Младите прашуваат . . .
Како може да ми помогне молитвата?
„Молитвата ми помогна да се вратам на исправен пат“ (Бред).a
МНОГУ млади се молат — можеби дури и повеќе отколку што мислиш. Една Галупова анкета на млади на возраст од 13 до 17 години во Соединетите Држави откри дека 56 проценти од младите се молат пред оброк. Една анкета на полнолетни млади покажа дека 62 проценти од нив се молат секој ден.
Па сепак, за многу млади молитвата е само еден празен ритуал или обична рутина. Само малку млади го имаат она што Библијата го нарекува ‚точно спознание за Бог‘ (Колошаните 1:9, 10). Како резултат на тоа, Бог не игра голема улога во нивниот живот. Во една анкета тинејџерите биле запрашани дали некогаш му се обратиле на Бог за помош во донесувањето важни одлуки. Едно девојче одговорило: „Секогаш му се обраќам на Бог во молитва да ме води да изберам исправни патишта во животот“. Сепак, таа признала: „Во моментов не можам да се сетам ниту на една одлука“. Затоа, не е чудно што многу млади немаат доверба дека молитвата има некаква моќ или дека ќе дејствува во нивниот случај!
Меѓутоа, како Бред, цитиран на почетокот, илјадници млади лично ја доживеале моќта на молитвата. Тоа може да биде случај и со тебе! Една претходна статија покажа зошто можеме да бидеме уверени дека Бог ќе ги чуе нашите молитви.b Сега прашањето е: ‚Како може да ти помогне молитвата?‘ Прво, да испитаме како Бог одговара на нашите молитви.
На кој начин Бог одговара на молитвите
Во библиските времиња некои верни луѓе добиле директен — па дури и чудесен — одговор на своите молитви. На пример, кога царот Езекија дознал дека е смртно болен, го преколнувал Бог да го избави. Бог одговорил: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи, ќе те излечам“ (2. Цареви 20:1—6). И други богобојазливи мажи и жени на сличен начин ја доживеале Божјата интервенција (1. Самоил 1:1—20; Даниел 10:2—12; Дела 4:24—31; 10:1—7).
Меѓутоа, божествената интервенција не била правило, дури ни во библиските времиња. Најчесто, Бог не одговарал на молитвите на своите слуги со чудесна интервенција туку помагајќи им да бидат „исполнети со точното спознание за неговата волја во сета мудрост и духовно сфаќање“ (Колошаните 1:9, 10). Да, Бог помагал зајакнувајќи го својот народ духовно и морално — давајќи им мудрост и спознание да донесуваат мудри одлуки. Кога христијаните ќе се нашле во некоја тешка ситуација, не значи дека Бог ќе го отстранел искушението. Наместо тоа, им ја дал „силата која ја надминува нормалната“ за да можат да издржат! (2. Коринќаните 4:7; 2. Тимотеј 4:17).
На сличен начин и денес, некоја твоја молитва веројатно нема да биде одговорена на некаков драматичен начин. Но, како што правел и во минатото, Бог може да ти го даде својот свет дух и да те зајакне да се справиш со секаква ситуација со која ќе се соочиш (Галатите 5:22, 23). За да илустрираме, да разгледаме четири специфични начини на кои молитвата може да ти помогне.
Помош во донесувањето одлуки
Карен се состанувала со некој млад човек што навидум имал високи духовни цели. „Секогаш ми велеше дека сака да стане собраниски старешина“, вели таа. Сето тоа звучеше добро. Но, „тој многу зборуваше и за бизнисот со кој почнуваше и за сѐ што ќе може да ми купи. Почнав да се сомневам во неговата искреност“. Карен се молела за тоа. „Го молев Јехова да ми ги отвори очите и да ми покаже сѐ што треба да знам за него.“
Понекогаш е корисен и самиот чин на молење бидејќи може да ти помогне да застанеш и внимателно да размислиш за работите од Јеховина гледна точка. Но, на Карен ѝ требал и практичен совет. Дали ќе добие чудесен одговор? Па, размисли за еден библиски извештај за царот Давид. Кога дознал дека неговиот доверлив пријател Ахитофел му дава совети на неговиот предавнички син Авесалом, Давид се молел: „Те молам, о Господи, направи го Ахитофеловиот совет безумие!“ (2. Самоил 15:31). Но, Давид исто така дејствувал во склад со својата молитва. На својот пријател Хусај му ја доверил следнава мисија: „Да ги вратиш во моја полза Ахитофеловите совети“ (2. Самоил 15:34). На сличен начин, Карен презела нешто во склад со својата молитва така што разговарала со еден зрел христијански старешина што го познавал нејзиното момче. Тој ги потврдил нејзините стравови: Нејзиното момче не напредувало во духовен поглед.
Карен вели: „Оваа ситуација ми ги отвори очите во поглед на моќта на молитвата“. За жал, нејзиното поранешно момче се стремело по богатство и престанало да му служи на Бог. „Да се омажев за него“, вели Карен, „можеби сама ќе доаѓав на христијанските состаноци.“ Молитвата ѝ помогнала на Карен да донесе мудра одлука.
Помош во контролирањето на емоциите
„Безумникот го излева сиот свој гнев“, вели Библијата во Пословици 29:11, „а мудриот го воздржува.“ Проблемот е во тоа што многу луѓе денес живеат под силен емоционален притисок и честопати губат контрола — понекогаш со катастрофални резултати. Младиот Брајан раскажува: „Имав проблеми со еден колега. Еден ден тој извади нож“. Како би постапил ти? Брајан се молел. Тој вели: „Јехова ми помогна да останам смирен и го одвратив колегата од неговата намера. Тој го спушти ножот и си замина“. Контролирањето на емоциите му помогнало на Брајан да не подлегне на гневот, а тоа веројатно му го спасило животот.
Можеби нема секогаш да се најдеш пред вперен нож. Но, во животот ќе имаш многу ситуации кога ќе треба да ги контролираш своите емоции. Молитвата може да ти помогне да останеш смирен.
Помош во грижите
Барбара се сеќава кога „поминала низ еден тежок период“ пред неколку години. Таа вели: „Мојата работа, семејството, пријателите — се чинеше како ништо да не е во ред. Не знаев што да правам“. Барбара инстинктивно се молела за помош. Но, имало еден проблем. „Не знаев за што да го молам Јехова“, вели таа. „На крајот, се молев за душевен мир. Секоја ноќ го молев Бог да ми помогне да не се грижам за ништо.“
Како ѝ помогнала таквата молитва? Таа вели: „По неколку дена сфатив дека, иако моите проблеми не исчезнаа, повеќе не бев толку преокупирана ниту загрижена“. Библијата ветува: „Објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).
Помош да му се приближиш на Бог
Размисли за искуството на младиот Пол. „Штотуку се вселив кај едни роднини“, вели тој. „Една ноќ се најдов во голема депресија. Не толку одамна завршив средно училиште и ми недостигаа моите пријатели. Таа ноќ ми навираа солзи во очите кога ќе се сетев на убавите моменти што ги поминавме заедно.“ Што направил Пол? Првпат се молел горливо. Тој вели: „Го отворив срцето пред Јехова и го молев за сила и душевен мир“.
Со каков резултат? Пол раскажува: „Кога се разбудив следното утро чувствував големо олеснување како никогаш дотогаш во мојот живот. Од претходно мачната душевна состојба сега го имав ‚мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла‘“. Тогаш, откако почувствувал внатрешен мир, Пол можел да гледа на работите од помалку емоционална гледна точка. Наскоро сфатил дека ‚добрите стари денови‘ не биле толку добри (Проповедник 7:10). Всушност, „пријателите“ што толку многу му недостигале, не му влијаеле многу добро.
Над сѐ, Пол ја почувствувал Јеховината грижа многу лично. Ја почувствувал вистинитоста на зборовите од Јаков 4:8: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“. За Пол ова била голема пресвртница. Тој бил поттикнат да го стави Јехова пред сѐ друго и да му го предаде својот живот.
Разговарај со Бог!
Овие позитивни искуства те уверуваат дека молитвата може да ти помогне. Се разбира, ќе биде така само ако сериозно сакаш да го запознаеш Бог, негувајќи пријателство со него. За жал, многу млади не го прават тоа. Кариса пораснала во христијански дом. Но, таа признава: „Мислам дека дури во последниве неколку години потполно го сфатив извонредното значење на нашиот неспоредлив однос со Јехова“. Бред, спомнат во почетокот, израснал како христијанин но неколку години се отстранил од вистинското обожавање. „Му се обратив на Јехова дури откако сфатив што сум изгубил“, вели тој. „Знам колку студен и празен може да биде животот без таквиот однос.“
Сепак, не чекај да настапи криза за да му се приближиш на Бог. Почни сега да разговараш со него — и тоа редовно! (Лука 11:9—13). „Излевајте ги срцата пред Него“ (Псалм 62:8). Наскоро ќе откриеш дека молитвата навистина може да ти помогне!
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Дали Бог ќе ги чуе моите молитви?“ во изданието на Разбудете се! од 8 октомври 2001.
[Рамка/слики на страница 14]
Молитвата може да ти помогне
● Да донесуваш подобри одлуки
● Да останеш смирен кога си под стрес
● Да најдеш олеснување од грижите
● Да му се приближиш на Бог