„Плодовите на духот“ го слават Бог
„Мојот Татко се прославува ако донесувате многу плод“ (ЈОВАН 15:8)
1, 2. а) Како и кога можеме да ги храбриме другите? б) Кој дар од Јехова ни овозможува да му служиме на уште подобар начин?
ПРЕТСТАВИ СИ ГИ следниве две ситуации: една христијанка забележува дека некоја помлада сестра очигледно е загрижена за нешто. Затоа се договара со неа да појдат заедно во служба. Додека одат од една до друга врата, тие разговараат, и помладата сестра почнува да ѝ кажува што ја мачи. Подоцна истиот ден, помладата жена му се заблагодарува на Јехова во молитва за искрениот интерес што го покажала зрелата сестра, бидејќи тоа било токму она што ѝ требало. На друго место, една брачна двојка Сведоци штотуку се вратиле од далечна земја каде што проповедале. Сега се собрани со пријатели и возбудено раскажуваат како си поминале. Еден помлад брат внимателно ги слуша. Неколку години подоцна, додека и самиот се подготвува да замине да служи во друга земја, си помислува на таа двојка и на разговорот што кај него родил желба да стане мисионер.
2 Можеби овие ситуации те потсетуваат на некого кој ти помогнал да направиш важна промена во животот или, пак, на некого кому ти си му помогнал со нешто. Се разбира, ретко се случува само еден разговор да смени нечиј живот. Сепак, добро е секој ден да се трудиме да ги охрабруваме и да ги зајакнуваме другите. Зарем не би сакале да ги подобриме нашите способности и особини за да им служиме во уште поголема мера и на нашите браќа и на Бог? Постои нешто кое може да ни помогне во тоа — светиот дух што Јехова ни го дава како дар (Лука 11:13). Кога светиот дух влијае врз нашиот живот, во нас се развиваат прекрасни особини кои во секој поглед ни помагаат уште подобро да му служиме на Јехова. Каков чудесен дар! (Прочитај Галатите 5:22, 23.)
3. а) Како го славиме Бог со тоа што ги развиваме „плодовите на духот“? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Особините што ги развиваме под влијание на светиот дух се одраз на особините на самиот Јехова Бог, кој е Извор на тој дух (Кол. 3:9, 10). Исус кажал која е најважната причина зошто христијаните треба да се угледаат на Бог, кога им го рекол следново на апостолите: „Мојот Татко се прославува ако донесувате многу плод“a (Јован 15:8). Ако се трудиме да ги развиваме „плодовите на духот“, тоа јасно ќе се види во нашиот говор и постапки со кои ќе го славиме нашиот Бог (Мат. 5:16). Во кој поглед плодовите на духот се разликуваат од обележјата на Сатановиот свет? Како можеме да ги развиваме? Зошто ова не е секогаш лесно? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме додека ги разгледуваме првите три особини кои Библијата ги нарекува ‚плодови на духот‘ — љубовта, радоста и мирот.
Љубов која се темели на возвишени начела
4. За каква љубов поучувал Исус?
4 Љубовта која е плод на светиот дух многу се разликува од љубовта што најчесто ја покажуваат луѓето во светот. Во кој поглед? Таа се темели на возвишени начела. Исус ја истакнал оваа разлика во Проповедта на гората. (Прочитај Матеј 5:43-48.) Тој спомнал дека дури и грешниците постапуваат со другите како што другите постапуваат со нив. Таквата „љубов“ не е вистински самопожртвувана, туку се сведува на размена на услуги. Ако сакаме да ‚бидеме синови на својот Татко кој е на небесата‘, ние мора да бидеме поинакви. Наместо да се однесуваме со другите како што тие се однесуваат со нас, треба да ги гледаме и да постапуваме со нив исто како Јехова. Но, како би можеле да ги сакаме нашите непријатели во склад со заповедта што ја дал Исус?
5. Како можеме да покажеме љубов кон оние што нѐ прогонуваат?
5 Да разгледаме еден пример од Библијата. Додека проповедале во Филипи, Павле и Сила биле уапсени, претепани и фрлени в затвор, каде што нозете им биле ставени во клада. Можеби и самиот затворски чувар ги малтретирал. Кога неочекувано биле ослободени со еден земјотрес, дали се радувале што им се укажала можност да му се одмаздат на тој човек? Не. Нивниот искрен интерес за него, односно нивната самопожртвувана љубов, ги поттикнала веднаш да му помогнат. Со тоа бил отворен патот и тој и целото негово семејство да станат верници (Дела 16:19-34). Денес, многу наши браќа го следат нивниот пример така што ги ‚благословуваат своите прогонители‘ (Рим. 12:14).
6. На кои начини можеме да покажеме самопожртвувана љубов кон нашите браќа? (Види ја рамката на 21. страница.)
6 Но, нашата љубов кон соверниците оди многу подалеку. „Ние сме должни да го дадеме својот живот за своите браќа.“ (Прочитај 1. Јованово 3:16-18.) Сепак, обично можеме да им покажеме љубов и во помали работи. На пример, ако сме рекле или ако сме направиле нешто со кое сме навредиле некој брат, можеме да покажеме љубов ако први му пристапиме за да се помириме со него (Мат. 5:23, 24). А што ако некој нѐ навреди нас? Дали сме ‚спремни да простиме‘ или, пак, држиме лутина? (Пс. 86:5). Силната љубов која е плод на светиот дух може да ни помогне да преминеме преку помалите грешки и спремно да им простуваме на другите, исто ‚како што Јехова спремно ни простува нам‘ (Кол. 3:13, 14; 1. Пет. 4:8).
7, 8. а) Како љубовта кон Бог влијае врз нашата љубов кон другите? б) Како можеме да ја продлабочиме љубовта кон Јехова? (Види ја сликата подолу.)
7 За да развиеме самопожртвувана љубов кон браќата, треба постојано да ја разгоруваме нашата љубов кон Бог (Еф. 5:1, 2; 1. Јов. 4:9-11, 20, 21). Кога поминуваме време насамо со Јехова така што ја читаме Библијата, длабоко размислуваме за неа и се молиме, ние се зајакнуваме и ја продлабочуваме љубовта кон нашиот небесен Татко. Сепак, за ова мора да си откупуваме време.
8 Да наведеме еден пример: Замисли си да можеше да ја читаш Божјата Реч, да размислуваш за неа и да му се молиш на Јехова само во еден одреден час секој ден. Зарем не би направил сѐ за да не дозволиш ништо друго да ти го одземе тој единствен период од денот кога можеш да бидеш насамо со Јехова? Се разбира, никој не може да нѐ спречи да му се молиме на Бог, и повеќето од нас можат да ја читаат Библијата кога сакаат. Сепак, можеби треба да преземеме чекори за секојдневните активности да не ни го украдат времето што треба да го одвоиме за Него. Дали секој ден откупуваш колку што е можно повеќе време за да стануваш сѐ поблизок со Јехова?
„Радоста што доаѓа преку светиот дух“
9. Кое е едно обележје на радоста која е плод на светиот дух?
9 Едно важно обележје на плодовите на духот е нивната постојаност. Да ја земеме за пример радоста, втората особина која е плод на духот. Радоста е како едно многу отпорно растение што може да цвета дури и во исклучително лоши услови. Низ целиот свет, мнозина од оние што му служат на Бог ‚ја прифатиле речта со радоста што доаѓа преку светиот дух, и покрај многу неволји‘ (1. Сол. 1:6). Други минуваат низ разни тешкотии и трпат оскудица. Сепак, Јехова ги зајакнува со својот дух за да можат ‚потполно да истраат и да бидат долготрпеливи со радост‘ (Кол. 1:11). Од каде извира таквата радост?
10. Од каде извира нашата радост?
10 За разлика од „несигурното богатство“ што го нуди светот на Сатана, духовното богатство кое ни го дава Јехова има трајна вредност (1. Тим. 6:17; Мат. 6:19, 20). Ние сме радосни затоа што Јехова ни дал надеж да живееме вечно. Се радуваме и затоа што сме дел од едно меѓународно христијанско братство. Но, најголема радост ни причинува тоа што имаме близок однос со Бог. Се чувствуваме исто како Давид кој, иако бил принуден да живее како бегалец, го фалел Јехова во песна, велејќи: „Твојата милост е подобра од животот, затоа ќе те фалат моите усни. Затоа ќе те благословувам додека сум жив“ (Пс. 63:3, 4). Дури и кога трпиме неволји, со радосно срце продолжуваме да го фалиме Бог.
11. Зошто е важно да му служиме на Јехова со радост?
11 Апостол Павле ги поттикнал христијаните: „Секогаш радувајте се во Господарот. И повторно велам: радувајте се!“ (Фил. 4:4). Зошто е важно христијаните со радост да му служат на Јехова? Поради спорното прашање што Сатана го покренал во врска со Јеховиното право да владее. Тој тврди дека никој не му служи на Бог спремно и од срце (Јов 1:9-11). Ако му служиме на Јехова бидејќи тој го бара тоа од нас, но не ја вршиме таа служба спремно и со радост, нашата жртва на фалба нема да биде потполна. Затоа, се трудиме да постапуваме во склад со следниве зборови на псалмистот: „Служете му на Јехова со веселба! Дојдете пред него со радосен восклик!“ (Пс. 100:2). Кога служиме со радосно и спремно срце, тогаш навистина го славиме Бог.
12, 13. Како можеме да се избориме со негативните чувства?
12 Сепак, факт е дека дури и оние што од сѐ срце му служат на Јехова понекогаш ќе се обесхрабрат и ќе се борат да останат позитивни (Фил. 2:25-30). Што ќе ни помогне во тие моменти? Во Ефешаните 5:18, 19 се вели: „Исполнувајте се со дух. Разговарајте меѓу себе со псалми, со фалбени песни на Бог и со духовни песни. Пејте и со песна фалете го Јехова во своите срца“. Како да го примениме овој совет?
13 Кога ќе нѐ преплават негативни чувства, можеме горливо да му се молиме на Јехова и да настојуваме да мислиме на работи што се достојни за фалба. (Прочитај Филипјаните 4:6-9.) Некои си потпевнуваат додека ги слушаат теократските песни бидејќи тоа ги разведрува и им помага да размислуваат за позитивни работи. Еден брат кој честопати бил разочаран и обесхрабрен затоа што минувал низ многу тежок период вели: „Освен што редовно му го излевав своето срце на Јехова во молитва, научив напамет и неколку теократски песни. Секогаш кога ги пеев овие прекрасни фалби на Јехова, или на глас или во своето срце, ме облеваа чувства на мир и спокој. Во тоа време излезе и книгата Приближи му се на Јехова. Следната година ја прочитав двапати. Ми дојде како мелем на душата. Сигурен сум дека Јехова го благослови сето она што го правев“.
‚Мирот кој нѐ поврзува‘
14. Кој е еден значаен показател за мирот кој е плод на светиот дух?
14 На нашите меѓународни конгреси, делегати од многу земји се радуваат на срдечното дружење со своите соверници. Еден показател за мирот што Бог им го дава на своите слуги е нивното меѓународно единство, кое јасно може да се види на овие конгреси. Мнозина што не се Сведоци се зачудени кога гледаат дека поединци од различни народи — и тоа народи меѓу кои владее нетрпеливост — ‚вистински се трудат да го одржат единството на духот, во мирот кој ги поврзува‘ (Еф. 4:3). Со оглед на сите пречки што многумина морале да ги надминат, ова единство е вистинско чудо!
15, 16. а) Со какви ставови пораснал Петар како Евреин, и зошто тоа било пречка за него? б) Како Јехова му помогнал на Петар да го промени својот став?
15 Не е лесно да се обединат луѓе со различно потекло. За да разбереме кои сѐ пречки мора да се надминат за да се постигне такво единство, да го разгледаме примерот на апостол Петар кој живеел во првиот век. Неговиот став кон необрежаните не-Евреи може да се види од следниве негови зборови: „Вие знаете дека на Јудеец не му прилега да се дружи со човек од друг род и да доаѓа при него. Но, мене Бог ми покажа никого да не наречувам поган или нечист“ (Дела 10:24-29, превод на д-р Д. Х. Константинов; 11:1-3). Под влијание на гледиштето што било вообичаено во негово време, Петар очигледно пораснал со уверувањето дека Законот му заповеда да ги сака само своите сонародници, односно Евреите. За него веројатно било сосема нормално да ги смета не-Евреите за непријатели кои требало да ги мрази.b
16 Замисли си колку непријатно мора да му било на Петар кога влегол во куќата на Корнелиј! Дали би можел еден човек кој порано имал негативен став кон не-Евреите ‚сложно да работи‘ со нив ‚во мирот кој ги поврзувал‘ сите христијани? (Еф. 4:3, 16). Да, можел, бидејќи само два дена пред тоа, Божјиот дух му го отворил срцето на Петар и му помогнал полека да го смени својот став и да ги надмине своите предрасуди. Преку едно видение, Јехова јасно му ставил до знаење дека Тој не ги дели луѓето според раса или националност (Дела 10:10-15). Затоа Петар можел да му каже на Корнелиј: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Петар се променил и живеел во вистинско единство со „сите браќа“ (1. Пет. 2:17).
17. Зошто единството на Божјиот народ е нешто посебно?
17 Она што се случило со Петар ни помага да ја разбереме неверојатната преобразба низ која поминале денешните Божји слуги. (Прочитај Исаија 2:3, 4.) Милиони луѓе „од сите народи и племиња и народности и јазици“ го промениле своето мислење за да го доведат во склад со „Божјата волја — [со она] што е добро, прифатливо и совршено“ (Отк. 7:9; Рим. 12:2). Многумина од нив порано биле под силно влијание на омразата, разединетоста и непријателствата со кои е исполнет Сатановиот свет. Но, со проучување на Божјата Реч и со помош на светиот дух, научиле да ‚се стремат кон она што придонесува за мир‘ (Рим. 14:19). Единството што го постигнале му носи слава на Бог.
18, 19. а) Како може секој од нас да придонесе за мирот и единството во собранието? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
18 Како може секој од нас да придонесе за мирот и единството на Божјиот народ? Во многу собранија има браќа и сестри што се доселиле од друга земја. Некои од нив имаат поинакви обичаи или, пак, не го зборуваат добро нашиот јазик. Дали се трудиме да ги запознаеме? Божјата Реч нѐ поттикнува да го правиме тоа. Во своето писмо до собранието во Рим, каде што имало и еврејски и нееврејски христијани, Павле напишал: „Примајте се еден со друг, како што и Христос нѐ прими нас, на Божја слава“ (Рим. 15:7). Има ли некои во твоето собрание со кои би можел подобро да се запознаеш?
19 Што друго можеме да правиме за да му дозволиме на светиот дух да влијае врз нашиот живот? Во следната статија ќе го добиеме одговорот на ова прашање додека ги разгледуваме преостанатите особини кои спаѓаат во плодовите на духот.
[Фусноти]
a Во плодот што го спомнал Исус спаѓаат „плодовите на духот“, како и ‚плодот на усните‘ кој христијаните му го принесуваат на Бог кога проповедаат за Царството (Евр. 13:15).
b Во 3. Мојсеева 19:18 пишува: „Не одмаздувај се и не држи лутина кон синовите на својот народ. Сакај го својот ближен како самиот себе“. Еврејските верски водачи сметале дека изразите „синовите на својот народ“ и „својот ближен“ се однесуваат само на Евреите. Точно е дека Законот барал од Израелците да бидат одвоени од другите народи. Сепак, во него не пишувало дека сите не-Евреи биле непријатели што требало да ги мразат, како што поучувале верските водачи од првиот век.
Како би одговорил?
• Како можеме да покажеме самопожртвувана љубов кон нашите браќа?
• Зошто е важно да му служиме на Бог со радост?
• Како можеме да придонесеме за мирот и единството во собранието?
[Рамка на страница 21]
„Тие се вистински христијани“
Во една книга, која зборува за Јеховините сведоци во времето на Третиот рајх, наведена е следнава изјава на еден млад еврејски затвореник кој ја опишува својата прва средба со нив откако пристигнал во концентрациониот логор Нојенгаме:
„Штом ние Евреите од Дахау пристигнавме во овој логор, другите Евреи веднаш почнаа да кријат сѐ што имаа за да не го споделат со нас... Надвор [од концентрациониот логор] си помагавме еден на друг. Но овде, каде што животот ни висеше на конец, секој гледаше да си ја спаси кожата и воопшто не му беше гајле за другите. А што правеа Истражувачите на Библијата? Во тоа време, работеа многу напорно на поправката на некои водоводни цевки. Беше многу студено и тие цел ден стоеја во вода ладна како мраз. Никој не можеше да сфати како можеа да издржат такво нешто. Велеа дека Јехова им дава сила. Беа мртви гладни, исто како и сите други, и очајно им беше потребно парчето леб што им следуваше. Но, што направија тие? Го собраа на куп целиот леб што го добија, и една половина зедоа за себе, а другата половина им ја дадоа на соверниците кои штотуку пристигнаа од Дахау. Освен тоа, срдечно ги пречекаа и ги избакнаа. Пред да јадат, се помолија. На крајот, сите беа задоволни и среќни. Рекоа дека веќе не се гладни. Тогаш си помислив: Тие се вистински христијани“ (Between Resistance and Martyrdom—Jehovah’s Witnesses in the Third Reich).
[Слики на страница 19]
Дали секојдневно си откупуваш време од другите активности за да стануваш сѐ поблизок со Јехова?