,Да не се умориме‘
„Да не се откажеме од правење добро“ (ГАЛ. 6:9)
1, 2. Како може да ни се зајакне довербата во Јеховината величествена организација?
ЗАРЕМ не сме исполнети со страхопочит кога ќе помислиме дека сме дел од една огромна и величествена организација? Во Езекиел поглавје 1 и Даниел поглавје 7 се запишани виденија во кои е даден сликовит опис на она што Јехова го прави за да ја исполни својата прекрасна намера. Исус го предводи земниот дел на Јеховината организација, чија цел е да се проповеда добрата вест, да се поучуваат и да се охрабруваат оние што го вршат ова дело, и да им се помогне на уште многу луѓе да станат Божји слуги. Ова навистина ни влева силна доверба во Јеховината организација! (Мат. 24:45).
2 Дали ние лично сме во чекор со оваа прекрасна организација? Дали му служиме на Јехова со уште поголема одушевеност или, пак, веќе не сме толку ревносни како порано? Ако се преиспитаме, можеби ќе заклучиме дека малку сме се умориле, односно дека нашата ревност почнала полека да згаснува. Ова им се случило и на некои христијани во првиот век. Затоа апостол Павле морал да ги поттикне да размислуваат за ревноста што ја покажал Исус. Тоа требало да им помогне ‚да не се уморат и душите да не им папсаат‘ (Евр. 12:3). Ако и ние внимателно размислуваме за сето она што го прави Јеховината организација, тоа ќе ни помогне да истраеме во нашата служба и да продолжиме да ја вршиме со ревност.
3. Што треба да правиме за да не се умориме, и што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Но, ако не сакаме да се умориме, не е доволно само да размислуваме за Божјата организација. Потребно е уште нешто. Павле рекол дека треба да продолжиме да ‚правиме добро‘ (Гал. 6:9). Да разгледаме пет работи што можат да ни помогнат да останеме во чекор со Јеховината организација. Потоа можеме да утврдиме дали ние или нашето семејство треба да обрнеме повеќе внимание на некое од овие полиња.
ХРАБРИ ГИ БРАЌАТА И СЛАВИ ГО ЈЕХОВА НА СОСТАНОЦИТЕ
4. Зошто може да се каже дека состаноците отсекогаш биле важен дел од обожавањето на вистинскиот Бог?
4 Состаноците отсекогаш биле многу важни за Божјите слуги. На небото, ангелите редовно се собираат пред Јехова (1. Цар. 22:19; Јов 1:6; 2:1; Дан. 7:10). Во минатото, Израелците требало да се собираат во одредено време во годината „за да слушаат и да научат“ (5. Мој. 31:10-12). И Евреите во првиот век редовно оделе во синагогите каде што се читало од светите списи (Лука 4:16; Дела 15:21). Кога било основано христијанското собрание, учениците на Исус продолжиле да се собираат за да се поучуваат за Јехова. И денес состаноците се важен дел од нашето обожавање. Вистинските христијани ‚размислуваат еден за друг за да се поттикнуваат кон љубов и кон добри дела‘. Треба и понатаму ‚да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледаме дека се приближува Јеховиниот ден‘ (Евр. 10:24, 25).
5. Како можеме да се храбриме на состаноците?
5 Еден важен начин на кој можеме да се храбриме еден со друг е така што ќе коментираме на нашите состаноци. На пример, може да одговориме на прашањето за некој пасус, да објасниме некој стих или да раскажеме кратко искуство што покажува како ни користат библиските начела (Пс. 22:22; 40:9). Сигурно ќе се сложиш дека, без разлика колку години одиме на христијанските состаноци, коментарите што од срце ги даваат нашите браќа и сестри — и старите и младите — и понатаму ни се извор на вистинско охрабрување.
6. На кои други начини ни помагаат состаноците?
6 Од кои други причини нашиот Бог смета дека е важно редовно да се собираме? Нашите состаноци, собири и конгреси ни влеваат храброст да проповедаме и покрај противењето или рамнодушноста на кои наидуваме на нашето подрачје (Дела 4:23, 31). Библиските говори и другите точки кои се изнесуваат на програмата ни ја зајакнуваат верата (Дела 15:32; Рим. 1:11, 12). На нашите состаноци добиваме охрабрување и поуки кои ни помагаат да бидеме вистински среќни и ни даваат утеха (Пс. 94:12, 13). Одборот за поучување на Водечкото тело го надгледува подготвувањето на програмата која се изнесува на сите состаноци и собири на Јеховиниот народ. Многу сме благодарни за прекрасните поуки што редовно ги добиваме на нашите состаноци во текот на целата година!
7, 8. а) Која е најважната причина зошто одиме на состаноци? б) Како состаноците ти помагаат во духовен поглед?
7 Сепак, ние не одиме на состаноци само затоа што ни користат нам лично. Најважната причина зошто се собираме со нашите браќа е да го славиме Јехова. (Прочитај Псалм 95:6.) Колкава чест е за нас да го фалиме нашиот величествен Бог! (Кол. 3:16). Јехова заслужува да го славиме со тоа што редовно ќе присуствуваме и ќе учествуваме на нашите христијански собири (Отк. 4:11). Токму затоа сме поттикнати „да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај“ (Евр. 10:25).
8 Состаноците се дар од Јехова кој ни помага да истраеме додека тој не му стави крај на овој злобен свет. Дали и ние гледаме така на нив? Ако да, тогаш и покрај тоа што можеби сме многу зафатени, ќе даваме сѐ од себе за да одиме на сите состаноци (Фил. 1:10). Не треба никогаш да ги испуштаме, освен ако навистина имаме сериозна причина за тоа.
БАРАЈ ГИ ИСКРЕНИТЕ
9. Од каде знаеме дека проповедањето е многу важно?
9 Тоа што ревносно проповедаме исто така ни помага да бидеме во чекор со Јеховината организација. Исус го започнал проповедничкото дело кога бил на Земјата (Мат. 28:19, 20). Оттогаш наваму, една од најважните активности на целата Јеховина организација е да се проповеда добрата вест за Царството и да им се помага на луѓето да станат ученици на Христос. Многу искуства потврдуваат дека ангелите ни помагаат во ова дело и нѐ водат до оние кои ‚исправно гледаат на вечниот живот‘ (Дела 13:48; Отк. 14:6, 7). А главната цел на видливиот дел на Јеховината организација денес е да го организира и да го извршува проповедањето. Дали службата и нам ни е една од најважните работи во животот?
10. а) Што му помага на еден брат ревносно да му служи на Јехова? б) Како службата ти помага да не се умориш?
10 Тоа што редовно проповедаме и ги поучуваме луѓето ни помага да продолжиме ревносно да му служиме на Јехова. Мичел, кој долги години служи како старешина и општ пионер, вели: „Многу сакам да им зборувам на луѓето за вистината. Кога размислувам за некоја нова статија во Стражарска кула или Разбудете се!, не можам а да не се восхитувам на мудриот и објективен начин на кој е напишана. Едвај чекам да видам каква ќе биде реакцијата на луѓето во службата, и како ќе можам да го разгорам нивниот интерес. Службата ми помага да задржам духовна рамнотежа. Не дозволувам ништо да ми го одземе времето кое сум го одвоил за проповедање, и сите други работи ги завршувам или пред или потоа“. И ние можеме да истраеме во овие последни денови ако секогаш сме зафатени во ова важно дело. (Прочитај 1. Коринќаните 15:58.)
ИЗВЛЕЧИ КОРИСТ ОД ДУХОВНАТА ХРАНА
11. Зошто треба да ги читаме нашите публикации и да размислуваме за нив?
11 За да ни ја даде потребната сила, Јехова ни обезбедува изобилство духовна храна во облик на публикации. Кога си прочитал нешто, сигурно ти се случило да кажеш: ‚Токму тоа ми требаше! Како да е напишано само за мене!‘ Ова не е случајно. Јехова ги користи публикациите за да нѐ поучува и да ни дава водство. Тој рекол: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш“ (Пс. 32:8). Дали се трудиме да ги прочитаме сите публикации што ги добиваме и да размислуваме за нив? Ако правиме така, и понатаму ќе даваме плод и нема да овенеме во духовен поглед, иако живееме во овие тешки последни денови. (Прочитај Псалм 1:1-3; 35:28; 119:97.)
12. Што ќе ни помогне да ја цениме духовната храна?
12 Добро е да размислиме колкав труд се вложува за да можеме редовно да добиваме здрава духовна храна. Одборот за пишување на Водечкото тело го надгледува производството на сите публикации кои се печатат или се ставаат на нашата интернет-страница. Подготовката на публикациите вклучува истражување, пишување, коригирање, изработување на слики и фотографии, како и преведување. Одредени подружници ја печатат литературата и ја испраќаат до сите собранија. Зошто се вложува толку голем труд? За да биде Јеховиниот народ добро нахранет во духовен поглед (Иса. 65:13). Затоа, да даваме сѐ од себе за да извлечеме корист од духовната храна што ја добиваме преку Јеховината организација (Пс. 119:27).
ПОДДРЖУВАЈ ЈА ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
13, 14. Кој ја поддржува Јеховината организација на небото, и како можеме ние да му дадеме поддршка на нејзиниот земен дел?
13 Апостол Јован добил едно видение во кое го видел Исус како јава на бел коњ и војува против оние што се бунат против Јехова (Отк. 19:11-15). Веднаш зад Исус се „небесните војски“, односно верните ангели и верните помазаници кои веќе се воскреснати на небото. Ова јасно покажува дека тие го поддржуваат Исус како свој водач (Отк. 2:26, 27). Од нивниот извонреден пример учиме дека и ние треба да ги поддржуваме оние што предводат во Јеховината организација.
14 Денес големото мноштво им дава целосна поддршка на Христовите помазани браќа кои сѐ уште се на Земјата и го предводат видливиот дел на Божјата организација. (Прочитај Захарија 8:23.) Како можеш ти лично да покажеш дека ја поддржуваш Јеховината организација? Еден начин е така што ќе им бидеш послушен на оние што предводат (Евр. 13:7, 17). Дали она што го кажуваме за старешините во нашето собрание им помага на другите уште повеќе да ги почитуваат нив и она што тие го прават? Дали ги поттикнуваме нашите деца да ги почитуваат овие верни луѓе и да бараат библиски совети од нив? Има и други начини на кои можеме да ја поддржуваме организацијата. На пример, дали како семејство се договараме да даваме прилози за проповедничкото дело? (Изр. 3:9; 1. Кор. 16:2; 2. Кор. 8:12). Дали учествуваме во чистењето и одржувањето на Салата на Царството? Јехова ни го дава својот свет дух кога гледа дека на сите овие начини придонесуваме во собранието да има почит и единство. А неговиот свет дух ни помага да не се умориме во овие последни денови (Иса. 40:29-31).
ЖИВЕЈ ВО СКЛАД СО ПОРАКАТА ШТО ЈА ПРОПОВЕДАМЕ
15. Зошто мора постојано да се бориме за да живееме во склад со Јеховината возвишена намера?
15 За да истраеме и да останеме во чекор со Јеховината организација, мора да живееме во склад со пораката што ја проповедаме така што ќе ‚испитуваме што е прифатливо за Господарот‘ (Еф. 5:10, 11). Сатана, неговиот злобен свет и нашата несовршеност постојано ни отежнуваат да го правиме она што е исправно. Некои од вас, драги браќа и сестри, секојдневно водите макотрпна борба за да го зачувате своето скапоцено пријателство со Јехова. Тој многу ве сака и ве цени поради тоа. Затоа, не се откажувајте! Кога живееме во склад со Јеховината намера, ние водиме исполнет и среќен живот, и може да бидеме уверени дека сето она што го правиме за Јехова не е залудно (1. Кор. 9:24-27).
16, 17. а) Како треба да постапиме ако направиме тежок грев? б) Што учиме од примерот на Ана?
16 Но, како треба да постапиме ако направиме тежок грев? Треба веднаш да побараме помош. Ако криеме, ќе биде уште полошо. Сети се како се чувствувал Давид кога се обидел да ги скрие своите гревови. Тој рекол: „Коските ми се исушија од непрестајно офкање“ (Пс. 32:3). Ако ги криеме гревовите, само ќе се исцрпиме емоционално и духовно. Но, „оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изр. 28:13).
17 Да го разгледаме примерот на Ана.a Кога имала околу дваесет години, таа служела како општ пионер. Но, почнала да води двоен живот. Ова многу лошо влијаело врз неа. Таа вели: „Совеста постојано ме измачуваше. Цело време бев несреќна и потиштена“. Што направила? Кога на еден состанок бил разгледан советот од Јаков 5:14, 15, Ана сфатила дека ѝ е потребна помош, и разговарала со старешините. Таа вели: „Тие стихови се ‚рецепт‘ кој Јехова им го препишал на оние што се духовно болни. Иако не е лесно да се проголта, тој ‚лек‘ навистина помага. Го послушав советот од стиховите во Јаков, и имаше добар резултат“. Сега, по неколку години, Ана продолжува ревносно да му служи на Јехова со нови сили и со чиста совест.
18. Што треба да бидеме решени да правиме?
18 Навистина е огромна чест што во овие последни денови сме дел од Јеховината величествена организација! Да бидеме решени никогаш да не го изгубиме нашето ценење за сето она што ни го дава Јехова. Да се трудиме да присуствуваме редовно на состаноците заедно со нашето семејство, да ги бараме искрените лица на нашето подрачје и да извлечеме корист од духовната храна. Освен тоа, да ги поддржуваме оние што предводат и да живееме во склад со пораката што ја проповедаме. Ако ги правиме сите овие работи, ќе останеме во чекор со Јеховината организација и нема никогаш да се умориме да правиме добро!
a Името е сменето.