Изградувајте се еден со друг
1 Апостол Павле правел сѐ што можел за да ги зајакне соверниците (Дела 14:19-22). Слично на тоа, загрижени сме кога нашите браќа се соочуваат со тешки ситуации и сакаме да им помогнеме. Библијата покажува дека сите, а не само старешините, треба да покажат интерес за другите (Рим. 15:1, 2). Разгледај два начина на кои можеме да ѝ бидеме послушни на љубезната опомена: „Утешувајте се еден со друг и изградувајте се“ (1. Сол. 5:11).
2 Забележи ги потребите на другите: Божјата Реч известува за Дорка која ‚изобилувала со добри дела и со дарови на милосрдие‘ (Дела 9:36, 39). Таа ги забележала оние на кои им била потребна помош и направила сѐ што можела за да им помогне. Таа навистина дала убав пример за нас! Можеби ќе дознаеш дека на некое постаро лице му треба превоз до состанокот. Или можеби на некој пионер му треба партнер за служба во некој работен ден попладне. Ако забележиш дека некој има таква потреба и ако понудиш практична помош, замисли си колку тој ќе биде охрабрен!
3 Духовни разговори: Другите можеме да ги изградуваме и со нашиот говор (Ефеш. 4:29). Еден искусен старешина рекол: „Ако сакаш да ги охрабриш другите, зборувај за духовни работи. За да започнеш изградувачки разговор, едноставно можеш да прашаш: „Како дозна за вистината?“ Покажи искрен интерес за младите во собранието. Помогни им на оние што се обесхрабрени и оние што можеби се срамежливи (Посл. 12:25). Не дозволувај разговорите за забава да ти го одземат времето за духовни разговори со соверниците (Рим. 1:11, 12).
4 Меѓутоа, што можеш да кажеш за да ги изградиш другите? Во личното читање на Библијата и при проучувањето, дали си нашол некое начело што ги продлабочило твојата љубов и ценење за Јехова? Дали си бил поттикнат од нешто што си го слушнал во некое јавно предавање или на студија на Стражарска кула? Дали твоето срце било трогнато од некое искуство што ја зајакнува верата? Ако зачуваш такви духовни бисери, секогаш ќе имаш нешто охрабрувачки да им пренесеш на другите (Посл. 2:1; Лука 6:45).
5 Со тоа што ќе понудиме практична помош и со тоа што мудро ќе го користиме нашиот јазик, ќе можеме да се изградуваме еден со друг (Посл. 12:18).