови стануват сѐ покритични, можеби и пастирите треба да се прилагодат на збунувачката сложеност и непријатност на некои од проблемите со кои се соочува нивното стадо (2. Тимотеј 3:1). Старешини, ова не е време за крутост! Се разбира дека еден старешина нема да инсистира со проблемите да постапува како што постапувал во минатото, ако неговите методи станале неделотворни или ако „верниот и разумен роб“ нашол за погодно да објави нов материјал за тие теми (Матеј 24:45, НС; спореди Проповедник 7:10; 1. Коринтјаните 7:31). Еден верен старешина искрено се трудел да ѝ помогне на една потиштена сестра на која многу ѝ бил потребен добар слушач. Меѓутоа, нејзината депресија не ја сфатил толку сериозно и ѝ понудил површни решенија. Тогаш Watch Tower Society издало некои информации темелени на Библијата кои зборувале токму за нејзиниот проблем. Старешината се погрижил повторно да разговара со неа, овојпат применувајќи го новиот материјал и покажувајќи сочувство кон нејзината неволја. (Спореди 1. Солунјаните 5:14, 15.) Колку извонреден пример на разумност!
10. а) Како треба старешините да покажуваат попустлив став еден спрема друг и спрема старешинството во целост? б) Како треба старешинството да гледа на оние кои се покажуваат како неразумни?
10 Старешините треба да покажуваат попопустлив став и еден спрема друг. На состаноците на старешинството многу е важно со настаните да не доминира само еден старешина! (Лука 9:48). Особено оној кој претседава треба да се воздржува во овој поглед. А кога еден или двајца старешини не се согласуваат со одлуката на целото старешинство, тие нема да инсистираат да биде по нивно. Наместо тоа, сѐ додека не е повредено некое библиско начело, тие ќе попуштаат, имајќи на ум дека од старешините се бара разумност (1. Тимотеј 3:2, 3). Од друга страна, старешинството треба да има на ум дека Павле го покарал коринтското собрание поради тоа што ‚примале безумни [неразумни, НС] луѓе‘ кои се прикажувале како ‚врховни апостоли‘ (2. Коринтјаните 11:5, 19, 20). Затоа тие треба да бидат спремни да го посоветуваат старешината кој се однесува на тврдоглав, неразумен начин, но кога го прават тоа треба и самите да бидат благи и љубезни (Галатјаните 6:1).
Разумност во спроведувањето на авторитетот
11. Каква спротивност постои меѓу начинот на кој еврејските верски водачи во Исусово време го спроведувале авторитетот и Исусовиот начин?
11 Кога Исус одел по Земјата, неговата разумност навистина блескала во начинот на кој го спроведувал својот авторитет даден од Бог. Колку само бил поинаков од верските водачи од неговото време! Да разгледаме еден пример. Божјиот закон заповедал да не се работи на Сабат, дури да не се собираат ни дрва (2. Мојсеева 20:10; 4. Мојсеева 15:32-36). Верските водачи сакале да контролираат како луѓето го применуваат тој закон. Затоа, си зеле за право да одредуваат што точно човек можел да подигне на Сабат. Тие пропишале: ништо потешко од две сушени смокви. Дури издале и забрана за сандали потковани со клинци, тврдејќи дека подигањето на тежина поголема од тежината на клинците би претставувало работа! Се вели дека рабините додале вкупно 39 правила кон Божјиот закон за Сабатот и направиле бескрајни додатоци кон овие правила. Исус, од друга страна, не сакал да ги контролира луѓето засрамувајќи ги со тоа што би им наложувал безброј ограничувачки правила или поставувајќи им крути, недостижни мерила (Матеј 23:2-4; Јован 7:47-49).
12. Зошто можеме да речеме дека Исус не се колебал кога се работело за Јеховините праведни мерила?
12 Тогаш, дали треба да заклучиме дека Исус не се држел цврсто за Божјите праведни мерила? Секако дека не! Тој разбирал дека законите се најделотворни кога луѓето ги земаат при срце начелата што стојат зад тие закони. Додека фарисеите биле загрижени околу тоа да ги контролираат луѓето со безброј правила, Исус настојувал да ги достигне срцата. На пример, тој добро знаел дека нема попуштање кога се работи за такви божествени закони како што е „бегајте од блудството“ (1. Коринтјаните 6:18). Затоа, Исус ги предупредил луѓето дури и на мислите кои би можеле да доведат до неморал (Матеј 5:28). Таквото учење барало многу повеќе мудрост и остроумност отколку само да се поставуваат крути, формулирани правила.
13. а) Зошто треба старешините да избегнуваат да поставуваат непопустливи закони и правила? б) Кои се некои од подрачјата на кои е важно да се почитува совеста на поединецот?
13 Одговорните браќа денес се подеднакво заинтересирани да ги достигнат срцата. Затоа, избегнуваат да поставуваат своеволни, нефлексибилни правила или своите лични ставови и гледишта да ги претвораат во закон. (Спореди Даниил 6:7-16.) Одвреме навреме, љубезните потсетувања за такви работи како што се облекувањето и дотерувањето може да бидат соодветни и навремени, но старешината може да ја загрози својата репутација на разумен човек ако секогаш одново се враќа на тие работи или се обидува да наметнува такви кои се првенствено негов личен вкус. Всушност, сите во собранието треба да избегнуваат да ги контролираат другите. (Спореди 2. Коринтјаните 1:24; Филипјаните 2:12.)
14. Како покажал Исус дека бил разумен во однос на тоа што очекувал од другите?
14 Старешините можат да се испитаат себеси и во една друга работа: ‚Дали сум разумен во она што го очекувам од другите?‘ Исус сигурно бил. Доследно им покажал на своите следбеници дека не очекувал повеќе од нивните сесрдни напори и дека тој тоа високо го ценел. Ја пофалил сиромашната вдовица за тоа што ги дала нејзините парички од мала вредност (Марко 12:42, 43). Ги укорил своите ученици кога го критизирале скапоцениот прилог на Марија, велејќи: „Оставете ја неа . . . Тоа што можеше, таа го направи“ (Марко 14:6, 8). Бил разумен дури и кога неговите ученици го изневериле. На пример, иако ги поттикнл тројцата свои најблиски апостоли да останат будни и да бдеат со него ноќта кога бил уапсен, тие го разочарале така што постојано заспивале. Па сепак, сочувствително забележал: „Духот е бодар, но телото е слабо“ (Марко 14:34-38).
15, 16. а) Зошто треба старешините да внимаваат да не го ставаат под притисок или да не го заплашуваат стадото? б) Како една верна сестра ги променила своите очекувања од другите?
15 Вистина, Исус ги храбрел своите следбеници ‚да се потрудат [силно да се напрегаат, НС]‘ (Лука 13:24). Но, никогаш не ги принудувал да го прават тоа! Ги мотивирал, им дал пример, го презел водството и гледал да ги достигне нивните срца. Имал доверба дека моќта на Јеховиниот дух ќе го стори останатото. На сличен начин денешните старешини треба да го охрабруваат стадото да му служи на Јехова со цело срце, но сепак да избегнуваат да ги застрашуваат со чувство на вина или срам укажувајќи дека она што тие моментално го прават во службата, на некој начин е недоволно или неприфатливо. Крутиот, присилувачки став „ајде повеќе, ајде повеќе, ајде повеќе!“ може да ги обесхрабри оние кои прават сѐ што можат. Колку би било жалосно ако некој старешина си стекне репутација дека е ‚тежок да се задоволи‘ — карактеристика која многу се разликува од разумноста! (1. Петрово 2:18, НС).
16 Сите ние треба да бидеме разумни во однос на она што го очекуваме од другите! Една сестра, откако со својот сопруг ја напуштила мисионерската доделба за да се грижи за нејзината болна мајка, напишала: „Овие времиња се навистина тешки за нас објавителите во собранијата. Откако бевме во покраинска и обласна служба, заштитени од многу вакви притисоци, ненадејно и болно станавме свесни за ова. На пример, во себе си велев: ‚Зошто таа сестра не ја нуди соодветната литература за овој месец? Зарем не ја читала Наша служба за Царството?‘ Сега знам зошто. За некои тоа е сѐ што можат да сторат [во службата]“. Колку е подобро да ги пофалиме нашите браќа за она што го прават наместо да ги судиме за она што не го прават!
17. Како Исус ни дал пример во поглед на разумноста?
17 Размисли за еден врвен пример како Исус го спроведува својот авторитет на разумен начин. Како и неговиот Татко, Исус не го чува љубоморно својот авторитет. И тој е главен наименувач кој ја овластил неговата класа на верен и разумен роб да се грижи за ‚целиот негов имот‘ овде на Земјата (Матеј 24:45-47). Не се плаши да ги слушне и идеите на другите. Често ги прашувал своите слушатели: „Што мислите?“ (Матеј 17:25; 18:12; 21:28; 22:42). Така треба да биде кај сите денешни Христови следбеници. Без оглед колкав авторитет имаат, тоа не треба да ги спречува да сослушуваат. Родители, слушајте! Сопрузи, слушајте! Старешини, слушајте!
18. а) Како можеме да откриеме дали уживаме репутација на разумност? б) Што би можел секој од нас да стори за да дознае?
18 Сигурно, секој од нас сака да ‚биде познат како разумен‘ (Филипјаните 4:5, Phillips). Но, како знаеме дали имаме таква репутација? Па, кога Исус бил љубопитен за тоа што велеле луѓето за него, ги прашувал своите доверливи придружници (Матеј 16:13). Зошто да не го следиш неговиот пример? Би можел да прашаш некого во кого имаш доверба дека е отворен, дали ти имаш репутација дека си разумна, попустлива личност? Се разбира, сите ние можеме многу да сториме за уште поточно да го имитираме Исусовиот совршен пример на разумност! Особено ако поседуваме одредена мера на авторитет над другите, секогаш да го следиме примерот на Јехова и Исус и да го спроведуваме на разумен начин, секогаш спремни да простуваме, да се покоруваме или попуштаме кога тоа е прикладно. Всушност, секој од нас нека се стреми да биде ‚разумен‘ (Тит 3:2, НС).
[Фуснота]
a Книгата New Testament Words (Зборови од Новиот завет) коментира: „Човек кој е епиеике́с [разумен] знае дека постојат времиња кога некоја работа може законски да биде потполно оправдана, а сепак морално да е потполно погрешна. Човек кој е епиеике́с знае кога да го ублажи законот под принуда на сила што е повисока и поголема од законот“.
Како би одговорил?
◻ Зошто христијаните треба да сакаат да бидат разумни?
◻ Како можат старешините да го имитираат Исус во спремноста да простуваат?
◻ Зошто треба да тежнееме да бидеме флексибилни како што бил Исус?
◻ Како можеме да покажеме разумност во начинот на кој го спроведуваме авторитетот?
◻ Како можеме да се испитаме себеси дали сме навистина разумни?
[Слика на страница 15]
Исус спремно му простил на Петар кој се покајал
[Слика на страница 16]
Кога една жена покажала вонредна вера, Исус сфатил дека не било време да спроведува некакво општо правило
[Слика на страница 18]
Родители, слушајте!
[Слика на страница 18]
Сопрузи, слушајте!
[Слика на страница 18]
Старешини, слушајте!