Размислувај трезвено — постапувај мудро
ЗАМИСЛИ си ја оваа сцена: Исус Христос објаснува дека религиозните непријатели во Ерусалим ќе му нанесат голема болка и потоа ќе го убијат. Неговиот близок пријател, апостол Петар, не може да поверува во тоа. Всушност, тој го трга Исус настрана и го укорува. Нема сомнение дека Петар е искрен и вистински загрижен. Но, како го оценил Исус размислувањето на Петар? „Бегај зад мене, Сатано!“ рекол Исус. „Ти си ми камен спрепинач, зашто не мислиш Божји мисли, туку човечки“ (Матеј 16:21—23).
Каков само шок мора да било тоа за Петар! Наместо да даде помош и поддршка, во овој случај тој му бил „камен спрепинач“ на својот сакан Господар. Како дошло до тоа? Петар можеби подлегнал на една вообичаена мана во човечкото размислување — верувал во она во што сакал да верува.
Не биди премногу самоуверен
Закана за нашата способност трезвено да размислуваме е склоноста да бидеме премногу самоуверени. Апостол Павле ги предупредил сохристијаните во древниот Коринт: „Кој мисли дека стои, нека се чува да не падне“ (1. Коринќаните 10:12). Зошто го кажал Павле ова? Изгледа затоа што знаел колку лесно може да биде извртено човечкото размислување — дури и умот на христијаните да биде ‚расипан и одвратен од искреноста и чесноста кои му припаѓаат на Христос‘ (2. Коринќаните 11:3).
Ова им се случило на една цела генерација предци на Павле. Во тоа време Јехова им рекол: „Вашите мисли не се Мои мисли, и Моите патишта не се ваши патишта“ (Исаија 55:8). Тие станале „мудри во сопствени очи“ што имало катастрофални последици (Исаија 5:21). Тогаш, секако е разумно да испитаме како можеме да го задржиме своето размислување трезвено и на тој начин да избегнеме слична катастрофа.
Чувај се од телесното размислување
Врз некои од Коринт лошо влијаело телесното размислување (1. Коринќаните 3:1—3). Тие ставале поголем нагласок врз човечките филозофии отколку врз Божјата реч. Грчките мислители од тоа време без сомнение биле многу интелигентни луѓе. Меѓутоа, во Божји очи тие биле безумни. Павле рекол: ‚Напишано е: „Ќе направам да пропадне мудроста на мудрите, и ќе ја отфрлам умноста на умните“. Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е расправачот од овој систем на работи? Зарем Бог не ја претвори мудроста на светот во безумство?‘ (1. Коринќаните 1:19, 20). Таквите интелектуалци биле водени од „духот на светот“ наместо од духот на Бог (1. Коринќаните 2:12). Нивните филозофии и идеи не биле во склад со размислувањето на Јехова.
Основниот извор на таквото телесно размислување е Сатана Ѓаволот, кој ја искористил змијата за да ја заведе Ева (Битие 3:1—6; 2. Коринќаните 11:3). Дали тој сѐ уште претставува опасност за нас? Да! Според Божјата реч, Сатана „им ги заслепил умовите“ на луѓето до тој степен што сега „ја заведува целата населена земја“ (2. Коринќаните 4:4; Откровение 12:9). Колку е само важно да бидеме свесни за неговите намери! (2. Коринќаните 2:11).
Пази се од „човечката измама“
Апостол Павле предупредил и на „човечката измама“ (Ефешаните 4:14). Тој наишол на „измамливи работници“ што се преправале дека ја претставуваат вистината, но кои всушност ја извртувале (2. Коринќаните 11:12—15). За да ги постигнат своите цели, таквите луѓе можеби ќе користат докази што им одат во прилог само ним, јазик набиен со емоции, заводливи полувистини, подли инсинуации, па дури и отворени лаги.
Пропагандистите честопати користат некој збор, како што е зборот „секта“, за да ги оцрнат другите. Во еден предлог до Парламентарното собрание на европскиот совет било наведено дека властите што ги испитуваат новите религиозни групи „би било добро да не го користат повеќе тој израз“. Зошто? Се сметало дека зборот „култ“ има претерано негативна конотација. Понатаму се вели: „Во умот на јавноста денес, секта е нешто крајно злобно или опасно“. На сличен начин, грчките интелектуалци неправедно го обвиниле апостол Павле дека е „дрдорко“ или буквално ‚собирач на семе‘. Со ова сакале да укажат дека тој не е ништо друго туку брбливец што нема друга работа, некој што собрал и повторува само мали делчиња знаење. Всушност, Павле ‚ја објавувал добрата вест за Исус и за воскресението“ (Дела 17:18).
Дали методите на пропагандистите успеваат? Да. Тие биле главниот фактор за да се создаде етничка и религиозна омраза извртувајќи ги сфаќањата на луѓето за другите нации или религии. Многумина ги користеле за да ги маргинализираат неомилените малцинства. Адолф Хитлер успешно користел такви методи кога ги прикажал Евреите и други како „дегенерици“, „злобни“ и „закана“ за државата. Никогаш не дозволувај ваквата измама да ти го затруе размислувањето (Дела 28:19—22).
Не залажувај се себеси
Исто така, лесно е да се залажуваме себеси. Всушност, може да биде многу тешко да се откажеме или дури и да доведеме во прашање некои мислења што длабоко ни прираснале за срцето. Зошто? Затоа што стануваме емоционално приврзани за нашите гледишта. Тогаш можеби ќе се залажуваме себеси наоѓајќи оправдувања — измислувајќи причини за да го оправдаме она што всушност се погрешни и измамливи верувања.
Ова им се случило на некои христијани од првиот век. Тие ја знаеле Божјата реч, но не дозволувале таа да го води нивното размислување. На крај, завршиле „залажувајќи се самите себе со лажно резонирање“ (Јаков 1:22, 26). Една работа што покажува дека можеби сме подлегнале на вакво самозалажување е ако почнуваме да се лутиме кога се нападнати нашите мислења. Наместо да се лутиме, мудро е да задржиме отворен ум и внимателно да слушаме што имаат да кажат другите — дури и кога сме сигурни дека нашето мислење е исправно (Пословици 18:17).
Копај по „знаењето за Бога“
Што можеме да направиме за да го задржиме нашето размислување трезвено? Имаме многу помош на располагање, но мораме да бидеме спремни да вложиме труд за неа. Мудриот цар Соломон рекол: „Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе, и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот; да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште — тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога“ (Пословици 2:1—5). Да, ако лично вложиме напор да ги исполниме умот и срцето со вистините од Божјата реч, ќе добиеме вистинска мудрост, увид и проникливост. Всушност, ќе копаме по работи што се далеку повредни од сребро или кое и да било друго материјално богатство (Пословици 3:13—15).
Мудроста и спознанието секако се многу важни фактори за трезвено размислување. „Зашто мудроста ќе влезе во твоето срце и знаењето ќе ја зарадува твојата душа“, вели Божјата реч, „расудувањето ќе те пази тебе и разумноста ќе те чува: за да те избави од лош пат, од измамлив човек, од оние што ги оставаат патеките на чесноста, па одат по мрачни патишта“ (Пословици 2:10—13).
Особено е важно да дозволиме Божјите мисли да го водат нашето размислување во време на стрес или опасност. Силните емоции, како што се гневот или стравот, отежнуваат да се размислува трезвено. „Угнетувањето ги прави мудрите — безумни“, вели Соломон (Проповедник 7:7). Можно е дури да почнеме да ‚му се лутиме на Господа‘ (Пословици 19:3). Како? Така што ќе го обвинуваме Бог за нашите проблеми и ќе ги користиме нив како изговор за работите што ги правиме а што не се во склад со неговите закони и начела. Наместо да мислиме дека ние секогаш знаеме најдобро, понизно да ги слушаме мудрите советници што сакаат да ни помогнат користејќи го Писмото. И, ако е потребно, да бидеме подготвени да ги оставиме дури и гледиштата за кои цврсто сме се држеле кога ќе стане очигледно дека се погрешни (Пословици 1:1—5; 15:22).
‚Постојано барај од Бог‘
Живееме во збунувачки и опасни времиња. Редовната молитва за водство од Јехова е неопходна ако сакаме да користиме добро просудување и да постапуваме мудро. „Не бидете тегобно загрижени за ништо“, пишува Павле, „туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7). Ако ни недостига мудрост за да се справиме со тешки проблеми или испити, треба ‚постојано да бараме од Бог, зашто тој им дава дарежливо на сите без прекорување‘ (Јаков 1:5—8).
Свесен дека сохристијаните требало да практикуваат мудрост, апостол Петар настојувал да ‚ги разбуди нивните способности за јасно размислување‘. Тој сакал тие да ‚се сеќаваат на зборовите што порано ги говореле светите пророци и на заповедта на Господ и Спасителот‘, Исус Христос (2. Петрово 3:1, 2). Ако го правиме тоа и го задржиме својот ум во склад со Јеховината реч, ќе размислуваме трезвено и ќе постапуваме мудро.
[Слики на страница 21]
Раните христијани допуштиле божествената мудрост, а не филозофските размислувања, да го обликува нивното размислување
[Извори на слики]
Филозофи одлево надесно: Епикур: фотографија направена со љубезна дозвола на Британскиот музеј; Цицерон: репродуцирано од The Lives of the Twelve Caesars; Платон: Рим, Musei Capitolini
[Слики на страница 23]
Молитвата и проучувањето на Божјата реч се неопходни