Зајакни го својот брак со добра комуникација
„Зборови кажани во право време се златни јаболка во сребрени садови“ (ИЗР. 25:11)
1. Како добрата комуникација им помогнала на некои брачни парови?
„НАЈУБАВО ми е кога сум со жена ми — повеќе сакам да го минувам времето со неа, отколку со кој и да е друг“, рекол еден брат од Канада. „Секоја радост во животот ми е поголема, а секоја болка ми е помала кога ја споделувам со неа.“ Еден сопруг од Австралија напишал: „Во овие 11 години откако сме заедно, не помина ниту еден ден без да разговарам со жена ми. Благодарение на добрата комуникација, имаме потполна доверба еден во друг, а нашиот брак е цврст и стабилен“. Една сестра од Костарика рекла: „Добрата комуникација ни помага да имаме среќен брак, но исто така нѐ зближува со Јехова, нѐ штити од искушенија, ни помага да бидеме сѐ поблиски еден со друг и уште повеќе да се сакаме“.
2. Што може да ја отежнува добрата комуникација во бракот?
2 Дали добрата комуникација е дел од вашиот брак или, пак, не ви е лесно да комуницирате еден со друг? Се разбира, понекогаш ќе се појават проблеми бидејќи бракот е заедница на две несовршени личности кои имаат различни карактери (Рим. 3:23). Можеби потекнувате од поинакви култури или имате различно воспитание. Освен тоа, можеби не комуницирате на ист начин. Според двајца истражувачи на полето на бракот, Џон М. Готман и Нен Силвер, „за еден брак навистина да биде трајна врска потребна е храброст, одлучност и истрајност“.
3. Што им помогнало на некои парови да го зајакнат својот брак?
3 Потребно е да се вложи многу труд за еден брак да биде успешен. Но, тој може да биде извор на неизмерна среќа. Брачните другари кои се сакаат навистина можат да уживаат во заедничкиот живот (Проп. 9:9). На пример, размисли за убавиот брак што го имале Исак и Ревека (1. Мој. 24:67). Библијата покажува дека нивната меѓусебна љубов не згаснала дури и откако веќе долго време биле во брак. Истото може да се каже и за многу брачни парови денес. Која е тајната на нивниот успех? Тие научиле да зборуваат искрено и отворено за своите мисли и чувства. Сепак, тоа го прават на љубезен начин и притоа покажуваат разбирање, љубов, длабока почит и понизност. Да видиме како овие важни особини можат да им помогнат на брачните двојки да имаат добра комуникација.
ПОКАЖУВАЈТЕ РАЗБИРАЊЕ
4, 5. Како можат брачните другари да покажат поголемо разбирање еден за друг? Наведи примери.
4 „Кој ги согледува работите разборито, наоѓа добро“, пишува во Изреки 16:20. Ова особено важи за бракот и за семејниот живот. (Прочитај Изреки 24:3.) Божјата Реч ни помага да ги ‚согледаме работите разборито‘ и да бидеме мудри, а тоа е неопходно за да покажуваме разбирање и да имаме среќен брак. На пример, во 1. Мојсеева 2:18 се вели дека Бог ја создал жената како дополнение на мажот. Тоа значи дека тие не се исти туку се надополнуваат еден со друг. Затоа жените комуницираат на поинаков начин од мажите. Повеќето жени сакаат да зборуваат за своите чувства, како и за луѓето и за нивните меѓусебни односи. Отворената и искрена комуникација им помага да се чувствуваат сакано и сигурно. Од друга страна, многу мажи не сакаат да зборуваат за своите чувства, туку главно разговараат за работа и спорт или, пак, за проблеми и решенија. Освен тоа, многу им значи да им се покажува почит.
5 „Маж ми повеќе сака да ми понуди брзо решение за проблемот отколку да ме ислуша“, рекла една сестра од Британија. „Тоа понекогаш ме вади од кожа, затоа што јас само сакам да ме сослуша и да ме разбере.“ Еден сопруг напишал: „Кога се зедовме, имав обичај за секој проблем што ќе ми го спомнеше жена ми веднаш да ѝ понудам решение. Но, наскоро сфатив дека таа само сака некој да ја сослуша“ (Изр. 18:13; Јак. 1:19). Мажот кој има разбирање е обѕирен кон чувствата на својата жена и внимава како постапува со неа. Исто така, го зема предвид нејзиното мислење и се труди да ѝ покаже дека нејзините чувства му се важни (1. Пет. 3:7). Жената, од своја страна, се труди да разбере како размислува мажот. Кога и двајцата знаат што очекува Бог од нив и се трудат да ја исполнат својата улога, полесно донесуваат мудри и урамнотежени одлуки, и нивниот брак навистина е среќен.
6, 7. а) Како може начелото од Проповедник 3:7 да им помогне на брачните другари да покажат разбирање? б) Како може жената да покаже разбирање кога зборува со својот маж, и каков труд треба да вложи тој?
6 Брачните другари треба исто така да знаат дека има „време за молчење и време за зборување“ (Проп. 3:1, 7). „Сега сфаќам дека понекогаш не е време да зборувам за некој проблем“, вели една сестра која е мажена десет години. „Ако маж ми има премногу работа или го притискаат други одговорности, чекам да помине некое време пред да потегнам разговор за некоја осетлива тема. Тогаш можеме да зборуваме посмирено.“ Кога жената зборува љубезно и „во право време“, мажот најверојатно ќе биде многу поспремен да ја слуша. (Прочитај Изреки 25:11.)
7 Освен тоа што е многу важно еден христијанин да ја ислуша својата жена, важно е и да се потруди да ѝ објасни како самиот се чувствува. Еден старешина кој е во брак 27 години вели: „Сѐ уште ми е тешко да зборувам отворено за моите чувства со жена ми“. Еден брат кој е женет 24 години забележува: „Обично не разговарам за проблемите мислејќи си дека по некое време ќе престанат да ме измачуваат. Но, сфатив дека не е знак на слабост ако зборувам за своите чувства. Кога ми е тешко да се искажам, се молам да ги најдам вистинските зборови и да ги кажам на исправен начин. А потоа земам здив и почнувам да зборувам“. Важно е брачните другари да го изберат вистинскиот момент за разговор, можеби кога се насамо и заедно го разгледуваат дневниот стих или ја читаат Библијата.
8. Што ќе им помогне на брачните парови да развијат желба подобро да комуницираат?
8 Можеби нема да биде лесно брачните другари да го сменат начинот на кој комуницираат. Затоа, и двајцата треба да се молат и да имаат силна желба да ја подобрат меѓусебната комуникација. А ќе развијат таква желба ако го сакаат Јехова, ако го молат за свет дух и ако гледаат на својот брак како на нешто свето. Една сестра која е мажена 26 години пишува: „И на двајцата ни е многу важно како гледа Јехова на бракот, и никогаш не сме ни помислиле на одвојување. Од таа причина, даваме сѐ од себе да ги решаваме проблемите со тоа што разговараме за нив“. Бог се радува кога гледа дека брачните другари покажуваат ваква лојалност кон него и еден кон друг, и богато ги благословува (Пс. 127:1).
ПРОДЛАБОЧУВАЈТЕ ЈА ЉУБОВТА
9, 10. Како можат брачните другари да ја продлабочат својата љубов еден кон друг?
9 Љубовта е најважната алка која ‚совршено ги поврзува‘ брачните партнери (Кол. 3:14). Кога верните сопружници остануваат заедно и во добро и во зло, нивната љубов сѐ повеќе расте и се продлабочува. Со текот на времето, тие стануваат уште поблиски пријатели и уживаат во секој миг што го минуваат заедно. Не е секогаш потребно мажот и жената да прават големи работи еден за друг, како што понекогаш гледаме во филмовите. Напротив, брачната врска се зајакнува со безброј мали работи, како што е прегратка, нежен збор, некој мал знак на внимание, топла насмевка или едно искрено прашање: „Како си помина денес?“ Овие мали работи можат многу да значат во бракот. Двајца сопружници, кои се во среќен брак веќе 19 години, секојдневно се слушаат на телефон или си праќаат пораки „само да си покажат дека мислат еден на друг“.
10 Оние што се сакаат се трудат уште подобро да се запознаат (Фил. 2:4). Тоа им помага да ја продлабочат љубовта што ја чувствуваат еден кон друг, и покрај тоа што се свесни за своите маани и слабости. Среќните бракови со текот на времето стануваат уште поцврсти. Затоа, ако си во брак, прашај се: ‚Колку добро го познавам мојот сопружник? Дали знам како гледа на одредена работа, и зошто? Колку често мислам на убавите особини кои во почетокот ме привлекоа кон него?‘
ПОКАЖУВАЈТЕ ПОЧИТ
11. Зошто е неопходно брачните партнери да се почитуваат? Наведи библиски пример.
11 Дури и најсреќните бракови не се совршени — несогласувања има дури и меѓу оние сопружници што многу се сакаат. На пример, Авраам и Сара понекогаш имале различно мислење (1. Мој. 21:9-11). Сепак, не дозволиле тоа да создаде јаз помеѓу нив. Што им помогнало? Тоа што покажувале ценење и почит еден кон друг. На пример, Библијата вели дека Авраам во една прилика ѝ се обратил на Сара со: „Те молам“ (1. Мој. 12:11, 13). А за неа се вели дека го слушала Авраам и дека во срцето го нарекувала „господар“ (1. Мој. 18:12). Спротивно на тоа, кога брачните партнери не се почитуваат, обично зборуваат остро или со висок тон (Изр. 12:18). Ако не преземат нешто во врска со тој проблем, нивниот брак може да се најде во сериозна опасност. (Прочитај Јаков 3:7-10, 17, 18.)
12. Зошто сопружниците мора особено во почетокот на бракот да се трудат да зборуваат со почит еден со друг?
12 Особено во почетокот на бракот, сопружниците мора да се трудат да зборуваат љубезно и со почит еден со друг. Тоа ќе им помогне да имаат искрена и отворена комуникација. „Првите години од бракот се извор на радост, но понекогаш можат да бидат и извор на разочарување“, вели еден сопруг. „Потребно е време за да сфатите како се чувствува другиот, и какви се неговите навики и потреби. Полесно ќе го пребродите тој бурен период ако сте разумни, ако имате смисла за хумор, и ако покажувате понизност, стрпливост и доверба во Јехова“. Ова е добар совет за секој од нас!
ПОКАЖУВАЈТЕ ВИСТИНСКА ПОНИЗНОСТ
13. Зошто понизноста е многу важна за бракот да биде среќен?
13 Сопружниците можат да комуницираат љубезно и смирено само ако се понизни (1. Пет. 3:8). Еден брат кој е женет 11 години вели: „Понизноста те поттикнува да кажеш ‚извини‘, а тоа е најкраткиот пат за да се реши некое несогласување“. Еден старешина кој е во среќен брак 20 години вели: „Понекогаш е поважно да кажеш ‚извини‘ отколку ‚те сакам‘“. Тој објаснува како молитвата им помага нему и на жена му да покажуваат понизност: „Кога му се обраќаме заедно на Јехова во молитва, се потсетуваме на нашата несовршеност и на неговата незаслужена доброта. Тоа ни помага исправно да гледаме на себеси и на проблемот“.
14. Како може гордоста да влијае врз бракот?
14 За разлика од понизноста, гордоста е голема пречка во комуникацијата меѓу сопружниците. Оној што е горд нема ниту желба ниту храброст да се извини. Наместо понизно да каже: „Жал ми е, те молам прости ми“, тој си бара изговори. Бидејќи нема храброст да си ја признае слабоста, бара грешки кај другиот. Кога е повреден, не прави ништо за проблемот да се реши на мирен начин. Напротив, затоа што се чувствува навреден, тој возвраќа со остри зборови или, пак, со денови не зборува со сопружникот (Проп. 7:9). Гордоста навистина може да биде погубна за бракот. Не треба да заборавиме дека „Бог им се спротивставува на вообразените, а на понизните им покажува незаслужена доброта“ (Јак. 4:6).
15. Објасни како примената на начелото од Ефешаните 4:26, 27 може да им помогне на брачните парови да се справат со несогласувањата.
15 Кога ќе дојде до несогласување во бракот, добро е сопружниците брзо да се потрудат да го расчистат, наместо да дозволат гордоста да им ја наруши комуникацијата. Павле им го рекол следново на сохристијаните: „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина. И не давајте му можност на Ѓаволот да дејствува“ (Еф. 4:26, 27). Што може да се случи ако некој брачен пар не го послуша овој совет од Божјата Реч? И двајцата би можеле да си нанесат непотребна болка. „Во неколку прилики јас и маж ми не го послушавме она што стои во Ефешаните 4:26, 27“, рекла една сестра. „Тие непроспиени ноќи беа едни од најтешките во мојот живот!“ Многу подобро е веднаш да се разговара за проблемот со цел да се најде решение. Се разбира, понекогаш на сопружниците ќе им треба малку време да се смират пред да можат да разговараат. Освен тоа, добро е и да го молат Јехова да им помогне исправно да гледаат на работата и да бидат понизни. Така и двајцата ќе можат да го насочат вниманието на проблемот, а не на себеси и на своите чувства, бидејќи тоа би можело уште повеќе да ја влоши ситуацијата. (Прочитај Колошаните 3:12, 13.)
16. Како понизноста може да им помогне на брачните партнери меѓусебно да си ги ценат добрите особини и способности?
16 Скромноста и понизноста му помагаат на оној што е во брак да мисли на добрите страни на сопружникот. На пример, можеби жената има некои посебни способности што му користат на целото семејство. Ако сопругот е понизен и скромен, нема да се чувствува загрозен поради тоа, туку ќе ја поддржува во она што го прави, и на тој начин ќе ѝ покаже дека многу ја сака и ја цени (Изр. 31:10, 28; Еф. 5:28, 29). Од друга страна, една понизна и скромна жена нема да се расфрла пред другите со своите способности ниту, пак, ќе го омаловажува својот сопруг. Бидејќи двајцата се „едно тело“, оној што го повредува својот брачен другар, всушност, се повредува самиот себеси (Мат. 19:4, 5).
17. Како денешните бракови можат да бидат среќни и да му носат слава на Бог?
17 Сигурно сакате вашиот брак да биде како бракот на Авраам и Сара или на Исак и Ревека — среќен, траен и на слава на Јехова. Ако е така, гледајте на бракот како што гледа Бог. Проучувајте ја неговата Реч за да стекнете разбирање и мудрост. Ценете ги убавите особини кај својот сопружник бидејќи така ќе ја продлабочувате вашата љубов. Тогаш таа ќе биде како „пламен што го дава Јах“, и никогаш нема да згасне (Песна 8:6). Исто така, трудете се да покажувате понизност и почит. Ако го правите сето ова, вашиот брак ќе ви носи радост вам, а ќе го радува и нашиот небесен Татко (Изр. 27:11). Еден брат кој е во брак 27 години рекол: „Не можам да си го замислам животот без жена ми! Од ден на ден нашиот брак станува сѐ поцврст, а тоа се должи на нашата љубов кон Јехова и на нашата редовна комуникација“. И вашиот брак може да биде среќен!