„Спротивставете му се на Ѓаволот“
„Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (ЈАКОВ 4:7).
1. Што може да се рече за сегашниов свет и зошто помазаниците и нивните придружници треба да бидат будни?
„БОГ исчезнал, но Ѓаволот сѐ уште е тука.“ Овие зборови на францускиот писател Андре Малро можат добро да се применат на светот во кој живееме. Сигурно изгледа дека делата на луѓето повеќе ги одразуваат лукавствата на Ѓаволот отколку Божјата волја. Сатана ги наведува луѓето на погрешен пат „со секое моќно дело, и со лажни знаци и предзнаци, и со секаква неправедна измама за оние кои пропаѓаат“ (2. Солуњаните 2:9, 10). Меѓутоа, во овие ‚последни денови‘ Сатана ги сосредоточува своите напори на Божјите предадени слуги, водејќи војна со помазаните христијани, „кои ги држат заповедите Божји и го имаат делото на сведочење за Исус“ (2. Тимотеј 3:1; Откровение 12:9, 17). Овие Сведоци и нивните придружници што имаат земна надеж треба да бидат будни.
2. На кој начин Сатана ја завел Ева и каков страв изразил апостол Павле?
2 Сатана е измамник во секој поглед. Користејќи змија како параван, тој ја измамил Ева да помисли дека може да биде посреќна ако постапува независно од Бог (Битие 3:1—6). Околу четири илјади години подоцна, апостол Павле го изразил својот страв дека помазаните христијани во Коринт би можеле да станат жртви на лукавоста на Сатана. Павле напишал: „Се плашам, како што змијата ја заведе Ева со своето лукавство, на некој начин и вашите умови да не се расипат и одвратат од искреноста и чесноста кои му припаѓаат на Христос“ (2. Коринќаните 11:3). Сатана ги расипува умовите на луѓето и го искривува нивното размислување. Исто како што ја завел Ева, тој може да ги наведе и христијаните погрешно да резонираат и да си мислат дека нивната среќа зависи од нешто што не го одобруваат Јехова и неговиот Син.
3. Каква заштита од Ѓаволот дава Јехова?
3 Сатана може да се спореди со ловец на птици што поставува стапици за да ги фати жртвите кои воопшто не се сомневаат. За да ги избегнеме стапиците на Сатана, треба да ‚живееме под покривот на Севишниот‘, фигуративно место на заштита што Јехова го обезбедува за оние што ја признаваат неговата универзална сувереност во она што го прават (Псалм 91:1—3). Потребна ни е целокупната заштита што ја дава Бог преку неговата Реч, преку неговиот дух и преку неговата организација за да ‚можеме цврсто да стоиме против Ѓаволовите сплетки‘ (Ефешаните 6:11). Грчкиот збор за „сплетки“ може да се преведе и со „лукави дела“, односно „трикови“. Без сомнение, Ѓаволот користи многу трикови и лукави дела во своите обиди да ги фати во стапица Јеховините слуги.
Стапици што им ги поставувал Сатана на раните христијани
4. Во каков свет живееле раните христијани?
4 Христијаните што живееле во првиот и во вториот век н.е. живееле во време кога Римската Империја била во својот зенит. Пакс романа (Римскиот мир) овозможил процвет на трговијата. Ваквиот просперитет ѝ дал многу слободно време на владејачката класа и владетелите се погрижиле масите да имаат доволно забава за да не се бунтуваат. Во некои периоди имало толку државни празници колку што имало и работни денови. Водачите ги користеле јавните фондови за да му дадат на народот „леб и игри“, полнејќи им ги стомаците и забавувајќи им ги умовите.
5, 6. а) Зошто не било на место христијаните да имаат навика да одат во римските театри и амфитеатри? б) Каков трик користел Сатана и како можеле да го избегнат христијаните?
5 Дали оваа ситуација претставувала опасност за раните христијани? Судејќи според предупредувањата што ги напишале раните постапостолски писатели, како што бил Тертулијан, повеќето слободни активности во тоа време биле исполнети со духовни и морални опасности за вистинските христијани. Како прво, повеќето државни празници и игри се одржувале во чест на пагански богови (2. Коринќаните 6:14—18). Во театрите, дури и многу класични драми биле или крајно неморални или крваво насилнички. Како што одминувало времето, вкусот на јавноста за она што е класично се губел и тие биле заменети со развратни претстави со пантомима. Во својата книга Daily Life in Ancient Rome (Секојдневниот живот во древниот Рим), историчарот Жером Каркопино вели: „Во тие претстави на актерките им било дозволено сосема да се соблечат . . . Обилно се пролевала крв . . . [Мимиката] достигнувала највисок степен на перверзија што ги освојувала масите на престолнината. Ним не им се гадело од таквите сцени затоа што ужасните касапења во амфитеатарот веќе долго време ги имале закоравено нивните чувства и ги изопачиле нивните инстинкти“ (Матеј 5:27, 28).
6 Во амфитеатрите, гладијаторите се бореле меѓусебно до смрт, или, пак, се бореле со диви животни што или ги убивале или самите биле убивани од нив. Осудените криминалци и, на крајот, многу христијани, им биле фрлани на крволочни ѕверови. Дури и во тие рани времиња, Сатановиот трик бил да ја отапи одбивноста на луѓето кон неморалот и насилството сѐ додека тие работи не им станале вообичаени и народот не ги барал. Единствениот начин да не се падне во таа стапица бил да се избегнуваат театрите и амфитеатрите (1. Коринќаните 15:32, 33).
7, 8. а) Зошто еден христијанин би постапил немудро кога би присуствувал на трките со бојни двоколки? б) Како можел Сатана да ги користи римските бањи за да ги фати христијаните во стапица?
7 Трките со бојни двоколки во големите долгнавести арени наречени циркуси несомнено биле многу возбудливи, но не биле прифатливи за христијаните затоа што мноштвата честопати станувале насилни. Еден писател од третиот век известил дека доаѓало до тепачки меѓу некои од гледачите, а Каркопино наведува дека „астролозите и проститутките имале свое работно место“ под аркадите на циркуските зданија. Јасно, римскиот циркус не бил место за христијаните (1. Коринќаните 6:9, 10).
8 Што е со прочуените римски бањи? Сигурно, немало ништо лошо во тоа да се одржува чистотата со капење. Но, многу римски бањи биле огромни објекти во кои имало простории за масирање, сали за спортување, простории за коцкање и места каде што се јадело и пиело. Иако, теоретски, за секој пол имало одредени термини за користење на бањите, честопати се толерирало комбинирано капење. Клемент од Александрија напишал: „Бањите се отворени без ограничувања и за мажите и за жените; и таму тие се соблекуваат за да уживаат во развратен блуд“. Така, Сатана можел лесно да искористи една законска институција како стапица за христијаните. Мудрите не оделе таму.
9. Кои стапици морале да ги избегнуваат раните христијани?
9 Кога Римската Империја била во својот зенит, коцкањето претставувало омилена разонода за луѓето. Раните христијани можеле да го избегнат опкладувањето што го имало на трките со бојни двоколки едноставно со тоа што ќе ги избегнувале циркусите. Исто така, во задните простории на гостилниците и крчмите луѓето незаконски се коцкале во помал обем. Играчите се опкладувале на парен или на непарен број на камчиња или ковчиња што другиот играч ги држел в рака. Коцкањето им го зачинувало животот на луѓето, бидејќи давало надеж за лесно доаѓање до пари (Ефешаните 5:5). Освен тоа, келнерките во таквите локали за пиење честопати биле проститутки, а тоа ја зголемувало опасноста од сексуален неморал. Ова биле некои од стапиците што ги поставувал Сатана за христијаните што живееле во градовите на Римската Империја. Дали денес работите се многу поинакви?
Сатановите стапици денес
10. На кој начин денешната ситуација е слична на условите што владееле во Римската Империја?
10 Главно, Сатановите трикови не се промениле низ вековите. За да ‚не ги надитри Сатана‘ христијаните што живееле во расипаниот град Коринт, апостол Павле им дал силен совет. Тој рекол: „Не сме во незнаење за [Сатановите] намери“ (2. Коринќаните 2:11). Во многу развиени земји, ситуацијата денес е слична на ситуацијата што преовладувала во Римската Империја кога таа била во својот процвет. Многу луѓе денес имаат повеќе слободно време од кога и да е порано. Државните лотарии им даваат зрак на надеж дури и на сиромашните. Има изобилство евтина забава што го преокупира умот на луѓето. Спортските стадиони се полни, луѓето се коцкаат, понекогаш мноштвата стануваат насилни, а честопати и играчите. Во ушите на луѓето ечи деградирачка музика, а на театарските бини, филмови и ТВ--екрани се прикажуваат развратни претстави. Во некои земји е популарно комбинирано капење во сауни и топли извори, а да не ги спомнуваме нудистите на некои плажи. Исто како во раните векови на христијанството, Сатана се обидува да ги заведе Божјите слуги со помош на световни слободни активности.
11. Кои стапици се кријат во желбата човек да се опушти и да се релаксира?
11 Во свет каде што е вообичаен стресот, нормално е човек да чувствува потреба да се опушти или да избега од сѐ. Меѓутоа, исто како што римските бањи вклучувале карактеристики што содржеле потенцијална опасност за раните христијани, некои објекти за годишен одмор и летувалишта се покажале како стапица што Сатана ја искористил за да ги наведе денешните христијани на неморал или на претерано пиење. Павле им напишал на христијаните во Коринт: „Немојте да се залажувате. Лошите друштва ги расипуваат корисните навики. Отрезнете се на праведен начин и не практикувајте грев, зашто некои се без спознание за Бог“ (1. Коринќаните 15:33, 34).
12. Кои се некои трикови што ги користи Сатана за да ги фати во стапица Јеховините слуги денес?
12 Во случајот со Ева видовме како Сатана употребил лукавство за да го расипе нејзиното размислување (2. Коринќаните 11:3). Денес, една од стапиците на Ѓаволот е да ги наведе христијаните на размислување дека, ако одат колку што е можно подалеку во обидот да покажат дека Јеховините сведоци се исти како и другите луѓе, ќе успеат да привлечат некои кон христијанската вистина. Понекогаш одат предалеку и се случува спротивното (Агеј 2:12—14). Друг трик на Сатана е да ги наведе предадените христијани, и млади и возрасни, да живеат двоен живот и ‚да го ожалостат Божјиот свет дух‘ (Ефешаните 4:30). Некои паднале во оваа стапица со злоупотребата на Интернет.
13. Која прикриена стапица е една од Ѓаволовите лукави дела, и кој совет од Пословици е соодветен овде?
13 Друга стапица на Сатана е прикриениот окултизам. Ниеден вистински христијанин нема намерно да се занимава со сатанизам или со спиритизам. Сепак, некои не сакајќи дозволуваат да им се намали внимателноста кога станува збор за филмови, ТВ-серии, видеоигри, па дури и детски книги и стрипови што нагласуваат насилство или чудни и необјасниви практики. Сѐ што има призвук на окултизам треба да се избегнува. Една мудра пословица наведува: „Трње и примки се на патот на измамникот; кој го чува својот живот, далеку е од двете“ (Пословици 22:5). Бидејќи Сатана е „богот на овој систем на работи“, сѐ што е многу популарно би можело да крие некоја од неговите стапици (2. Коринќаните 4:4; 1. Јованово 2:15, 16).
Исус му се спротивставил на Ѓаволот
14. Како одолеал Исус на првото искушение на Ѓаволот?
14 Исус дал добар пример со тоа што му се спротивставил на Ѓаволот и го натерал да избега. Откако се крстил и постел 40 дена, Исус бил искушан од Сатана (Матеј 4:1—11). Со првото искушение се обидел да го искористи природниот глад што го чувствувал Исус откако постел. Сатана го повикал Исус да го направи своето прво чудо за да задоволи една физичка потреба. Цитирајќи од Второзаконие 8:3, Исус одбил да ја искористи својата моќ на себичен начин и ја ставил духовната храна пред физичката.
15. а) Која природна желба ја искористил Сатана за да го искуша Исус? б) Кое е едно од главните лукави дела на Ѓаволот против Божјите слуги денес, но како можеме да му се спротивставиме?
15 Една интересна мисла во врска со ова искушение е тоа што Ѓаволот не се обидел да го натера Исус да направи сексуален грев. Гладот, кој природно создава копнеж по храна, во оваа прилика изгледал како најсилна физичка желба што можел да ја искористи за да го искуша Исус. Кои искушенија ги користи Ѓаволот за да го намами Божјиот народ денес? Има многу и тие се најразлични, но ги користи сексуалните искушенија како едно од главните лукави дела во неговиот обид да го скрши интегритетот на Јеховиниот народ. Имитирајќи го Исус, можеме да му се спротивставиме на Ѓаволот и да им одолееме на искушенијата. Исто како што Исус го осуетил Сатановиот пристап повикувајќи се на соодветни стихови, кога сме искушувани можеме да се повикаме на стихови како што се Битие 39:9 и 1. Коринќаните 6:18.
16. а) На кој начин Сатана го искушал Исус по вторпат? б) Во кои погледи Сатана може да се обиде да нѐ искуша да го ставиме Јехова на испит?
16 Потоа, Ѓаволот му упатил предизвик на Исус да скокне од ѕидот на храмот и да ја стави на испит Божјата способност да го заштити со помош на Своите ангели. Цитирајќи од Второзаконие 6:6, Исус одбил да го стави на испит својот Татко. Сатана можеби нема да нѐ искуша да скокнеме од оградата на некој храм, но може да нѐ искуша да го ставиме Јехова на испит. Дали сме искушани да видиме колку близу можеме да ги имитираме световните модни лудила во нашето облекување и дотерување без да добиеме совет? Дали сме искушани на полето на сомнителна забава? Тогаш, можеби го ставаме Јехова на испит. Ако имаме такви склоности, наместо да побегне од нас, Сатана може да остане кај нас, непрекинато обидувајќи се да нѐ намами да застанеме на негова страна.
17. а) Како Ѓаволот го искушал Исус по третпат? б) Како може да се покаже вистинит за нас стихот од Јаков 4:7?
17 Кога Сатана му ги понудил на Исус сите царства на светот во замена за еден единствен чин на обожавање, Исус повторно му се спротивставил цитирајќи од Писмото, заземајќи цврст став за исклучителното обожавање на својот Татко (Второзаконие 5:9; 6:13; 10:20). Сатана можеби нема да ни ги понуди царствата на светот, но постојано нѐ искушува со сјајот на материјализмот, дури и со визии за мало лично царство. Дали реагираме како што реагирал Исус, давајќи му ја нашата исклучителна оддаденост на Јехова? Ако е така, она што се случило со Исус ќе се случи и со нас. Извештајот од Матеј наведува: „Тогаш Ѓаволот го остави“ (Матеј 4:11). Сатана ќе нѐ остави ако заземеме цврст став против него со тоа што ќе си спомнуваме за соодветни библиски начела и ќе ги применуваме. Апостол Јаков напишал: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7). Еден христијанин напишал до канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Франција: „Сатана навистина е лукав. И покрај моите најдобри намери, многу ми е тешко да владеам со моите чувства и со моите желби. Сепак, со храброст, стрпливост и, над сѐ, со Јеховина помош, успвам да издржам и да се држам цврсто за вистината“.
Целосно опремени да му се спротивставиме на Ѓаволот
18. Која духовна воена опрема нѐ опремува да му се спротивставиме на Ѓаволот?
18 Јехова нѐ снабдил со потполна духовна воена опрема за да нѐ оспособи ‚да стоиме цврсто против Ѓаволовите сплетки‘ (Ефешаните 6:11—18). Нашата љубов кон вистината ќе ги опаше нашите бедра, односно ќе нѐ подготви за христијанска активност. Нашата одлучност да се држиме за Јеховините праведни мерила ќе биде како граден оклоп на праведноста што го штити нашето срце. Ако нашите нозе се облечени со добрата вест, редовно ќе нѐ носат во проповедничкото дело, а тоа ќе нѐ зајакне и ќе нѐ заштити духовно. Нашата јака вера ќе биде како голем штит, кој нѐ штити од ‚огнените стрели на злобниот‘, неговите лукави напади и искушенија. Нашата сигурна надеж во исполнувањето на Јеховините ветувања ќе биде како шлем што ги штити нашите мисловни способности и ни дава душевен мир (Филипјаните 4:7). Ако станеме вешти во ракувањето со Божјата реч, таа ќе биде како меч што можеме да го користиме за да им помогнеме на луѓето да се ослободат од духовното ропство на Сатана. Можеме да го користиме и за да се заштитиме себеси, токму онака како што направил Исус кога бил искушан.
19. Освен тоа што ‚ќе му се спротивставиме на Ѓаволот‘, што уште е неопходно?
19 Ако ја задржиме на себе оваа „потполна воена опрема од Бог“ и ако постојано се молиме, можеме да бидеме уверени во Јеховината заштита кога ќе нѐ нападне Сатана (Јован 17:15; 1. Коринќаните 10:13). Но, Јаков покажал дека не е доволно само ‚да му се спротивставиме на Ѓаволот‘. Исто така, над сѐ, мораме ‚да му се подложиме на Бог‘, кој се грижи за нас (Јаков 4:7, 8). Како можеме да го правиме тоа ќе биде разгледано во следната статија.
Како би одговорил?
• Кои стапици на Сатана морале да ги избегнуваат раните христијани?
• Кои лукави дела ги користи Сатана денес за да се обиде да ги фати во стапица Јеховините слуги?
• Како се спротивставил Исус на искушенијата на Ѓаволот?
• Која духовна воена опрема ни овозможува да му се спротивставиме на Ѓаволот?
[Слика на страници 8 и 9]
Исус одлучно му се спротивставил на Ѓаволот
[Слики на страница 10]
Христијаните од првиот век ја отфрлиле насилничката и неморална забава
[Извор на слика]
The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck