Поглавје дваесет и еден
Јеховината намера постигнува славен успех
1, 2. а) Која е Јеховината намера со неговите интелигентни суштества? б) Кој спаѓал во Божјето обединето семејство од обожаватели?
СИТЕ интелигентни суштества да бидат обединети во обожавањето на единствениот вистински Бог, и сите тие да се радуваат на славната слобода како Божји деца — тоа е Јеховината љубезна намера. Тоа е она што од срце го посакуваат и љубителите на праведноста.
2 Јехова почнал да ја исполнува оваа величествена намера кога го започнал своето дело на создавање. Неговата прва творба била Син кој од своето воскресение е „одраз на [Божјата] слава и точен отпечаток на самото негово битие“ (Евреите 1:1—3). Овој Син бил уникатен, бидејќи бил создаден од Бог лично. Подоцна, токму преку овој Син било создадено сѐ друго: најпрво ангелите на небото, а потоа луѓето на Земјата (Јов 38:7; Лука 3:38). Сите тие сочинувале едно универзално семејство. За сите нив, Јехова бил Бог, Универзален Суверен и нивни Татко полн со љубов.
3. а) Што сме наследиле сите ние од нашите прародители? б) Каква подготовка полна со љубов направил Јехова за Адамовото потомство?
3 Кога нашите прародители биле осудени на смрт како намерни грешници, биле исфрлени од Еден и Бог се откажал од нив. Тие повеќе не биле дел од неговото универзално семејство (Битие 3:22—24; Второзаконие 32:4, 5). Сите ние сме нивни потомци, па затоа сме се родиле со грешни склоности. Но, Јехова знаел дека некои од потомците на Адам и Ева ќе ја љубат праведноста. Затоа, Тој со љубов направил една подготовка преку која тие би можеле да ја постигнат „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:20, 21).
Израел ја губи повластената положба
4. Каква предност му дал Јехова на древниот Израел?
4 Околу 2.500 години по создавањето на Адам, Јехова им ја дал на извесни луѓе предноста да бидат во еден посебен однос со Него. Тој го избрал древниот Израел да биде негов народ и му го дал својот Закон (Битие 12:1, 2). Ги оформил во нација и ги користел во врска со својата намера (Второзаконие 14:1, 2; Исаија 43:1). Меѓутоа, тие сѐ уште биле во ропство на гревот и смртта, така што не ја уживале славната слобода што во почетокот ја имале Адам и Ева.
5. Како Израелците ја изгубиле својата посебна положба пред Бог?
5 И покрај тоа, Израелците уживале една повластена положба пред Бог. Тие ја имале и одговорноста да го почитуваат Јехова како свој Татко и да работат во склад со неговата намера. Исус нагласил дека е важно да ја исполнуваат таа обврска (Матеј 5:43—48). Меѓутоа, нацијата Израел пропуштила да го прави тоа. Иако тие Евреи тврделе: „Имаме еден Татко, Бог“, Исус изјавил дека нивните постапки и духот што го покажувале го побивале таквото тврдење (Јован 8:41, 44, 47). Во 33 н.е., Бог го укинал Законот, и посебниот однос на Израел со него бил прекинат. Но, дали ова значело дека луѓето не можеле никогаш повеќе да уживаат повластен однос со Бог?
Собирање на „она што е на небесата“
6. Која е целта на ‚управувањето‘ што го спомнал Павле во Ефешаните 1:9, 10?
6 Апостол Павле покажал дека некои од човештвото можат да уживаат посебен однос со Бог. На пример, во врска со Јеховината подготовка преку која оние што практикуваат вера можат да станат членови на Неговото домаќинство, Павле напишал: „[Бог] ни ја објави светата тајна на својата волја. Таа е во склад со она што му е угодно, а кое го наумил во себе за управување при потполно завршување на работите на одредените времиња, имено повторно да се состави сѐ во Христос, она што е на небесата и она на земјата“ (Ефешаните 1:9, 10). Главната улога во ова „управување“ ја игра Исус Христос. Преку него, луѓето доаѓаат во една одобрена положба пред Бог. Ограничен број од нив го имаат изгледот да бидат на небо. Далеку поголем број засекогаш ќе живеат на Земјата.
7. Што претставува „она што е на небесата“?
7 Како прво, почнувајќи од Пентекост 33 н.е., било свртено внимание на „она што е на небесата“, т.е. оние што требало да бидат сонаследници со Христос во небесното Царство. На темел на нивната вера во вредноста на Исусовата жртва, тие биле прогласени од Бог за праведни (Римјаните 5:1, 2). Со текот на времето, биле вклучени Евреите и не-Евреите, и бројот на „она што е на небесата“ требало да биде 144.000 (Галатите 3:26—29; Откровение 14:1). Сега на Земјата има само еден остаток од нив.
Собирање на „она на земјата“
8. Што претставуваа „она на земјата“, и каков е нивниот однос со Јехова?
8 Истото управување исто така овозможува да се собере и „она на земјата“. Милиони луѓе сега се собираат со изглед да живеат засекогаш на Земјата. Во единство со остатокот од наследници на Царството, тие го величаат Јеховиното име и го возвишуваат неговото обожавање (Исаија 2:2, 3; Софонија 3:9). Тие исто така му се обраќаат на Јехова со „Татко“ затоа што го признаваат како извор на животот. На темел на нивната вера во Исусовата пролиена крв, тие уживаат одобрена положба пред него (Откровение 7:9, 14). Но, бидејќи сѐ уште се несовршени, нивното потполно признавање како Божји деца сѐ уште лежи во иднина.
9. Какво ветување за човештвото дава Римјаните 8:21?
9 Оние со земна надеж сега желно го очекуваат времето кога човечката творба ќе биде ‚ослободена од ропството на распадливоста‘ (Римјаните 8:21). Тоа ослободување ќе почне откако Христос и неговите небесни војски ќе ја доведат големата неволја до крај со кулминацијата во Армагедон. Тоа ќе значи уништување на целокупниот Сатанов зол систем на работи, по што ќе следат благословите на Илјадагодишната Христова влада во моќта на Царството (Откровение 19:17—21; 20:6).
10. Каква песна на фалба ќе пеат Јеховините слуги?
10 Колку само развеселувачки ќе биде кога Јеховините слуги на Земјата ќе се обединат за да ги одразат чувствата на неговите слуги на небото, кои радосно објавуваат: „Големи и чудесни се твоите дела, Јехова Боже, Семоќен. Праведни и вистинити се твоите патишта, Цару на вечноста. Кој нема навистина да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име, зашто само ти си лојален? Зашто сите нации ќе дојдат и ќе вршат обожавање пред тебе, бидејќи се покажаа твоите праведни одредби“ (Откровение 15:3, 4). Да, сите Јеховини слуги ќе се обединат во обожавањето на единствениот вистински Бог. Дури и мртвите ќе бидат воскреснати и ќе им се даде прилика да се придружат кревајќи ги своите гласови во фалба на Јехова (Дела 24:15).
Претстои прекрасна слобода
11. Каква прекрасна слобода ќе уживаат преживеаните од големата неволја?
11 Откако големата неволја, со нејзината кулминација Армагедон, ќе ја исчисти Земјата од злоба, Сатана Ѓаволот повеќе нема да биде ‚бог на овој систем на работи‘. Обожавателите на Јехова повеќе нема да се борат со Сатановото злобно влијание (2. Коринќаните 4:4; Откровение 20:1, 2). Лажната религија повеќе нема погрешно да го прикажува Јехова и да врши разединувачко влијание врз човечкото општество. Слугите на вистинскиот Бог повеќе нема да доживуваат неправда и експлоатација од страна на човечките власти. Каква само прекрасна слобода ќе уживаат!
12. На кој начин сите ќе бидат ослободени од гревот и неговите последици?
12 Како ‚Божје Јагне, кое го отстранува гревот на светот‘, Исус ќе ја примени вредноста на својата жртва за да ги поништи гревовите на човештвото (Јован 1:29). Кога Исус бил на Земјата и му ги простувал гревовите на некое лице, тој го лечел лицето како доказ за тоа (Матеј 9:1—7; 15:30, 31). Слично на тоа, Христос Исус, како небесен Цар на Божјето Царство, на чудесен начин ќе ги излечи слепите, немите, глувите, физички осакатените, душевно болните и лицата со каква и да е друга болест (Откровение 21:3, 4). Кај сите послушни луѓе ќе биде укинат ‚законот на гревот‘ така што нивните мисли и постапки ќе им бидат угодни и ним и на Бог (Римјаните 7:21—23). До крајот на Милениумот, тие ќе бидат доведени до човечко совршенство, според ‚ликот и сличноста‘ на единствениот вистински Бог (Битие 1:26).
13. Каква акција ќе преземе Христос на крајот од Милениумската влада, и со каков резултат?
13 Откако Христос ќе го доведе човештвото до совршенство, ќе му ја предаде на Таткото власта што му била дадена за ова дело: „Ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко, кога ќе ја уништи секоја влада и секоја власт и сила. Зашто тој мора да владее како цар додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе“ (1. Коринќаните 15:24, 25). Милениумската влада на Царството потполно ќе ја исполни својата цел; така, повеќе нема да има потреба оваа подредена влада да стои помеѓу Јехова и човештвото. А откако гревот и смртта ќе бидат потполно отстранети и човештвото ќе биде искупено, ќе нема повеќе потреба од Исус како Откупител. Библијата објаснува: „Тогаш и самиот Син ќе му се подложи на Оној кој му подложил сѐ, за Бог да биде сѐ на сите“ (1. Коринќаните 15:28).
14. На што ќе бидат подложени сите совршени луѓе, и зошто?
14 По ова, на совршеното човештво ќе му биде дадена прилика да покаже дека избрало засекогаш да му служи на единствениот вистински Бог. Затоа, пред да бидат потполно усвоени како негови деца, сите тие совршени луѓе Јехова ќе ги подложи на еден конечен испит. Сатана и неговите демони ќе бидат ослободени од бездната. Ова нема да доведе до трајна штета за оние што навистина го љубат Јехова. Но, сите оние што нелојално ќе си дозволат да бидат наведени на непослушност кон Јехова, ќе бидат уништени засекогаш, заедно со првобитниот бунтовник и неговите демони (Откровение 20:7—10).
15. Каква состојба ќе постои повторно меѓу сите Јеховини интелигентни суштества?
15 Потоа, сите совршени луѓе што ја поддржале Божјата сувереност во текот на тој конечен испит, Јехова ќе ги усвои како свои деца. Оттогаш па натаму, тие во потполност ќе ја споделуваат славната слобода на Божјите деца како дел од Божјето универзално семејство. Сите интелигентни суштества на небото и на Земјата повторно ќе бидат обединети за да го обожаваат како единствен вистински Бог. Јеховината намера ќе постигне славен успех! Дали сакаш да бидеш дел од тоа среќно, вечно, универзално семејство? Ако да, те охрабруваме да го земеш при срце она што го вели Библијата во 1. Јованово 2:17: „Светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“.
Дискусија за повторување
• Каков однос имале сите обожаватели на Јехова со него пред бунтот во Еден?
• Каква одговорност лежи врз оние што се Божји слуги?
• Кои допрва ќе станат Божји деца, и како е поврзано ова со Јеховината намера во врска со обединетото обожавање?
[Слика на страница 190]
Послушните луѓе ќе се радуваат на животот во глобален рај