„Законот ни беше воспитувач“
КОЛКУ деца ја сфаќаат важноста на правилата и дисциплината? Не многу. За нив ограничувањата се заморни и мачни. Меѓутоа, оние што се задолжени да им помагаат на младите знаат дека е сосема неопходно децата да бидат под соодветен надзор. И како што минуваат годините, повеќето млади веројатно ќе сфатат колку биле важни советите и поуките што ги добивале. За да објасни какви чекори презел Јехова Бог за да го учи и да го води својот народ, апостол Павле го употребил примерот на човек кој имал задача да заштитува некое дете.
Во првиот век, некои христијани од римската провинција Галатија тврделе дека Бог ги прифаќал само оние што го држеле Законот кој Бог им го дал на Израелците преку Мојсеј. Апостол Павле знаел дека тоа не е точно, бидејќи Бог им дал свет дух и на некои што никогаш не го држеле еврејскиот закон (Дела 15:12). Затоа го исправил тоа погрешно гледиште преку еден пример. Во едно писмо што им го испратил на христијаните во Галатија, тој напишал: „Законот ни беше воспитувач кој нѐ водеше до Христос“ (Галатите 3:24). Како што вели еден изучувач, воспитувачот играл „значајна улога уште од стари времиња“. Ако ја сфатиме таа улога, ќе ни биде појасно што сакал да каже апостол Павле.
Воспитувачот и неговите должности
Во богатите грчки, римски, а можеби дури и еврејски семејства, вообичаено било да има воспитувач кој се грижел за децата до нивното полнолетство. Воспитувачот обично бил некој доверлив роб, честопати прилично стар, кој се грижел за безбедноста на детето и за спроведувањето на желбите на таткото во врска со неговото воспитување. Во текот на целиот ден, воспитувачот го придружувал детето каде и да одело, се грижел за неговата уредност и чистота, го водел на училиште, честопати му ги носел книгите и другиот училишен прибор, а му помагал и во учењето.
Воспитувачот обично не бил учител. Тој немал задача да му пренесува знаење на детето, туку само да ги спроведува упатствата на таткото како да е старател на детето. Меѓутоа, индиректно го поучувал детето преку својот надзор и дисциплинирање. Во тоа спаѓало да го научи на убави манири, да го прекорува, па дури и физички да го казнува ако детето не се однесува како што треба. Се разбира, мајката и таткото биле првенствено одговорни да го воспитаат своето дете. Сепак, како што тоа растело, неговиот воспитувач го учел како да се држи кога оди по улица, како да ја носи својата наметка, како да седнува и како да јаде, и го учел дека треба да стане кога во просторијата ќе влезат постари лица, дека треба да ги сака своите родители итн.
Грчкиот филозоф Платон (428-348 год. пр.н.е.) бил цврсто убеден дека детските желби треба да се држат под контрола. „Исто како што овцата или некое друго тревопасно животно не треба да се остави без пастир така и децата не можат да живеат без воспитувач, како ни робовите без господар“, напишал тој. Можеби ни се чини дека ваквото гледиште е претерано, но сепак, Платон така гледал на работите.
Поради тоа што воспитувачите биле постојано со децата, на нив почнало да се гледа како на строги чувари и безмилосни казнувачи, кои постојано изнесуваат безначајни, заморни и бескорисни обвинувања. Сепак, воспитувачот служел како заштитник, не само во морален туку и во физички поглед. Грчкиот историчар Апијан, кој живеел во 2 век од н.е., раскажува за еден воспитувач кој на патот до училиштето морал да ги стави рацете околу својот штитеник за да го заштити од некои луѓе што сакале да го убијат. Кога одбил да го пушти детето, тие ги убиле и воспитувачот и детето.
Во древна Грција неморалот бил многу раширен. На децата, особено на машките, им била потребна заштита од сексуално малтретирање. Затоа, воспитувачите биле присутни на часовите, бидејќи во многу учители не можело да се има доверба. Грчкиот говорник Ливаниј, кој живеел во 4 век од н.е., отишол дотаму што рекол дека воспитувачите требало да бидат „чувари на децата во цут“, да „заштитат од непожелните љубовници, тргајќи ги и држејќи ги на растојание, и да не им дозволат да се дружат со машките деца“. Голем број воспитувачи биле многу ценети од своите штитеници. Надгробните споменици потврдуваат колкава благодарност сѐ уште чувствувале возрасните дури и по смртта на своите поранешни воспитувачи.
Законот како воспитувач
Зошто апостол Павле го споредил Мојсеевиот закон со воспитувач? Зошто оваа споредба е особено соодветна?
Една работа е тоа што Законот служел како заштита. Павле објаснил дека Евреите биле „чувани под законот“. Тоа било како да биле под заштитничкото старателство на некој воспитувач (Галатите 3:23). Законот влијаел врз секој аспект на нивниот живот. Ги држел под контрола нивните страсти и телесни желби. Го водел нивното однесување и постојано ги прекорувал за нивните престапи, така што секој Израелец бил свесен за своите недостатоци.
Законот служел и како заштита од штетните влијанија, како што биле расипаните морални и верски обичаи на народите што живееле околу Израел. На пример, тоа што Бог забранил да се склопуваат бракови со паганите било многу важно за духовното добро на целиот израелски народ (5. Мојсеева 7:3, 4). Таквите одредби служеле за да се зачува духовната чистота на Божјиот народ и за да биде подготвен да го препознае Месијата. Од сето тоа можело да се види колку ги сакал Бог. Мојсеј ги потсетил своите сонародници: „Јехова, твојот Бог, те укоруваше како што човек го укорува својот син“ (5. Мојсеева 8:5).
Меѓутоа, еден важен елемент од споредбата што ја дал апостол Павле бил тоа што воспитувачот имал авторитет само привремено. Кога детето ќе станело полнолетно, повеќе не било под надзор на воспитувачот. Грчкиот историчар Ксенофон (431-352 год. пр.н.е.) напишал: „Кога машкото дете ќе потпорасне и ќе стане момче, другите го ослободуваат од неговиот [воспитувач] и од неговиот [учител]; и тогаш повеќе не е под нивна надлежност, туку е независно“.
Истото важело и за Мојсеевиот закон. Тој имал само привремена улога — „да се направат очигледни престапите, додека не дојде потомството“, Исус Христос. Апостол Павле објаснил дека за Евреите, Законот бил ‚воспитувач кој ги водел до Христос‘. За да можат да ја стекнат Божјата милост, Евреите што живееле во времето на Павле морале да ја признаат улогата на Исус во Божјата намера. Откако ја признале, задачата на воспитувачот била завршена (Галатите 3:19, 24, 25).
Законот што Бог им го дал на Израелците бил совршен. Потполно ја исполнил целта за која Бог го дал — да го штити неговиот народ и да го направи свесен за Божјите високи мерила (Римјаните 7:7-14). Законот бил добар воспитувач. Меѓутоа, на некои што живееле под неговата заштита, неговите барања можеби им се чинеле тешки и мачни. Затоа, Павле можел да напише дека, кога дошло Божјето одредено време, „Христос нѐ купил и така нѐ ослободил од проклетството на Законот“. Законот бил ‚проклетство‘ само во таа смисла што ги подложил несовршените Евреи на мерила што не можеле сосема да ги задоволат. Тој налагал да се држат обредите до најситен детаљ. Но, штом некој Евреин ќе го прифател спасението на темел на Исусовата откупна жртва, која била далеку подобра од очистувањето на гревовите постигнато со Законот, повеќе не требало да ги почитува ограничувањата што ги поставувал воспитувачот (Галатите 3:13; 4:9, 10).
Значи, кога Павле го споредил Мојсеевиот закон со воспитувач, сакал да истакне дека тој имал улога на чувар и дека бил даден само привремено. Оној што сакал да ја стекне Јеховината милост, не требало да биде послушен на Законот, туку да го признае Исус и да покаже вера во него (Галатите 2:16; 3:11).
[Рамка/слика на страница 21]
„СТАРАТЕЛИ“ И „УПРАВИТЕЛИ“
Освен што спомнал воспитувач, апостол Павле употребил и споредба со „старатели“ и „управители“. Во Галатите 4:1, 2 читаме: „Наследникот, сѐ додека е дете, воопшто не се разликува од еден роб, иако е господар на сѐ, туку е под старатели и под управители сѐ до денот што го одредил неговиот татко“. Улогата на ‚старателите‘ и на ‚управителите‘ не била иста со улогата на воспитувачите, но она што сакал да го истакне Павле било во основа исто.
Под римскиот закон, ‚старателот‘ бил законски овластен да биде заштитник на малолетното сираче и да ги води финансиите на детето сѐ додека тоа не стане полнолетно. Затоа, како што вели Павле, иако таквото дете теоретски било „господар“ на наследството, сѐ додека било мало, немало поголеми права од еден роб.
‚Управителот‘, пак, бил одговорен за финансиските работи поврзани со имотот. Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј вели дека некој млад човек по име Хиркан побарал од својот татко писмо со кое ќе го овласти неговиот управител да му даде на Хиркан пари да си купи што му треба.
Значи, многу слично на децата што имале воспитувач, детето што имало ‚старател‘ и ‚управител‘ немало слобода додека било малолетно. Неговиот живот бил под надзор на други сѐ до времето што го одредил неговиот татко.
[Слика на страница 19]
Слика на древна грчка вазна на која е прикажан воспитувач со својот стап
[Извор на слика]
National Archaeological Museum, Athens
[Слика на страница 19]
Сцена на чаша од 5 век пр.н.е., на која се гледа воспитувач (со стап) кој е присутен додека неговиот штитеник е на час по поезија и музика
[Извор на слика]
Bildarchiv Preussischer Kulturbesitz/Art Resource, NY