Јеховиното „слово“ нека те чува
ВО 490 ПР.Н.Е., во историската битка на Маратон, 10 до 20 илјади Атињани се судриле со многу посилната персиска војска. Клучен фактор во тактиката на Грците била фалангата — ред војници што маршираат наредени еден до друг. Нивните штитови биле како речиси непробоен ѕид, целиот начичкан со копја. Благодарение на фалангата, Атињаните ја извојувале прочуената победа над далеку побројните сили на Персијците.
Вистинските христијани водат една духовна војна. Тие се борат против силни непријатели — невидливите владетели на сегашниов злобен систем, кои во Библијата се опишани како „светските владетели на оваа темнина . . . злите духовни сили на небесните места“ (Ефешаните 6:12; 1. Јованово 5:19). Божјиот народ и понатаму победува — но не со свои сопствени сили. Заслугата му припаѓа на Јехова, кој ги чува и ги поучува своите слуги, како што стои во Псалм 18:30: „Божјото слово е испитано. Тој е штит на сите, кои се надеваат на Него“.
Да, преку своето испитано и чисто „слово“, кое се наоѓа во Светото писмо, Јехова ги штити своите лојални слуги од духовна штета (Псалм 19:7-11; 119:93). Во врска со мудроста што е јасно видлива во Божјата реч, Соломон напишал: „Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани“ (Пословици 4:6; Проповедник 7:12). Како нѐ чува од лошо мудроста што ја дава Бог? Да поразговараме за примерот на древниот Израел.
Народ кого го штитела Божјата мудрост
Јеховиниот закон ги штител и ги водел Израелците на секое поле од животот. На пример, прописите во врска со исхраната, хигиената и карантинот ги поштедиле од многу болести што беснееле меѓу другите народи. Дури по откривањето на бактериите во 19 век, науката почнала да ги достигнува мерилата изложени во Божјиот закон. Законите за сопственост на земјиштето, откупување, ослободување од долгови и лихварство им користеле на сите во Израел со тоа што придонесувале за стабилно општество и праведна економија (Второзаконие 7:12, 15; 15:4, 5). Јеховиниот Закон помогнал да се одржува во добра состојба дури и почвата во Израел! (Излез 23:10, 11). Заповедите со кои се забранувало лажното обожавање му давале духовна заштита на народот, штитејќи ги луѓето од демонски влијанија, жртвување на деца или многу други изопачени работи, меѓу кои и понижувачкиот обичај на клањање пред безживотните идоли (Излез 20:3-5; Псалм 115:4-8).
Очигледно, Јеховиното „слово“ не било само „празно слово“ за Израел; наместо тоа, тоа значело живот и долги денови за сите што го слушале (Второзаконие 32:47). Истото важи и денес за оние што ги слушаат Јеховините мудри зборови, иако христијаните повеќе не се под сојузот на Законот (Галатите 3:24, 25; Евреите 8:8). Всушност, наместо зборник со закони, христијаните имаат најразлични библиски начела што ги водат и ги штитат.
Народ што го штитат начела
Законите може да имаат ограничена примена и може да важат само привремено. Меѓутоа, библиските начела, бидејќи се темелни вистини, обично имаат широка и трајна примена. На пример, размисли за начелото што е изнесено во Јаков 3:17, каде што меѓу другото стои: „Мудроста одозгора пред сѐ е чесна, потоа мирољубива“. Како може таа темелна вистина да му послужи како заштита на Божјиот народ денес?
Да бидеме морално чесни значи да бидеме чисти во морален поглед. Според тоа, оние што ѝ придаваат голема важност на моралната чистота не само што не прават неморал туку и избегнуваат работи што водат до такво нешто, вклучувајќи и фантазирање за секс и порнографија (Матеј 5:28). Слично, двојките што се во врска и сериозно го сфаќаат начелото од Јаков 3:17, избегнуваат телесна блискост што би можела да биде испит за самосовладувањето. Затоа што го сакаат тоа начело, тие не се измамени да отстапат од моралната чистота, мислејќи си дека сѐ додека не го кршат пишаниот закон, Јехова го одобрува она што го прават. Знаат дека Јехова „гледа што е во срцето“ и наградува во склад со тоа (1. Самоил 16:7; 2. Летописи 16:9). Таквите мудри лица го поштедуваат своето тело од многу сексуално преносливи болести што владеат денес, и го зачувуваат своето душевно и емоционално здравје.
Божјата мудрост исто така е „мирољубива“, стои во Јаков 3:17. Знаеме дека Сатана се обидува да нѐ оддалечи од Јехова настојувајќи да посее дух на насилство во нашите срца, делумно и преку сомнителна литература, филмови, музика и компјутерски игри — од кои некои ги тераат играчите да се внесат во незамислива бруталност и убиства! (Псалм 11:5). Доказ дека Сатана успева во тоа е сѐ поголемиот бран на насилнички криминал. Во врска со таквиот криминал, пред неколку години во австралискиот весник The Sydney Morning Herald бил цитиран Роберт Реслер, кој го измислил терминот „сериски убиец“. Реслер рекол дека убијците што ги интервјуирал во 1970-тите биле под влијание на материјал со мека порнографија, кој „според денешните мерила е ништо“. Затоа, Реслер рекол дека „иднината изгледа црна — еден нов век во кој се зголемува бројот на повеќекратни убијци“.
Всушност, само неколку месеци откако излегла таа статија, во една градинка во Данблејн (Шкотска), некој вооружен човек убил 16 деца и нивната наставничка, а потоа се самоубил. Следниот месец, друг избезумен вооружен човек испоубил 32 лица во мирниот тасманиски град Порт Артур (Австралија). Во последниве години, Соединетите Држави беа потресени од многу масакри во училиштата, па Американците се прашуваа „Зошто?“ Во јуни 2001 година, во весниците низ целиот свет главна тема беше она што се случи во Јапонија, кога некој лудак влегол во едно училиште и пробол со нож 8 деца од прво и второ одделение, а ранил уште 15 други лица. Секако, причините што стојат зад таквите зла не се едноставни, но сѐ повеќе се смета дека една од нив е насилството што се прикажува во медиумите. „Ако една реклама од 60 секунди може да направи толку големи промени на пазарот“, напишал австралискиот новинар Филип Адамс, „немојте да ми кажете дека еден двочасовен филм во кој се вложени милиони долари не ги менува ставовите на луѓето.“ Интересно е тоа што во домот на убиецот од Порт Артур, полицијата запленила 2.000 видеокасети со насилство и порнографија.
Оние што се придржуваат за библиските начела си го штитат умот и срцето од секаква забава што раѓа желба за насилство. Затоа, „духот на светот“ не е добредојден во нивното размислување и желби. Наместо тоа, нив ги „учи духот [на Бог]“, и настојуваат да негуваат љубов кон неговите плодови, во кои спаѓа и мирот (1. Коринќаните 2:12, 13; Галатите 5:22, 23). Тоа го прават со редовно проучување на Библијата, молитва и длабоко размислување за изградувачки теми. Исто така, не се дружат со лица што се склони на насилство, а наместо тоа се дружат со оние што, исто како нив, копнеат по Јеховиниот мирољубив нов свет (Псалм 1:1-3; Пословици 16:29). Да, Божјата мудрост служи како огромна заштита!
Јеховиното „слово“ нека го чува твоето срце
Кога бил искушуван во пустината, Исус го побил Сатана со тоа што точно цитирал од Божјата реч (Лука 4:1-13). Меѓутоа, не се впуштил во надмудрување со Ѓаволот. Бранејќи се само со Светото писмо, Исус зборувал од срце, и затоа во неговиот случај не успеала тактиката на Ѓаволот, која имала одличен успех во Еден. Ако го исполниме срцето со Јеховините зборови, сплетките на Сатана нема да успеат ни кај нас. Нема ништо поважно од тоа, бидејќи „животот извира од [срцето]“ (Пословици 4:23).
Освен тоа, мораме постојано да го чуваме своето срце, и никогаш да не попуштиме во тоа. Сатана не престанал да го искушува Исус откако му пропаднал обидот во пустината (Лука 4:13). Тој ќе биде упорен и кога сме во прашање ние, обидувајќи се со најразлични тактики да не поколеба во беспрекорноста (Откровение 12:17). Затоа, да бидеме како Исус и да негуваме длабока љубов кон Божјата реч, а во исто време непрестајно да се молиме за свет дух и за мудрост (1. Солуњаните 5:17; Евреите 5:7). Јехова, пак, им ветува на сите што бараат засолниште кај него дека нема да претрпат никаква духовна штета (Псалм 91:1-10; Пословици 1:33).
Божјата реч го чува собранието
Сатана не може да спречи прореченото „големо мноштво“ да ја преживее големата неволја (Откровение 7:9, 14). Сепак, тој од петни жили се обидува да ги расипе христијаните, па барем некои од нив да ја изгубат Јеховината наклоност. Таа тактика била ефикасна во стариот Израел и водела до смртта на 24.000 души на самиот праг на Ветената земја (Броеви 25:1-9). Се разбира, христијаните што направиле грев но искрено се каат, со љубов добиваат помош за да закрепнат духовно. Но, непокајничките грешници, како што бил Зимриј од минатото, ја загрозуваат моралната и духовната благосостојба на другите (Броеви 25:14). Како војници во една фаланга што ги фрлиле своите штитови, тие не се изложуваат на опасност само себеси туку и другите.
Затоа, Библијата заповеда: „Престанете да се дружите со секој кој се вика брат, а кој е блудник или алчен или идолопоклоник или кој зборува срамотно или е пијаница или изнудувач, со таков дури и да не јадете . . . Отстранете го злиот од својата средина“ (1. Коринќаните 5:11, 13). Зарем не се согласуваш дека ова мудро „слово“ помага да се зачува моралната и духовната чистота на христијанското собрание?
За разлика од тоа, многу цркви на христијанскиот свет, како и отпадници, ги сметаат за застарени оние делови од Библијата што се во спротивност на современите, слободни гледишта за моралот. Затоа, ги оправдуваат сите облици на тешки гревови, дури и меѓу свештениците (2. Тимотеј 4:3, 4). Меѓутоа, забележи дека по стихот од Пословици 30:5, каде што Јеховиното „слово“ повторно е споредено со штит, следи заповедта од 6. стих: „Не додавај им ништо на неговите зборови, за да не те изобличи и да не те смета лажлив“. Да, оние што менуваат нешто во Библијата навистина се духовни лажливци — и тоа лажливци што носат најголема можна вина! (Матеј 15:6-9). Да бидеме вистински благодарни што сме дел од една организација што има длабока почит кон Божјата реч.
Заштитени од еден ‚пријатен мирис‘
Бидејќи Божјите слуги се држат за Библијата и им ја пренесуваат на другите нејзината утешна порака, тие шират еден ‚пријатен мирис‘ на живот што му е угоден на Јехова, слично како мирисот на темјан. Но, за неправедниците, оние што ја носат таа порака шират, како што вели преводот на д-р Душан Константинов, „смртен мирис за смрт“. Да, фигуративното сетило за мирис на злобните е толку извртено од овој Сатанов систем на работи што ги вознемирува, дури и им е одбивно присуството на оние што го шират ‚пријатниот Христов мирис‘. Од друга страна, пак, оние што ревносно ја шират добрата вест стануваат „пријатен Христов мирис меѓу оние кои се спасуваат“ (2. Коринќаните 2:14-16). Таквите искрени лица честопати се гадат од лицемерството и верските лаги што се обележје на лажната религија. Затоа, кога ќе ја отвориме Божјата реч и им ја пренесуваме пораката за Царството, се чувствуваат привлечени кон Христос и сакаат да дознаат повеќе (Јован 6:44).
Не обесхрабрувај се ако некои реагираат лошо на пораката за Царството. Наместо тоа, ‚пријатниот Христов мирис‘ сметај го за еден вид духовна заштита што од духовниот имот населен со Божјиот народ одбива многу лица што би можеле да им наштетат, а во исто време ги привлекува оние што имаат добро срце (Исаија 35:8, 9).
Бидејќи грчките војници на Маратон марширале во збиени редови и со сета сила ги држеле штитовите, победиле и покрај тоа што немале големи шанси за победа. Слично, Јеховините лојални Сведоци се уверени дека ќе извојуваат целосна победа во својата духовна војна, бидејќи таа е нивно „наследство“ (Исаија 54:17). Затоа, секој од нас и понатаму нека бара засолниште кај Јехова, „цврсто држејќи се за речта на животот“ (Филипјаните 2:16).
[Слики на страница 31]
‚Мудроста одозгора е чесна, потоа мирољубива‘