13. поглавје
Божјата влада на мирот
1. Што не им успеало на човечките влади?
ДАЛИ СИ забележал дека човечките влади, без оглед колку и да биле добри нивните ветувања, не успеале да ги задоволат вистинските потреби на луѓето? Ниту една не го решила проблемот со криминалот и расните омрази, ниту пак им осигурала на своите граѓани храна во доволна мера и покрив над главата. Тие не можат потполно да ги ослободат своите граѓани од болестите. На ниту една влада не ѝ успеало да го спречи стареењето или да ги врати мртвите во живот. Тие не им донеле на своите граѓани траен мир и безбедност. Човечките влади едноставно не можат да ги решат големите проблеми со кои е соочено човештвото.
2. Која е главната порака на Библијата?
2 Нашиот Творец знае колку ни е потребна праведна влада која на сите луѓе ќе им овозможи да водат исполнет и среќен живот. Од таа причина Библијата зборува за една влада под Божје водство. Таа влада која ја ветил Бог е главната порака на Библијата.
3. Што читаме во Исаија 9:6, 7 за Божјата влада?
3 Но сега би можел да прашаш: ’Каде во Библијата се зборува за Божја влада?‘ На пример, во Исаија 9:6, 7, каде што читаме: ”Зашто, ни се роди дете, син ни е даден; на рамењата ќе му биде кнежевска власт. И неговото име ќе биде: Прекрасен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на мирот. На изобилието од кнежевската власт и мир нема да има крај“ (NW).
4. Кое е детето кое треба да биде владетел на Божјата влада?
4 Библијата овде зборува за раѓање на дете, кнез. Со текот на времето, тој ’царски син‘ требало да стане голем владетел, ”Кнез на мирот“. Нему требало да му биде доверена одговорноста за една навистина прекрасна влада. Таа влада ќе ѝ донесе мир на целата Земја, мир кој ќе трае вечно. Детето, чие раѓање е проречено во Исаија 9:6, 7, е Исус. Кога ангелот Гаврил ѝ го најавил на девицата Марија раѓањето на Исус, за него рекол: ”Тој ќе владее (...) довека. И Царството негово нема да има крај“ (Лука 1:30–33, Ст).
ДА СЕ ИСТАКНЕ ЗНАЧЕЊЕТО НА ЦАРСТВОТО
5. (а) Како во Библијата е прикажана важноста на Царството? (б) Што е Божјето Царство, и што тоа ќе направи?
5 За Исус Христос и неговите следбеници, додека биле на Земјата, главна задача била да проповедаат и да поучуваат за идното Божје Царство (Лука 4:43; 8:1). Од Библијата произлегува дека тие преку 140 пати укажале на Царството. Исус ги научил своите следбеници да се молат: ”Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:10, ББД). Дали Царството за кое христијаните се молат, е реална влада? Можеби си изненаден, но тоа навистина е така. Божјиот син, Исус Христос, е Цар на тоа Царство, а целата Земја ќе биде подрачје на неговото владеење. Колку ќе биде убаво кога жителите на Земјата нема веќе да се делат на непријателски нации, туку под Божјето царско владеење ќе се обединат во мир!
6. Зошто Исус, додека живеел на Земјата, рекол дека Царството е ”близу“ и ”во вашата средина“?
6 Јован Крстител почнал да им ја објавува на луѓето оваа влада со зборовите: ”Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ (Матеј 3:1, 2, ББД). Зошто Јован можел да го рече тоа? Затоа што Исус, кој требало да биде владетел на Божјата небесна влада, требало да биде крстен и помазан со свет дух. Сега сигурно сфаќаш зошто Исус подоцна на фарисеите им рекол: ”Гледајте! Царството Божје е во вашата средина“ (Лука 17:21, NW). Тој можел да го рече тоа, бидејќи бил меѓу нив како Цар одреден од Бог. За време на три и пол годишната служба на проповедање и поучување, со својата верност во Бог до смрт докажал дека заслужува да биде цар.
7. Од што се гледа дека Царството било важна тема за време на Исусовиот живот на Земјата?
7 За да покажеме дека Божјето Царство била важна тема на Христовата служба, да ги земеме предвид настаните на денот пред неговата смрт. Од Библијата дознаваме дека луѓето го обвиниле Исус, велејќи: ”Утврдивме дека овој го буни народот и забранува да се дава данок на царот, а за себе тврди дека е Месија, цар.“ Кога го слушнал тоа, римскиот намесник Понтиј Пилат, го прашал Исус: ”Дали си ти еврејски цар?“ (Лука 23:1-3, Ст).
8. (а) Што одговорил Исус на прашањето дали тој е Цар? (б) Што мислел Исус кога рекол дека неговото Царство ”не е одовде“?
8 Исус не одговорил директно на прашањето на Пилат, туку рекол: ”Моето царство не е дел од овој свет. Ако беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа да не бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде.“ Исус одговорил така затоа што неговото Царство не требало да биде земско. Тој требало да владее од небото, а не како човек на земски престол. Бидејќи прашањето било дали Исус има право да владее како цар или не, Пилат уште еднаш го прашал: ”Па тогаш, дали си цар?“
9. (а) Која прекрасна вистина ја објавил Исус? (б) Кои важни прашања се поставуваат?
9 При тоа сослушување во прашање бил Исусовиот живот, бидејќи тој проповедал и учел за нова влада. Затоа Исус одговорил: ”Ти самиот велиш дека сум цар. Јас сум затоа роден и затоа дојдов на светот за да дадам сведоштво за вистината“ (Јован 18:36, 37, NW). Да, Исус го поминал својот земски живот објавувајќи им ги на луѓето прекрасните вистини за Божјата царска влада. Тоа била негова најважна порака. Останува да одговориме на следниве прашања: Која влада е најважна во животот на човекот? Дали е тоа некоја човечка влада или Божјето Царство под Христос како Цар?
ПОДГОТОВКИ ЗА НОВА ВЛАДА НА ЗЕМЈАТА
10. (а) Кога Бог ја увидел потребата од создавање на нова влада? (б) Каде во Библијата прв пат се укажува на таква влада? (в) Кого го претставува змијата?
10 Веднаш кога Сатана ги придобил Адам и Ева да му се придружат во бунтот, Јехова ја увидел потребата да создаде нова влада за човештвото. Веднаш ја објавил својата намера за воспоставување на таква влада. Тоа го направил изрекувајќи осуда над змијата, всушност, над Сатана Ѓаволот: ”И (...) ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу семето твое и семето нејзино; тоа ќе ти стои на главата, а ти ќе го каснеш во петата“ (1. Мојсеева 3:14, 15, ДК).
11. Меѓу кого треба да владее омраза?
11 Можеби се прашуваш: ”Па каде се говори овде за некаква влада?“ Внимателно да го разгледаме извештајот. Тука се зборува дека ќе владее омраза или непријателство помеѓу ”семето“ или потомството на Сатана и помеѓу ”семето“ или потомството на ”жената“. Најпрвин да испитаме која е ”жената“.
12. Што се зборува за ”жената“ во 12. поглавје од Откровение?
12 Тука не се работи за некоја земска жена. Сатана нема посебна омраза спрема некоја жена од човечкото семејство. Значи, се зборува за симболична жена. Значи, таа претставува нешто друго. Тоа го дознаваме од последната книга на Библијата, Откровение, каде што наоѓаме понатамошни информации. Таму оваа ”жена“ е опишана како: ”облечена во сонце; Месечината беше под нејзините нозе и на главата имаше венец од дванаесет ѕвезди“. За да утврдиме кого го претставува оваа ”жена“, забележи што се кажува понатаму во Откровението за нејзиното дете: ”Таа роди дете, син, кој ќе владее над сите народи со железен жезол. И нејзиното детето беше земено кај Бог и неговиот престол“ (Откровение 12:1-5, NW).
13. Кого или што претставуваат ’детето‘ и ”жената“?
13 Кога ќе утврдиме кој или што е ова ’дете‘, тоа ќе ни помогне да одредиме кого или што претставува ”жената“. Детето не е дословна личност, како што ни жената не е дословна жена. Светото писмо покажува дека ’детето‘ ќе владее над ”сите народи“. Така ’синот‘ ја претставува Божјата влада, во која Исус Христос е Царот. А ”жената“ ја претставува Божјата организација што се состои од верни небесни суштества. И како што ’детето‘ е родено од ”жената“, така и царот, Исус Христос, произлегол од небесната организација, од телото на лојални духовни суштества кои работат заедно на Божјата намера. Во Галатјаните 4:26 таа организација е наречена ”горниот Ерусалим“. Значи, во времето кога Адам и Ева се свртеле против Божјето владеење, Јехова направил подготовки за создавање царска влада која ќе претставува надеж за правдољубивите луѓе.
ЈЕХОВА НЕ ГО ЗАБОРАВА СВОЕТО ВЕТУВАЊЕ
14. (а) Како Јехова покажал дека не го заборавил своето ветување за ”семето“ кое ќе ѝ ја здроби главата на змијата? (б) Кој е ветеното ”семе“?
14 Јехова не го заборавил своето ветување да испрати ”семе“, кое ќе биде владетел на неговата влада. Овој владетел ќе го уништи Сатана, така што ќе му ја згмечи главата (Римјаните 16:20; Евреите 2:14). Подоцна Јехова објавил дека ветеното семе ќе дојде преку верниот Авраам, на кого му рекол: ”И ќе се благословат во семето твое сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 22:18, ДК). Кој е тоа ”семе“ кое требало да дојде преку родот на Авраам? Библијата подоцна одговара: ”А на Аврам и неговото семе им беа изречени ветувања. А не вели: и на семињата, како за многу, туку како за едно: ’и на семето твое‘, кое е Христос“ (Галатјаните 3:16, ДК). Јехова му соопштил на Авраамовиот син Исак, како и на неговиот внук Јаков, дека ”семето“ на Божјата ”жена“ ќе дојде од нивната фамилијарна лоза (1. Мојсеева 26:1–5; 28:10–14).
15, 16. Како знаеме дека ”семето“ ќе биде владејачки Цар?
15 Дека ”семето“ ќе биде владејачки цар произлегува од објаснувањето кое Јаков му го дал на својот син Јуда: ”Скиптарот [на владејачката моќ] нема да се одвои од Јуда ниту заповедничката палка од неговите нозе, додека не дојде Шило, и нему ќе му припаѓа послушноста на народите“ (1. Мојсеева 49:10, NW). Исус Христос дошол од племето Јуда. Тој се покажал како ’Шило‘ кому ’ќе му се покоруваат народите‘ (Евреите 7:14).
16 Речиси 700 години после изјавата до Јуда, Јехова рекол за Давид кој исто така потекнувал од племето на Јуда: ”Го најдов Давид својот слуга, (...) ќе го продолжам семето негово довека, и престолот негов како деновите небесни“ (Псалм 89:20, 29, ДК). Што мислел Бог кога рекол дека ќе го продолжи засекогаш Давидовото ”семе“ и дека неговиот престол ќе постои толку долго ”колку деновите небесни“? Јехова Бог мислел на тоа дека засекогаш ќе трае царската влада во рацете на неговиот поставен владетел, Исус Христос. Откаде го знаеме тоа?
17. Како знаеме дека ветениот владател е Исус Христос?
17 Сети се што ѝ рекол Јеховиниот ангел Гаврило на Марија за детето кое ќе се роди: ”Ќе му ставиш име Исус.“ Но, Исус не требало да остане само дете или човек на Земјата. Имено, Гаврило понатаму рекол: ”Тој ќе биде голем и ќе се вика Син на Превишниот. Господ [Јехова, NW] Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко. Тој ќе владее со куќата Јаковлева довека. И неговото царство нема да има крај“ (Лука 1:31-33, Ст). Зар не е прекрасно што Јехова направил подготовки за воспоставување на праведна влада за трајна корист на сите кои го љубат и имаат доверба во него?
18. (а) Како Библијата го опишува крајот на земските влади? (б) Што ќе направи Божјата влада за луѓето?
18 Близу е времето кога Божјата царска влада ќе ги уништи сите светски влади. Тогаш Исус Христос ќе стапи во акција како победнички цар. За таа борба во Библијата пишува: ”А во времето на тие цареви небесниот Бог ќе подигне царство кое довека нема да се распадне, (...) тоа ќе ги сотре и укине сите тие царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44, ДК; Откровение 19:11–16). Откако сите други влади ќе бидат остранети, Божјата управа ќе ги задоволи вистинските потреби на луѓето. Владетелот Исус Христос ќе се погрижи ниеден негов верен поданик да не се разболи, да не остари и да не умре. Тогаш ќе се решат проблемите како што се криминалот, лошите услови за живот и гладот. На целата Земја ќе владеат вистински мир и безбедност (2. Петрово 3:13; Откровение 21:3–5). Меѓутоа, потребно е да дознаеме уште повеќе за оние кои ќе бидат владетели во таа Божја царска влада.
[Слика на страници 112 и 113]
Исус ги упатил своите следбеници на најважното дело, да го проповедаат Божјето Царство
[Слика на страница 114]
Исус го проповедал Божјето Царство и на сослушувањето, кога бил во прашање неговиот живот
[Слика на страница 119]
Како си го замислуваш Исус — како победнички Цар или како беспомошно бебе?