Јехова нѐ слуша кога бараме помош
„Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош“ (ПС. 34:15).
1, 2. а) Како се чувствуваат многу луѓе денес? б) Зошто ова за нас не е ништо ново?
ДАЛИ моментално доживуваш некоја неволја? Ако да, не си единствениот. Во овој злобен свет, милиони луѓе се мачат да излезат на крај со секојдневните животни притисоци. За некои, овие притисоци се скоро неподносливи. Тие се чувствуваат многу слично на псалмистот Давид, кој напишал: „Премален сум и потполно скршен, офкам од липањето на срцето свое. Срцето силно ми чука, силата ме напушта и згасна светлината во очите мои“ (Пс. 38:8, 10).
2 За нас, како христијани, проблемите во животот не се ништо ново. Знаеме дека „болните неволји“ се дел од проречениот знак кој, според зборовите на Исус, требало да ја означи неговата присутност (Мар. 13:8; Мат. 24:3). На изворниот јазик, изразот преведен со „болни неволји“ се однесува на силните болки што ги има жена која се пораѓа. Колку точно ги опишува овој израз големите страдања што ги доживуваат луѓето во овие „многу тешки“ времиња! (2. Тим. 3:1, Радосна Вест).
Јехова ги разбира нашите неволји
3. Што знаат добро Божјите слуги?
3 Јеховините слуги многу добро знаат дека не се имуни на последиците од овие неволји, а и дека лошите услови најверојатно ќе станат уште полоши. Освен што ги доживуваме неволјите што ги погодуваат сите луѓе, ние, како Божји народ, се соочуваме и со еден „противник, Ѓаволот“, кој е цврсто решен да ја поткопа нашата вера (1. Пет. 5:8). Колку лесно може човек да се почувствува исто како Давид, кој запишал: „Подбивањето ми го скрши срцето, раната е неизлечлива. Се надевав дека некој ќе ми покаже сочувство, но немаше таков, и дека некој ќе ме утеши, но не најдов таков“ (Пс. 69:20).
4. Што нѐ теши кога доживуваме неволји?
4 Дали Давид сакал да каже дека воопшто нема надеж? Не. Забележи што рекол понатаму во истиот псалм: „Јехова ги слуша сиромасите, тој нема да ги презре своите заробеници“, или „Својот поробен народ“ (Пс. 69:33, Радосна Вест). Општо земено, понекогаш можеби се чувствуваме поробени од нашите сопствени маки и неволји. Можеби ни се чини дека другите не разбираат во потполност во каква ситуација се наоѓаме — а веројатно и не нѐ разбираат. Но, исто како Давид, и нас може да нѐ утеши помислата дека Јехова во потполност разбира низ какви маки и неволји минуваме (Пс. 34:15).
5. Во што имал доверба цар Соломон?
5 Соломон, синот на Давид, го нагласил ова кога бил посветен храмот во Ерусалим. (Прочитај 2. Летописи 6:29-31.) Тој го молел Јехова да ја слушне молитвата на секој искрен човек што му пристапува за да му ја каже „својата неволја и својата болка“. Како ќе одговорел Бог на молитвите на овие несреќни луѓе? Соломон изразил доверба дека Бог не само што ќе ги слушне нивните молитви туку и ќе им помогне. Зошто? Затоа што Тој навистина знае што го тишти „срцето на синовите човечки“.
6. Што ќе ни помогне да ги поднесеме грижите, и зошто?
6 И ние можеме да зборуваме со Јехова во молитва за ‚нашата неволја и нашата болка‘, односно за нашите лични проблеми. Треба да нѐ утеши тоа што знаеме дека тој ги разбира нашите неволји и се грижи за нас. Апостол Петар го потврдил ова кога рекол: „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Пет. 5:7). На Јехова му е важно она што ни се случува. Исус нагласил колку Јехова со љубов се грижи за нас, кога рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка? А сепак ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко. А вам и секое влакно на главата ви е изброено. Затоа, не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“ (Мат. 10:29-31).
Барај помош од Јехова
7. Каква помош сигурно ќе добиеме?
7 Можеме да бидеме апсолутно сигурни дека Јехова е и спремен и способен да ни помогне кога сме во неволја. „Бог ни е прибежиште и сила, помош која лесно се наоѓа во неволја“ (Пс. 34:15-18; 46:1). Како ни помага? Забележи што стои во 1. Коринќаните 10:13: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“. Јехова може да ги води работите за да ја отстрани неволјата во која се наоѓаме или, пак, може да ни ја даде силата што ни е потребна за да ја издржиме. Како и да е, тој ќе ни помогне.
8. Како можеме да ја добиеме Божјата помош?
8 Како можеме да добиеме таква помош? Забележи каков совет ни е даден: „Сите свои грижи фрлете ги на него“. Ова значи дека, симболично, му препуштаме на Јехова да води сметка за сите наши грижи. Се трудиме да не се преокупираме со грижите, и стрпливо и со доверба очекуваме тој да ги задоволи нашите потреби (Мат. 6:25-32). За да имаме таква доверба, треба да сме понизни, односно да не се потпираме на сопствената сила и мудрост. Ако се понизиме „под моќната Божја рака“, признаваме дека ние сме во пониска положба. (Прочитај 1. Петрово 5:6.) Ова, пак, ни помага да се соочиме со сето она што ќе го дозволи Бог. Можеби копнееме по брзо решавање на проблемот, но имаме доверба дека Јехова знае точно кога и на кој начин да дејствува во наша корист (Пс. 54:7; Иса. 41:10).
9. Какво бреме морал да фрли Давид на Јехова?
9 Сети се на она што го запишал Давид во Псалм 55:22: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“. Кога ги напишал овие зборови, Давид бил во многу тешка ситуација (Пс. 55:4). Се смета дека овој псалм го напишал кога син му Авесалом планирал да му го одземе престолот. Освен тоа, Ахитофел, советникот во кој Давид имал најголема доверба, бил соучесник во таа завера. Затоа Давид морал да бега од Ерусалим за да си го спаси животот (2. Сам. 15:12-14). Дури и во тие тешки околности, Давид имал доверба во Бог — и не се разочарал.
10. Што мора да правиме кога ќе се соочиме со неволји?
10 Неопходно е и ние, исто како Давид, да му се молиме на Јехова во врска со која и да е неволја што ќе ја доживееме. Да видиме што советува апостол Павле да правиме во таква ситуација. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.) Кој ќе биде резултатот од таквите искрени молитви? „Мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува [нашите] срца и [нашиот] ум преку Христос Исус“.
11. Како „мирот Божји“ ги штити нашите срца и нашите мисли?
11 Дали молитвата ќе ја промени нашата ситуација? Можеби. Но, треба да сфатиме дека Јехова не ни одговара секогаш на молитвите како што сакаме ние. Сепак, молитвата ни помага да задржиме душевен мир и да не дозволиме неволјите да нѐ совладаат. „Мирот Божји“ може да нѐ успокои кога сме многу вознемирени поради некои грижи. Како чета војници, чија задача е да го штитат градот од непријатели, „мирот Божји“ ќе ги штити нашите срца и нашите мисли. Освен тоа, ќе ни помогне да ги отстраниме сомнежите, стравовите и негативните мисли, и ќе нѐ спречи да реагираме избрзано и непромислено (Пс. 145:18).
12. Наведи споредба за тоа како може човек да задржи душевен мир.
12 Како можеме да имаме душевен мир кога минуваме низ неволји? Да разгледаме една споредба која во некој поглед одговара на нашата ситуација. Можеби некој мора да работи со шеф кој вербално го малтретира. Но, вработениот има можност да разговара со сопственикот на фирмата, кој е љубезен и разумен човек, и нему да му каже како се чувствува. Сопственикот го уверува дека ја разбира неговата ситуација и му кажува дека неговиот шеф наскоро ќе биде тргнат од тоа работно место. Како се чувствува вработениот кога го слуша ова? Бидејќи му верува на сопственикот и знае што ќе се случи, тој е уште поодлучен да продолжи да си ја врши работата, дури и ако во меѓувреме мора да се соочи со додатни тешкотии. Слично на ова, ние знаеме дека Јехова ја разбира нашата ситуација, а тој нѐ уверува и дека наскоро „владетелот на овој свет ќе биде исфрлен надвор“ (Јован 12:31). Колку утешна мисла!
13. Што друго мора да правиме освен што ќе се молиме?
13 Тогаш, дали е доволно само да му ги изнесеме проблемите на Јехова во молитва? Не. Потребно е уште нешто: мора да постапуваме во согласност со нашите молитви. Кога цар Саул испратил луѓе дома кај Давид за да го убијат, Давид се молел: „Избави ме од непријателите, Боже мој, заштити ме од оние што се креваат против мене! Избави ме од оние што прават зло и спаси ме од луѓето што се виновни за крв!“ (Пс. 59:1, 2). Освен што се молел, Давид ја послушал својата жена и побегнал за да се спаси (1. Сам. 19:11, 12). На сличен начин, и ние можеме да го молиме Јехова да ни даде практична мудрост за да се справиме со нашите тешки околности или на некој начин да си ги олесниме (Јак. 1:5).
Што ќе ни даде сила да издржиме
14. Што може да ни помогне да издржиме кога сме во неволја?
14 Можеби нашите проблеми нема веднаш да исчезнат, туку ќе потраат некое време. Ако е тоа случај, што ќе ни помогне да издржиме? Прво, никогаш не заборавај дека, кога верно продолжуваме да му служиме на Јехова и покрај тешкотиите, му покажуваме дека го сакаме (Дела 14:22). Сети се на обвинението што Сатана го подигнал против Јов: „Зарем Јов залудно се бои од Бог? Зарем ти не ги огради и него и неговата куќа и сѐ што има секаде наоколу? Го благослови делото на неговите раце, и неговата стока се намножи по земјата. Туку, те молам, пружи ја раката и допри сѐ што има, па види дали нема да те проколне в лице!“ (Јов 1:9-11). Со својата верност, Јов докажал дека тоа обвинение е чиста лага. Ако и ние истраеме под тешки околности, имаме можност да докажеме дека Сатана е лажливец. А кога истрајуваме, нашата доверба во Бог и нашата надеж стануваат уште поцврсти (Јак. 1:4).
15. Кои примери можат да нѐ зајакнат?
15 Второ, имај на ум дека „истите страдања ги поднесуваат и [нашите] браќа по светот“ (1. Пет. 5:9). ‚Не нѐ снаоѓа друго искушение освен она што е вообичаено за луѓето‘ (1. Кор. 10:13). Затоа, наместо постојано да мислиш само на твоите лични проблеми, можеш да црпиш сила и храброст од тоа што ќе размислуваш за примерите на другите (1. Сол. 1:5-7; Евр. 12:1). Размислувај за лицата кои знаеш дека верно издржале и покрај тоа што биле во големи тешкотии. Дали си побарал во литературата статии за некои браќа кои поминале низ слични околности како твоите? Нивните искуства можат многу да те зајакнат.
16. Како Бог нѐ зајакнува кога се соочуваме со разни искушенија?
16 Трето, сети се дека Јехова е „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја, за да можеме да ги тешиме оние што се во каква и да било неволја, со истата утеха со која Бог нѐ теши нас самите“ (2. Кор. 1:3, 4). Ова е исто како Бог да стои крај нас и да нѐ храбри и зајакнува, и тоа не само во нашата моментална неволја туку „во секоја наша неволја“. А потоа и ние можеме да ги тешиме другите „во каква и да било неволја“. Павле на своја кожа ја почувствувал вистинитоста на овие зборови (2. Кор. 4:8, 9; 11:23-27).
17. Како може Библијата да ни помогне да се справиме со животните проблеми?
17 Четврто, ја имаме Божјата реч, Библијата, која е корисна „за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста, за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тим. 3:16, 17). Божјата реч не само што нѐ оспособува и нѐ опремува за секое добро дело туку ни помага и да се справиме со животните проблеми. Таа ни помага да бидеме ‚вистински способни‘ и ‚потполно опремени‘. Во старо време, изворниот збор што е преведен со „потполно опремен“ понекогаш се користел за брод што бил целосно опремен со сѐ што му требало за патување или, пак, за машина која можела да прави сѐ што се очекувало од неа. Слично на ова, преку својата Реч, Јехова ни дава сѐ што ни треба за да се справиме со секоја ситуација на која можеби ќе наидеме. Затоа, слободно можеме да кажеме: „Ако Бог го дозволува ова, со негова помош можам да го издржам“.
Избавување од сите неволји
18. Што друго ќе ни помогне верно да истраеме?
18 И петтото е: никогаш не заборавај една величествена работа — Јехова наскоро ќе го избави човештвото од сите неволји (Пс. 34:19; 37:9-11; 2. Пет. 2:9). На крајот, нашето избавување од Бог нема да значи само избавување од сегашните неволји туку и можност да живееме вечно, сеедно дали на небото со Исус или во рајот на Земјата.
19. Како ќе успееме верно да истраеме?
19 Додека не дојде тоа време, ние и понатаму ќе се соочуваме со тешките услови што владеат во овој злобен свет. Колку копнееме да дојде денот кога таквите лоши услови ќе ги снема! (Пс. 55:6-8). Секогаш да имаме на ум дека, кога верно истрајуваме, докажуваме дека Ѓаволот е лажливец. Да црпиме сила од нашите молитви и од христијанското братство, и да се сетиме на тоа дека и нашите браќа доживуваат неволји слични на нашите. Остани и понатаму вистински способен и потполно опремен со тоа што добро ќе ја користиш Божјата реч. Никогаш не дозволувај ништо да ти ја поколеба вербата во „Богот на секоја утеха“ кој со љубов ни помага. Не заборавај дека „очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош“ (Пс. 34:15).
Можеш ли да одговориш?
• Како се чувствувал Давид кога го снашле неволји?
• Каква доверба изразил цар Соломон?
• Што може да ни помогне да се соочиме со она што ќе го дозволи Јехова?
[Слика на страница 13]
Соломон бил уверен дека Јехова ќе стори нешто за својот несреќен народ
[Слика на страница 15]
Давид во молитва го фрлил своето бреме на Јехова, а потоа постапил во согласност со она за кое се молел