Бидете преобразени во умот и просветлени во срцето
„Ова, пак, го зборувам и за сведок Го повикувам Господа; да не постапувате веќе, како што постапуваат и другите незнабошци“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 4:17).
1. Што вршат за нас нашите умови и срца?
УМОТ и срцето се две од најчудесните способности што луѓето ги поседуваат. Иако нивните функции се безбројни, тие самите се единствени за секој поединец. На нашата личност, говор, однесување, емоции и вредности длабоко влијае начинот на кој ни работат умот и срцето.
2, 3. а) Како Библијата ги употребува изразите „срце“ и „ум“? б) Зошто мораме да бидеме заинтересирани за срцето и за умот?
2 Во Библијата, „срцето“ обично се однесува на мотивацијата, емоциите и внатрешните чувства, а „умот“ на интелектот и на мисловните способности. Сепак, тие меѓусебно не се исклучуваат. На пример, Мојсеј ги поттикнувал Израелците: „Мораш да се сеќаваш во срцето [фуснота: „мораш да си припомнуваш“] дека Јехова е вистинскиот Бог“ (5. Мојсеева 4:39, NW). На писарите кои ковале завера против него, Исус им рекол: „Зошто мислите лошо во срцата ваши?“ (Матеј 9:4; Марко 2:6, 7).
3 Тоа покажува дека умот и срцето се тесно поврзани. Тие дејствуваат меѓусебно и понекогаш меѓусебно се зајакнуваат за да работат како обединет тим, а сепак често војуваат еден против друг во борба за превласт (Матеј 22:37; спореди Римјаните 7:23). Од таа причина, за да ја добиеме Јеховината наклоност, не само што мораме да бидеме сигурни за состојбата на нашиот ум и срце, туку мораме и да ги обучуваме да функционираат складно, да бидат насочени во ист правец. Мораме да бидеме преобразени во умот и просветлени во срцето (Псалми 118:34; Соломонови изреки 3:1).
‚Како што постапуваат незнабошците‘
4. а) Како Сатана влијае на умовите и срцата на луѓето и кој е исходот од тоа?
4 Сатана е мајстор за измами и сплетки. Тој знае дека за да добие контрола над луѓето мора да нишани на нивните умови и срца. Уште од самиот почеток на човечката историја употребувал средства од еден или друг вид за да ја постигне таа цел. Како резултат на тоа, „целиот свет лежи во зло [во власта на Злобниот, Стварност]“ (1. Јованово 5:19). Сатана, всушност, толку успешно влијае на срцата и умовите на луѓето од светот што Библијата ги опишува како „лош и расипан род“ (Филипјаните 2:15). Апостол Павле на еден живописен начин ја опишува состојбата на срцето и умот на тој лош и расипан род, а неговите зборови служат како предупредување за сите нас денес. На пример, молиме прочитај во Ефесјаните 4:17-19 и тоа спореди го со Павловите зборови во Римјаните 1:21-24.
5. Зошто Павле напишал силен совет до Ефесјаните?
5 Кога ќе се сетиме на градот Ефес, кој бил познат по својот морален распад и паганското обожавање на идоли, сфаќаме зошто Павле им напишал толку силни зборови на христијаните во тој град. Иако Грците имале свои познати мислители и филозофи, се чини дека грчкото образование на повеќето луѓе им давало поголема способност да прават зло, а нивната култура само ги правела попрефинети во нивните пороци. Павле бил сериозно загрижен за своите сохристијани кои живееле во таква средина. Знаел дека повеќето од нив порано биле луѓе од народите и дека ‚некогаш живееле според животот на овој свет‘. Но сега ја прифатиле вистината. Нивните умови се преобразиле, а срцата им се просветлиле. Пред сѐ друго, Павле сакал да ‚се однесуваат достојно според звањето‘ (Ефесјаните 2:2; 4:1).
6. Зошто треба да бидеме заинтересирани за Павловите зборови?
6 Ситуацијата денес е слична. И ние живееме во свет на искривени вредности, паднат морал и обичаи на лажната религија. Многумина од нас живееле според системот на ствари од овој свет. Други меѓу нас мораат секој ден тесно да соработуваат со светски луѓе. Некои живеат во домови каде што преовладува световен дух. Затоа е неизбежно да го сфатиме значењето на Павловите зборови и да извлечиме корист од неговиот совет.
Бескорисни и замрачени умови
7. Што мислел Павле со изразот „бескорисноста на нивните умови“?
7 Со цел да ѝ даде цврста поддршка на својата опомена христијаните да ‚не постапуваат веќе, како што постапуваат и другите незнабошци‘, Павле прво ја споменал „бескорисноста на нивните умови“ (Ефесјаните 4:17, NW). Што значи тоа? Зборот преведен со „бескорисност“, според The Anchor Bible, „вклучува празнота, мрзеливост, суетност, лудост, бесцелност и разочараност“. Со тоа, Павле укажувал дека прочуеноста и славата на грчкиот и римскиот свет можеби изгледале впечатливи, но тежнеењето по нив всушност било празно, лудо и бесцелно. Оние чии срца копнееле по прочуеност и слава, на крајот не добивале ништо друго освен пораз и разочарување. Истото начело важи за светот денес.
8. На кои начини тежнеењата од светот се бескорисни?
8 Светот има свои интелектуалци и своја елита до која луѓето се обраќаат за одговори на толку длабоки прашања како што се потеклото и целта на животот, како и судбината на човештвото. Но каков увид и водство можат тие да понудат? Атеизам, агностицизам, еволуција и мноштво други збунувачки и противречни идеи и теории кои не се ништо попросветлувачки од ритуалите и суеверијата од минатото. Многу световни тежнеења исто така се чини дека нудат одредена мера на задоволство и исполнетост. Луѓето зборуваат за успеси и дострели во науката, уметноста, музиката, спортот, политиката и слично. Им се воодушевуваат на своите минливи моменти на слава. А сепак, аналите на историјата и денешните книги кои содржат записи за големите човекови достигнувања од минатото се полни со заборавени херои. Сето тоа не е ништо друго освен празнота, мрзеливост, суетност, лудост, бесцелност и разочараност.
9. Кон какви бескорисни тежнеења се свртуваат многумина?
9 Сфаќајќи ја бескорисноста на таквите настојувања, многумина се свртуваат кон материјалистички тежнеења — трупаат пари и ги набавуваат оние работи кои се купуваат со пари — и таквите тежнеења претставуваат цел во нивниот живот. Убедени се дека среќата доаѓа од богатство, имот и од трагање по задоволства. Не само што своите умови ги насочуваат кон тоа, туку се спремни да жртвуваат сѐ — здравјето, семејството, па дури и совеста. И со каков резултат? Наместо да бидат исполнети, тие си ‚навлекле многу маки‘ (1. Тимотеј 6:10). Не е ни чудо што Павле ги поттикнувал своите сохристијани да престанат да одат како што одат народите, поради бескорисноста на таквиот начин на размислување.
10. Како луѓето од светот се „,помрачени во разумот“?
10 За да покаже дека светот нема ништо вредно на што може да се завиди или да се имитира, Павле потоа рекол дека тие се „помрачени во разумот“ (Ефесјаните 4:18). Светот во секој случај дека има интелигентни и информирани луѓе скоро во секоја област од работата. Но, Павле рекол дека тие умствено се во темнина. Зошто? Неговите забелешки не се однесуваат на нивните умствени вештини или способности. Изразот „ум“ може исто така да се однесува на центарот на човечката перцепција, на седиштетото на разбирање, внатрешниот човек. Тие се наоѓаат во темнина затоа што немаат светлина што ќе ги води или чувство за насоченост на нивните настојувања. Тоа може да се види во нивната збркана смисла за исправно и неисправно. Луѓето можеби мислат дека денешниот неосудувачки менталитет, кој прифаќа сѐ што луѓето ќе речат или ќе направат, е просветлувачки, но според Павле тој всушност е еден замрачен менталитет. Во духовна смисла, тие пипаат наоколу во потполна темнина (Јов 12:25; 17:12; Исаија 5:20; 59:6-10; 60:2; спореди Ефесјаните 1:17, 18).
11. Која е причината за умствената темнина во светот?
11 Како е можно луѓето да бидат интелигентни, па дури и брилијантни на толку многу начини, а сепак да се наоѓаат во духовна темнина? Во 2. Коринтјаните 4:4 Павле ни го дава одговорот: „Богот од овој свет им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог“. Колку е драгоцен благословот што оние кои ја прифаќаат прославената добра вест се преобразиле во умот и се просветлиле во срцето!
Неуки и неосетливи срца
12. На кој начин светот е ‚отуѓен од животот кој му припаѓа на Бог‘?
12 За понатаму да ни помогне да сфатиме зошто мораме да бидеме преобразени во умот и просветлени во срцето, Павле ни го свртува вниманието на фактот дека вообичаениот начин на живот во светот е ‚отуѓен од животот кој му припаѓа на Бог‘ (Ефесјаните 4:18, NW). Не се работи за тоа дека луѓето повеќе не веруваат во Бог или дека станале потполно безбожни. Еден новински колумнист се изразил на следниов начин: „Наместо безбожен, да измислиме нов збор: малубожен. Малубожните луѓе бараат признание заради тоа што веруваат во Бог, а истовремено него го чуваат во кутија, го пуштаат надвор само во недела наутро и никогаш не му дозволуваат да влијае на нивното политичко гледиште или на нивниот приватен живот меѓу неделите. . . . [Тие] донекаде веруваат во Бог, но мислат дека Бог нема што да каже за современото општество“. Во своето писмо до Римјаните, Павле се изразил на следниов начин: „Кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту, пак, Му благодарија“ (Римјаните 1:21). Секој ден гледаме луѓе кои одат низ животот без никаква помисла за Бог. Се разбира, тие ниту му оддаваат чест, ниту му се заблагодаруваат.
13. Што е „животот кој му припаѓа на Бог“?
13 Овде е значаен иразот „животот кој му припаѓа на Бог“. Тој понатаму покажува како умствената и духовната темнина на луѓето им го уништува чувството за вредности. Грчкиот збор овде преведен со „живот“ не е би́ос (од кој доаѓаат зборовите како што се „биологија“, „биографија“), кој значи начин на живот или животен стил, туку зое́ (од кое доаѓаат зборовите како што се „зоо“, „зоологија“). Според Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words, тоа значи „живот како начело, живот во апсолутната смисла, живот како што го има Бог. . . . Човекот станал отуѓен од тој живот како последица на [Адамовиот] пад во грев“. Според тоа, Павле ни кажал дека умствената и духовната темнина не само што ги довела луѓето од светот до распадливост на телото, туку и ги одвоила од надежта за бескраен живот кој го нуди Бог (Галатјаните 6:8). А зошто? Павле понатаму ни ги кажува причините.
14. Која е една од причините поради која светот е отуѓен од животот кој му припаѓа на Бог?
14 Како прво, рекол дека тоа е така „поради незнаењето кое е во нив“ (Ефесјаните 4:18, NW). Изразот „кое е во нив“ истакнува дека незнаењето не се должи на немање можност да научат, туку на намерно одбивање на спознанието за Бог. Други преводи на овој израз се: „нивното вродено одбивање да го запознаат Бог“ (The Anchor Bible); „без спознание затоа што ги затвориле своите срца пред него“ (Jerusalem Bible). Бидејќи го одбиваат, или своеволно го отфрлаат точното спознание за Бог, немаат никаква основа да го добијат таквиот живот што Јехова им го нуди на оние кои покажуваат вера во Неговиот Син, кој рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3; 1. Тимотеј 6:19).
15. Што придонесува за отуѓеноста на овој свет од животот кој му припаѓа на Бог?
15 Друга причина зошто светот воопшто е отуѓен од животот кој му припаѓа на Бог, според Павле, е „бесчувствителноста на нивните срца“ (Ефесјаните 4:18, NW). Овде „бесчувствителност“ во основа значи стврднување, како да е покриено со кора. Сите знаеме како се создаваат кори. Кожата во почетокот е мека и осетлива, но ако е постојано изложена на одреден притисок или триење, се стврднува, се здебелува и создава кора. Таа повеќе не го чувствува дразнењето. На сличен начин, луѓето не се раѓаат со стврднато или закоравено срце така што автоматски да бидат бесчувствителни спрема Бог. Но, бидејќи живееме во светот и сме изложени на неговиот дух, на срцето не му треба долго време за да стане закоравено или стврднато, доколку не се заштитува. Од таа причина, Павле предупредил: „Гледајте . . . никој од вас да не отрпне преку измама на гревот“ (Евреите 3:7-13; Псалми 95:8-10). Затоа е итно да останеме преобразени во умот и просветлени во срцето!
„Изгубиле секакво морално чувство“
16. Која е последицата од умствената темнина на овој свет и од отуѓеноста од животот кој му припаѓа на Бог?
16 Последицата од таквата темнина и отуѓеност е резимирана во Павловите натамошни зборови: „Изгубиле секакво морално чувство, се предале на разуздано однесување за да вршат секаков вид нечистота со алчност“ (Ефесјаните 4:19, NW). Изразот „изгубиле секакво морално чувство“ буквално значи „престанале да чувствуваат болка“, т.е. морална болка. Така настанува едно закоравено срце. Кога ќе престане да ги чувствува болките на совеста и ќе изгуби чувство на одговорност пред Бог, тоа повеќе не се совладува. Затоа Павле рекол дека „се предале“ на разуздано однесување и нечистота. Тоа е намерен и своеволен чекор. „Разуздано однесување“, како што е употребено во Библијата, означува безобразен, бесрамен однос, презрив став спрема законот и власта. На сличен начин, под „секаква нечистота“ не се подразбира само сексуална изопаченост, туку и расипаните работи што се вршат во името на религијата, како што се ритуалите на плодноста и ритуалите што се вршеле во храмот на Артемида во Ефес, со кој Павловите читатели биле добро запознаени (Дела на св. апостоли 19:27, 35).
17. Зошто Павле рекол дека луѓето кои изгубиле секакво морално чувство грешат „со алчност“?
17 Невоздржаната попустливост на разузданото однесување и секаков вид нечистота како да не било доволно, па затоа Павле додава дека таквите луѓе постапуваат „со алчност“ (NW). Кога луѓето кои сѐ уште поседуваат одредена мера на морално чувство ќе извршат некој грев, можеби барем ќе чувствуваат жалење и ќе се трудат тоа да не се повтори. Но оние кои „изгубиле секакво морално чувство“ грешат „со алчност“ („ненаситно“, Свето писмо на современ македонски јазик). Извесен радио коментатор во една прилика вака се изразил: „Ако си излегол вечерва и си се забавувал, утревечер ќе бараш да ти биде уште позабавно“. Таквите желно паѓаат сѐ повеќе и повеќе по удолницата додека не пропаднат до самите длабочини на изопаченоста — и тоа го сметаат за нешто сосема нормално. Каков точен опис на ‚волјата на незнабошците‘! (1. Петрово 4:3, 4)!
18. Каква слика прикажал Павле како заклучок за умствената и духовната состојба на светот?
18 Во само три стихови во Ефесјаните 4:17-19, Павле ја разоткрива вистинската морална и духовна состојба на светот. Тој истакнува дека идеите и теориите што ги поддржуваат световните мислители и немилосрдното тежнеење кон богатство и задоволство се потполно бескорисни. Јасно дава до знаење дека, поради умствената и духовната темнина, светот се наоѓа во морално блато во кое пропаѓа сѐ подлабоко. Конечно, поради незнаењето и бесчувствителноста кои самите си ги наметнале, светот станал безнадежно отуѓен од животот кој му припаѓа на Бог. Секако дека имаме добри причини да не одиме онака како што одат и народите!
19. Кои важни прашања мора да се разгледаат?
19 Бидејќи темнината во умот и срцето предизвикува светот да биде отуѓен од Јехова Бог, како можеме да се ослободиме од било каква темнина во нашите умови и срца? Да, што треба да сториме за да можеме и понатаму да одиме како деца на светлината и да ја задржиме Божјата наклоност? Тоа ќе го разгледаме во следната статија.
Можеш ли да објасниш?
◻ Што го поттикнало Павле да го даде остриот совет во Ефесјаните 4:17-19?
◻ Зошто патиштата на светот се бескорисни и се наоѓаат во темнина?
◻ Што се мисли под изразот „отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог“?
◻ Кои се последиците од затемнетиот ум и неосетливото срце?
[Слики на страница 9]
Ефес бил озлогласен по неговата морална изопаченост и идолско обожавање
1. Римски гладијатор во Ефес
2. Урнатини од храмот на Артемида
3. Амфитеатар во Ефес
4. Артемида Ефеска, божица на плодноста
[Слика на страница 10]
Каков увид може да понуди елитата на светот?
Нерон
[Извор на слика]
Musei Capitolini, Рим