Народ поучен да љуби
ЉУБОВТА е наклоност темелена на восхитување, доброчинство или заеднички интереси. Љубовта е срдечна приврзаност. Таа е несебична, лојална и покажува добротворна загриженост за доброто на другите. Љубовта е самата спротивност на омразата. Лице кое е мотивирано од омраза е обземено од сопствената страст; она кое е мотивирано од љубов мисли на другите.
Љубовта или омразата — што доминира во Вашиот живот? Тоа не е само академско прашање бидејќи од одговорот зависи Вашата бескрајна иднина. Иако живеат во еден свет поучен да мрази, милиони луѓе се учат да љубат. Тоа го прават облекувајќи една нова личност. Не само што зборуваат за љубовта туку тие и напорно се стремат да ја практикуваат.
Ако некогаш сте присуствувале на состанок на Јеховините сведоци, можеби сте биле импресионирани од она што сте го виделе. Без разлика на националноста, Јеховините сведоци се обединети во обожавањето. Тие сочинуваат едно вистинско меѓународно братство. Тоа може да се забележи во нивните локални собранија и на нивните конгреси, но можеби најдобро во она што тие го нарекуваат бетелски фамилии. Тоа се групи доброволци кои живеат и работат заедно како фамилија, произведувајќи и дистрибуирајќи библиска литература. Во секоја земја, некои од нив го надгледуваат делото кое го вршат Јеховините сведоци таму. Тоа не е мала задача затоа што вклучува — според податоците од 1997 — преку 82.000 собранија во 233 земји. За да се задоволи таа потреба, во бетелските фамилии ширум светот служат преку 16.000 луѓе, вклучувајќи го светското седиште и разните помали простории на подружниците во 103 земји.
Повеќето бетелски фамилии се составени воглавно од државјани на земјата во која се наоѓа определената канцеларија на подружницата. Но, тоа не е исклучително. Некои бетелски фамилии се состојат од Сведоци со разновидно национално, етничко или расно потекло, како и со различни поранешни религиозни заднини. На пример, во бетелската фамилија од скоро 1.200 луѓе лоцирана во Селтерс (Германија), застапени се околу 30 националности. Што им овозможува да живеат, да работат и да обожаваат заеднички во мир и единство во една атмосфера без омраза? Тие го следат библискиот совет во Колосјаните 3:14, кој вели:
„Облечете се во љубов“
Никој не се раѓа потполно облечен, ниту пак некој е облечен само ако зборува за тоа. За некој да се облече, тоа изискува да се донесат определени одлуки, а потоа да се вложи напор за да се исполнат. На сличен начин, никој не се раѓа облечен во љубов. Не е доволно само да се зборува за тоа. Потребен е напор.
Облеката служи за повеќе цели. Го заштитува телото, ги сокрива деловите од телото непријатни за гледање или несовршеностите и до одредена мера ја открива личноста на лицето. Љубовта е слична. Служи како заштита затоа што љубовта спрема праведните начела и спрема исправното дружење го мотивира лицето да избегнува друштво или места кои претставуваат потенцијална опасност. Служи за да ги заштити личните односи кои треба да ни бидат драги. Кога некој љуби, постои поголема веројатност да биде љубен за возврат, и кога некој се воздржува да им наштетува на другите — поголема е веројатноста и самиот да биде неповреден.
И љубовта ги сокрива деловите од нашата личност кои се понепријатни за гледање, кои би се покажале вознемирувачки за другите луѓе. Зарем не сме посклони да ги превидеме ситните недостатоци кај луѓето кои се полни со љубов отколку кај поединците кои се горди, арогантни, егоцентрични и на кои им недостига љубов?
Луѓето кои се облекуваат во љубов ја покажуваат убавината на личност слична на Христовата. Додека физичката убавина е само површна, духовната убавина ја исполнува целата личност. Можеби познавате луѓе кои ги сметате за убави, не поради нивниот физички изглед, туку поради нивната вистински срдечна личност. Од друга страна, повеќето од нас сме се сретнале со убави жени или лични мажи кои во нашите очи изгубиле секаква трага на шарм веднаш штом на површина излегла нивната вистинска личност. Колку е пријатно да се биде во близина на луѓе кои се облекле во љубов!
Да се замени омразата со љубов
Дека омразата може да се замени со љубов е илустрирано преку една анкета извршена во 1994 на 145.958 Јеховини сведоци во Германија.
Прекумерното пиење, злоупотребата на дрога, криминалот, коцкањето и асоцијалното или насилното однесување на еден или на друг начин, се изрази на себичност, кои лесно можат да ја потстрекнат омразата. Но 38,7 проценти од интервјуираните рекле дека за да ги задоволат високите библиски начела кои ги застапуваат Сведоците, надминале еден или повеќе од овие проблеми. Љубовта спрема Бог и спрема неговите праведни начела на однесување ги мотивирала да постапат така. Јеховините сведоци понудиле помош полна со љубов, честопати на лична основа. Во текот на изминатите пет години (1992—1996), на 1.616.894 лица во 233 земји им било помогнато да направат промени, совладувајќи ја омразата со помош на љубовта која победува сѐ.
Применувајќи несебична љубов во нивните бракови, Јеховините сведоци постигнуваат стабилни односи. Во некои земји, секој втор или трет брак завршува со развод. Но, гореспоменатата анкета покажала дека моментално само 4,9 проценти од Сведоците се разведени или одвоени од нивните партнери. Меѓутоа, не треба да се заборави дека приличен број од нив биле разведени пред да станат Јеховини сведоци.
Поради тоа што Богот на љубовта е Величествен Инструктор, кој оние кои го љубат ги поучува за своите патишта, Јеховините сведоци ја насочуваат својата љубов првенствено спрема него. За разлика од другите луѓе кои може да се „повеќе сластољупци отколку богољупци“, Јеховините сведоци го ставаат Бог на прво место (2. Тимотеј 3:4). Спротивно на постапките на овој непринципиелен свет, просечниот Сведок троши 17,5 часови секоја седмица за религиозни активности. Сведоците очигледно се духовно настроени. Тоа е она што ги прави среќни. Исус рекол: „Среќни се оние кои се свесни за својата духовна потреба, зашто царството на небесата им припаѓа ним“ (Матеј 5:3, НС).
Вистинскиот Божји слуга, вели писателот на Псалм 117, нема потреба да се плаши од луѓе. „Господ е мој помошник, нема да се уплашам: што може да направи човек?“ (стих 6). Потполната доверба во Бог отстранува една од причините за омраза и страв од други луѓе.
Еден христијанин, знаејќи дека Бог е „долготрпелив, многумилостив и вистинит“, ќе тежнее да ја отстрани лутината од својот живот затоа што таа може да биде додатна причина за омраза. Развивањето на плодовите на Божјиот дух, вклучувајќи ги благоста и самосовладувањето, ќе му помогнат да го постигне тоа (Псалм 85:15; Галатјаните 5:22, 23).
Вистинскиот христијанин е понизен и не мисли повисоко за себеси отколку што би требало (Римјаните 12:3). Тој развива љубов во своите постапки кон другите. За разлика од омразата, љубовта „не се раздразнува. Не води евиденција за навредата“ (1. Коринтјаните 13:5, НС).
Да, стравот, лутината или чувството на повреда можат да предизвикаат луѓето да мразат. Но со тоа што ја лишува омразата од нејзината основа, љубовта триумфира над неа. Навистина, љубовта е најјаката сила во универзумот бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).
Омразата наскоро исчезната засекогаш
Поради тоа што не се дел од личноста на Јехова Бог, себичноста и омразата не можат вечно да траат. Мора нужно да бидат отстранети за да бидат заменети со љубовта, која вечно ќе трае. Ако свет без омраза и полн со љубов, е свет по кој Вие копнеете, дозволете им на Јеховините сведоци да Ви објаснат од Библијата кои се барањата за да доживеете да го видите.
Да, добро е секој од нас да се запраша: ‚Која особина доминира со мојот живот, љубовта или омразата?‘ Тоа не е само академско прашање. Срцето кое чука по Божјиот непријател, богот на омразата, нема долго да чука. Срцето кое чука по Јехова, Богот на љубовта, ќе чука засекогаш! (1. Јованово 2:15—17).
[Слика на страница 10]
Уште денес луѓето можат да се облечат во љубов