Да се живее според законот на Христа
„Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов“ (ГАЛАТЈАНИТЕ 6:2).
1. Зошто би можело да се рече дека законот на Христа денес претставува една огромна сила на добро?
ХУТУ и Тутси Сведоците на Јехова од Руанда ги ризикуваа своите животи за да се заштитат едни со други од етничкиот колеж што неодамна ја преплави таа земја. Јеховините сведоци од Кобе (Јапонија), кои изгубија членови на семејствата во опустошувачкиот земјотрес, беа скршени од нивната загуба. Сепак, тие брзо дејствуваа за да ги спасат другите жртви. Да, радосните примери од целиот свет покажуваат дека законот на Христа денес е делотворен. Тој претставува една огромна сила на добро.
2. Како христијанскиот свет ја промашил поентата на законот на Христа, и како ние го исполнуваме тој закон?
2 Во исто време, се исполнува едно библиско пророштво во врска со овие критични ‚последни денови‘. Мнозина имаат „облик на божествена оддаденост“, но „се покажуваат лажни во поглед на нејзината сила“ (2. Тимотеј 3:1, 5, НС). Особено во христијанскиот свет, религијата честопати претставува ствар на формалност, а не на срцето. Дали е тоа затоа што е претешко да се живее според законот Христов? Не. Исус не би ни дал закон што не би можел да се следи. Христијанскиот свет едноставно ја промашил поентата на тој закон. Тој не успеал да им обрне внимание на овие инспирирани зборови: „Поднесувајте ги тешкотиите [товарите, НС] еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов“ (Галатјаните 6:2). Ние ‚го исполнуваме законот Христов‘ носејќи ги товарите еден на друг, а не имитирајќи ги фарисеите и неоправдано додавајќи кон товарите на нашите браќа.
3. а) Кои се некои заповеди што се вклучени во законот на Христа? б) Зошто би било погрешно да се заклучи дека христијанското собрание не треба да има никакви правила освен директните Христови заповеди?
3 Законот на Христа ги вклучува сите Христови заповеди — сеедно дали проповедање и поучување, чување на чисто и едноставно око, работење на одржување на мирот со нашите ближни или отстранување на нечистотата од собранието (Матеј 5:27—30; 18:15—17; 28:19, 20; Откровение 2:14—16). Всушност, христијаните се обврзани да ги држат сите заповеди во Библијата што се упатени до следбениците на Христос. А има и уште нешто. Јеховината организација, како и поединечните собранија, мора да воспостави неопходни правила и процедури со цел да одржи добар ред (1. Коринтјаните 14:33, 40). Зашто, христијаните не би можеле ни да се состануваат доколку не би имале правила за тоа кога, каде и како да ги одржуваат таквите состаноци! (Евреите 10:24, 25). Соработувањето со разумните упатства воспоставени од оние на кои им е даден авторитет во организацијата, исто така претставува дел од исполнувањето на законот на Христа (Евреите 13:17).
4. Која е движечката сила на чистото обожавање?
4 И покрај тоа, вистинските христијани не дозволуваат нивното обожавање да стане безначајна структура од закони. Тие не му служат на Јехова само поради тоа што некој поединец или организација им кажува да го прават тоа. Напротив, движечка сила на нивното обожавање е љубовта. Павле напишал: „Љубовта Христова нѐ гони [тера, НС, фуснота]“ (2. Коринтјаните 5:14). Исус им заповедал на своите следбеници да се сакаат еден со друг (Јован 15:12, 13). Самопожртвуваната љубов е темелот на законот на Христа и таа ги тера или мотивира вистинските христијани насекаде — и во семејството и во собранието. Да видиме како.
Во семејството
5. а) Како можат родителите да го исполнат законот на Христа во домот? б) Што им е потребно на децата од страна на нивните родители, и какви препреки мораат да совладаат некои родители за да го обезбедат тоа?
5 Апостол Павле напишал: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефесјаните 5:25). Кога еден сопруг го имитира Христос и со својата сопруга постапува со љубов и со разбирање, тој исполнува еден витален аспект од законот на Христа. Освен тоа, Исус отворено покажал наклоност кон малите деца, прегрнувајќи ги, положувајќи ги своите раце на нив и благословувајќи ги (Марко 10:16). Родителите кои го исполнуваат законот на Христа, исто така, покажуваат наклоност кон своите деца. Вистина, има родители за кои е предизвик да го имитираат Исусовиот пример во овој поглед. Некои по природа не се изразни. Родители, не дозволувајте таквите размислувања да ве спречуваат на своите деца да им ја покажувате љубовта што ја чувствувате кон нив! Не е доволно вие да знаете дека ги сакате своите деца. И тие мораат да го знаат тоа. А тие нема да го знаат тоа доколку не најдете начини да ја покажете својата љубов. (Спореди Марко 1:11.)
6. а) Дали на децата им требаат родителски правила и зошто одговараш така? б) Која основна причина за правилата во домаќинството треба да ја сфатат децата? в) Кои опасности се избегнуваат кога во домаќинството преовладува законот на Христа?
6 Во исто време, на децата им требаат граници, што значи дека нивните родители треба да постават правила и понекогаш да ги спроведуваат истите преку стега (Евреите 12:7, 9, 11). И покрај тоа, на децата мора прогресивно да им се помага да ја видат основната причина за овие правила: родителите ги сакаат нив. И мораат да научат дека љубовта е најдобрата причина за нив за да ги слушаат своите родители (Ефесјаните 6:1; Колосјаните 3:20; 1. Јованово 5:3). Целта на еден прониклив родител е да ги учи младите да ја користат својата „сила на разумот“ така што на крајот самите ќе донесуваат добри одлуки (Римјаните 12:1, НС; спореди 1. Коринтјаните 13:11). Од друга страна, правилата не треба да бидат многубројни или, пак, стегата да е престрога. Павле вели: „Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!“ (Колосјаните 3:21; Ефесјаните 6:4). Кога во домаќинството преовладува законот на Христа, нема место за стега која се применува со неконтролиран гнев или, пак, за навредлив сарказам. Во еден таков дом, децата се чувствуваат сигурни и изградени, а не оптоварени или омаловажени. (Спореди Псалм 35:7.)
7. На кои начини бетелските домови би можеле да дадат пример кога се работи за поставувањето правила во домот?
7 Некои кои имаат посетено бетелски домови ширум светот, велат дека тие се добри примери за рамнотежа во поглед на правилата за едно семејство. Иако се составени од возрасни, таквите институции функционираат слично на семејства.a Функционирањето на Бетелот е сложено и изискува приличен број правила — се разбира, повеќе отколку едно просечно семејство. Меѓутоа, старешините кои го преземаат водството во бетелските домови, во канцелариите и во фабричките процеси, настојуваат да го применуваат законот на Христа. Тие сметаат за своја задача не само да ја организираат работата туку и да го унапредуваат духовниот напредок и „радоста Јеховина“ меѓу своите соработници (Неемија 8:10, НС). Затоа, настојуваат да ги вршат работите на позитивен и охрабрувачки начин и се трудат да бидат разумни (Ефесјаните 4:31, 32). Не е ни чудо што бетелските фамилии се познати по својот радосен дух!
Во собранието
8. а) Што треба секогаш да биде наша цел во собранието? б) Под кои околности некои барале или се обидувале да постават правила?
8 На сличен начин, наша цел во собранието е да се изградуваме еден со друг во дух на љубов (1. Солунјаните 5:11, НС). Затоа, сите христијани треба да бидат внимателни да не додаваат кон товарите на другите со тоа што ќе си земат за право да наметнуваат свои лични идеи за работи од личен избор. Повремено, некои пишуваат до Watch Tower Society, барајќи одлуки за такви работи како што е какво гледиште треба да имаат за одредени филмови, книги, па дури и играчки. Меѓутоа, Заедницата не е овластена да ги испитува таквите работи и да издава пресуди за нив. Во повеќето случаи, ова се работи за кои треба да одлучи секој поединец или семеен поглавар, на темел на својата љубов кон библиските начела. Други, пак, тежнеат предлозите и упатствата на Заедницата да ги претвораат во правила. На пример, во изданието на Стражарска кула од 15 март 1996 година, имаше една убава статија што ги охрабруваше старешините да прават редовни пастирски посети кај членовите на собранието. Дали намерата беше да се воспостават правила? Не. Иако оние кои се во можност да ги следат предлозите наоѓаат многу користи, некои старешини не се во состојба да го прават тоа. На сличен начин, статијата „Прашања од читателите“ во изданието на Стражарска кула од 1 април 1995 година предупреди на одвраќањето од достоинството на приликата на крштавањето со одење до крајности, како што е диво забавување или изведување победнички паради. Некои го довеле овој зрел совет до крајности, па дури поставиле и правило дека испраќањето охрабрувачка картичка по овој повод би било неисправно!
9. Зошто е важно да избегнуваме да бидеме прекумерно критизерски и осудувачки настроени еден спрема друг?
9 Исто така, мисли на тоа дека за да преовладува во нашата средина „совршениот закон кој ѝ припаѓа на слободата“, мораме да прифатиме дека сите христијански совести не се исти (Јаков 1:25, НС). Дали треба да правиме спорно прашање ако луѓето имаат личен избор кој не ги повредува библиските начела? Не. Ако правиме така, тоа би било раздорно (1. Коринтјаните 1:10). Кога нѐ предупредил на донесувањето пресуда во врска со некој сохристијанин, Павле рекол: „Пред својот господар тој стои или паѓа. Но ќе биде исправен, зашто Бог е моќен да го исправи“ (Римјаните 14:4). Доколку зборуваме еден против друг за работи кои треба да се остават на лична совест, ризикуваме да не му угодиме на Бог (Јаков 4:10—12).
10. Кои се тие што се поставени да внимаваат на собранието, и како треба да ги поддржуваме?
10 Исто така, да запомниме дека старешините се поставени да внимаваат на Божјето стадо (Дела 20:28). Тие се таму за да помогнат. Треба да се чувствуваме слободни да им пристапиме за совет, бидејќи тие се проучувачи на Библијата и се запознати со она што било дискутирано во литературата на Watch Tower Society. Кога старешините ќе видат однесување кое веројатно ќе води до повредување на библиските начела, тие смело нудат потребен совет (Галатјаните 6:1). Членовите на собранието го следат законот на Христа со тоа што соработуваат со овие драги пастири кои го преземаат водството во нивната средина (Евреите 13:7).
Старешините го применуваат законот на Христа
11. На кој начин старешините го применуваат законот на Христа во собранието?
11 Старешините се желни да го исполнат законот на Христа во собранието. Тие го преземаат водството во проповедањето на добрата вест, поучуваат од Библијата за да ги достигнат срцата и, како нежни пастири полни со љубов, им зборуваат на „малодушните [потиштените души, НС]“ (1. Солунјаните 5:14). Тие ги избегнуваат нехристијанските ставови што постојат во толку многу религии на христијанскиот свет. Вистина, овој свет брзо дегенерира и, како Павле, старешините можеби чувствуваат загриженост за стадото; но, тие одржуваат рамнотежа додека дејствуваат во поглед на таквите грижи (2. Коринтјаните 11:28).
12. Како би можел старешината да одговори кога еден христијанин му пристапува за помош?
12 На пример, некој христијанин можеби сака да се консултира со еден старешина за некоја важна работа што не е обработена со некој директен библиски извор или која изискува да се избалансираат различни христијански начела. Можеби му е понудено унапредување на работата кое има поголема плата, но поголема одговорност. Или, пак, неверниот татко на некој млад христијанин можеби поставува барања до својот син што би можеле да влијаат врз неговата служба. Во таквите ситуации, старешината се воздржува од давање лично гледиште. Наместо тоа, тој веројатно ќе ја отвори Библијата и ќе му помогне на поединецот да резонира за начелата што се во врска со тоа. Може да го употреби Watch Tower Publications Index (Индексот на публикации на Стражарска кула), доколку е на располагање, за да пронајде што рекол ‚верниот и разумен роб‘ за таа тема на страниците на Стражарска кула и во другите публикации (Матеј 24:45, НС). Што ако христијанинот потоа донесе одлука која на старешината не му изгледа мудра? Доколку одлуката директно не ги престапува библиските начела или закони, христијанинот ќе утврди дека старешината го признава правото на поединецот да донесе таква одлука, знаејќи дека „секој ќе го понесе своето бреме“. Меѓутоа, христијанинот треба да запомни дека „што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:5, 7).
13. Зошто старешините им помагаат на другите да резонираат за работите, наместо да даваат директни одговори на прашањата или, пак, свои лични гледишта?
13 Зошто искусниот старешина постапува на ваков начин? Најмалку од две причини. Како прво, Павле му рекол на едно собрание дека тој не ‚владеел со нивната вера‘ (2. Коринтјаните 1:24). Помагајќи му на својот брат да резонира на темел на Писмото и да донесе своја лична информирана одлука, старешината го имитира Павловиот став. Тој признава дека постојат граници за неговиот авторитет, исто како што Исус признавал дека имало граници за неговиот авторитет (Лука 12:13, 14; Јуда 9). Во исто време, старешините спремно нудат корисен, дури и енергичен, библиски совет каде што е потребно. Второ, тој го школува својот сохристијанин. Апостол Павле рекол: „Тврдата храна им припаѓа на зрели луѓе, на оние кои преку употреба ја извежбале својата моќ на забележување, да распознаваат исправно од погрешно“ (Евреите 5:14, НС). Затоа, за да растеме кон зрелост, мораме да ја користиме својата моќ на забележување, а не секогаш да се ослонуваме на некој друг да ни ги даде одговорите. Покажувајќи му на својот сохристијанин како да резонира на темел на Писмото, старешината на тој начин му помага да напредува.
14. Како можат зрелите лица да покажат дека имаат доверба во Јехова?
14 Можеме да имаме вера дека Јехова Бог преку својот свет дух ќе влијае врз срцата на вистинските обожаватели. На тој начин, зрелите христијани апелираат на срцата на своите браќа и ги преколнуваат, како што правел Павле (2. Коринтјаните 8:8; 10:1, НС; Филимон 8, 9). Павле знаел дека главно неправедните, а не праведните се тие на кои им требаат детални закони за да ги држат на ред (1. Тимотеј 1:9). Тој не изразил сомневање или недоверба, туку вера во своите браќа. На едно собрание му напишал: „Ние сме уверени за вас во Господа“ (2. Солунјаните 3:4). Павловата вера, доверба и увереност сигурно сториле многу за да ги мотивираат тие христијани. Старешините и патувачките надгледници денес имаат слични цели. Колку само освежувачки се овие верни мажи додека со љубов го пасат Божјето стадо! (Исаија 32:1, 2; 1. Петрово 5:1—3).
Дали живееш според законот на Христа
15. Кои се некои прашања што можеме да си ги поставиме за да видиме дали го применуваме законот на Христа во односот со нашите браќа?
15 Сите ние треба редовно да се испитуваме себеси за да видиме дали живееме според законот на Христа и дали го унапредуваме (2. Коринтјаните 13:5). Навистина, секој од нас може да извлече корист ако се праша: ‚Дали сум изградувачки или критизерски настроен? Дали сум урамнотежен или екстремен? Дали покажувам обѕирност кон другите или, пак, инсистирам на своите лични права?‘ Еден христијанин не се труди да диктира кои чекори треба или не треба да ги презема неговиот брат во врска со работи што не се посебно обработени во Библијата (Римјаните 12:1; 1. Коринтјаните 4:6).
16. Како можеме да им помогнеме на оние со негативни гледишта за себеси и на тој начин да исполниме еден витален аспект од законот на Христа?
16 Во овие критични времиња важно е да бараме начини да се охрабруваме еден со друг (Евреите 10:24, 25; спореди Матеј 7:1—5). Кога ќе погледнеме на нашите браќа и сестри, зарем нивните добри особини не ни значат повеќе отколку нивните слабости? За Јехова секој еден е скапоцен. За жал, сите не мислат така, па дури ниту за себеси. Мнозина се склони да ги видат само своите лични маани и несовршености. За да ги охрабриме таквите — и останатите — дали би можеле да се обидеме на секој состанок да поразговараме со еден или двајца и да им дадеме на знаење зошто ја цениме нивната присутност и важниот придонес што тие го прават во собранието? Колкава само радост е на овој начин да го олесниме нивниот товар и со тоа да го исполниме законот на Христа! (Галатјаните 6:2).
Законот на Христа е делотворен!
17. На кои различни начини гледаш дека законот на Христа е делотворен во твоето собрание?
17 Законот на Христа е делотворен во христијанското собрание. Тоа го гледаме секојдневно — кога другите Сведоци желно ја споделуваат добрата вест, кога се утешуваат и охрабруваат еден со друг, кога се борат да му служат на Јехова и покрај најтешките проблеми, кога родителите се стремат да ги одгледаат своите деца да го сакаат Јехова со радосни срца, кога надгледниците поучуваат за Божјата Реч со љубов и срдечност, поттикнувајќи го стадото да има горлива ревност за да му служи на Јехова засекогаш (Матеј 28:19, 20; 1. Солунјаните 5:11, 14). Колку само се радува Јеховиното срце кога ние како поединци го применуваме законот на Христа да дејствува во нашиот живот! (Изреки 23:15). Тој сака да живеат засекогаш сите оние кои го сакаат неговиот совршен закон. Во идниот рај ќе доживееме време кога човештвото ќе биде совршено, време без престапници, и време кога секоја склоност на нашето срце ќе биде под контрола. Каква славна награда за живеењето според законот на Христа!
[Фуснота]
a Таквите домови не се како манастирите на христијанскиот свет. Таму нема „опати“, односно „отци“ во таа смисла (Матеј 23:9). На одговорните браќа им се оддава почит, но нивната служба е водена од истите начела кои ги водат сите старешини.
Што мислиш?
◻ Зошто христијанскиот свет ја промашил поентата на законот на Христа?
◻ Како можеме да го примениме законот на Христа во семејството?
◻ Што мораме да избегнуваме и што мораме да правиме за да го примениме законот на Христа во собранието?
◻ Како можат старешините да го слушаат законот на Христа во своите постапки со собранието?
[Слика на страница 23]
Твоето дете има голема потреба од љубов
[Слика на страница 24]
Колку само се освежувачки нашите пастири полни со љубов!