Не разделувај го она што Бог го составил
„Повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (МАТЕЈ 19:6).
1, 2. Зошто е и библиски и реално да се очекува дека брачните двојки одвреме-навреме ќе имаат проблеми?
ЗАМИСЛИ си дека тргнуваш на долг пат со автомобил. Ќе се појават ли проблеми по патот? Би било наивно да мислиш дека нема! На пример, би можело да настане големо невреме, па ќе треба да забавиш и да продолжиш да возиш повнимателно. Во некој момент можеби ќе ти се расипе автомобилот и нема да можеш сам да го поправиш, па ќе треба да го истуркаш крај патот и да побараш помош. Дали ваквите ситуации те наведуваат на заклучок дека си згрешил што си тргнал на пат и дека треба да го оставиш автомобилот? Не. Кога патуваш далеку, очекуваш да наидеш на проблеми и мудро бараш начини да ги решиш.
2 Истото важи и за бракот. Неизбежно е да се појават проблеми, и би било неразумно две лица што размислуваат за брак да очекуваат дека животот ќе им биде мед и млеко. Во 1. Коринќаните 7:28 Библијата јасно кажува дека оние што се во брак ќе имаат „телесни неволји“. Зошто? Едноставно речено, причината лежи во тоа што и мажите и жените се несовршени и што живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1; Римјаните 3:23). Значи, дури и меѓу двајца што си одговараат и што се духовно настроени, одвреме-навреме ќе се појават проблеми.
3. а) Како гледаат на бракот многу луѓе во светот? б) Зошто христијаните настојуваат да си го одржат бракот?
3 Во денешниов свет, првото нешто на што помислуваат некои брачни парови кога ќе дојдат проблемите е да се разведат. Во многу земји бројот на разводи вртоглаво расте. Меѓутоа, вистинските христијани не бегаат од проблемите туку ги решаваат. Зошто? Затоа што бракот го сметаат за свет подарок од Јехова. На оние што се во брак, Исус им рекол: „Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:6). Се разбира, не е секогаш лесно да се живее според тоа мерило. На пример, роднините и други лица што не ги признаваат библиските начела — вклучувајќи и некои брачни советници, честопати им советуваат на брачните двојки да се одвојат или да се разведат врз основа на небиблиски причини.a Но, христијаните знаат дека е многу подобро да си го средат и да го одржат бракот отколку набрзина да му стават крај. Всушност, многу е битно уште во почетокот да решиме да постапуваме онака како што вели Јехова — а не како што ни советуваат другите (Изреки 14:12).
Да се решат проблемите
4, 5. а) Какви проблеми сигурно ќе се појават во бракот? б) Зошто начелата што се наоѓаат во Божјата реч можат да помогнат дури и кога станува збор за брачни проблеми?
4 Факт е дека во секој брак одвреме-навреме ќе се појават проблеми што треба да се решат. Во повеќето случаи ќе се работи за помали несогласувања. Но, во некои бракови можеби ќе се појават посериозни проблеми што го поткопуваат темелот на брачната врска. Понекогаш можеби ќе треба да побараш помош од некој искусен христијански старешина што е во брак. Меѓутоа, овие ситуации не значат дека твојот брак пропаѓа. Тие само покажуваат колку е важно тесно да се држиш за библиските начела кога ги решаваш проблемите.
5 Како Творец на човечкиот род и како Основач на бракот, Јехова знае подобро од кој и да е друг што ни треба за да имаме успешен брак. Прашањето е: Дали ќе ги послушаме советите што се наоѓаат во неговата Реч? Сигурно дека тие совети ќе бидат за наше добро. На својот народ во минатото, Јехова му рекол: „О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“ (Исаија 48:18). Кога ги следиме упатствата што се дадени во Библијата, бракот ќе ни биде успешен. Најнапред да видиме какви совети им дава Библијата на сопрузите.
„Сакајте ги своите жени“
6. Кој библиски совет им е даден на мажите?
6 Писмото што апостол Павле им го испратил на Ефешаните содржи јасни совети за мажите што се во брак. Павле напишал: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него. Така и мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела. Кој ја сака својата жена, се сака самиот себе. Зашто, никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува, како и Христос собранието. Значи, така и секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе“ (Ефешаните 5:25, 28, 29, 33).
7. а) Што треба да биде најважен дел од темелот на еден христијански брак? б) На кој начин мажите покажуваат дека постојано ги сакаат своите жени?
7 Павле не го спомнува секој проблем што би можел да се појави помеѓу еден маж и неговата жена. Наместо тоа, тој навлегува во коренот на проблемот со тоа што кажува што треба да биде најважен дел од темелот на секој христијански брак — љубовта. Всушност, во претходно цитираните стихови љубовта се спомнува шест пати. Исто така, кога Павле им вели на мажите: „Сакајте ги своите жени“, обликот на овој глагол подразбира трајно дејство. Без сомнение Павле имал на ум дека е многу полесно човек да се вљуби отколку да остане вљубен. Ова особено важи во овие ‚последни денови‘, кога многу луѓе се „себељубиви“ и „неспремни за каков и да било договор“ (2. Тимотеј 3:1-3). Овие неубави особини водат до проблеми во многу бракови денес, но грижливиот сопруг нема да дозволи себичните особини во светот да влијаат врз неговото размислување и постапки (Римјаните 12:2).
Како да ги задоволиш потребите на својата жена?
8, 9. На кој начин еден христијански сопруг ги задоволува потребите на својата жена?
8 Ако си христијански сопруг, како можеш да не им подлегнеш на себичните склоности и да покажеш вистинска љубов кон својата сопруга? Во претходно цитираните зборови што им ги напишал на Ефешаните, Павле кажал две работи што треба да ги направиш — да ги задоволиш нејзините потреби, и да ја негуваш како своето тело. Како можеш да се грижиш за потребите на својата сопруга? Еден начин е да се грижиш за неа во материјален поглед — да ги задоволиш нејзините физички потреби. Павле му напишал на Тимотеј: „Навистина, ако некој не се грижи за своите, а посебно за домашните, се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8).
9 Меѓутоа, не е доволно само да се снабди храна, облека и кров над глава. Зошто? Затоа што може да се случи мажот многу добро да ги задоволува материјалните потреби на својата жена, но сепак, да не ги задоволува нејзините емоционални и духовни потреби. Ова второво е многу важно. Точно е дека многу христијански мажи се прилично зафатени со обврски што се поврзани со собранието. Но, ако мажот треба да заврши важни собраниски работи, не значи дека треба да ги запостави обврските што му ги дал Бог како глава на семејството (1. Тимотеј 3:5, 12). Во врска со тоа, пред неколку години во ова списание беше кажано: „Според библиските барања може да се каже дека пастирската активност почнува од дома. Ако старешината го запоставува своето семејство, тој ја става својата предност на коцка“.b Се разбира, мора да ги задоволиш потребите на својата жена — физички, емоционални и, што е најважно од сѐ, духовни.
Што значи тоа да ја цениш својата жена?
10. Што значи тоа еден маж да ја цени својата жена?
10 Да ја цениш својата жена значи добро да се грижиш за неа затоа што ја сакаш. Тоа можеш да го направиш на неколку начини. Прво, посвети ѝ доволно време. Ако ја запоставиш, нејзината љубов кон тебе може да олади. Исто така, имај на ум дека она што ти мислиш дека ѝ треба во поглед на времето и вниманието можеби не е она што и таа мисли дека ѝ треба. Не е работата само со зборови да кажеш дека ја цениш својата жена. Таа мора да се чувствува ценета. Павле напишал: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24). Како грижлив сопруг, потруди се да сфатиш што навистина ѝ треба на твојата жена (Филипјаните 2:4).
11. Како може начинот на кој еден маж постапува со својата жена да влијае врз неговиот однос со Бог и со собранието?
11 Друг начин на кој ќе покажеш дека ја цениш својата жена е да постапуваш со неа нежно, како со зборови така и со дела (Изреки 12:18). Павле им напишал на колошаните: „Мажи, сакајте ги своите жени и немојте да се гневите на нив“ (Колошаните 3:19). Според една книга, вториот дел од оваа изјава на Павле може да се преведе и со „не однесувај се кон неа како кон слугинка“ или „не прави робинка од неа“. Сопругот што постапува како тиранин — насамо или пред другите — сигурно не покажува дека ја сака и ја цени својата жена. Ако е груб кон неа, би можел да си го загрози својот однос со Бог. Апостол Петар им напишал на мажите: „Живејте со своите жени во склад со она што сте го научиле, почитувајќи ги како послаби садови, зашто и тие со вас се наследници на незаслужениот дар на животот. Во спротивно, вашите молитви ќе наидат на препрека“c (1. Петрово 3:7).
12. Што може да научи еден христијански сопруг од начинот на кој постапувал Исус кон христијанското собрание?
12 Никогаш не сфаќај ја љубовта на твојата жена здраво за готово. Постојано покажувај ѝ дека ја сакаш. Исус им дал пример на христијанските сопрузи со начинот на кој постапувал со христијанското собрание. Тој бил нежен, љубезен и простувал — дури и кога неговите ученици одново ќе ги покажеле своите неубави особини. Затоа, Исус можел да им рече на другите: „Дојдете кај мене... зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души“ (Матеј 11:28, 29). Поведувајќи се по примерот на Исус, еден христијански сопруг постапува со својата жена исто како што постапувал и Исус со собранието. Секој маж што вистински ја сака и ја цени својата жена и тоа го покажува со зборови и со дела, ќе биде извор на поткрепа за неа.
Сопруги што живеат според библиските начела
13. Кои библиски начела можат да им помогнат на жените што се во брак?
13 Во Библијата има начела што можат да им помогнат и на жените. Во Ефешаните 5:22-24, 33 стои: „Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господарот, зашто мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието — тој, спасителот на тоа тело. И како што собранието му е подложно на Христос, така и жените нека им бидат подложни на своите мажи во сѐ... Жената длабоко да го почитува својот маж“.
14. Зошто библиското начело за поглаварство не претставува понижување за жените?
14 Забележи како Павле нагласил колку се важни подложноста и почитта. Тој ги потсетува жените да му бидат подложни на својот сопруг. Ова е во склад со начелото што го поставил Бог. Секое живо суштество на небото и на Земјата му е подложно некому. Дури и Исус му е подложен на Јехова Бог (1. Коринќаните 11:3). Се разбира, ако мажот го спроведува своето поглаварство на исправен начин, на жената ќе ѝ биде полесно да му биде подложна.
15. Кои совети за жените се наоѓаат во Библијата?
15 Исто така, Павле рекол дека жената треба „длабоко да го почитува својот маж“. Христијанката што е во брак треба да покажува ‚мирен и благ дух‘, а не арогантно да го оспорува авторитетот на својот маж или да постапува независно (1. Петрово 3:4). Побожната жена е вредна домаќинка и му носи чест на својот поглавар (Тит 2:4, 5). Таа зборува добро за својот маж и не прави ништо со што ќе ги наведе другите да не го почитуваат. Исто така, прави сѐ што може за да успеат неговите одлуки (Изреки 14:1).
16. Што можат да научат христијанските сопруги од примерот на Сара и Ревека?
16 Тоа што една жена што е христијанка треба да има тивок и благ дух не значи дека нема свои гледишта или дека не е важно што мисли. Побожните жени од минатото, како што биле Сара и Ревека, го направиле првиот чекор за да ја покажат својата загриженост за некои работи, и библискиот извештај покажува дека Јехова го одобрил она што го направиле (1. Мојсеева 21:8-12; 27:46—28:4). И сопругите што се христијанки можат да си ги искажат своите чувства. Меѓутоа, тоа треба да го направат обѕирно, а не со потценување. Тогаш сигурно ќе утврдат дека таквиот начин на комуницирање е подобар и поуспешен.
Сериозна обврска
17, 18. Наведи некои начини на кои сопрузите и сопругите можат да се спротивстават на обидите на Сатана да им го уништи бракот.
17 Бракот треба да трае до крајот на животот. Затоа, и мажот и жената треба од сѐ срце да се трудат да имаат добар брак. Кога меѓу нив нема отворена комуникација, проблемите може да се зголемат и да станат сериозни. Многу често брачните партнери престануваат да комуницираат кога ќе се појават проблеми, а тоа води до огорченост. Некои сопружници дури и бараат излез од бракот, можеби со тоа што ќе се заинтересираат за некое трето лице. Исус опоменал: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28).
18 Апостол Павле ги советувал сите христијани, вклучувајќи ги и оние што се во брак: „Ако се гневите, немојте да грешите. Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина. И не давајте му можност на Ѓаволот да дејствува“ (Ефешаните 4:26, 27). Нашиот најголем непријател, Сатана, се обидува да ги искористи несогласувањата што може да се појават меѓу христијаните. Не дозволувајте му да успее во тоа! Кога ќе се појават проблеми, испитувајте во Библијата како Јехова гледа на работите, и при тоа користете ги библиските публикации. Разговарајте за несогласувањата смирено и отворено. Штом ги знаете Јеховините мерила, потрудете се и да ги примените (Јаков 1:22-25). Бидете решени да продолжите да одите со Бог како брачна двојка, и не дозволувајте никој и ништо да го одвои она што го составил Бог! (Михеј 6:8).
[Фусноти]
a Види ја рамката „Развод и одвојување“ во српското издание на Разбудете се! од 8 февруари 2002, страница 10, издадено од Јеховините сведоци.
c За да ги исполни условите да извршува посебни служби во христијанското собрание, еден маж не смее да биде „кавгаџија“ — односно да ги удира другите физички или да ги малтретира со зборови. Затоа, во брошурата со студиски статии од Стражарска кула од 1990 год., на 21. страница стои: „[Еден маж] не е прикладен ако дома е тиранин, а на друго место постапува на начин кој му се допаѓа на Бог“ (1. Тимотеј 3:2-5, 12).
Се сеќаваш ли?
• Зошто може да се појават проблеми дури и во христијанските бракови?
• Како може христијанскиот сопруг да се грижи за својата сопруга и да ја негува?
• Што може да направи жената за да покаже дека длабоко го почитува својот маж?
• Како можат мажот и жената да ја зајакнат својата брачна врска?
[Слика на страница 20]
Мажот треба добро да се грижи за својата жена, не само материјално туку и духовно
[Слика на страница 21]
Мажот што ја негува својата жена ѝ служи како поткрепа и ѝ помага
[Слика на страница 23]
Сопругите што се христијанки ги искажуваат своите чувства со почит