Спасени, но не поради делата, туку поради незаслужената љубезност
„Навистина сте спасени преку верата . . .Тоа не е благодарение на делата, за ниеден човек да нема основа за фалење“ (ЕФЕШАНИТЕ 2:8, 9).
1. Како се разликуваат христијаните од луѓето воопшто во врска со она што го постигнале, и зошто?
ЛУЃЕТО денес многу се гордеат на она што го постигнале и честопати имаат склоност веднаш да се пофалат со тоа. Христијаните не треба да бидат такви. Тие не ставаат преголем акцент врз она што го постигнале, дури и на полето на вистинското обожавање. Иако се радуваат на она што го постигнува Јеховиниот народ како целина, тие се скромни во поглед на она што го направил секој од нив лично. Сфаќаат дека во Јеховината служба, поважни се исправните мотиви отколку она што го направиле. Секој што ќе добие вечен живот, нема да го добие затоа што самиот го заслужил туку поради верата што ја покажал и поради Божјата незаслужена љубезност (Лука 17:10; Јован 3:16).
2, 3. Со што се фалел Павле, и зошто?
2 Апостол Павле многу добро го знаел тоа. Откако трипати се молел да му биде тргнат ‚трнот во телото‘, Јехова му одговорил: „Доволна ти е мојата незаслужена љубезност; зашто мојата сила се усовршува во слабост“. Понизно прифаќајќи ја Јеховината одлука, Павле рекол: „Затоа со најголемо задоволство повеќе ќе се фалам во врска со своите слабости, за да остане Христовата сила како шатор над мене“. Ние треба да го имаме истиот понизен став што го имал Павле (2. Коринќаните 12:7-9).
3 Иако Павле правел многу христијански дела, признал дека сѐ што направил не се должело на некакви посебни способности што ги имал тој. Павле скромно забележал: „Мене, човекот кој е помал од најмалиот меѓу сите свети, дадена ми е оваа незаслужена љубезност, да им ја објавам на нациите добрата вест за неизмерното богатство Христово“ (Ефешаните 3:8). Во овие зборови не се забележува ни најмало вообразено фалбаџиство ниту, пак, став „јас сум светец за другите“. „Бог им се спротивставува на вообразените, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (Јаков 4:6; 1. Петрово 5:5). Дали го следиме примерот на Павле, понизно сметајќи се себеси за помали и од најмалиот од нашите браќа?
„Сметајте ги другите за подобри од себе“
4. Зошто понекогаш можеби нема да ни биде лесно да ги сметаме другите за подобри од нас?
4 Апостол Павле ги советувал христијаните: ‚Не правете ништо од кавгаџиство ниту од егоизам, туку со понизност на умот сметајте ги другите за подобри од себе‘ (Филипјаните 2:3). Ова можеби нема да ни биде лесно, особено ако сме на некоја одговорна положба. Можеби проблемот е во тоа што во извесна мера ни влијаел натпреварувачкиот дух, кој е толку раширен во светот денес. Можеби кога сме биле деца нѐ учеле да бидеме најдобри, или меѓу нашите браќа и сестри дома или меѓу другите ученици на училиште. Можеби постојано нѐ терале да си поставиме за цел да бидеме најдобриот спортист или најдобриот ученик во училиштето. Се разбира, нема ништо лошо во тоа да даваме сѐ од себе за да постигнеме некоја цел што е исправно да ја имаме. Меѓутоа, христијаните не го прават тоа за да привлечат преголемо внимание врз себеси туку за да извлечат што поголема корист од она што го прават и, евентуално, и другите да имаат корист од тоа. Меѓутоа, може да биде опасно да сакаме секогаш да нѐ фалат како најдобри. Зошто?
5. До што може да води натпреварувачкиот дух ако не се контролира?
5 Ако не се контролира, натпреварувачкиот дух или себичноста можат да наведат некого да ја изгуби почитта кон другите и да стане арогантен. Може да почне да завидува на способностите и на задачите што ги имаат другите. Во Пословици 28:22 (ПСП) пишува: „Завидлив човек брза кон богатство и не мисли, дека сиромаштијата ќе го стигне“. Тој можеби дури и дрско ќе посегне по положби што не му следуваат. За да ги оправда своите постапки, можеби ќе почне да мрмори и да ги критикува другите — склоности што христијаните не треба да ги имаат (Јаков 3:14-16). Како и да е, тој ризикува да стане себичен и да мисли само на себе.
6. Како нѐ опоменува Библијата да немаме натпреварувачки дух?
6 Затоа, Библијата ги опоменува христијаните: „Да не стануваме егоистични, предизвикувајќи натпреварување еден со друг, завидувајќи си еден на друг“ (Галатите 5:26). Апостол Јован зборувал за некој сохристијанин што очигледно станал жртва на ваквиот став. „Напишав нешто до собранието“, рекол Јован, „но Диотреф, кој сака да го има првото место меѓу нив, ништо не прима од нас со почит. Затоа, ако дојдам, ќе потсетам на неговите дела кои и понатаму ги прави, дрдорејќи за нас лоши зборови“. Колку е жално еден христијанин да почне да прави такво нешто! (3. Јованово 9, 10).
7. Што избегнува христијанинот денес во светот на бизнисот во кој владее конкуренција?
7 Се разбира, не е реално да мислиме дека еден христијанин може сосема да ги одбегне сите полиња каде што постои конкуренција. На пример, световната работа можеби вклучува конкуренција со други лица или претпријатија што произведуваат слични производи или извршуваат слични услуги. Меѓутоа, дури и во такви околности, христијанинот ќе го води својот бизнис во дух на почит, љубов и обѕирност. Нема да се занимава со незаконски или нехристијански постапки и нема да дозволи да стане човек што првенствено е познат по тоа дека сака да е прв во сѐ и не бира средства за да ја постигне својата цел. Нема да смета дека најважно во животот е да биде бр. 1 — на секое поле. Ако ова важи во светот на бизнисот, тогаш колку повеќе важи на полето на обожавањето!
„Не во споредба со некој друг“
8, 9. а) Зошто христијанските старешини немаат причина да се натпреваруваат меѓу себе? б) Зошто стихот од 1. Петрово 4:10 важи за сите Божји слуги?
8 Ставот што треба да го имаат христијаните кога го обожаваат Бог е изнесен во овие инспирирани зборови: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“ (Галатите 6:4). Бидејќи старешините во собранието знаат дека никој од нив не се натпреварува да биде подобар од другите, соработуваат и функционираат како едно тело. Тие се радуваат што секој од нив може да придонесе за доброто на целото собрание. Така го избегнуваат соперништвото што сее раздор и им даваат убав пример за единство на другите во собранието.
9 Поради возраста, искуството или природните дарби, некои старешини можеби завршуваат повеќе работи од другите, или можеби се попроникливи. Затоа, старешините имаат различни одговорности во Јеховината организација. Наместо да се споредуваат еден со друг, тие го имаат на ум овој совет: „Користете го дарот, секој во мерата во која го примил, служејќи си еден на друг како одлични настојници на Божјата незаслужена љубезност која се изразува на разни начини“ (1. Петрово 4:10). Всушност, овој стих важи за сите Јеховини слуги, бидејќи во извесна мера сите го добиле дарот на точно спознание и сите имаат чест да ја извршуваат христијанската служба.
10. Само под кој услов Јехова ќе ја прифати нашата служба?
10 Јехова ја прифаќа нашата света служба само ако ја извршуваме од љубов и искрена приврзаност кон него, а не за да се воздигнуваме над другите. Затоа, многу е битно да имаме урамнотежено гледиште за она што го правиме за да го поддржуваме вистинското обожавање. Иако никој не може точно да ги процени мотивите на другите, Јехова „ги испитува срцата“ (Пословици 24:12; 1. Самоил 16:7). Затоа, добро ќе биде одвреме-навреме да се запрашаме: ‚Кои се мотивите за моите дела во службата?‘ (Псалм 24:3, 4; Матеј 5:8).
Исправно гледиште за нашите дела
11. Кои прашања во врска со нашата активност е сосема на место да ги разгледаме?
11 Ако мотивите се најважни за да нѐ прифати Јехова, тогаш колку треба да ни биде важно она што го правиме во службата? Сѐ додека ја извршуваме службата од исправни мотиви, зарем е важно да даваме извештај за тоа што и колку сме направиле? Овие прашања се сосема на место, бидејќи не сакаме бројките да ни бидат поважни од делата или да почне добриот извештај да ни биде најважен додека ја извршуваме христијанската служба.
12, 13. а) Наведи некои причини зошто даваме извештај за нашата служба на теренот. б) Зошто можеме да бидеме радосни кога го гледаме вкупниот извештај за нашата проповедничка активност?
12 Забележи што стои во книгата Организирани да ја извршуваме Јеховината волја: „Раните следбеници на Исус Христос покажале интерес за извештаите за напредокот на проповедничкото дело (Марко 6:30) . . . Библиската книга Дела ни кажува дека на Педесетница [Пентекост], кога бил излеан светиот дух врз учениците, биле присутни околу 120 лица. Наскоро бројот на учениците пораснал на 3.000, а потоа на 5.000 . . . (Дела 1:15; 2:5-11, 41, 47; 4:4; 6:7). Какво само убаво охрабрување мора да им донела на учениците веста за овие порасти!“ Од истата причина, Јеховините сведоци денес се трудат да даваат точни извештаи за она што е постигнато во целиот свет во исполнување на Исусовите зборови: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Таквите извештаи даваат реална слика за она што се постигнува на полето во целиот свет. Тие покажуваат каде е потребна помош и каква и колку литература е потребна за да се прошири проповедничкото дело.
13 Значи, тоа што даваме извештај за нашата проповедничка активност ни помага да го извршуваме нашиот налог да ја проповедаме поделотворно добрата вест за Царството. Освен тоа, зар не сме охрабрени кога слушаме за делото што го извршуваат нашите браќа во другите краеви од светот? Вестите за растот и проширувањето низ целиот свет нѐ исполнуваат со радост, нѐ поттикнуваат на поголема активност и нѐ уверуваат дека го имаме Јеховиниот благослов. И колку сме радосни што знаеме дека во тој светски извештај е вклучен и извештајот на секого од нас! Тој е мал во споредба со вкупниот, но Јехова го забележува она што го правиме (Марко 12:42, 43). Не заборавај, без твојот извештај, вкупниот извештај не би бил целосен.
14. Освен тоа што проповедаме и поучуваме, што друго е вклучено во нашето обожавање не Јехова?
14 Се разбира, од извештајот не се гледа голем дел од она што го прави секој Сведок додека ја исполнува својата одговорност како предаден слуга на Јехова. На пример, во извештајот не е вклучено редовното лично проучување на Библијата, присуството и учеството на христијанските состаноци, исполнувањето на собраниските одговорности, тоа што им помагаме на соверниците, финансиската поддршка на светското дело на Царството итн. Значи, иако нашиот извештај за служба на теренот е важен и ни помага да продолжиме ревносно да проповедаме и да не го намалиме темпото, мораме да имаме исправно гледиште за него. Не треба да го сметаме за духовна пропусница или пасош, врз основа на кои се одлучува дали можеме да добиеме вечен живот.
‚Ревносни за добри дела‘
15. Зошто се потребни делата, иако сами по себе не можат да нѐ спасат?
15 Јасно, иако делата сами по себе не можат да нѐ спасат, тие сепак се потребни. Затоа христијаните се наречени „народ кој е негова посебна своина, ревносен за добри дела“ и затоа се охрабрени ‚да обрнуваат внимание едни на други за да се поттикнуваат кон љубов и кон извонредни дела‘ (Тит 2:14; Евреите 10:24). Уште поконкретно, еден друг библиски писател, Јаков, едноставно вели: „Како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јаков 2:26).
16. Што е уште побитно од делата, но на што мораме да внимаваме?
16 Колку и да се битни добрите дела, уште побитни се мотивите од кои ги правиме. Затоа, мудро е одвреме-навреме да си ги преиспитаме мотивите. Но, бидејќи ниеден човек не може точно да ги знае мотивите на другите, мораме да внимаваме да не им судиме на другите. „Кој си ти да му судиш на туѓиот куќен слуга?“, упатено ни е прашањето, а потоа е даден очигледниот одговор: „Пред својот господар тој стои или паѓа“ (Римјаните 14:4). Јехова, Господарот на сите, и Судијата што го поставил тој, Исус Христос, ќе ни судат, но не само врз основа на нашите дела туку и врз основа на нашите мотиви, околности, љубов и приврзаност кон него. Само Јехова и Христос Исус можат точно да просудат дали сме го направиле тоа што се советувани да го направат христијаните, како што рекол апостол Павле: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15; 2. Петрово 1:10; 3:14).
17. Додека настојуваме да даваме сѐ од себе, зошто треба да го имаме на ум стихот од Јаков 3:17?
17 Јехова има разумни очекувања од нас. Според Јаков 3:17, „мудроста одозгора е“, меѓу другото, „разумна“. Зарем не би било мудро, и вистински успех, да бидеме како Јехова во тој поглед? Затоа, не треба да се обидуваме да имаме неразумни и недостижни очекувања, како од себеси така и од нашите браќа.
18. На што можеме да се надеваме ако имаме урамнотежено гледиште за нашите дела и за Јеховината незаслужена љубезност?
18 Сѐ додека имаме урамнотежено гледиште за нашите дела и за незаслужената љубезност на Јехова, ќе бидеме радосни, што е препознатливо обележје на вистинските слуги на Јехова (Исаија 65:13, 14). Можеме да се радуваме на благословите што ги излева Јехова врз својот народ како целина, без оглед на тоа колку може да направи секој од нас како поединец. Со натамошна „молитва и преколнување заедно со благодарност“, ќе го молиме Бог да ни помогне да дадеме сѐ од себе. Во тој случај, без сомнение, ‚мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува нашите срца и нашите умствени сили преку Христос Исус‘ (Филипјаните 4:4-7). Да, можеме да се тешиме и да се храбриме од сознанието дека можеме да бидеме спасени, но не благодарение на делата, туку благодарение на Јеховината незаслужена љубезност!
Можеш ли да објасниш зошто христијаните
• не се фалат за она што го направил секој од нив?
• немаат натпреварувачки дух?
• даваат извештај за својата христијанска активност во службата на теренот?
• не им судат на сохристијаните?
[Слика на страница 15]
„Доволна ти е мојата незаслужена љубезност“
[Слики на страници 16 и 17]
Старешините се радуваат што секој од нив може да придонесе за доброто на собранието
[Слики на страници 18 и 19]
Без твојот извештај, вкупниот извештај не би бил целосен