Гледиште на Библијата
Карневалски прослави — исправни или погрешни?
„ПРОСТО не можеш да им одолееш“, вели Мајкл. „Музиката те влече од столот, ти ги покренува нозете, ти ја распалува главата — си добил карневалска треска!“ Навистина, секоја година карневалот го качува пулсот на милиони луѓе ширум светот, но никаде таа треска не е толку жешка како што е во земјата каде што живее Мајкл — Бразил. Во текот на седмицата пред Чиста среда, Бразил се облекува во својата најраскошна облека, ги отстранува часовниците и календарите, и потонува во еден спектакл што ја бранува земјата, од амазонската шума па сѐ до плажите на Рио де Жанеиро. Тоа е време кога се пее, се игра самба и се заборава.
„Тоа е една причина зошто е толку популарен“, објаснува Мајкл, кој со години горливо го прославувал карневалот. „Карневалот им дава на луѓето прилика да ја заборават својата беда.“ А особено за милионите сиромашни — кои живеат без доволно вода, без струја, без вработување и без надеж — има многу што да се заборави. За нив, карневалот е како аспирин: можеби нема да ги излечи проблемите, но барем ќе ја умртви болката. На ова додадете го и гледиштето за карневалот на некои од римокатоличкото свештенство — еден бискуп рекол дека карневалот е „многу корисен за психолошката рамнотежа на луѓето“. Затоа, лесно е да се види зошто многумина мислат дека карневалот е корисна и дозволена разонода. Но, какво е гледиштето на Библијата за карневалските прослави?
Веселење или лумпување?
Божјата Реч вели дека има „време кога се смее . . . и време кога се игра“ (Проповедник 3:4). Со оглед на тоа што хебрејскиот збор за „се смее“ може да биде преведен и со „прославува“, јасно е дека, што се однесува до нашиот Творец, нема ништо погрешно да имаме здрава и добра забава. (Види 1. Царства 18:6, 7.) Всушност, Божјата Реч ни кажува да бидеме весели и да се радуваме (Проповедник 3:22; 9:7). Значи, Библијата одобрува прикладно веселење.
Меѓутоа, Библијата не ги опфаќа сите видови веселења. Апостол Павле наведува дека лумпувањето, т. е. бучното веселење, припаѓа на „делата на телото“ и дека лумпувачите „нема да го наследат царството Божјо“ (Галатјаните 5:19—21). Затоа Павле ги опоменал христијаните ‚да одат чесно како дење — не во срамни гоштавки [лумпувања, НС]‘ (Римјаните 13:13). Затоа, прашањето е: Во која категорија спаѓа карневалот — во невино веселење или во развратно лумпување? За да одговориме, ајде најпрво да објасниме понатаму што е лумпување според гледиштето на Библијата.
Зборот „лумпување“, или на грчки ко́мос, се појавува три пати во Христијанските грчки списи, секогаш со неповолно значење (Римјаните 13:13; Галатјаните 5:21; 1. Петрово 4:3, НС). И не е чудно, затоа што ко́мос произлегува од озлогласените прослави кои им биле добро познати на раните христијани кои зборувале грчки. Кои биле тие прослави?
Историчарот Вил Дјурант објаснува: „Една група луѓе кои носат посветен фалус [симбол на машкиот полов орган] и кои му пеат славопојки [еднолични песни] на Дионис . . . претставувале, според грчката терминологија, комос т. е. лумпување“. Дионис, богот на виното во грчката митологија, подоцна бил присвоен од Римјаните, кои го преименувале во Бахус. Сепак, врската со ко́мос ја преживеала промената на името. Библискиот научник д-р Џејмс Мекнајт, пишува: ‚Зборот ко́мес [множинска форма од ко́мос] доаѓа од Комус, богот на гоштавањето и лумпувањето. Овие лумпувања биле изведувани во чест на Бахус кому, заради тоа му било дадено име Комастес‘. Да, прославите за Дионис и Бахус биле вистински олицетворенија на лумпување. Кои биле карактеристиките на овие гоштавања?
Прикажано лумпување
За време на грчките празнувања во чест на Дионис, според Дјурант, мноштва славители „пиеле без ограничување, и . . . го сметале за неразумен оној кој не би го изгубил својот ум. Тие марширале во дива процесија . . . и додека пиеле и танцувале, запаѓале во едно беснило во кое сите врски биле разлабавени“. На сличен начин, римските свечености во чест на Бахус (наречени Баханалија) се одликувале со пиење, похотни песни и музика, а биле и сцени на „многу срамни постапки“, пишува Мекнајт. Вака разбеснетите мноштва, претераното пиење, страстното играње и музика, како и неморалниот секс, претставувале основни составни елементи на грчко-римските лумпувања.
Дали денешните карневали ги содржат овие составни елементи кои доведуваат до лумпување? Забележи неколку цитати од новински извештаи за карневалските прослави: „Претерано бучни мноштва“. „Четири дена неконтролирано пиење и цели ноќи забава.“ „За некои лумпувачи, карневалскиот мамурлак може да трае неколку дена.“ „Скоро оглушувачките звуци во непосредна близина, ги прават изведбите на ‚хевиметал групите‘ . . . да бидат бледи во споредба со нив.“ „Денес, која било карневалска прослава без хомосексуалци е како сарма без зелка.“ „Карневалот стана синоним на целосна голотија.“ Карневалските танцувања прикажувале „сцени на мастурбација . . . и различни облици на секс[уален] однос“.
Навистина, сличностите помеѓу денешните карневали и оние древни гоштавања се толку впечатливи што, ако еден Бахус лумпувач би се разбудил сред некоја современа карневалска забава, тешко дека не би погодил некој такт. А тоа не би требало да нѐ изненади, коментира бразилскиот продуцент Клаудио Петралја, затоа што тој вели дека денешниот карневал „потекнува од гоштавањата за Дионис и Бахус и дека тоа, всушност, е природата на карневалот“. The New Encyclopædia Britannica наведува дека карневалот може да биде поврзан со паганската свеченост Сатурналија од древниот Рим. Така, карневалот, иако припаѓа на различна ера, спаѓа во истото семејство како и неговите претци. Името на семејството? Лумпување.
Каков ефект би требало ова спознание да има врз денешните христијани? Истиот ефект што го имал врз раните христијани кои живееле во провинциите кои биле под грчко влијание во Мала Азија. Пред да станат христијани, имале обичај да се оддаваат на „нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување [лумпување, НС, ко́мес], во препирање и во нечестиво идолопоклонство“ (1. Петрово 1:1; 4:3, 4). Меѓутоа, откако дознале дека на лумпувањата Бог гледа како на „дела на мракот“, престанале да учествуваат во прославите кои личеле на карневали (Римјаните 13:12—14).
Мајкл, кого го спомнавме претходно, го сторил истото. Тој објаснува зошто: „Како што растеше моето спознание на Библијата, видов дека карневалските прослави и библиските начела се како масло и вода — едноставно не можат да се мешаат“. Во 1979, Мајкл одлучил. Се ослободил од карневалските прослави засекогаш. Каков избор ќе направите Вие?
[Слика на страница 21]
Претхристијанска грчка амфора која го прикажува Дионис (лева фигура)
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Британскиот музеј