Што да се каже за библиските цитати кои го „докажуваат“ Тројството?
НЕКОИ тврдат дека одредени библиски стихови даваат доказ за тројството. Меѓутоа, читајќи ги овие стихови би требало да задржиме на ум дека ниту библиските ниту историските сведоштва не ја потпираат оваа наука.
Доколку некој стих се наведува како доказ, истиот треба да се разбере како во поврзаност со доследната наука на целокупната Библија. Честопати вистинското значење на таквиот библиски стих може да се разбере од контекстот (од околните стихови).
Три во еден
NEW Catholic Encyclopedia наведува три такви „доказни цитати“, но го признава и следното: „Науката за Светото тројство не се учи во С[тариот] з[авет]. Во Н[овиот] з[авет] најстарите докази се наоѓаат во Павловите посланија, посебно во 2. Кор 13.13 [во некои Библии во стихот 14] и во 1. Кор 12.4-6. Во евангелијата доказ за тројството може да се најде само во формулата за крштение од Мт 28.19“.
Во преводот Стварност во овие стихови трите „личности“ се наведени во различен редослед. Во 2. Коринтјаните 13:13 (14) пишува: „Милоста од Господ Исус Христос, љубовта од Бог (Отецот) и заедништвото на Светиот Дух нека биде со сите вас!“ 1. Коринтјаните 12:4-6 гласи: „Милосните дарови се различни, но Духот е ист. Различни се и службите, но Господ е ист. Различни се и делата, но ист е Бог кој прави сѐ во сите“. Во Матеј 28:19 читаме: „Затоа одете и направете ги сите народи мои ученици! Крстете ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“.
Дали од овие цитати произлегува дека Бог, Христос и светиот дух сочинуваат некакво тринитаријанско божество, дека се едно битие, еднакво моќни и еднакво вечни? Не произлегува, исто како што ни набројувањето на три личности, како Томе, Никола и Перо не значи дека овие тројца се едно.
Овие цитати, според Cyclopedia of Biblical, Theological, and Ecclesiastical Literature (Циклопедија на библиска, теолошка и црквена литература) од Мек Клинток и Стронг, „само докажуваат дека овие тројца се наведени субјекти со име, . . . но тоа самото по себе не докажува дека сите тројца мораат да спаѓаат во божествена природа и дека поседуваат еднаква божествена чест“.
Иако во спомнатото дело се поддржува тројството, тука во врска со 2. Коринтјаните 13:13 (14) се вели: „Не може со право да се заклучи дека тие поседуваат еднаков авторитет, или еднаква природа“. А во врска со Матеј 28:18-20 се вели: „Овој цитат, меѓутоа, сам по себе не би бил јасен доказ ниту за личното обележје на овие три споменати субјекти ниту пак за нивната еднаквост или божественост“.
И во извештајот за Исусовото крштевање, Бог, Исус и светиот дух се спомнуваат во ист контекст. Исус „го виде духот Божји како слегува како гулаб и дојде на него“ (Матеј 3:16). Меѓутоа, ова не значи дека овие тројца се едно. Авраам, Исак и Јаков честопати се спомнуваат заедно, но со тоа тие не стануваат едно. И Петар, Јаков и Јован често се спомнуваат заедно, но со тоа тие не стануваат едно. Освен тоа, фактот дека при Исусовото крштевање Божјиот дух слегол врз него, покажува дека тој пред тоа не бил помазан со Божји дух. Како можел да биде дел од тројство кога тоа би значело дека тој отсекогаш е едно со светиот дух?
Натамошен стих во кој овие тројца се спомнуваат заедно може да се најде во некои постари библиски преводи во 1. Јованово 5:7. Но, изучувачите признаваат дека овие зборови првобитно не стоеле во Библијата, туку биле додадени многу подоцна. Во повеќето нови преводи со право е изоставен овој фалсификуван стих.
И во другите „доказни“ цитати се работи само за односот помеѓу две личности: Отецот и Исус. Да разгледаме некои од нив.
„Јас и Отецот сме едно“
ОВОЈ библиски цитат од Јован 10:30 често се наведува како потврда за тројството, иако овде воопшто не се споменува некоја трета личност. Но, самиот Исус објаснил што мислел со тоа кога рекол дека е „едно“ со Отецот. Според Јован 17:21, 22 (НС), тој се молел на Бог за своите ученици: „Сите да бидат едно, како што си ти, Оче, во заедница со мене и јас во заедница со тебе, и тие да бидат во заедница со нас, . . . за да бидат едно, како што сме ние едно“. Дали се молел Исус од сите негови ученици да настане еден единствен ентитет (битие)? Не, очигледно се молел да бидат обединети во начинот на размислување и во намерата, како што биле обединети тој и Отецот. (Види и 1. Коринтјаните 1:10.)
Според 1. Коринтјаните 3:6, 8 (Ст) Павле рекол: „Јас посадив, Аполон зали . . . Оној кој сади и оној кој залева се едно“. Павле не мислел дека тој и Аполо се една личност; напротив, мислел дека тие се обединети во намерата. Грчкиот збор (хен), што Павле овде го употребил за „едно“, стои во среден род, а укажува на единство во соработката. Се работи за истиот збор што е употребен во Јован 10:30 за да се опише Исусовиот однос кон неговиот Татко. Исус го употребил истиот збор и во Јован 17:21, 22. Значи, кога во овие случаи го употребил зборот за „едно“ (хен), говорел за единство во мислите и намерите.
Жан Калвин (кој бил тринитаријанец) во книгата Commentaires de Jehan Calvin sur le Nouveau Testament (Коментари на Новиот завет од Жан Калвин), за Јован 10:30 напишал: „Старите научници многу често го злоупотребувале овој стих за да докажат дека Христос . . . и Отецот се исто битие. Нашиот Господ Исус не говори за единственоста на битието, туку за хармонијата или сообразноста што постои меѓу него и Отецот“.
Во контекстот на стиховите после Јован 10:30, Исус силно укажал на тоа дека со своите зборови не тврдел за себе дека е Бог. На Евреите кои погрешно го донеле тој заклучок, сакајќи поради тоа да го каменуваат, им поставил прашање: „Зарем смеете за оној кого Таткото го посветил и испратил на свет, да кажете: Хулиш на Бога — затоа што реков: Јас сум Син Божји?“ (Јован 10:31-36, Einheitsübersetzung). Не, Исус не тврдел дека е Бог Син, туку Син Божји.
Дали се изедначувал себеси со Бог?
ДРУГ библиски цитат кој се наведува како потврда за тројството е Јован 5:18. Таму се вели дека Евреите (како во Јован 10:31-36) сакале да го убијат Исус, затоа што „Бог го нарекувал свој Отец, изедначувајќи се себеси со Бог“ (Ст).
Но, кој рекол дека Исус се изедначува со Бог? Исус не го рекол тоа. Според следниот стих (19), тој се бранел против ова лажно обвинение: „Исус тогаш им рече: . . . ‚Синот не може да стори ништо сам од себе, туку само она што гледа дека го прави Таткото‘“ (Ст).
Со тоа Исус им покажал на Евреите дека не бил еднаков со Бог и дека затоа не можел да постапува од сопствена побуда. Дали е замисливо некој кој е еднаков со Семоќниот Бог да каже дека „не може да стори ништо сам од себе“? (Спореди Даниил 4:34, 35.) Интересно е дека контекстот од Јован 5:18 и 10:30 покажува дека Исус се бранел против лажните обвиненија на Евреите кои, како и поборниците на тројството, извлекле погрешни заклучоци!
„Еднаков со Бог“?
ВО ФИЛИПЈАНИТЕ 2:6, според преводот од д-р Грацијан Распудиќ, за Христа се вели: „Бидејќи по природа е Бог, тој не сметал дека е грабеж: да му биде еднаков на Бог“. Преводот King James Version (KJ) од 1611 по смислата го вели истото (а така и преводите Стварност, Шариќ, Шкариќ). Некои такви преводи сѐ уште се употребуваат за да се поддржи сфаќањето дека Исус е еднаков со Бог. Но, да забележиме како овој стих гласи во другите преводи:
1847: „Кој, ако и бил во Божји облик, не се грабал да се спореди со Бог“ (Новиот завет, В. Караџиќ).
1933: „Кој, постоејќи во Божји облик, не го сметал тоа за плен кој се граба да биде еднаков со Бог“ (превод од д-р Лујо Бакотиќ).
1965: „Тој — навистина со божествена природа — никогаш самоуверено не се изедначувал со Бог“ (Das Neue Testament, ревидирано издание, од Фридрих Пфефлин).
1968: „Кој, иако бил во Божји лик, не сметал дека треба да си присвои да биде еднаков со Бог“ (La Bibbia Concordata).
1984: „Кој иако постоел во Божјиот облик, не размислувал за тоа да присвои нешто сосила, имено, да биде еднаков на Бог“ — New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет превод на Светото писмо).
1985: „Тој, како траен лик Божји, не се држел како за плен за својата еднаквост со Бог“ (Новиот завет, превод од Бонавентура Дуда и Јерко Фуќак, ревидирано издание).
Меѓутоа, некои тврдат дека дури и од овие поточни преводи произлегува дека 1) Исус веќе имал еднаквост, но дека не сакал да ја задржи или 2) дека не требало да си присвојува еднаквост, бидејќи веќе ја имал.
Во врска со тоа, Ралф Мартин во делото The Epistle of Paul to the Philipians (Павловото послание до Филипјаните) за изворниот грчки јазик вели: „Прашање е, меѓутоа, дали смислата на глаголот може да се оддалечи од своето стварно значење ‚да присвои‘, ‚насилно да грабне‘ на ‚цврсто да држи‘“. The Expositor’s Greek Testament (Грчкиот завет од толкувачот) вели: „Не постои ниту еден стих каде αρπαζω [харпа́зо] или било кој збор изведен шод него ја има смислата ‚да задржи во посед‘, ‚задржува‘. Изгледа дека без исклучок значи ‚присвојува‘, ‚насилно оттргнува‘. Значи, не е допустливо да се оддалечува од правата смисла ‚да посегне по‘, давајќи ѝ сосема поинакво значење ‚цврсто да се држи‘“.
Од досега реченото е видливо дека преведувачите на Библијата, како што е случај со преводите Стварност или од д-р Грацијан Распудиќ, ги менуваат правилата во корист на поддржување на целите на тринитаријанците. Грчкиот јазик во Филипјаните 2:6 при објективно разгледување покажува сѐ друго само не дека Исус се сметал себеси еднаков со Бог, имено, дека Исус тоа не го сметал за умесно.
Контекстот на околните стихови (3-5, 7, 8, Распудиќ) објаснува како треба да се разбере 6. стих. Филипјаните биле опоменати еден со друг понизно да се сметаат за поголеми од себе. Конечно, апостол Павле го навел Христос како извонреден пример за овој став: „Имајте го во себе истото мислење кое го имал Исус Христос“. Какво „мислење“? ‚Да не сметаме за грабеж: да бидеме еднакви со Бог?‘ Не, тоа би било токму спротивно од она што се мислело! Напротив, Исус, кој ‚го сметал Бог за поголем од себе‘, ‚самиот се лишил од [таа еднаквост]‘, и наместо тоа, „се понизил себеси и бил послушен до смртта“.
Сигурно овде не се зборува за некој дел од Семоќниот Бог, туку за Исус Христос кој на совршен начин бил пример за она на што укажувал Павле, имено на важноста од понизноста и послушноста спрема оној кој е Највисок и Творец, Јехова Бог.
„Јас Сум“
СПОРЕД низа преводи, на пример Стварност, во Јован 8:58 Исус вели: „Пред да биде Аврам, Јас Сум“. Дали овде Исус научувал, како што тврдат тринитаријанците, дека бил познат под титулата „Јас Сум“? Дали ова значи, како што тврдат тие, дека тој бил Јехова од Хебрејските списи, бидејќи во 2. Мојсеева 3:14 (Ст) пишува: „,Јас сум оној кој сум‘, му рече Бог на Мојсеј“?
Фразата „Јас СУМ“ во 2. Мојсеева 3:14 се употребува како титула за Бог, за да се покаже дека тој навистина постои и дека го прави она што го ветил. Во делото The Pentateuch and Haftorahs (Пентатеухот и Хафторите) од уредникот д-р Ј. Х. Херц, за овој израз се вели: „На Израелците во нивното ропство требало да им биде посредувано гледиштето: ‚Иако досега сѐ уште кон вас не ја открил својата сила, Тој сепак ќе го стори тоа; Тој е вечен и сигурно ќе ве избави‘. ‚Повеќето модерни толкувачи го следат Раши [француски коментатор на Библијата и Талмудот] во преведувањето [на 2. Мојсеева 3:14]: ‚Ќе бидам што ќе бидам‘“.
Изразот во Јован 8:58 е прилично поинаков од оној што е употребен во 2. Мојсеева 3:14. Исус не го употребил како име или титула, туку за да го објасни своето претчовечко постоење. Да забележиме како гласи Јован 8:58 во некои други преводи на Библијата:
1847: „Јас сум пред да се роди Аврам“ (Новиот завет, превод од Вук Караџиќ).
1933: „Јас сум пред да настане Авраам“ (д-р Лујо Бакотиќ).
1965: „Пред да се роди Авраам, веќе бев оној што сум“ (Das Neue Testament, од Јорг Цинк).
1981: „Јас бев жив пред да се роди Авраам!“ (The Simple English Bible).
1984: „Пред да почне Авраам да постои, јас сум бил“ — New World Translation of the Holy Scriptures—With References (Нов свет превод на Светото писмо со студиски упатства).
Според тоа, вистинската смисла на овде употребениот израз е таа што тој од Бог создаден, „првороден“ Исус, постоел одамна пред Авраамовото раѓање (Колосјаните 1:15; Изреки 8:22, 23, 30; Откровение 3:14).
Повторно од поврзаноста произлегува правилното разбирање. Овој пат Евреите сакале да го каменуваат Исус, бидејќи тврдел дека ‚го видел Авраам‘, иако Исус, како што рекле тие, немал ни 50 години (стих 57). Исусовата природна реакција била да им ја разјасни својата вистинска старост. Затоа им одговорил: „Јас постојам уште пред да се роди Авраам“.
„Речта беше Бог“
ВО ЈОВАН 1:1, според преводот Стварност, читаме: „Во почетокот беше Речта, и Речта беше кај Бога — и Речта беше Бог“. Тринитаријанците тврдат дека ова значи дека „Речта“ (грчки: хо ло́гос), која дошла на Земјата како Исус Христос, била самиот Семоќен Бог.
Но, да забележиме дека овде повторно контекстот дава подлога за правилно разбирање. Дури и преводот Стварност вели: „Речта беше кај Бога“. (Нагласено од нас.) Некој кој е кај некое друго лице не може истовремено да биде тоа друго лице. Согласно со тоа, Journal of Biblical Literature, од уредникот језуит Џозеф А. Фицмаер, пишува „дека би противречело на претходниот реченичен дел“ во кој се вели дека Речта била кај Бог, ако последниот дел од Јован 1:1 би се преведувал така како да гласи „Бог“.
Да забележиме, исто така, како другите преводи го преведуваат овој дел од стихот:
1847: „Бог беше речта“ (Новиот завет, превод од Вук Караџиќ).
1942: „И Бог беше Речта“ (превод од д-р Иван Шариќ).
1946: „И од божествен вид беше Речта“ (Das Neue Testament, од Лудвиг Тиме).
1975: „И бог [или од божествен вид] беше Речта“ (Das Evangelium nach Johannes, од Зигфрид Шулц).
1978: „И на бог сличен вид беше Логосот“ (Das Evangelium nach Johannes, од Јоханес Шнајдер).
Во Јован 1:1 грчката именка тео́с (бог) се појавува двапати. Првиот тео́с се однесува на Семоќниот Бог, кај кого била Речта („и Речта [ло́гос] беше кај Бог [еден облик од тео́с]“). На првиот тео́с му претходи зборот тон, еден облик на грчкиот одреден член, кој укажува на одреден идентитет, во овој случај на Семоќниот Бог („и Речта беше кај Бог[от]“).
За разлика од тоа, пред вториот тео́с во Јован 1:1 не стои член. Така буквалниот превод би гласел „и бог беше Речта“. Но, како што видовме, многу преводи вториот тео́с (именски прирок) го преведуваат со „божествена“, „со божествена нарав (природа)“, или со „бог“. Колку е тоа оправдано?
Грчкиот коине јазик имал одреден член („тој, таа, тоа“), но немал неодреден член („некој, некоја, некое“). Значи, ако на именскиот прирок не му претходи одреден член, тој може да биде неодреден. Тоа зависи од контекстот.
Journal of Biblical Literature (Журнал на библиска литература) објаснува дека изразите „кај кои во прирокот нема член пред глаголот, во прв ред означуваат особини, својства“. Според овој Журнал, ова укажува на тоа дека ло́госот може да се спореди со бог. Во врска со Јован 1:1 понатаму се вели дека „квалитативната сила на прирокот е толку очигледна што именката [тео́с] не може да се смета за одредена“.
Според тоа, Јован 1:1 истакнува својство, особина на Речта, дека била „божествена“, „слична на бог“, „бог“, но не дека е Семоќниот Бог. Тоа е во склад со целата Библија која покажува дека Исус, кој овде е наречен „Реч“, во својата улога на Божји Говорник бил послушен како потчинет кој бил испратен на Земјата од оној кој стои над него, Семоќниот Бог.
Постојат и многу други библиски стихови во кои скоро сите преведувачи на други јазици доследно вметнуваат неодреден член кога од грчки јазик преведуваат реченица што е со иста структура. На пример, според Марко 6:49, кога учениците го виделе Исус како оди по водата, во преводот King James стои: „Тие претпоставија дека тоа бил [еден] дух“. Во грчкиот коине јазик нема неодреден член пред зборот „дух“. Но, скоро сите преводи на други јазици го додаваат неодредениот член за преводот да одговара на контекстот. Исто така, бидејќи според Јован 1:1, Речта била кај Бога, таа не можела да биде Бог, туку била „[еден] бог“ или „божествена“.
Теологот и библичар Џозеф Хенри Тајер, кој работел на преводот American Standard Version, едноставно вели: „Логосот бил божествен, а не самото божествено битие“. А језуитот Џон Л. Мекензи во делото Dictionary of the Bible (Речник на Библијата) напишал: „Јов. 1:1 треба строго да се преведува . . . ‚речта беше [едно] божествено битие‘“.
Нарушување на правилата?
НЕКОИ, меѓутоа, тврдат дека таквото преведување претставува нарушување на правилата на граматиката на грчкиот коине јазик кои во 1933 ги објавил грецистот Е. К. Колвел. Тој тврдел дека во грчкиот јазик именскиот прирок „има [одреден] член кога доаѓа зад глаголот; а нема [одреден] член тогаш кога стои пред глаголот“. Со тоа мислел дека именскиот прирок кој стои пред глаголот треба да се разбере како да има одреден член пред себе. Во Јован 1:1 втората именка (тео́с) во прирокот, стои пред глаголот — „И [тео́с] беше Речта“. Според тоа, Колвел тврдел дека Јован 1:1 треба да гласи: „и [тој] Бог беше Речта“.
Но, да разгледаме само два примера што ги наоѓаме во Јован 8:44. Таму Исус за Ѓаволот вели: „Тој е човечки крвник“ и „лажливец“. Како и кај Јован 1:1, во грчкиот јазик именскиот прирок („крвник човечки“ и „лажливец“) стои пред глаголот („е“). Пред тие именки нема неодреден член, бидејќи во грчкиот коине јазик нема неодреден член. Но, повеќето преводи вметнуваат неодреден член бидејќи тоа го бара грчката граматика и контекстот. (Види и Марко 11:32; Јован 4:19; 6:70; 9:17; 10:1; 12:6.)
Колвел морал да го признае тоа во врска со именскиот прирок, па рекол: „На ова место доаѓа неодреден член само тогаш кога тоа го бара контекстот“. Со тоа дури и тој признава дека преведувачот може да вметне неодреден член пред именката во тој тип на реченична конструкција, ако тоа го бара контекстот.
Дали во Јован 1:1 контекстот бара неодреден член? Да, затоа што целата Библија сведочи за тоа дека Исус не е Семоќниот Бог. Значи, во таквите случаи преведувачот не треба да се придржува на Колвеловите лабави граматички правила, туку на контекстот. А од многуте преводи кои во Јован 1:1 и на други места го вметнуваат неодредениот член „еден“, произлегува дека многу научници не се согласуваат со таквото неприродно правило, а не е согласна ниту самата Реч Божја.
Нема противречности
ДАЛИ тоа што се вели дека Исус е „бог“ ѝ противречи на библиската наука дека постои само еден Бог? Не, бидејќи Библијата повремено го употребува тој израз кога ги означува моќните суштества. Во Псалм 8:5 (НС) читаме: „Си го направил [човекот] нешто помал од оние кои се слични на Бог [хебрејски: елохи́м]“, то ест, од ангелите. Во својата одбрана од обвинението на Евреите дека тој тврди оти е Бог, Исус рекол: „Законот ги нарекува богови оние на кои им беше упатена Речта Божја“, односно човечките судии (Јован 10:34, 35, Ст; Псалм 82:1-6). Дури и Сатана во 1. Коринтјаните 4:4 (НС) е наречен ‚бог на овој систем‘.
Исус имал далеку повисока положба од ангелите, несовршените луѓе или Сатана. Бидејќи за нив се говори како за ‚богови‘ или моќници, сигурно дека и Исус може да биде, и е „бог“. Поради својата единствена положба во односот кон Јехова, Исус е „Моќен Бог“ (Јован 1:1; Исаија 9:6, НС).
Но, зарем изразот „Моќен Бог“ пишуван со големи букви укажува на тоа дека Исус на некој начин е еднаков со Јехова Бог? Во никој случај. Исаија само прорекол дека тоа ќе биде едно од четирите имиња со кои Исус ќе биде наречен, а имињата се пишуваат со големи букви. Иако Исус е наречен „Моќен“, постои само еден кој е „Семоќен“. Не би имало смисла Јехова да се нарекува Семоќен ако не би постоеле и други кои исто така се наречени богови, но кои се со пониска или подредена положба.
Bulletin of the John Rylands Library (Билтенот на библиотеката на Џон Рилендз) забележува дека, како што кажува католичкиот теолог Карл Ранер, додека тео́с во Библијата, на пр. во Јован 1:1, се користи во однос на Христос, „на ниедно од тие места ‚теос‘ не се употребува на таков начин за Исус да се израмни со оној кој на другите места во Новиот завет се означува со ‚хо теос‘, то ест, Највишиот Бог“. Билтенот додава: „Ако писателите на Новиот завет сметале дека е од пресудна важност верниците да го признаат Исуса за ‚Бог‘, како тогаш да се објасни фактот што токму таквиот облик на признание потполно недостасува во Новиот завет?“
Но, како можел апостол Тома да рече за Исус, според Јован 20:28: „Господ мој и Бог мој“? За Тома, Исус бил како „бог“, особено во чудесните ситуации кои го натерале така да воскликне. Некои библичари мислат дека тоа биле само емотивни зборови на одушевеност кои Тома му ги рекол на Исус, но биле упатени до Бог. Во секој случај, Тома не мислел дека Исус е Семоќен Бог, затоа што тој и сите останати апостоли знаеле дека Исус никогаш не тврдел оти е Бог, туку научувал дека само Јехова е ‚единствен вистинит Бог‘ (Јован 17:3).
Повторно контекстот ни помага да го разбереме ова. Неколку дена пред тоа, воскреснатиот Исус ѝ рекол на Марија Магдалена да им каже на учениците: „Се вознесувам кај својот Отец и вашиот Отец и кај својот Бог и вашиот Бог“ (Јован 20:17, НС). Значи, Јехова сѐ уште бил Исусов Бог, дури и по неговото воскресение како моќно духовно суштество. Исус и понатаму му се обраќал како на свој Бог, дури и во последната книга на Библијата, после своето прославување (Откровение 1:5, 6; 3:2, 12).
Само три стиха после воскликот на Тома, Библијата понатаму го објаснува тоа во Јован 20:31 (НС): „Ова е запишано за да верувате дека Исус е Христос, Син Божји“; а не дека е Семоќен Бог. Изразот „Син“ овде има буквално значење како кај природен татко и син, а не означува некаков таинствен дел од тројството.
Мора да биде во согласност со Библијата
СЕ ТВРДИ дека уште неколку библиски стихови го поткрепуваат тројството. Но, тие се слични на овие за кои говоревме досега, така што тие, ако поблиску се испитаат, всушност не ја поткрепуваат таа наука. Таквите стихови само покажуваат дека при разгледувањето на секој божемен доказ за тројството мораме да се запрашаме: Дали толкувањето се согласува со доследното учење на целата Библија — а тоа е дека Јехова Бог е единствениот Севишен? Ако не се согласува, тогаш толкувањето е погрешно.
Исто така, треба да имаме на ум дека дури ниту еден единствен „доказен“ стих не кажува дека Бог, Исус и светиот дух се едно во некое таинствено божество. Библијата ниту на едно место не говори дека тие тројца се од иста супстанција (битие), со иста моќ и вечност. Библијата е доследна во тоа што укажува дека Јехова, Семоќниот, е единствениот Највисок, дека Исус е негов создаден Син, а светиот дух е Божја активна сила.
[Истакната мисла на страница 24]
„Старите научници многу често го злоупотребувале [Јован 1:1] за да докажат дека Христос . . . и Отецот се исто битие“ (Commentaires de Jehan Calvin sur le Nouveau Testament)
[Истакната мисла на страница 27]
Некој кој е „кај“ некое друго лице не може истовремено да биде тоа друго лице
[Истакната мисла на страница 28]
„Логосот бил божествен, а не самото божествено Битие“ (Џозеф Хенри Тајер, библичар)
[Слики на страници 24 и 25]
Исус го молел Бог неговите ученици да бидат „едно“, како што тој и Отецот се „едно“
[Слика на страница 26]
Исус им покажал на Евреите дека тој не е еднаков со Бог кога рекол дека тој ‚не може ништо сам од себе да стори, туку само она што гледа дека го прави Таткото‘
[Слики на страница 29]
Бидејќи луѓето, ангелите, па дури и Сатана, во Библијата се означуваат како ‚богови‘ или моќници, и Исус, кој зазема висока положба на небото, со право може да се нарече ‚бог‘