Јехова го обединува своето семејство
‚Сесрдно ве молам да го одржите единството на духот‘ (ЕФ. 4:1, 3)
КАКО БИ ОБЈАСНИЛ?
Што направил Јехова за да ја исполни својата намера да обедини сѐ?
Како може да го ‚одржиме единството на духот‘?
Што ќе ни помогне да бидеме обѕирни едни кон други?
1, 2. Каква намера има Јехова со Земјата и со луѓето?
СЕМЕЈСТВО. На што помислуваш кога ќе го слушнеш овој збор? На љубов и на среќа? На заедничка соработка? На сигурно засолниште каде што можеш непречено да растеш, да учиш и да ги споделуваш своите мисли и чувства? Веројатно помислуваш на сите овие работи ако си дел од едно среќно семејство. Самиот Јехова го основал семејството (Еф. 3:14, 15). Тој имал намера сите негови небесни и земни созданија обдарени со разум да се чувствуваат сигурно, да имаат доверба едни во други и да бидат обединети.
2 Откако Адам и Ева згрешиле, луѓето повеќе не биле дел од Божјето семејство. Меѓутоа, Јехова не ја променил својата намера. Тој ќе се погрижи на крајот Земјата сепак да стане рај и да биде населена со потомците на Адам и Ева (1. Мој. 1:28; Иса. 45:18). Тој направил сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера. Во посланието до Ефешаните, каде што главно се зборува за единството, е објаснето како Јехова ги води работите за да ги обедини своите созданија. Да разгледаме неколку стихови од тоа послание, и да видиме како можеме да соработуваме со оваа Јеховина намера.
ШТО ПРАВИ ЈЕХОВА ЗА ДА ЈА ИСПОЛНИ СВОЈАТА НАМЕРА
3. Според Ефешаните 1:10, што почнал да прави Бог ‚кога навршило времето‘, и кога започнала првата фаза?
3 Сѐ што прави Јехова е во склад со неговата намера. ‚Кога навршило времето‘, Тој почнал да прави подготовки за да „уреди сѐ“, односно да ги обедини сите свои суштества обдарени со разум. (Прочитај Ефешаните 1:8-10.) Бог се погрижил ова да се одвива во две фази. Во првата фаза, тој го подготвува собранието од помазаници за живот на небото каде што тие ќе служат под водство на Исус Христос. Јехова почнал да ги собира оние што ќе владеат заедно со Христос на Педесетница 33 год. од н.е. (Дела 2:1-4). Бидејќи покажуваат вера во Христовата откупна жртва, Бог ги прогласува помазаниците за праведни и достојни за живот, и тие знаат дека се усвоени како „деца Божји“ (Рим. 3:23, 24; 5:1; 8:15-17).
4, 5. Што прави Бог во втората фаза?
4 Во втората фаза, Бог ги собира оние што ќе живеат во Рајот на Земјата под Христовото месијанско Царство. Членовите на „големото мноштво“ се првиот дел од оваа група (Отк. 7:9, 13-17; 21:1-5). Во текот на илјадагодишното Царство, ќе им се придружат милијарди други луѓе што ќе воскреснат (Отк. 20:12, 13). Тогаш ќе имаме уште поголема можност да покажеме колку сме обединети! На крајот на тие илјада години, ‚оние што се на земјата‘ ќе бидат испитани за последен пат. Сите што ќе останат верни ќе бидат усвоени како земни ‚Божји деца‘ (Рим. 8:21; Отк. 20:7, 8).
5 Денес и двете фази од ова обединување се во тек — Јехова ги подготвува помазаниците да живеат на небото и другите овци да живеат во рајот на Земјата. Но, како може секој од нас да соработува со Бог во исполнувањето на оваа негова намера?
‚ОДРЖЕТЕ ГО ЕДИНСТВОТО НА ДУХОТ‘
6. Како Библијата покажува дека христијаните треба да се дружат едни со други?
6 Библијата покажува дека христијаните мора дословно да се собираат и да се дружат (1. Кор. 14:23; Евр. 10:24, 25). Но, тоа не значи само да бидат заедно на едно место, како што прават некои кога одат на пазар или, пак, на некој спортски натпревар. За да бидеме обединети во вистинска смисла на зборот, треба да ги применуваме советите од Јехова и да дозволиме да нѐ обликува неговиот свет дух.
7. Како може ‚да го одржиме единството на духот‘?
7 На темел на Христовата откупна жртва, Јехова ги прогласува помазаниците за праведни како свои синови, а другите овци ги прогласува за праведни како свои пријатели. И покрај тоа, сѐ додека живееме во овој злобен свет меѓу нас ќе има несогласувања (Рим. 5:9; Јак. 2:23). Токму затоа Библијата нѐ советува да продолжиме ‚со љубов да се поднесуваме еден со друг‘. Што ќе ни помогне да бидеме обединети со нашите соверници? Треба да покажуваме голема „понизност и благост“. Освен тоа, Павле нѐ поттикнува ‚вистински да се трудиме да го одржиме единството на духот, во мирот кој нѐ поврзува‘. (Прочитај Ефешаните 4:1-3.) Ќе го примениме овој совет ако му дозволиме на Божјиот дух да влијае врз нас и да ни помогне да ги покажеме неговите плодови. Тие плодови помагаат да се поправат нарушените односи, за разлика од делата на телото, кои секогаш водат до разединетост.
8. Во која смисла делата на телото водат до разединетост?
8 Да видиме како „делата на телото“ ги разделуваат луѓето од Бог и еден од друг. (Прочитај Галатите 5:19-21.) Блудот го разделува лицето од Јехова и од собранието, а прељубата може безмилосно да ги раздели децата од родителите и невиниот сопружник од својот брачен другар. Нечистотијата го одвојува лицето од Јехова и од најблиските. Исто како што две површини не можат добро да се залепат ако едната од нив е нечиста, така и оној што е физички или морално нечист не може да има добар однос со Бог и со ближните. Оној што се однесува бесрамно покажува дека воопшто не ги почитува Божјите праведни закони. И сите останати дела на телото ги разделуваат луѓето од Бог и еден од друг. Јехова многу ги мрази таквите постапки.
9. Како може да се преиспитаме дали навистина ‚искрено се трудиме да го одржиме единството на духот‘?
9 Затоа, секој од нас треба да се праша: ‚Дали навистина се трудам „да го одржам единството на духот, во мирот кој нѐ поврзува“? Како реагирам кога ќе дојде до проблеми? Дали зборувам за проблемот со сите за да ги убедам дека јас сум во право и да ги натерам да застанат на моја страна? Дали очекувам старешините да ми го решат несогласувањето што го имам со некој брат или сестра наместо сам да се потрудам да ги средам нарушените односи? Или, ако знам дека некој има нешто против мене, дали го избегнувам затоа што не сакам да разговарам за таа работа со него?‘ Ако постапувам на ваков начин, дали покажувам дека соработувам со Јехова во исполнувањето на неговата намера повторно да обедини сѐ во Христос?
10, 11. а) Колку е важно да бидеме во мир со нашите браќа? б) Што треба да правиме за да имаме мир со другите и благослов од Јехова?
10 Исус рекол: „Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар. Брзо реши го спорот“ (Мат. 5:23-25). А Јаков напишал дека „плодот на праведноста се сее во мир и ќе го соберат оние што творат мир“ (Јак. 3:17, 18). Ова значи дека не можеме да постапуваме праведно ако не сме во мир со другите.
11 Да земеме еден пример. Се проценува дека во некои земји кои биле опустошени од војни, земјоделците не можат да обработуваат една третина од земјиштето затоа што се плашат дека ќе наидат на копнени мини. Кога во некоја нива ќе експлодира мина, тие ги напуштаат полињата, и така остануваат без работа, а градовите остануваат без доволно храна. На сличен начин, ќе ни биде тешко да созреваме во духовен поглед ако поради некои наши карактерни црти или особини лесно си ги нарушуваме односите со нашите браќа. Доколку ова е случај и со нас, ќе мора да направиме промени. За да имаме мир со другите и благослов од Јехова, треба спремно да простуваме и да им правиме добро.
12. Како старешините можат да придонесат за единството во собранието?
12 И луѓето што Бог ги дава како дарови можат многу да придонесат за единството во собранието. Тие ни помагаат да „постигнеме единство во верата“ (Еф. 4:8, 13). Кога соработуваат со нас во службата или ни даваат библиски совет за некоја работа, тие ни помагаат да ја облечеме новата личност (Еф. 4:22-24). Дали сфаќаш дека преку нив Јехова, всушност, нѐ подготвува да живееме во новиот свет под власта на неговиот Син? Старешини, можат ли другите да видат од начинот на кој ги исправате дека навистина сакате да им помогнете? (Гал. 6:1).
БИДЕТЕ ОБЅИРНИ КОН ДРУГИТЕ
13. Што ќе се случи ако не ги слушаме советите кои се запишани во Ефешаните 4:25-32?
13 Во Ефешаните 4:25-29 конкретно се наведени некои работи што не треба да ги правиме. Не треба да лажеме, да се гневиме или да бидеме мрзливи, и не треба да користиме расипан говор и зборови што не се добри и што не изградуваат. Ако некој не го слуша овој совет, ќе го жалости Божјиот свет дух, а токму тој дух ги обединува луѓето (Еф. 4:30). За меѓу нас да владее мир и единство, многу е важно да го применуваме и следниов совет на Павле: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба. А бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Еф. 4:31, 32).
14. а) Што покажуваат зборовите „бидете милостиви“? б) Што ќе ни помогне да бидеме пообѕирни со другите?
14 Зборовите „бидете милостиви“ покажуваат дека можеби не сме секогаш доволно милостиви и обѕирни, и дека можеби треба да се подобриме во овој поглед. Многу е важно да научиме да не мислиме само на своите чувства туку, пред сѐ, да мислиме на чувствата на другите (Фил. 2:4). Можеби понекогаш сакаме да кажеме нешто што ќе ги насмее оние што нѐ слушаат или, пак, нешто со кое ќе се истакнеме. Но, дали ќе биде обѕирно? Тоа што ќе научиме да мислиме пред да зборуваме, ќе ни помогне да бидеме пообѕирни кон другите.
НАУЧЕТЕ ДА ПОКАЖУВАТЕ ЉУБОВ И ПОЧИТ ВО СЕМЕЈСТВОТО
15. На кој начин Ефешаните 5:28 им помага на мажите да сфатат како треба да го следат примерот на Христос?
15 Во Библијата, односот на Христос со собранието е спореден со односот меѓу мажот и жената. Христовиот пример му помага на мажот да сфати дека треба да ѝ дава водство на својата жена, да ја сака и да се грижи за неа. А на жената, пак, ѝ помага да сфати дека треба да му биде подложна на својот маж (Еф. 5:22-33). Павле ги поттикнал ‚мажите да ги сакаат своите жени како своите тела‘, и така да се угледаат на Христос кој ‚го сакал собранието и се предал себеси за него, чистејќи го со капење во вода, во речта Божја‘ (Еф. 5:28). Мажот што го следи примерот на Исус се грижи за духовните потреби на своето семејство. На тој начин соработува со Бог во Неговата намера повторно да ги обедини сите како едно семејство под водство на Христос.
16. Каков ќе биде резултатот ако родителите се грижат за одговорностите што им ги дал Јехова?
16 Родителите не смеат да заборават дека Јехова им дал одговорност да се грижат за своите деца. За жал, во денешниот свет, мнозина немаат „љубов кон членовите на семејството“ (2. Тим. 3:1, 3, фус.). Безброј татковци бегаат од своите одговорности, а тоа има лоши последици за нивните деца. Но, Павле им го дал следниов совет на христијанските татковци: „Не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4). Семејството е првото место каде што децата можат да научат како да покажуваат љубов и да го почитуваат авторитетот. Родителите кои ги поучуваат своите деца за овие работи соработуваат со Јехова во неговата намера да обедини сѐ. Кога им покажуваат љубов на децата наместо да се гневат, да викаат по нив и да ги навредуваат, родителите им даваат пример како да покажуваат љубов и почит кон авторитетот. Така ги подготвуваат за живот во новиот свет.
17. Што треба да правиме за да му се спротивставиме на Ѓаволот?
17 Треба да имаме на ум дека Ѓаволот, кој прв го нарушил мирот, со сите сили ќе се спротивстави на нашите напори да ја вршиме Божјата волја. Многу луѓе во светот ја вршат волјата на Сатана кога се разведуваат, живеат невенчано или ги одобруваат хомосексуалните бракови. Но, ние не дозволуваме денешниот свет да ни диктира како да размислуваме и како да се однесуваме. Напротив, го следиме примерот на Христос (Еф. 4:17-21). За успешно да им се спротивставиме на Ѓаволот и на неговите демони, мора ‚да ја облечеме сета Божја воена опрема‘. (Прочитај Ефешаните 6:10-13.)
„ЖИВЕЈТЕ ВО ЉУБОВ“
18. Кој е клучот за нашето христијанско единство?
18 Клучот за нашето христијанско единство е љубовта. Бидејќи срцето ни е исполнето со љубов кон нашиот Господар, Исус Христос; кон нашиот Бог, Јехова; како и кон нашите браќа и сестри, решени сме ‚да го одржиме единството на духот, во мирот кој нѐ поврзува‘ (Еф. 4:3-6). Исус се молел во врска со оваа љубов која требало да постои меѓу сите негови ученици. Тој му ги упатил следниве зборови на Јехова: „Не те молам само за нив [учениците], туку и за оние што ќе поверуваат во мене преку нивната реч, за да бидат сите едно, како што ти си, Татко, во единство со мене и јас во единство со тебе, и тие да бидат во единство со нас... И им го објавив твоето име и ќе го објавувам, за љубовта со која ме сакаше ти да биде во нив и јас во единство со нив“ (Јован 17:20, 21, 26).
19. Што си решен да правиш?
19 Поради нашата несовршеност, можеби ни е многу тешко да смениме некоја лоша особина. Но, љубовта треба да нѐ поттикне да се молиме како што се молел и псалмистот, кој му рекол на Јехова: „Дај ми неподелено срце за да се бои од твоето име!“ (Пс. 86:11). Да бидеме цврсто решени да му се спротивставиме на Ѓаволот, кој сака да нѐ оддалечи од нашиот грижлив небесен Татко и од нашите браќа и сестри. Да дадеме сѐ од себе за ‚да се угледаме на Бог, како негови љубени деца, и да живееме во љубов‘ — во семејството, во службата и во собранието (Еф. 5:1, 2).
[Слика на страница 29]
Тој го остава својот дар пред жртвеникот и оди да се помири со својот брат
[Слика на страница 31]
Родители, поучувајте ги своите деца како да покажуваат почит