Со задоволство се трошиме во службата за Јехова!
1 Апостол Павле со задоволство ‚се истрошил самиот себе‘ за да ја изврши својата христијанска служба (2. Кор. 12:15). Слично и денес, многу христијани даваат сѐ од себе во пионерската служба. Други, пак, иако се зафатени затоа што имаат многу семејни обврски, секоја седмица одат во службата на проповедање. Некои објавители, кои се борат со сериозни здравствени проблеми, ја користат и таа малку сила што ја имаат за да служат за Царството. Навистина сме охрабрени кога гледаме како Јеховиниот народ, без оглед на возраста или околностите, се троши во службата за Јехова!
2 Љубов кон ближниот: Кога правиме сѐ што можеме за да му служиме на Јехова, со што покажуваме дека ги сакаме Бог и ближните, имаме чиста совест. Бидејќи Павле дал сѐ од себе за да ја објавува добрата вест, можел со радост да каже: „Ве повикувам на денешниов ден да посведочите дека сум чист од крвта на сите“ (Дела 20:24, 26; 1. Сол. 2:8). И ние нема да бидеме виновни за крв ако учествуваме во службата онолку колку што ни овозможуваат околностите (Езек. 3:18-21).
3 Кога даваме сѐ од себе за да им помогнеме на другите се чувствуваме среќни (Дела 20:35). Еден брат рекол: „Точно е дека сум уморен кога навечер ќе се вратам дома откако сум поминал цел ден во службата за Јехова. Но среќен сум и му благодарам на Јехова што ми дал радост која никој не може да ми ја одземе“.
4 Љубов кон Бог: Најважна причина зошто треба да се трошиме во службата за Јехова е дека тоа го радува нашиот небесен Татко. Љубовта кон Бог нѐ поттикнува да ги држиме неговите заповеди, во кои е вклучено да проповедаме и да правиме ученици (1. Јов. 5:3). Дури и кога луѓето се рамнодушни или ни се противат, ние и понатаму радосно даваме сѐ од себе во службата за Јехова.
5 Сега живееме во времето на жетвата и затоа не смееме да забавиме (Мат. 9:37). Еден земјоделец обично работи по цел ден додека трае жетвата, бидејќи има ограничено време за да го собере житото пред тоа да се расипе. Времето што го имаме за духовната жетва исто така е ограничено. Затоа, имајќи на ум во кој период живееме, да продолжиме силно да се напрегаме во службата (Лука 13:24; 1. Кор. 7:29-31).