Поглавје осум
,Борба против злите духовни сили‘
1. Зошто активноста на злите духовни сили е од особен интерес за нас?
МНОГУ луѓе се исмеваат на идејата дека постојат зли духови. Но, тоа не е смешно. Верувале луѓето или не, злите духови постојат и се обидуваат да вршат притисок врз секого. Обожавателите на Јехова не се изземени од тоа. Всушност, тие се првенствената мета. Апостол Павле нѐ предупредува на тој факт, велејќи: ‚Ние не водиме борба против крв и месо, туку против [невидливите] влади, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесните места‘ (Ефешаните 6:12). Во наше време, притисокот што го вршат злите духовни сили достигнал највисоко ниво, затоа што Сатана е исфрлен од небото и е бесен, знаејќи дека времето му е кратко (Откровение 12:12).
2. Како е можно да ја добиеме битката против натчовечки духови?
2 Дали е возможно да се добие битката против натчовечки духовни сили? Да, но само со потполно потпирање на Јехова. Мораме да го слушаме него и да ѝ бидеме послушни на неговата Реч. Ако го правиме тоа, можеме да бидеме поштедени од многу физички, морални и емоционални штети што ги доживуваат оние кои се под сатанска контрола (Јаков 4:7).
Светски владетели на небесните места
3. На кого Сатана злобно му се спротивставува, и како?
3 Јехова живо ни ја опишува светската ситуација онака како што ја гледа тој од своја гледна точка од небесата. Тој му дал на апостол Јован визија во која Сатана бил прикажан како „голем змеј со пламена боја“. Тој бил спремен, ако е можно, да го проголта Божјето месијанско Царство веднаш штом се родило на небото во 1914 година. Не успевајќи во тоа, Сатана предизвикал лавина од злобно противење на земните претставници на ова Царство (Откровение 12:3, 4, 13, 17). Како ја води Сатана оваа војна? Преку свои човечки претставници.
4. Кој е изворот на моќта на човечките влади, и од каде го знаеме тоа?
4 Потоа на Јован му бил покажан еден див ѕвер со седум глави и десет рогови, ѕвер кој има власт „над секое племе и народ и јазик и нација“. Тој ѕвер го претставува целокупниот глобален политички систем. Јован бил известен дека „змејот [Сатана Ѓаволот] му ја дал на ѕверот неговата моќ и неговиот престол и голема власт“ (Откровение 13:1, 2, 7). Да, Сатана е изворот на моќта и власта на човечките влади. Затоа, како што напишал апостол Павле, вистинските ‚светски владетели‘ се „злите духовни сили на небесните места“ кои ги контролираат човечките влади. Сите што сакаат да го обожаваат Јехова, треба да го сфатат потполното значење на ова (Лука 4:5, 6).
5. За што се собираат сега политичките владетели?
5 Иако многу политички владетели се декларираат како религиозни, ниедна од нациите не се подложува на Јеховиното владетелство или на владетелството на неговиот наименуван Цар, Исус Христос. Сите жестоко се борат да ја задржат својата власт. Како што покажува извештајот од Откровение, „изрази инспирирани од демони“ денес ги собираат светските владетели за „војната на големиот ден на Семоќниот Бог“ во Армагедон (Откровение 16:13, 14, 16; 19:17—19).
6. Зошто е потребна претпазливост за да избегнеме да бидеме изманипулирани да му дадеме поддршка на сатанскиот систем?
6 Секој ден, животите на луѓето се засегнати од политички, социјални, економски и религиозни конфликти кои го растргаат човечкото семејство. Во овие конфликти, вообичаено е луѓето да заземаат страна — со збор или на друг начин — за нацијата, племето, јазичната група или за општествените класи на коишто им припаѓаат. Дури и кога луѓето не се директно вмешани во некој конфликт, честопати фаворизираат една или друга страна. Но, без оглед на тоа за кое лице или кауза се залагаат, кому всушност му даваат поддршка тие? Библијата јасно наведува: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Тогаш, како може едно лице да избегне да биде заведено со останатиот дел од човештвото? Само ако му даде целосна поддршка на Божјето Царство и ако задржи потполна неутралност во однос на конфликтите во светот (Јован 17:15, 16).
Лукавите сплетки на злобниот
7. Како се покажува Сатановата вештина во неговото користење на лажната религија?
7 Во сите периоди од историјата, Сатана користел вербално и физичко прогонство за да одврати поединци од вистинското обожавање. Користел и попрепредени средства — лукави постапки и подмолни сплетки. На вешт начин држел голем дел од човештвото во темнина со помош на лажната религија, правејќи да мислат дека му служат на Бог. Поради тоа што им недостига точно спознание за Бог и љубов кон вистината, тие можат да бидат привлечени од мистични и емоционални религиозни служби или да бидат импресионирани од моќни дела (2. Солуњаните 2:9, 10). Меѓутоа, предупредени сме дека дури и од оние што некогаш учествувале во вистинското обожавање, „некои ќе отпаднат . . . обрнувајќи внимание на заведувачки инспирирани изрази и учења на демони“ (1. Тимотеј 4:1). Како би можело да се случи тоа?
8. Како може Сатана да нѐ намами во лажна религија дури и ако го обожаваме Јехова?
8 Ѓаволот лукаво ги искористува нашите слабости. Дали стравот од човек сѐ уште нѐ држи во стисок? Ако да, би можеле да попуштиме на притисокот од роднините или соседите да учествуваме во практики што потекнуваат од лажната религија. Дали сме горделиви? Ако да, би можеле да се навредиме кога нѐ советуваат или кога другите не ги прифаќаат идеите што ги застапуваме ние (Пословици 15:10; 29:25; 1. Тимотеј 6:3, 4). Наместо да го преиначиме нашето гледиште приспособувајќи го кон примерот на Христос, може да сме им наклонети на оние што ‚ни ги скокоткаат ушите‘ велејќи дека е доволно само да се чита Библијата и да се води добар живот (2. Тимотеј 4:3). На Сатана не му е важно дали ќе се приклучиме кон некоја друга религиозна група или едноставно ќе се држиме за сопствената религија сѐ додека не го обожаваме Јехова онака како што упатува Бог преку неговата Реч и преку неговата организација.
9. Како Сатана препредено го користи сексот за да ги постигне своите цели?
9 Исто така, Сатана препредено ги заведува луѓето да ги задоволуваат нормалните желби на неисправни начини. Ова го сторил и со желбата за сексуална интимност. Отфрлајќи го библискиот морал, мнозина од светот ги сметаат сексуалните односи меѓу невенчани лица за задоволство на кое имаат право или за начин на кој ќе докажат дека се возрасни. А како е со оние што се во брак? Мнозина вршат прељуба. Дури и кога нема неверство во нивниот брак, бројни поединци бараат развод или одвојување за да можат да продолжат да живеат со некој друг. Целта на Сатановиот подмолен пристап е да влијае врз луѓето да живеат за задоволството што можат да го имаат сега, терајќи ги да ги игнорираат долгорочните ефекти не само врз нив самите и другите туку особено врз нивниот однос со Јехова и со неговиот Син (1. Коринќаните 6:9, 10; Галатите 6:7, 8).
10. Со кои средства Сатана се труди да го поткопа нашиот став кон неморалот и насилството?
10 Една друга природна желба е желбата за рекреација. Кога е здрава, таа може да биде освежителна во физички, ментален и емоционален поглед. Меѓутоа, како реагираме кога Сатана подмолно ги користи приликите за релаксација за да се обиде да го отуѓи нашето мислење од Божјето? На пример, знаеме дека Јехова мрази сексуален неморал и насилство. Кога во филмовите, телевизиските програми или кино-претставите се прикажуваат вакви работи, дали пасивно седиме и продолжуваме да гледаме? Исто така, имај на ум дека Сатана ќе се погрижи таквите работи да стануваат сѐ порасипани како што наближува времето за негово фрлање в бездна, бидејќи „злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо, заведувајќи и бидувајќи заведени“ (2. Тимотеј 3:13; Откровение 20:1—3). Затоа, треба постојано да се вардиме од Сатановите намери (Битие 6:13; Псалм 11:5; Римјаните 1:24—32).
11. На кои начини би можело дури и едно лице што ја знае вистината за спиритизмот да биде фатено во стапица ако не внимава?
11 Исто така сме свесни дека оние што се впуштаат во каков и да е облик на спиритизам — практикување на гатање, користење магија или обиди за комуницирање со мртвите — му се одвратни на Јехова (Второзаконие 18:10—12). Имајќи го тоа на ум, не би ни помислиле да се распрашуваме кај духовни медиуми и сигурно не би ги пречекувале во нашиот дом за да ги практикуваат своите демонски вештини. Но, дали би ги слушале ако се појават на нашиот телевизиски екран или на Интернет? Иако никогаш не би прифатиле третман од некој врач, дали би му ставиле амајлии за среќа на нашето новороденче, мислејќи дека тоа би можело некако да го заштити детето од зло? Бидејќи знаеме дека Библијата го осудува урочувањето на други, дали би дозволиле некој хипнотизер да преземе контрола над нашиот ум? (Галатите 5:19—21).
12. а) Како се користи музиката за да нѐ натера да ни се вртат мисли за кои знаеме дека се неисправни? б) Како би можела облеката, фризурата или начинот на говор да покаже дека им се восхитуваме на оние чиј начин на живот Јехова не го одобрува? в) Што се бара од наша страна ако сакаме да не станеме жртви на Сатановите лукави сплетки?
12 Библијата вели дека блудство и нечистота од секаков вид не треба ни да се спомнуваат (со нечисти мотиви) меѓу нас (Ефешаните 5:3—5). Но, што ако таквите теми се придружени со музика која има пријатна мелодија, привлечен ритам или наметлив такт? Дали ќе почнеме да повторуваме текстови кои величаат секс надвор од бракот, употреба на дрога заради задоволство и други грешни постапки? Или, иако знаеме дека не треба да го имитираме начинот на живот на луѓето кои се впуштаат во такви работи, дали сме склони да се идентификуваме со нив имитирајќи го начинот на кој се облекуваат, нивните фризури или нивниот начин на зборување? Колку само се подмолни методите кои ги користи Сатана за да ги намами луѓето да се повинуваат на неговиот расипан начин на размислување! (2. Коринќаните 4:3, 4). За да се чуваме да не станеме жртви на неговите лукави сплетки, мораме да избегнуваме да се занесеме со светот. Треба да задржиме на ум кои се „светските владетели на оваа темнина“ и сериозно да се бориме против нивното влијание (1. Петрово 5:8).
Опремени да бидеме победници
13. Како е возможно било кој од нас, со нашите несовршености, да го победи светот со кој владее Сатана?
13 Пред својата смрт, Исус им рекол на своите апостоли: „Бидете храбри! Јас го победив светот“ (Јован 16:33). И тие можеле да бидат победници. Околу 60 години подоцна, апостол Јован напишал: „Кој е тој што го победува светот ако не оној кој верува дека Исус е Син Божји?“ (1. Јованово 5:5). Таква вера се покажува со нашата послушност кон Исусовите заповеди и со ослонување на Божјата реч, исто како што правел Исус. Што друго се бара? Да останеме блиску до собранието чијашто Глава е тој. Кога ќе направиме грев, мораме искрено да се покаеме и да бараме Божја прошка на темел на Исусовата жртва. На овој начин, и покрај нашите несовршености и грешки, и ние можеме да бидеме победници (Псалм 130:3, 4).
14. Прочитај Ефешаните 6:13—17 и употреби ги прашањата и стиховите што се дадени во овој пасус како основа за дискусија за користите од секој дел од духовната опрема.
14 За да успееме, треба да ја облечеме „потполната воена опрема од Бог“, не занемарувајќи ниеден нејзин дел. Те молиме, отвори ја твојата Библија кај Ефешаните 6:13—17 и прочитај го описот на таа опрема. Потоа, одговарајќи на прашањата подолу, размисли како можеш да извлечеш корист од заштитата што ја нуди секој дел од опремата.
„Бедрата опашани со вистината“
Иако можеби ја знаеме вистината, како нѐ штити редовното проучување, медитирањето за библиската вистина и присуството на состаноците? (1. Коринќаните 10:12, 13; 2. Коринќаните 13:5; Филипјаните 4:8, 9).
„Градниот оклоп на праведноста“
Чие мерило за праведност е ова? (Откровение 15:3).
Илустрирај како може некој да биде изложен на духовна штета ако не ги следи Јеховините праведни патишта (Второзаконие 7:3, 4; 1. Самоил 15:22, 23).
„Нозете обуени во опремата на добрата вест на мирот“
На кој начин е заштита за нас ако нозете ни се зафатени да нѐ носат кај луѓето за да разговараме со нив за Божјите подготовки за мир? (Псалм 73:2, 3; Римјаните 10:15; 1. Тимотеј 5:13).
„Големиот штит на верата“
Ако имаме вера која е цврсто вкоренета, како ќе реагираме кога сме соочени со обиди наменети да нѐ наведат на сомневање или страв? (2. Царства 6:15—17; 2. Тимотеј 1:12).
„Шлемот на спасението“
Како надежта за спасение ни помага да ја избегнеме стапицата на претерана загриженост околу материјалните поседи? (1. Тимотеј 6:7—10, 19).
„Мечот на духот“
На што треба секогаш да се ослонуваме кога се бориме против нападите врз нашата или врз духовноста на другите? (Псалм 119:98; Пословици 3:5, 6; Матеј 4:3, 4).
Што друго е животоважно за успех во духовна војна? Колку често треба да се користи? Во чија корист? (Ефешаните 6:18, 19).
15. Како можеме да преземеме офанзива во духовната борба?
15 Како војници на Христа, ние сме дел од една огромна војска која учествува во духовна војна. Ако сме будни и добро ја користиме потполната воена опрема од Бог, нема да станеме жртви во оваа војна. Наместо тоа, ќе бидеме зајакнувачка помош за останатите Божји слуги. Ќе бидеме спремни и желни да преземеме офанзива, ширејќи ја добрата вест за Божјето месијанско Царство, небесната влада на која Сатана толку насилно ѝ се спротивставува.
Дискусија за повторување
• Зошто обожавателите на Јехова задржуваат потполна неутралност во поглед на светските конфликти?
• Кои се некои од лукавите сплетки што ги користи Сатана за да ги доведе христијаните до духовна пропаст?
• На кој начин духовната опрема што ја дава Бог нѐ штити во нашата духовна војна?
[Слики на страница 76]
Нациите се собираат за Армагедон