Јехова „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“
„Оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (ЕВРЕИТЕ 11:6).
1, 2. Зошто некои слуги на Јехова се борат со негативни чувства?
„ЈЕХОВИН СВЕДОК сум речиси 30 години, но никогаш не сум се чувствувала достојна да го носам тоа име“, вели Барбара.a „Иако сум пионерка и имам многу други задачи, ништо од сето тоа не успева да направи од срце да верувам дека заслужувам да го носам тоа име.“ И Кит размислува слично. „Понекогаш се чувствував недостоен затоа што Јеховините слуги имаат многу причини да бидат среќни, но јас не бев среќен“, вели тој. „Тоа роди во мене чувства на вина, и само уште повеќе се отежнаа работите.“
2 Многу верни слуги на Јехова, како во минатото така и денес, се бореле со слични чувства. Дали и тебе понекогаш ти се случува тоа? Можеби не можеш да дигнеш глава од проблеми, додека се чини дека твоите соверници уживаат во животот, безгрижни и среќни. Затоа, можеби мислиш дека Јехова не те прифаќа ниту, пак, го заслужуваш неговото внимание. Немој избрзано да донесеш заклучок дека е така. Библијата нѐ уверува: „[Јехова] не го презре ниту ја заборави тагата на натажениот, и не го скри Своето лице од него, туку го чу, кога Го повика“ (Псалм 22:24). Овие пророчки зборови што се однесуваат на Месијата покажуваат дека Јехова не само што ги слуша своите верни слуги туку и ги наградува.
3. Зошто не сме поштедени од притисоците во овој систем на работи?
3 Никој не е поштеден од притисоците што се вообичаени во овој систем на работи — дури ниту Јеховиниот народ. Живееме во свет со кој владее Јеховиниот најголем непријател, Сатана Ѓаволот (2. Коринќаните 4:4; 1. Јованово 5:19). Наместо да уживаат заштита со чуда, Јеховините слуги се, всушност, главна мета на Сатана (Јов 1:7-12; Откровение 2:10). Затоа, сѐ додека не дојде времето што го одредил Бог, треба да ‚издржиме во неволја‘ и да ‚истраеме во молитва‘, уверени дека Јехова се грижи и е заинтересиран за нас (Римјаните 12:12). Не смееме да подлегнеме на мислата дека нашиот Бог, Јехова, не нѐ сака!
Примери на истрајност од минатото
4. Дај некои примери на верни слуги на Јехова што истрајно поднеле тешки околности.
4 Многу слуги на Јехова што живееле во минатото морале да поднесуваат тешки околности. На пример, Ана била „јадосана во душата“ затоа што немала деца — а за неа тоа било исто како Бог да ја заборавил (1. Самоил 1:9-11). Кога царицата Езавела го прогонувала Илија за да го убие, тој се уплашил и го молел Јехова: „Веќе ми е доста од сѐ, Господи! Земи ја мојата душа, зашто не сум подобар од своите татковци“ (1. Цареви 19:4). А апостол Павле сигурно го чувствувал тешкиот товар на својата несовршеност кога признал: „Кога сакам да го правам она што е исправно, во себе го имам она што е лошо“. Тој додал: „Беден човек сум јас!“ (Римјаните 7:21-24).
5. а) Како биле наградени Ана, Илија и Павле? б) Како можеме да најдеме утеха во Божјата реч ако се бориме со негативни чувства?
5 Се разбира, знаеме дека Ана, Илија и Павле биле истрајни во службата за Јехова, и Тој богато ги наградил (1. Самоил 1:20; 2:21; 1. Цареви 19:5-18; 2. Тимотеј 4:8). Сепак, тие се бореле со најразлични човечки чувства, меѓу кои и тага, очај и страв. Затоа, не треба да се изненадиме ако, понекогаш, и ние имаме негативни чувства. Но, што можеш да направиш кога поради тешките моменти во животот ти дојде да се запрашаш дали навистина Јехова те сака? Можеш да најдеш утеха во Божјата реч. На пример, во претходната статија ги разгледвме Исусовите зборови дека Јехова ти ги изброил „сите влакна на главата“ (Матеј 10:30). Овие охрабрувачки зборови покажуваат дека Јехова е длабоко заинтересиран за секој од своите слуги. Сети се и на примерот со врапчињата што го дал Исус. Ако ниедна од тие мали птички не паѓа на земјата без да забележи Јехова, зошто би ги затворил очите пред твојата неволја?
6. Како може Библијата да биде извор на утеха за оние што се борат со негативни чувства?
6 Дали е навистина можно ние, несовршени луѓе, да бидеме скапоцени во очите на семоќниот Творец, Јехова Бог? Да! Всушност, во тоа нѐ уверуваат многу библиски стихови. Ако размислуваме за нив, ќе можеме и ние да го кажеме она што го рекол псалмистот: „Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (Псалм 94:19). Да разгледаме некои од овие утешни зборови од Божјата реч што ќе ни помогнат уште повеќе да сфатиме дека за Бог сме вредни и дека тој ќе нѐ награди ако продолжиме да ја извршуваме неговата волја.
Јеховината „најмила сопственост“
7. Кое охрабрувачко пророштво му го кажал Јехова на расипаниот народ преку Малахија?
7 Во петтиот век пр.н.е. Евреите се нашле во жалосна положба. Свештениците примале болни и слаби животни и ги принесувале како жртви на Јеховиниот жртвеник. Судиите биле пристрасни. Биле раширени гатањето, лажењето, измамата и прељубата (Малахија 1:8; 2:9; 3:5). На овој крајно расипан народ, Малахија му кажал едно прекрасно пророштво. Со текот на времето, Јехова ќе му помогне на својот народ да се поправи за да може повторно да биде прифатлив за Бог. Читаме: „Мои ќе бидат, моја печалба [најмила сопственост, NW] — говори Господ над Воинствата. Во Денот што го подготвувам ќе им бидам милостив како што таткото му е милостив на синот, кој му служи“ (Малахија 3:17).
8. Зошто може стихот од Малахија 3:17 да се примени и на големото мноштво?
8 Пророштвото на Малахија се исполнува во денешно време врз христијаните помазани со дух, кои сочинуваат еден духовен народ од 144.000 лица. Тој народ навистина е „најмила сопственост“, односно „народ за посебна сопственост“ на Јехова (1. Петрово 2:9). Од пророштвото на Малахија може да се охрабри и ‚големото мноштво‘, кое „стои пред престолот и пред Јагнето, облечено во бели долги облеки“ (Откровение 7:4, 9). Тие стануваат едно стадо со помазаниците, под водството на еден Пастир, Исус Христос (Јован 10:16).
9. Зошто на Јехова неговиот народ му е „најмила сопственост“?
9 Како гледа Јехова на оние што одлучуваат да му служат? Како што беше забележано во Малахија 3:17, на нив гледа онака како што еден нежен татко гледа на својот син. Исто така, забележи со какви топли изрази го опишува својот народ — „најмила сопственост“. Други преводи ја преведуваат оваа фраза со „мојот најскапоцен посед“ и „моите драгоцености“. Зошто Јехова би ги сметал за нешто толку посебно оние што му служат? Како прво, тој е Бог што покажува ценење и благодарност (Евреите 6:10). Тој се зближува со оние што му служат од срце и ги смета за нешто посебно.
10. Како го штити Јехова својот народ?
10 Поседуваш ли нешто што многу ти значи и го сметаш за нешто посебно? Зар не правиш нешто за да го заштитиш? И Јехова го прави истото со својата „најмила сопственост“. Точно, тој не го штити својот народ од сите неволји и трагедии во животот (Проповедник 9:11). Но, Јехова може да ги заштити и ќе ги заштити своите верни слуги во духовен поглед. Тој им ја дава силата што им е потребна за да бидат истрајни и да издржат секакво искушение (1. Коринќаните 10:13). Затоа, Мојсеј им рекол на Израелците, Божјиот древен народ: „Охрабрете се и бидете одлучни . . . Самиот Господ, твојот Бог, доаѓа со тебе; не ќе те напушти ниту ќе те остави“ (Второзаконие 31:6). Јехова го наградува својот народ. Нему тој му е „најмила сопственост“.
Јехова „наградува“
11, 12. На кој начин тоа што ќе гледаме на Јехова како на оној што нѐ наградува ќе ни помогне да се бориме со сомневањата што ќе ни се појават?
11 Друг доказ дека Јехова многу ги цени своите слуги е тоа што ги наградува. На Израелците им рекол: „Испитајте ме — зборува Господ над војските — не ќе ли ви ги отворам небесните брани и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка“ (Малахија 3:10). Се разбира, на крајот Јехова ќе ги награди своите слуги со вечен живот (Јован 5:24; Откровение 21:4). Оваа скапоцена награда открива колку е голема Јеховината љубов и неговата великодушност. Исто така, покажува дека тој навистина многу ги цени оние што одлучуваат да му служат. Ако научиме да го сметаме Јехова за личност што великодушно наградува, ќе ни биде полесно да се бориме со сомневањата во врска со тоа како гледа Бог на нас. Всушност, Јехова нѐ поттикнува да го сметаме за личност што наградува! Павле напишал: „Оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6).
12 Се разбира, ние му служиме на Јехова затоа што го сакаме — а не само затоа што ни ветува дека ќе нѐ награди. Сепак, не е неисправно ниту, пак, е себично да мислиме на наградата (Колошаните 3:23, 24). Затоа што Јехова ги сака и многу му се важни оние што сесрдно го бараат, Јехова го прави првиот чекор и ги наградува.
13. Зошто откупнината е најголем доказ дека Јехова нѐ сака?
13 Најголем доказ дека Јехова го цени потенцијалот што го имаат луѓето е тоа што обезбедил откупнина. Апостол Јован напишал: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Откупната жртва на Исус Христос е во чиста спротивност со сфаќањето дека сме безвредни во Божјите очи и дека Бог не нѐ сака. Навистина, ако Јехова платил толку висока цена за нас — давајќи го својот единороден Син — сигурно мора многу да нѐ сака.
14. Што покажува како гледал Павле на откупнината?
14 Затоа, штом почнат да ти надоаѓаат негативни чувства, размислувај за откупнината. Да, сметај ја за подарок што Јехова ти го дал лично тебе. Така гледал на неа и апостол Павле. Сети се дека тој рекол: „Беден човек сум јас!“ Но, потоа рекол: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господ“, кој, како што рекол Павле, „ме љубеше и се предаде себеси за мене“ (Римјаните 7:24, 25; Галатите 2:20). Кога го рекол ова, Павле не покажал вообразеност. Тој едноставно бил уверен дека за Јехова е вреден тој, како поединец. Исто како Павле, и ти треба да научиш да гледаш на откупнината како на подарок што Бог го дал за тебе лично. Јехова не само што е моќен Спасител туку и со љубов наградува.
Чувај се од ‚сплетките‘ на Сатана
15-17. а) Како Ѓаволот ги искористува негативните чувства? б) Како може да нѐ охрабри искуството на Јов?
15 Сепак, можеби ќе ти биде тешко да веруваш дека инспирираните утехи што се наоѓаат во Божјата реч навистина важат и за тебе. Можеби мислиш дека наградата да се живее вечно во Божјиот нов свет е нешто што можат да го добијат другите, но ти едноставно не си достоен за тоа. Ако мислиш така, што можеш да направиш?
16 Несомнено ти е познат советот што Павле им го дал на ефешаните: „Облечете ја потполната воена опрема од Бог за да можете цврсто да стоите против Ѓаволовите сплетки“ (Ефешаните 6:11). Кога ќе помислиме на некои од лукавствата на Сатана, можеби веднаш ни паѓаат на ум работи како што се материјализмот и неморалот, и во право сме. На овие искушенија паднале многу Божји слуги и во минатото и денес. Меѓутоа, не смееме да превидиме уште една сплетка, или препредено дело на Сатана — неговите обиди да ги убеди луѓето дека Јехова Бог не ги сака.
17 Ѓаволот вешто ги искористува таквите чувства во обидот да ги одврати луѓето од Бог. Сети се што му рекол Валдад на Јов: „Па како може човек да биде праведен пред Бога, и родениот од жена, како може да биде чист? Ете, и месечината ја губи својата светлина пред Него, за Неговите очи ѕвездите не се чисти. Што да се рече тогаш за човекот, за тој црвец, за човечкиот син — бедно црвче?“ (Јов 25:4-6; Јован 8:44). Можеш ли да си замислиш колку биле обесхрабрувачки овие зборови? Затоа, не дозволувај Сатана да те обесхрабри. Од друга страна, пак, биди свесен за сплетките на Сатана за да имаш храброст и сила уште посилно да се бориш да го правиш она што е исправно (2. Коринќаните 2:11). А што се однесува до Јов, иако морал да добие исправка, Јехова ја наградил неговата истрајност со тоа што му дал двојно повеќе од она што го изгубил (Јов 42:10).
Јехова е „поголем од нашето срце“
18, 19. Во која смисла Бог е „поголем од нашето срце“, и во кој поглед тој „знае сѐ“?
18 Не може да се оспори дека можеби ќе биде тешко да се совладаат чувствата на обесхрабреност ако се длабоко вкоренети. Сепак, Јеховиниот дух може да ти помогне малку по малку да ги срушиш ‚силно утврдените нешта кренати против спознанието за Бог‘ (2. Коринќаните 10:4, 5). Кога ќе почнат да ти надоаѓаат негативни чувства, размислувај за зборовите на апостол Јован: „По тоа ќе знаеме дека потекнуваме од вистината, и своето срце ќе го увериме пред него во поглед на сѐ за што нашето срце би можело да нѐ осудува, бидејќи Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јованово 3:19, 20).
19 Што се мисли со изразот „Бог е поголем од нашето срце“? Понекогаш, нашето срце можеби нѐ осудува, особено тогаш кога ќе станеме сосема свесни за нашите маани и недостатоци. Или, пак, можеби поради нашето минато претерано сме склони да размислуваме негативно за себе, како ништо од она што го правиме да не е прифатливо за Јехова. Зборовите на апостол Јован нѐ уверуваат дека Јехова е поголем од тоа! Тој гледа зад нашите грешки и гледа што вистински може да биде од нас во иднина. Исто така, ги знае нашите мотиви и намери. Давид напишал: „Знае добро како сме создадени, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Да, Јехова нѐ познава подобро отколку што се познаваме самите себе!
„Прекрасен венец“ и „царски венец“
20. Како што ни покажува Исаииното пророштво за враќањето на Израелците во својата земја, како гледа Јехова на своите слуги?
20 Преку пророкот Исаија, Јехова му дал на својот древен народ надеж дека повторно ќе се врати во својата земја. Кога биле во изгнанство во Вавилон, на овие очајни луѓе им требала токму таква утеха и надеж! Зборувајќи за времето кога повторно ќе бидат во својата татковина, Јехова рекол: „Ќе бидеш прекрасен венец во Господовата рака, и царски венец на дланката на својот Бог“ (Исаија 62:3). Со овие зборови, Јехова го опсипал својот народ со чест и слава. Истото го прави и денес со својот народ, духовниот Израел. Тоа е исто како да ги поставил високо за да им се восхитуваат сите.
21. Како можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе ја награди твојата верна истрајност?
21 Иако ова пророштво првенствено било исполнето на помазаниците, тоа ни покажува каква чест им искажува Јехова на сите оние што му служат. Затоа, кога ќе ти се појават сомневања во главата, сети се дека, иако си несовршен, ти можеш да бидеш скапоцен за Јехова исто како некој „прекрасен венец“ и „царски венец“. Затоа, продолжи и понатаму да го радуваш неговото срце со тоа што од сѐ срце ќе настојуваш да ја извршуваш неговата волја (Пословици 27:11). Ако правиш така, биди уверен дека Јехова ќе ја награди твојата верна истрајност!
[Фуснота]
a Некои имиња се променети.
Се сеќаваш ли?
• Во кој поглед ние сме му „најмила сопственост“ на Јехова?
• Зошто е важно да гледаме на Јехова како на оној што наградува?
• Од кои „сплетки“ на Сатана мораме да се чуваме?
• Во кој поглед Бог е „поголем од нашето срце“?
[Слика на страница 26]
Павле
[Слика на страница 26]
Илија
[Слика на страница 26]
Ана
[Слика на страница 28]
Божјата реч содржи многу утешни мисли