ПОГЛАВЈЕ 30
„Живејте во љубов“
1-3. Што се постигнува кога покажуваме љубов по примерот на Јехова?
„ПОВЕЌЕ усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Овие зборови што ги кажал Исус нагласуваат еден многу важен факт: несебичната љубов не останува без награда. Иако сме многу среќни кога примаме љубов, уште посреќни сме кога даваме, односно покажуваме љубов кон другите.
2 Нашиот небесен Татко најдобро знае дека тоа е така. Како што видовме во претходните поглавја, Јехова ни дал најубав пример за тоа како да покажуваме љубов. Никој не покажувал љубов повеќе или подолго од него. Затоа, не сме изненадени што Јехова е наречен „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11).
3 Нашиот грижлив Бог сака да се трудиме да бидеме како него, особено во покажувањето љубов. Во Ефешаните 5:1, 2 ни е кажано: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов“. Кога покажуваме љубов по примерот на Јехова, лично се уверуваме дека навистина повеќе усреќува давањето отколку примањето. Освен тоа, задоволни сме затоа што знаеме дека така го радуваме Јехова, кој во својата Реч нѐ поттикнува ‚да се сакаме еден со друг‘ (Римјаните 13:8). Но, има и други причини зошто треба да ‚живееме во љубов‘.
Зошто е многу важно да покажуваме љубов
4, 5. Зошто е важно да покажуваме самопожртвувана љубов кон нашите браќа и сестри?
4 Зошто е важно да покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри? Едноставно кажано, затоа што љубовта е самата суштина на вистинското христијанство. Ако немаме љубов, не можеме да бидеме блиски со нашите соверници, а што е уште полошо, така стануваме безвредни во Јеховини очи. Да видиме како тоа е нагласено во Божјата Реч.
5 Во последната ноќ од својот живот на Земјата, Исус им рекол на своите следбеници: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). „Како што јас ве сакав“ — значи, дадена ни е заповед да покажуваме љубов каква што покажувал Исус. Во 29. поглавје видовме дека Исус дал извонреден пример за самопожртвувана љубов со тоа што потребите на другите ги ставал пред своите. И ние треба да покажуваме несебична љубов. Тоа треба да биде толку очигледно што јасно ќе го видат дури и оние што не се дел од христијанското собрание. Навистина, самопожртвуваната братска љубов е главното обележје по кое се препознаваат вистинските следбеници на Христос.
6, 7. а) Од каде знаеме дека Јеховината Реч јасно истакнува колку е важно да покажуваме љубов? б) За каква љубов зборува Павле во 1. Коринќаните 13:4-8?
6 А што ако немаме доволно љубов? Апостол Павле напишал: „Да немам љубов... би бил бакар што ечи или чинела што ѕвечи“ (1. Коринќаните 13:1). Чинелата е инструмент кој дава продорен звук. А што значи изразот „бакар што ечи“? За овој израз, во други преводи пишува „гласен гонг“ или „гонг што одекнува“. Колку соодветни споредби! Оној што нема љубов е како музички инструмент кој дава гласен, остар звук што делува одбивно. Зар таквиот човек може да биде близок со другите и да има добри односи со нив? Павле исто така рекол: „Да [ја] имам... сета вера, така што и планини да преместувам, а љубов немам, ништо не сум“ (1. Коринќаните 13:2). Замисли, личноста што нема љубов ‚не вреди ништо‘, без оглед на тоа какви дела прави! (Радосна Вест). Зар не е очигледно дека Јеховината Реч јасно истакнува колку е важно да покажуваме љубов?
7 Но, како можеме да ја покажуваме оваа особина во нашиот однос со другите? За да одговориме на ова прашање, ќе ги разгледаме зборовите на апостол Павле од 1. Коринќаните 13:4-8. Во овие стихови не се зборува ниту за Божјата љубов кон нас ниту за нашата љубов кон Бог. Напротив, Павле зборува за тоа како треба да покажуваме љубов еден кон друг. Тој опишал каква е љубовта, а каква не е.
Каква е љубовта
8. Како може долготрпеливоста да ни помогне во односите со другите?
8 „Љубовта е долготрпелива.“ Да се биде долготрпелив значи стрпливо да се поднесуваат другите (Колошаните 3:13). Дали ни е потребна таква стрпливост? Да. Бидејќи сите сме несовршени и служиме рамо до рамо, не треба да се изненадиме ако понекогаш нашите браќа и сестри нѐ налутат или ако ние ги налутиме нив. Но, стрпливоста и самосовладувањето можат да ни помогнат да излеземе накрај со малите несогласувања до кои доаѓа во нашите односи со другите, без притоа да се наруши мирот во собранието.
9. Како можеме да покажеме љубезност и добрина кон другите?
9 „Љубовта е... љубезна.“ Љубезноста се покажува со добри дела и со обѕирни зборови. Љубовта нѐ мотивира да бараме начини да покажуваме љубезност и добрина, особено кон оние на кои најмногу им треба нашата помош. На пример, некој постар соверник можеби е осамен и чувствува потреба некој да го посети и охрабри. На една самохрана мајка или на некоја сестра чиј сопруг не е соверник можеби ѝ треба некаква услуга. Некој што е болен или се бори со тежок проблем можеби има силна потреба да чуе љубезни и сочувствителни зборови од некој верен пријател (Изреки 12:25; 17:17). Кога на вакви и други слични начини покажуваме љубезност и добрина, докажуваме дека искрено ги сакаме другите (2. Коринќаните 8:8).
10. Како љубовта ни помага да стоиме на страната на вистината, дури и кога тоа не е лесно?
10 „Љубовта... ѝ се радува на вистината.“ Во еден друг превод пишува: „Љубовта... радосно стои на страната на вистината“. Љубовта нѐ мотивира да се залагаме за она што е вистинито и да ја ‚зборуваме вистината еден со друг‘ (Захарија 8:16). На пример, ако некој од нашите најблиски направил тежок грев, љубовта кон Јехова — и кон оној што згрешил — ќе ни помогне да се држиме за Божјите мерила наместо да го криеме престапот, да го оправдуваме или, пак, да лажеме во врска со она што се случило. Мора да се признае, понекогаш може да биде тешко да се прифатат работите такви какви што се. Но, ако му го мислиме најдоброто на оној што згрешил, ќе сакаме да добие — и да прифати — исправка која е израз на Божјата љубов (Изреки 3:11, 12). Исто така, љубовта ќе нѐ поттикне „во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).
11. Со оглед на тоа што љубовта „сѐ поднесува“, како треба да реагираме на грешките и пропустите на нашите соверници?
11 „Љубовта... сѐ поднесува.“ Овој израз буквално значи „сѐ покрива“ (Превод на МПЦ — ревидирано издание). Во 1. Петрово 4:8 пишува: „Љубовта покрива мноштво гревови“. Навистина, оној што ги сака другите нема едвај да чека да ги изнесе на виделина мааните и слабостите на своите браќа и сестри. Грешките и пропустите на нашите соверници честопати не се толку сериозни и љубовта може лесно да ги покрие (Изреки 10:12; 17:9).
12. Како апостол Павле покажал дека „верува во најдоброто“ во врска со Филимон, и што можеме да научиме од примерот на Павле?
12 „Љубовта... сѐ верува.“ Во преводот на Џејмс Мофат стои дека љубовта „секогаш сака да верува во најдоброто“. Ние не сме претерано сомничави кон нашите соверници и не го доведуваме во прашање секој нивен мотив. Љубовта ни помага да ‚веруваме во најдоброто‘ кога станува збор за нашите браќа и сестри и да имаме доверба во нив.a Да го земеме за пример писмото што апостол Павле му го напишал на Филимон. Во тоа писмо Павле го поттикнал Филимон љубезно да го прими назад својот побегнат роб Онисим, кој станал христијанин. Павле не го присилувал да постапи така, туку го замолил да го направи тоа од љубов. Изразил доверба дека Филимон ќе постапи исправно, па затоа му рекол: „Со надеж дека ќе го исполниш моето барање ти пишувам уверен дека ќе сториш и повеќе од ова што те молам“ (Филимон 21). Кога покажуваме таква доверба во нашите браќа затоа што ги сакаме, им помагаме да го даваат најдоброто од себе.
13. Како можеме да покажеме дека се надеваме на најдоброто во врска со нашите браќа?
13 „Љубовта... на сѐ се надева.“ Исто како што е полна со доверба, љубовта е полна и со надеж. Ако сме мотивирани од љубов, ќе им го посакуваме најдоброто на нашите браќа. На пример, ако некој брат ненамерно згреши, се надеваме дека ќе ја прифати исправката што ќе му биде дадена (Галатите 6:1). Исто така, се надеваме дека оние што се слаби во верата пак ќе застанат на здрави нозе. Со таквите сме стрпливи и правиме сѐ што можеме за да им помогнеме да си ја зајакнат верата (Римјаните 15:1; 1. Солуњаните 5:14). Дури и ако некој што ни е близок скршне од правиот пат, нема да престанеме да се надеваме дека еден ден ќе се вразуми и ќе му се врати на Јехова, исто како расипничкиот син од споредбата што ја кажал Исус (Лука 15:17, 18).
14. Како нашата истрајност може да биде испитана во рамките на собранието, и како љубовта ќе ни помогне во тие моменти?
14 „Љубовта... сѐ трпи.“ Истрајноста ни помага да не потклекнеме кога се соочуваме со разочарувања или тешкотии. Испити на нашата истрајност нема да имаме само надвор од собранието. Понекогаш, такви испити ќе доживееме и во рамките на собранието. Затоа што се несовршени, нашите браќа понекогаш можеби ќе нѐ разочараат. Нивните непромислени зборови можат да предизвикаат во нас повредени чувства (Изреки 12:18). Можеби некој проблем во собранието не бил решен како што сме очекувале. Можеби сме вознемирени поради нешто што направил некој почитуван брат и затоа се прашуваме: ‚Како може еден христијанин да се однесува така?‘ Кога ќе се најдеме во такви ситуации, дали ќе престанеме да одиме на состаноците и да му служиме на Јехова? Ако имаме љубов, нема да постапиме така. Значи, љубовта ќе ни помогне да не бидеме толку заслепени од недостатоците на некој брат што повеќе нема да гледаме ништо добро во него или во собранието. Ако имаме љубов, ќе им останеме верни на Бог и на собранието без оглед на тоа што ќе рече или направи некој друг несовршен човек (Псалм 119:165).
Каква не е љубовта
15. Што е завист, и како љубовта ни помага да не бидеме завидливи?
15 „Љубовта не е завидлива.“ Не треба да им завидуваме на другите поради она што го имаат, како што се материјалните работи, одговорностите и способностите. Зависта е себична, негативна емоција која, ако не се држи под контрола, може да го наруши мирот во собранието. Што ќе ни помогне да не бидеме завидливи? (Јаков 4:5). Љубовта. Оваа прекрасна особина може да нѐ поттикне да се радуваме со оние кои имаат нешто што можеби ние го немаме (Римјаните 12:15). Ако ги сакаме другите, нема да се чувствуваме навредени кога некој ќе биде пофален за своите способности или за добро извршените задачи.
16. Ако вистински ги сакаме нашите браќа, зошто нема да се фалиме со она што го правиме во службата за Јехова?
16 „Љубовта... не се фали, не се возвишува.“ Ако имаме љубов, нема да се фалиме со нашите таленти и постигнувања. Ако вистински ги сакаме нашите браќа, нема претерано да го нагласуваме она што го правиме во службата или во собранието. Со таквото фалење би можеле да ги обесхрабриме другите и да им наметнеме чувство на ниска вредност, како да вредат помалку од нас. Љубовта нема да ни дозволи да се фалиме со она што Бог ни дава да го правиме во службата за него (1. Коринќаните 3:5-9). Освен тоа, љубовта „не се возвишува“, или, како што стои во еден друг превод, нема „превисоко мислење за себе“. Ако ги сакаме другите, нема да мислиме дека сме нешто повеќе од нив (Римјаните 12:3).
17. На каква обѕирност нѐ мотивира љубовта, и како тоа ќе влијае врз нашето однесување?
17 „Љубовта... не се однесува непристојно.“ Оној што е непристоен постапува на недоличен начин, кој им е одбивен на другите. Со таквото однесување не покажува љубов туку крајно непочитување кон чувствата и доброто на другите. За разлика од тоа, љубовта нѐ мотивира да бидеме обѕирни. Таа нѐ поттикнува да покажуваме добри манири, да се однесуваме онака како што му се допаѓа на Бог и да покажуваме почит кон нашите соверници. Според тоа, ако имаме љубов, нема да се однесуваме „срамотно“, односно нема да правиме ништо што би можело да ги запрепасти или вознемири нашите браќа (Ефешаните 5:3, 4).
18. Зошто оној што е полн со љубов не бара сѐ да биде по негово?
18 „Љубовта... не ја бара својата корист.“ Еден друг превод вели: „Љубовта не инсистира да биде по нејзино“. Оној што е полн со љубов не бара сѐ да биде по негово, како неговото мислење да е секогаш исправно. Не манипулира со другите, убедувајќи ги по секоја цена да ги прифатат неговите гледишта. Таквата тврдоглавост открива извесна мера гордост, а Библијата вели дека „гордоста оди пред пропаста“ (Изреки 16:18). Ако вистински ги сакаме браќата, ќе ги почитуваме нивните гледишта и, кога е можно, ќе попуштаме. Кога сме спремни да попуштиме, постапуваме во склад со следниве зборови на апостол Павле: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).
19. Како љубовта ни помага исправно да реагираме кога некој ќе нѐ навреди?
19 „Љубовта... не се раздразнува, не го памти злото.“ Оној што има љубов не се лути веднаш поради она што ќе го речат или направат другите. Се разбира, нормално е да се вознемириме кога некој ќе нѐ навреди. Но, дури и ако имаме право да се лутиме за нешто, љубовта ќе ни помогне да не држиме лутина (Ефешаните 4:26, 27). Нема да ги памтиме зборовите и постапките со кои некој нѐ навредил — како да ги запишуваме во книга за случајно да не ги заборавиме. Наместо тоа, љубовта ќе нѐ поттикне да постапиме како нашиот Бог, кој е полн со љубов. Како што видовме во 26. поглавје, Јехова простува кога има основа за тоа. А кога ќе прости, тој заборава, што значи дека нема никогаш повторно да ги изнесе тие гревови против нас. Зарем не сме благодарни што Јехова не го памти злото?
20. Како треба да реагираме ако некој соверник направи грев и трпи последици поради тоа?
20 „Љубовта... не ѝ се радува на неправдата.“ Во еден друг превод пишува: „Љубовта... не се сити на гревовите на другите“, а во преводот на Џејмс Мофат стои: „Љубовта не се радува кога другите ќе згрешат“. Ако имаме љубов, ќе ни биде одбивно кога некој постапува неправедно. Затоа, нема да ја потценуваме сериозноста на неморалот. А како ќе реагираме ако некој соверник направи грев и трпи последици поради тоа? Љубовта нема да ни дозволи да се радуваме и да си велиме: ‚Така му требаше! Си го заслужи тоа!‘ (Изреки 17:5). Меѓутоа, ќе се радуваме кога оној што згрешил ќе преземе чекори за да се поправи и духовно да закрепне.
„Еден уште повозвишен пат“
21-23. а) Што сакал да каже Павле кога рекол дека „љубовта никогаш не престанува“? б) За што ќе стане збор во последното поглавје од оваа книга?
21 „Љубовта никогаш не престанува.“ Што сакал да каже Павле со овие зборови? Како што можеме да видиме од контекстот, тој зборувал за даровите на духот што им биле дадени на христијаните во првиот век. Тие дарови биле знак дека Бог го прифатил новоформираното собрание. Но, сите христијани не можеле да лекуваат, да пророкуваат или да зборуваат на разни јазици. Сепак, тоа не било толку важно — и онака тие чудотворни дарови требало да исчезнат. Меѓутоа, нешто друго требало да остане — нешто што можел да го има секој христијанин. Тоа било повредно и потрајно од кој и да е чудотворен дар, а Павле го нарекол „еден уште повозвишен пат“ (1. Коринќаните 12:31). Што било тоа? Љубовта.
Јеховините слуги се препознатливи по тоа што се сакаат
22 Навистина, љубовта што ја опишал Павле „никогаш не престанува“. И во денешно време, Исусовите вистински следбеници се препознатливи по самопожртвуваната братска љубов. Зар доказ за тоа не гледаме во собранијата на Јеховините сведоци низ целиот свет? Таквата љубов ќе трае засекогаш бидејќи Јехова им ветил вечен живот на своите верни слуги (Псалм 37:9-11, 29). Да даваме сѐ од себе за да ‚живееме во љубов‘. Така лично ќе се увериме дека повеќе усреќува давањето отколку примањето. Што е уште поважно, ќе можеме да живееме и да покажуваме љубов вечно, како нашиот Бог, Јехова.
23 Во ова поглавје, со кое го завршуваме делот за љубовта, видовме како можеме да покажуваме љубов еден кон друг. Но, со оглед на тоа што чувствуваме толку многу благослови од Јеховината љубов, како и од неговата моќ, правда и мудрост, секој од нас треба да се праша: ‚Како да му покажам на Јехова дека вистински го сакам?‘ На ова прашање ќе одговориме во последното поглавје од оваа книга.
a Се разбира, христијанската љубов не е лековерна. Библијата нѐ предупредува: „Бидете претпазливи поради оние што создаваат поделби и ги наведуваат другите да се спрепнуваат... и избегнувајте ги“ (Римјаните 16:17).