„Проверувајте се самите себе“
„Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 13:5).
1, 2. а) Како може да влијае врз нас тоа што имаме сомневања во врска со нашите верувања? б) Која ситуација во Коринт, во првиот век, можеби навела некои да не бидат сигурни по кој пат да тргнат?
ЕДЕН човек што минува низ некој предел доаѓа до место каде што се двои патот. Бидејќи не е сигурен по кој пат да стигне таму каде што тргнал, ги прашува минувачите да му кажат, но тие му даваат противречни информации. Збунет, тој не може да продолжи понатаму. Сомнежите во врска со нашите верувања можат да влијаат слично и врз нас. Таквата несигурност може да нѐ деконцентрира во донесувањето одлуки и да биде причина да не знаеме по кој пат да тргнеме.
2 Во првиот век, во христијанското собрание во Коринт (Грција), се појавила една ситуација што можела да влијае слично и врз некои од тамошните христијани. Некои „супер апостоли“ го оспорувале авторитетот на апостол Павле, велејќи: „Неговите писма се значајни и силни, но кога е лично присутен, слаб е, а неговиот говор за презир“ (2. Коринќаните 10:7-12; 11:5, 6). Таквото гледиште можеби повлијаело врз некои во коринтското собрание и тие не знаеле по кој пат да тргнат.
3, 4. Зошто треба да ни биде важен и нам советот што им го дал Павле на коринќаните?
3 Павле го основал собранието во Коринт кога бил таму во 50 од н.е. Останал во Коринт „една година и шест месеци, поучувајќи меѓу нив за Божјата реч“. Впрочем, „многу коринќани кои слушнаа, почнаа да веруваат и се крстија“ (Дела 18:5-11). Павле бил искрено заинтересиран за духовното добро на своите соверници во Коринт. Освен тоа, коринќаните му пишале на Павле за да побараат совет за некои работи (1. Коринќаните 7:1). Затоа им дал еден многу убав совет.
4 „Испитувајте дали сте во верата“, напишал Павле, „проверувајте се самите себе“ (2. Коринќаните 13:5). Примената на овој совет требало да им помогне на тие браќа во Коринт да не бидат несигурни во врска со тоа по кој пат да тргнат. Тој совет може да ни помогне и нам денес. Тогаш, како можеме да го послушаме советот на Павле? Како можеме да се испитаме дали сме во верата? И што е вклучено во тоа да се проверуваме самите себе?
„Испитувајте дали сте во верата“
5, 6. Кое мерило го имаме за да се испитаме дали сме во верата, и зошто тоа е идеално мерило?
5 Кога се испитува нешто, обично има нешто или некој што се испитува, како и поставена норма или мерило според кои се изведува испитувањето. Во овој случај не се испитува верата — збирот од верувања што сме ги прифатиле. На испит сме ние како поединци. Имаме совршено мерило според кое можеме да се испитуваме. Во една мелодија што ја компонирал псалмистот Давид, тој рекол: „Господовиот Закон е совршен — ја крепи душата; Господовото сведоштво е верно — му дава мудрост на неукиот; Господовите повелби се праведни — го веселат срцето; Господовата заповед е светла — ги просветлува очите“ (Псалм 19:7, 8). Во Библијата ги наоѓаме Јеховините совршени закони и праведни наредби, неговите постојани потсетувања и јасни заповеди. Пораката што ја содржат тие е идеално мерило за да се испитаме себеси.
6 Во врска со пораката што е инспирирана од Бог, апостол Павле вели: „Речта Божја е жива и врши силно влијание и е поостра од кој и да било меч со две сечила и продира дури до разделување на душа и дух, на зглобови и нивната срцевина, и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Да, Божјата реч може да го испита нашето срце — какви сме навистина однатре. Како може оваа продорна и силна порака да има влијание врз нашиот живот? Псалмистот не нѐ остава да се прашуваме како се постигнува тоа. Во песна тој рекол: „Блажен е човекот . . . [на кого] волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе“ (Псалм 1:1, 2). „Господовиот Закон“ се наоѓа во Божјата пишана реч, Библијата. Мораме да уживаме додека ја читаме Јеховината реч. Навистина, мораме да одвојуваме време да ја читаме со тивок глас, односно длабоко да размислуваме за неа. Додека го правиме тоа, треба да дозволиме она што е запишано во неа да влијае врз нас, испитаниците.
7. Кој е најважниот начин да испитаме дали сме во верата?
7 Најважен начин да испитаме дали сме во верата е да ја читаме и да размислуваме за Божјата реч и да провериме дали нашето однесување е во склад со она што го учиме. Можеме да бидеме радосни што добиваме голема помош за да ја разбереме Божјата реч.
8. Како можат публикациите што ги издава „верниот и разборит роб“ да ни помогнат да испитаме дали сме во верата?
8 Јехова ни дава поуки и совети преку публикациите што ги издава „верниот и разборит роб“, кои ни ја објаснуваат Библијата (Матеј 24:45). На пример, разгледај ја рамката „Прашања за медитирање“ на крајот на повеќето поглавја од книгата Приближи му се на Јехова.a Колку убави прилики за размислување ни дава оваа карактеристика на оваа книга! И голем број теми што се разгледуваат во нашите списанија, Стражарска кула и Разбудете се!, ни помагаат да испитаме дали сме во верата. Во врска со статиите во кои се разработува книгата Пословици во последниве изданија на Стражарска кула, една христијанка рекла: „Овие статии се многу практични. Ми помагаат да проверам дали мојот начин на зборување, однесување и мојот став навистина се во склад со Јеховините праведни мерила“.
9, 10. Што ни дава Јехова за да ни помогне да се испитаме дали сме во верата?
9 Добиваме големо водство и охрабрување и на христијанските состаноци, собири и конгреси. Тоа се некои начини на кои Бог духовно им помага на оние за кои Исаија прорекол: „Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови. Кон неа ќе одат сите народи, ќе се втурнат многу племиња и ќе речат: ‚Ајде, да се искачиме на Господовата Гора . . . Тој ќе нѐ научи на Своите патишта, ќе одиме по Неговите патеки‘“ (Исаија 2:2, 3). Навистина е благослов да бидеме така поучени за Јеховините патишта.
10 Не треба да ги занемариме ниту советите што ќе ни ги дадат оние што имаат духовни квалификации, вклучувајќи ги и христијанските старешини. За нив во Библијата стои: „Браќа, ако човек и направи некој погрешен чекор пред да биде свесен за тоа, вие кои имате духовни квалификации, обидете се да го исправите таквиот човек во дух на благост, додека секој од вас пази на себе и самиот да не биде искушан“ (Галатите 6:1). Колку можеме да бидеме благодарни за овој начин на кој Јехова ни помага да се поправиме!
11. Што е потребно за да се испитуваме дали сме во верата?
11 Нашите публикации, христијанските состаноци и наименуваните мажи се прекрасни дарови од Јехова. Но, за да се испитаме дали сме во верата, потребно е самите да се анализираме. Затоа, кога ги читаме нашите публикации или кога слушаме некоја библиска опомена, треба да се запрашаме: ‚Дали јас сум ваков? Дали јас постапувам вака? Дали се држам за сите христијански верувања?‘ Нашиот став кон информациите што ги добиваме преку овие дарови влијае и врз нашата духовна состојба. „Телесниот човек не ги прима работите што се од духот на Бог, зашто тие за него се безумство“, стои во Библијата. „Меѓутоа, духовниот човек испитува навистина сѐ“ (1. Коринќаните 2:14, 15). Зар не треба да настојуваме да задржиме позитивно, духовно гледиште за она што го читаме во нашите книги, списанија и во другите публикации, како и за она што го слушаме на нашите состаноци и од старешините?
„Проверувајте се самите себе“
12. Што е вклучено во тоа да се провериме самите себе?
12 За да се провериме самите себе, треба искрено да се видиме какви сме. Да, можеме да бидеме во вистината, но до кој степен сме напредувале духовно? Да се провериме самите себе вклучува да дадеме доказ дека сме зрели и дека вистински го цениме сето она што ни го дава Јехова за нашето духовно добро.
13. Во склад со Евреите 5:14, што служи како доказ за нашата зрелост?
13 Кој доказ дека сме зрели христијани треба да го бараме кај себе? Апостол Павле напишал: „Цврстата храна им припаѓа на зрелите луѓе, на оние чија моќ за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:14). Даваме доказ дека сме зрели со тоа што ја вежбаме нашата моќ за согледување. Исто како што еден спортист треба постојано да користи некои мускули во телото за да ги извежба и да стане најдобар во својата дисциплина, ние мораме да ја извежбаме нашата моќ за согледување на тој начин што ќе ја користиме кога треба да ги примениме библиските начела.
14, 15. Зошто треба да се трудиме да ги проучуваме подлабоките работи од Божјата реч?
14 Но, пред да ја извежбаме својата моќ за согледување, мораме да стекнеме спознание. За тоа е потребно марливо да проучуваме. Кога редовно проучуваме — особено за подлабоките работи од Божјата реч — нашата моќ за согледување се подобрува. Низ годините, во Стражарска кула беа разгледани голем број длабоки теми. Како реагираме кога ќе наидеме на статии во кои се разгледуваат некои подлабоки вистини? Дали ги избегнуваме само затоа што содржат „некои работи тешки за разбирање“? (2. Петрово 3:16). Напротив, уште повеќе се трудиме да го разбереме она што е речено (Ефешаните 3:18).
15 Што ако ни е тешко да проучуваме? Многу е битно да се потрудиме да го засакаме проучувањетоb (1. Петрово 2:2). За да станеме зрели треба да учиме да се храниме со тврда храна, подлабоките вистини од Божјата реч. Во спротивно, нашата моќ за согледување воопшто нема да се изостри. Меѓутоа, во тоа да дадеме доказ дека сме зрели е вклучено нешто повеќе отколку само да стекнеме моќ за согледување. Спознанието што го стекнуваме преку личното проучување мораме да го користиме во секојдневниот живот.
16, 17. Која опомена ја дава ученикот Јаков во врска со тоа да станеме „извршители на речта“?
16 Доказ за тоа какви сме може да се види и во нашите изрази на ценење за вистината — нашите дела. Користејќи една силна споредба за да опише на кој начин проверуваме какви сме во овој поглед, ученикот Јаков вели: „Станете извршители на речта, а не само слушатели, залажувајќи се самите себе со лажно резонирање. Зашто ако некој е слушател на речта, а не извршител, тој е како човек кој го гледа своето природно лице во огледало. Зашто се погледнува, па оди и веднаш заборава каков човек е. Но оној кој се загледува во совршениот закон кој ѝ припаѓа на слободата и истрајува во него, тој човек, затоа што станал извршител на делото, а не заборавлив слушател, ќе биде среќен што го врши“ (Јаков 1:22-25).
17 Со други зборови, Јаков вели: ‚Добро погледни се во огледалото на Божјата реч и искрено види се каков си. Упорно прави го тоа и преиспитај се во светло на она што го наоѓаш во Божјата реч. Потоа, не заборавај го брзо она што си го видел. Направи ги потребните промени‘. Можеби нема да биде лесно да го послушаме овој совет.
18. Зошто не е толку лесно да се следи советот на Јаков?
18 На пример, да размислиме за барањето да учествуваме во делото на проповедање на Царството. „Човек со срцето практикува вера за праведност“, напишал Павле, „а со устата дава јавна изјава за спасение“ (Римјаните 10:10). За да даваме јавна изјава за спасение со нашата уста, треба да направиме некои промени. Повеќето од нас немаат природна желба да проповедаат. За да проповедаме ревносно и за да му го дадеме на делото местото што го заслужува во нашиот живот, треба да направиме уште повеќе промени и жртви (Матеј 6:33). Но, штом станеме извршители на делото што ни го дал Бог, радосни сме затоа што со тоа го фалиме Јехова. Според тоа, дали сме ревносни објавители на Царството?
19. Што треба да вклучуваат нашите дела на вера?
19 Што треба да опфаќаат нашите дела? Павле вели: „Она што сте го научиле, а и прифатиле и чуле и виделе во врска со мене, тоа практикувајте го; и Богот на мирот ќе биде со вас“ (Филипјаните 4:9). Доказ за тоа какви сме даваме со тоа што го применуваме она што сме го научиле, прифатиле, чуле и виделе — сѐ што опфаќа да се биде христијанин што се предал и станал ученик. „Тоа е патот, одете по него“, нѐ поучува Јехова преку пророкот Исаија (Исаија 30:21).
20. Какви личности се голем благослов за собранието?
20 Мажите и жените кои марливо ја проучуваат Божјата реч, кои се ревносни проповедници на добрата вест, кои не попуштаат во својата беспрекорност и кои лојално го поддржуваат Царството се вистински благослов за собранието. Тоа што се таму го прави постабилно собранието на кое му припаѓаат. Тие се од голема помош, особено затоа што има толку многу нови на кои им треба помош. Кога го земаме при срце советот на Павле ‚постојано да се испитуваме дали сме во верата, постојано да се проверуваме себеси‘, и ние влијаеме добро врз другите.
Радосно извршувај ја Божјата волја
21, 22. Како можеме радосно да ја извршуваме Божјата волја?
21 „Мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја“, во песна рекол цар Давид од древниот Израел, „јас го носам Твојот закон длабоко во срцето“ (Псалм 40:8). Давид уживал да ја извршува Божјата волја. Зошто? Затоа што Јеховиниот закон му бил во срцето. Давид немал никакви сомневања во врска со тоа по кој пат да оди.
22 Кога Божјиот закон ни е длабоко во срцето, не сме несигурни во врска со тоа по кој пат да тргнеме. Радосно ја извршуваме Божјата волја. Затоа, силно ‚да се напрегаме‘ додека му служиме на Јехова од срце (Лука 13:24).
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци.
b За корисни предлози во врска со тоа како да проучуваме, види страници 27-32 од книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба, издадена од Јеховините сведоци.
Се сеќаваш ли?
• Како можеме да испитаме дали сме во верата?
• Што е вклучено во тоа да се проверуваме самите себе?
• Кој доказ можеме да го дадеме дека сме зрели христијани?
• Како нашите дела ни помагаат да видиме какви сме?
[Слика на страница 23]
Знаеш ли кој е најважен начин да испиташ дали си во верата?
[Слика на страница 24]
Даваме доказ за нашата христијанска зрелост со тоа што стекнуваме моќ за согледување и ја вежбаме
[Слики на страница 25]
Проверуваме кои сме со тоа што не стануваме ‚заборавливи слушатели туку извршители на речта‘