Младите прашуваат . . .
Да бидеш татко — дали тоа те прави маж?
„Познавам неколку [момчиња] кои велат: ‚Имам ќерка која живее овде и син кој живее онде‘, и според начинот на кој го велат тоа, изгледа како воопшто да не им е грижа“ (Харолд).
СЕКОЈА година, во Соединетите Држави забременуваат речиси еден милион тинејџерки. Поголемиот дел од децата кои ги раѓаат овие мајки се вонбрачни. Секоја четврта од овие мајки тинејџерки ќе има уште едно дете во следните две години. Списанието Atlantic Monthly вели: „Ако продолжат моменталните трендови, само помалку од половина од сите деца кои се раѓаат денес ќе продолжат да живеат со сопствените мајка и татко во нивното детство. Повеќето американски деца ќе поминат неколку години во семејство со самохрана мајка“.
Иако стапката на бременост кај тинејџерките е далеку поголема во Соединетите Држави отколку во другите развиени нации, проблемот со вонбрачните деца е глобален. Во некои европски земји, како што се Англија и Франција, бројот на такви деца може да се спореди со оној во Соединетите Држави. Во некои земји на Африка и Јужна Америка, бројот на породувања кај тинејџерките е речиси двојно поголем во однос на Соединетите Држави. Што ја потхранува оваа епидемија?
Што стои зад епидемијата
Во голема мера, оваа ситуација е одраз на моралната деградација на ‚тешките времиња‘ во кои живееме (2. Тимотеј 3:1—5). Во изминативе децении, нагло скокна стапката на разводи. Хомосексуалноста и другите алтернативни животни стилови станаа нормални. Младите беа мета на бомбардирање на медиумската пропаганда — сугестивна музика и музички видео спотови, шокантни статии и реклами во списанијата, ТВ-емисии и филмови кои го величаат сексот без ограничување. Лесниот пристап до установите во кои се извршуваат абортуси и до контрацепција исто така придонел за тоа меѓу младите да преовладува мислењето дека сексот нема никакви последици. Еден татко кој не е во брак, вели: „Јас сакам секс без одговорност“. „Сексот е забава и игра“, вели друг.
Таквите ставови можат да бидат особено раширени меѓу посиромашните млади. Истражувачот Илија Андерсон водел опширни интервјуа со младите од посиромашниот дел на градот и забележал: „За многу момчиња, сексот е важен симбол на локален општествен статус; сексуалните освојувања стануваат само токи на нечиј колан“. Всушност, еден неженет татко изјавил за Разбудете се! дека сексуалните освојувања насекаде се сметаат за „трофеи кои можат да се стават над каминот“. На што се должи ваквиот бездушен став? Андерсон објаснува дека во многу случаи, најважните луѓе во животот на еден младинец од посиромашниот дел на градот „се неговите врсници. Тие поставуваат мерила за неговото однесување и нему му е важно да живее според тие мерила“.
Затоа Андерсон напомнува дека за многу млади мажи, сексуалното освојување е само игра „чија цел е да се направи будала од другата личност, особено од девојката“. Тој додава дека „играта се состои во тоа момчето целосно да се покаже себеси, вклучувајќи ја и својата облека, дотерување, изглед, умешност во танцувањето и водењето разговор“. Многу момчиња се прилично вешти во добивањето на оваа „игра“. Но, Андерсон забележува: „Кога ќе забремени девојката, момчето се повлекува“ (Young Unwed Fathers—Changing Roles and Emerging Policies [Млади невенчани татковци — промена на улогите и начела кои се појавуваат], објавена од Роберт Лерман и Теодора Умс).
Божјето гледиште
Но, дали тоа што некој станал татко го прави вистински маж? Дали сексот е само игра? Според нашиот Творец, Јехова Бог, не. Во неговата Реч, Библијата, Бог јасно покажува дека сексот има една возвишена цел. Откако зборува за создавањето на првиот маж и жена, Библијата вели: „Ги благослови Бог, и им рече: ‚Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата‘“ (1. Мојсеева 1:27, 28). Бог никогаш немал намера децата да бидат напуштени од своите татковци. Тој ги споил првиот маж и жена во една трајна брачна врска (1. Мојсеева 2:24). Значи, неговата волја била секое дете да има и мајка и татко.
Меѓутоа, по кратко време мажите почнале да земаат повеќе жени (1. Мојсеева 4:19). Прва Мојсеева 6:2 ни кажува дека дури и некои ангелски суштества ‚ги гледале ќерките човечки дека се убави‘. Откако се материјализирале во човечки суштества, овие ангели ‚земале жени‘, себично одбирајќи ги оние „кои што ги сакаа“. Ноевиот потоп ги натерал овие демони да се вратат во своето духовно подрачје. Меѓутоа, Библијата покажува дека сега тие се ограничени во близината на земјата (Откровение 12:9—12). Затоа, Сатана и неговите демони вршат многу силно влијание врз луѓето денес (Ефесјаните 2:2). Младите мажи несвесно се препуштаат на таквото злобно влијание кога стануваат татковци на непожелни или несакани деца.
Затоа, со добра причина Писмото вели: „Ова е волјата Божја: да бидете осветени, да се воздржувате од блудство, и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и чист, а не во похотна страст, како незнабошците, кои не Го познаваат Бога, и да не престапува и го измамува братот свој [да ги повредува и да ги загрозува правата на својот брат, NW]; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува“ (1. Солунјаните 4:3—6).
„Да се воздржувате од блудство?“ Многу млади момчиња можеби ќе се потсмеваат на оваа идеја. Па тие се млади, и нивните желби се силни! Но, забележи дека блудството вклучува ‚повредување и загрозување на правата‘ на другите. Зарем една девојка нема да биде повредена ако биде оставена со бебе без да ја има поддршката на сопругот? И што е со ризикот да биде инфицирана од некоја сексуално пренослива болест, како што е гениталниот херпес, сифилисот, гонорејата или СИДА-та? Точно, понекогаш можат да се избегнат ваквите последици. Сепак, предбрачниот секс сѐ уште го повредува правото на девојката да задржи добар углед и да влезе во брак како девица. Затоа, воздржувањето од блудство е разумно и покажува зрелост. Навистина, потребна е самоконтрола и одлучност за да се ‚пази својот сад‘ и да се покаже воздржување од предбрачен секс. Но, како што ни кажува Исаија 48:17, 18, преку својот закон, Бог ‚нѐ учи на добро‘.
„Однесувајте се машки“
Меѓутоа, како може еден млад човек да покаже дека е вистински маж? Сигурно не со тоа што ќе биде татко на вонбрачни деца. Библијата поттикнува: „Останете будни, стојте цврсто во верата, однесувајте се машки, бидете јаки. Сите ваши работи нека се случуваат во љубов“ (1. Коринтјаните 16:13, 14, NW).
Забележи дека ‚машкото однесување‘ вклучува да се биде буден, цврст во верата, храбар и полн со љубов. Се разбира, овие начела подеднакво важат и за мажите и за жените. Но, ако стекнеш вакви духовни особини, луѓето ќе имаат добра причина да те почитуваат и да ти се восхитуваат како на вистински маж! Учи од најголемиот човек кој некогаш живеел — Исус Христос. Само помисли на неговото мажевно, храбро држење кога бил соочен со измачување, па дури и со смрт. Но, како се однесувал Исус со спротивниот пол?
Без сомнение, Исус имал можност да ужива во друштвото на жени. Тој имал многу следбенички, а некои од нив ‚му служеле [нему и на неговите апостоли] со своите имоти‘ (Лука 8:3). Тој бил особено близок со двете сестри на Лазар. Всушност, Библијата вели дека ‚Исус ја сакал Марта, и сестрата нејзина‘ (Јован 11:5). Дали Исус го употребил својот ум, шарм или атрактивен физички изглед, кои несомнено ги поседувал како совршен човек, за да ги намами овие жени на неморални постапки? Напротив, Библијата вели дека Исус ‚не направил грев‘ (1. Петрово 2:22). Тој не се однесувал непристојно дури ни тогаш кога една жена која била општо позната како грешница, можеби проститутка, ‚плачејќи почнала да ги мие нозете Негови со солзи и ги триела со косата своја‘ (Лука 7:37, 38). Исус не ни помислувал да ја искористи оваа ранлива жена! Тој покажал способност да ги контролира своите чувства — што е обележје на еден вистински маж. Тој не постапувал со жените како со сексуални објекти туку како со личности кои се достојни за љубов и почит.
Ако си млад христијанин, следењето на Христовиот пример — а не примерот на твоите врсници — ќе спречи да не ‚ги повредиш и загрозиш правата‘ на другите. Исто така, ќе те заштити да не ти се случи тажната трагедија да станеш татко на вонбрачно дете. Навистина, другите можеби ќе те задеваат затоа што се воздржуваш од блудство. Но, долгорочно гледано, стекнувањето на Божјата наклоност ќе ти користи повеќе отколку стекнувањето привремена наклоност од твоите врсници (Изреки 27:11).
Но, што ако некој млад човек водел неморален живот во минатото, но веќе се одвратил од својот неморален правец и навистина се покајал? Ако е така, како што било случај со покајничкиот цар Давид кој исто така се впуштил во сексуален престап, и тој може да биде уверен во Божјето простување (2. Царства 11:2—5; 12:13; Псалм 50:1, 2). Но, ако дошло до вонбрачна бременост, младичот сѐ уште треба да донесе некои сериозни одлуки. Дали да се ожени со девојката? Дали има некакви одговорности кон детето? Овие прашања ќе бидат разгледани во некоја наредна статија.
[Слики на страница 17]
Многу младинци грешат кога мислат дека сексот нема никакви последици