Да се проповеда добрата вест со цврсто уверување
1 На почетокот на првиот век, Исус Христос им дал налог на своите следбеници да ја проповедаат добрата вест за Царството и ‚да прават ученици од луѓето од сите нации‘ (Мат. 24:14; 28:19, 20, NW ). Јеховините сведоци сериозно ја сфатиле оваа заповед и затоа до крајот на 20-тиот век, нашето христијанско братство се зголемило на повеќе од 5.900.000 ученици во 234 земји. Колку само голем извик на фалба за нашиот небесен Татко!
2 Сега влеговме во 21 век. Нашиот Непријател подмолно се обидува да се вмеша во нашето најважно дело на проповедање на Царството и правење ученици. Тој ги користи притисоците на овој систем на ствари во обидот да ни го одврати вниманието, да ни го одземе времето и да ни ја исцрпи енергијата со многу неважни грижи и интереси. Наместо да дозволиме овој систем да ни диктира што е важно во животот, од Божјата Реч се уверуваме во она што е најважно — извршувањето на Јеховината волја (Рим. 12:2). Тоа значи да ја послушаме опомената од Писмото ‚да го проповедаме словото во погодно време и во невреме и службата своја да ја исполнуваме добро‘ (2. Тим. 4:2, 5).
3 Развивај цврсто уверување: Христијаните треба да ‚застанат потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја‘ (Кол. 4:12, NW ). Зборот „уверување“ е дефиниран како „цврста убеденост или верување; состојба кога си убеден“. Како христијани, мора да бидеме уверени дека Божјата пророчка реч е сигурна и дека сега сме длабоко навлезени во времето на крајот. Нашата вера мора да е толку цврста како верата на апостол Павле, кој рекол дека добрата вест „е сила Божја за спасението на секој што верува“ (Рим. 1:16).
4 Ѓаволот ги користи злобните луѓе и измамниците, кои и самите се заведени, за да влијае и за да заведе и други (2. Тим. 3:13). Предупредени на ова, преземаме чекори да го зајакнеме нашето уверување дека ние ја имаме вистината. Наместо да дозволиме животните грижи да ни ја потиснат ревноста, ние постојано ги ставаме на прво место интересите на Царството (Мат. 6:33, 34). Не сакаме да ја изгубиме од вид ниту итноста на времето, можеби мислејќи дека крајот на овој систем е далеку. Тој се приближува сѐ повеќе (1. Пет. 4:7). Иако можеби мислиме дека ширењето на добрата вест во некои земји нема голем ефект со оглед на сведоштвото што веќе е дадено, делото на предупредување мора да продолжи (Езек. 33:7—9).
5 Клучните прашања во ова доцна доба се: ‚Дали јас сериозно го сфаќам Исусовиот налог да правам ученици? Кога ја проповедам добрата вест, дали покажувам цврсто уверување дека Царството е реалност? Дали сум одлучен да имам колку што е можно поголемо учество во оваа животоспасувачка служба?‘ Сфаќајќи колку длабоко сме навлезени во времето на крајот, мора да внимаваме на себеси и на нашиот налог да проповедаме и да поучуваме. Правејќи го тоа, ќе се спасиме и себеси и оние што нѐ слушаат (1. Тим. 4:16). Како можеме сите ние да го зајакнеме нашето уверување како министри?
6 Имитирај ги солунјаните: Кога се присетил на напорната работа на браќата во Солун, апостол Павле им рекол: „Нашето Благовестие кон вас беше не само со слово, туку и со сила и со Светиот Дух, и со голема увереност : сами знаете какви бевме за вас помеѓу вас. И вие се угледавте на нас и на Господа, кога во големи маки со радост го примивте словото од Светиот Дух“ (1. Сол. 1:5, 6). Да, Павле го пофалил солунското собрание затоа што, и покрај големи неволји, тие проповедале со ревност и цврсто уверување. Што им овозможило да го прават тоа? Големо позитивно влијание врз нив имале ревноста и уверувањето што ги виделе кај апостол Павле и кај неговите соработници. На кој начин?
7 Животот на Павле и на неговите патувачки придружници посведочил дека врз нив бил Божјиот дух и дека со сето срце верувале во она што го проповедале. Пред да дојдат во Солун, со Павле и Сила дрско се постапило во Филипи. Без да бидат судени, тие биле тепани, затворени и ставени во клада. Меѓутоа, ова тешко искуство не ја потиснало нивната ревност за добрата вест. Со божествена интервенција биле ослободени, тоа водело до преобраќање на чуварот на затворот и неговото домаќинство и на овие браќа им бил отворен патот да продолжат со својата служба (Дела 16:19—34).
8 Со силата на Божјиот дух, Павле дошол во Солун. Таму напорно работел за да го обезбеди она што му е неопходно за живот и потоа целосно се трошел за да ги поучи солунјаните за вистината. Не се воздржувал да ја објавува добрата вест во секоја прилика (1. Сол. 2:9). Тоа што Павле проповедал со цврсто уверување толку силно влијаело врз локалното население што некои од нив го напуштиле поранешното идолопоклоничко обожавање и станале слуги на вистинскиот Бог, Јехова (1. Сол. 1:8—10).
9 Прогонството не ги спречило новите верници да ја проповедаат добрата вест. Подбудени од нивната новопронајдена вера и целосно уверени дека ќе ги добијат вечните благослови, солунјаните биле поттикнати да ја објавуваат вистината која воодушевено ја прифатиле. Тоа собрание станало толку активно што веста за нивната вера и ревност се раширила и во другите делови на Македонија, па дури и во Ахаја. Затоа, кога Павле го напишал своето прво писмо до солунјаните, нивните добри дела веќе биле нашироко познати (1. Сол. 1:7). Колку само извонреден пример!
10 Мотивирани од љубов кон Бог и кон луѓето: Како можеме и ние, исто како солунјаните, да задржиме цврсто лично уверување кога ја проповедаме добрата вест денес? За нив Павле напишал: „Непрестајно го помниме делото на вашата вера, трудот на вашата љубов“ (1. Сол. 1:3). Очигледно е дека тие имале длабока, искрена љубов кон Јехова Бог и кон луѓето на кои им проповедале. Токму таквата љубов го мотивирала Павле и неговите придружници да им ја дадат на солунјаните „не само Божјата добра вест туку и [своите] души“ (1. Сол. 2:8, NW ).
11 На сличен начин, нашата длабока љубов кон Јехова и кон другите луѓе нѐ поттикнува да сакаме целосно да учествуваме во проповедничкото дело кое Бог ни го дал да го извршуваме. Со таква љубов, признаваме дека ширењето на добрата вест е наша лична, од Бог доделена одговорност. Ако размислуваме позитивно и со ценење за сето она што го направил Јехова за нас насочувајќи нѐ кон „вистинскиот живот“, мотивирани сме да им ги кажуваме на другите истите прекрасни вистини во кои веруваме со сето срце (1. Тим. 6:19, NW ).
12 Додека сме постојано зафатени во делото на проповедање, нашата љубов кон Јехова и кон луѓето мора да продолжи да расте. Ако тоа е случај, ќе бидеме поттикнати да го зголемиме нашето учество во службата од куќа до куќа и да учествуваме во сите други облици на сведочење кои ни се отворени. Ќе ги искористиме приликите да им сведочиме неформално на роднините, на соседите и на познаниците. Иако повеќето луѓе можеби ќе ја одбијат добрата вест што ја нудиме и некои ќе се обидат да го спречат објавувањето на Царството, ние доживуваме внатрешна радост. Зошто? Затоа што знаеме дека сме дале сѐ од себе за да сведочиме за Царството и за да им помогнеме на луѓето да добијат спасение. Јехова ќе ги благослови нашите напори да ги пронајдеме оние кои се со праведни срца. Дури и тогаш кога притисоците на животот ќе се насоберат врз нас и Сатана ќе настојува да ни ја поткопа радоста, можеме да ги задржиме нашето цврсто уверување и нашата ревност да им сведочиме на другите. Кога секој од нас го дава својот дел, резултатот се јаки, ревносни собранија како што било собранието во Солун.
13 Никогаш не се откажувај под испит: Уверувањето е потребно и кога наидуваме на различни искушенија (1. Петр. 1:6, 7). Исус јасно им рекол на своите ученици дека, ако го следат него, ќе бидат „мразени од сите народи“ (Мат. 24:9). Павле и Сила го доживеале тоа кога биле во Филипи. Извештајот од Дела, поглавје 16, вели дека Павле и Сила биле фрлени во внатрешниот затвор и ставени во клада. Главниот затвор обично бил некој вид двор или ходник околу надворешната страна во кој биле наредени ќелии кои имале привилегија да бидат осветлени и проветрени. Меѓутоа, во внатрешниот затвор немало светлина и бил со ограничена вентилација. Павле и Сила морале да ја поднесуваат темнината, жештината и реата на ова мизерно место каде што биле затворени. Можеш ли да си ја замислиш болката што сигурно ја чувствувале додека со часови биле ставени во клада, а грбовите им биле голи и крвави од камшикувањето?
14 И покрај овие искушенија, Павле и Сила останале верни. Тие покажале искрено уверување, кое ги зајакнало да му служат на Јехова без оглед на испитот. Нивното уверување е нагласено во стих 25, поглавје 16, каде што стои дека Павле и Сила ‚се молеле и со песна го фалеле Бог‘ (NW ). Всушност, иако се наоѓале во внатрешниот затвор, потполно сигурни дека го имаат Божјето одобрување тие пееле толку гласно што ги чуле дури и другите затвореници! И ние денес мора да имаме слично уверување кога се соочуваме со испити на нашата вера.
15 Искушенијата што ни ги поставува Ѓаволот се многубројни. За некои тоа е прогонството од семејството. Многу наши браќа се соочуваат со правни предизвици. Може да наидат и на противење од отпадници. Тука се и финансискиот товар и грижата за тоа како да се врзе крај со крај. На училиште младите се соочуваат со притисок од врсниците. Како можеме успешно да се соочиме со овие искушенија? Што е потребно за да покажеме уверување?
16 Пред сѐ, треба да задржиме близок личен однос со Јехова. Кога Павле и Сила биле во внатрешниот затвор, тие не го минувале времето жалејќи се на нивната судба во животот или самосожалувајќи се. Веднаш му се обратиле на Бог во молитва и го фалеле во песна. Зошто? Затоа што имале близок личен однос со својот небесен Татко. Сфатиле дека страдаат заради праведноста и дека нивното спасение било во рацете на Јехова (Псал. 3:8).
17 Кога се соочуваме со искушенија во денешно време, и ние мора да му се обратиме на Јехова. Павле нѐ охрабрува нас како христијани да ‚му ги објавуваме своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува нашите срца и нашите мисли‘ (Фил. 4:6, 7, NW ). Колку само е утешно да се знае дека Јехова нема да нѐ остави сами во искушенијата! (Иса. 41:10). Тој секогаш ќе биде со нас сѐ додека му служиме со вистинско уверување (Псал. 45:7).
18 Друга важна помош во покажувањето уверување е да останеме зафатени во Јеховината служба (1. Кор. 15:58). Павле и Сила биле фрлени в затвор затоа што биле зафатени со проповедањето на добрата вест. Дали престанале да проповедаат заради искушенијата? Не, тие продолжиле да проповедаат дури и додека биле в затвор, а откако биле ослободени, отпатувале во Солун и отишле во синагогата на Евреите ‚за да расудуваат на темел на Писмото‘ (Дела 7:1—3, NW ). Кога имаме цврсто уверување или вера во Јехова и кога сме уверени дека ја имаме вистината, ништо не „ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Рим. 8:35—39).
19 Денешни примери на цврсто уверување: Има многу извонредни примери на лица од денешно време кои, исто како Павле и Сила, покажале цврсто уверување. Една сестра која преживеала во концентрациониот логор Аушвиц кажува за непоколебливата вера и уверување што ги покажале браќата и сестрите кои биле таму. Таа вели: „Еднаш, за време на едно сослушување, еден офицер ми пријде со стиснати тупаници. ‚Што да правиме со вас?‘, викна тој. ‚Ако ве уапсиме, не ви е гајле. Ако ве ставиме во затвор, воопшто не ви е гајле. Ако ве испратиме во концентрационен логор, не се секирате. Кога ќе ве осудиме на смрт, тоа не ве засега. Што да правиме со вас?‘“ Колку само ни се зајакнува верата кога ќе ја видиме верата на нашите браќа под такви тешки околности! Тие постојано барале помош од Јехова за да истраат.
20 Сигурно се сеќаваме на уверувањето на многу наши браќа кои биле соочени со етничка омраза која можеше да се види последниве години. И покрај тоа што наидуваат на опасни ситуации, одговорните браќа се решени да се погрижат нивните браќа и сестри да бидат духовно нахранети. Сите тие продолжуваат да бидат верни со цврсто уверување дека ‚ниедно оружје, направено против нив, нема да има успех‘ (Иса. 54:17).
21 Многу наши браќа и сестри кои имаат сопружници кои не се верници, исто така покажуваат цврста вера и истрајност. Еден брат од Гвадалупе доживеал силно противење од својата сопруга која не била верник. За да го обесхрабри и за да го спречи да присуствува на христијанските состаноци, таа не му подготвувала оброци, не перела, не пеглала и не му ги крпела алиштата. Со денови не разговарала со него. Но, покажувајќи искрено уверување додека му служел на Јехова и обраќајќи му се во молитва за помош, овој брат успеал да го издржи сето тоа. Колку долго? Околу 20 години — после кои неговата сопруга постепено го променила ставот на своето срце. На крајот, тој можел вистински да се радува затоа што таа ја прифатила надежта за Божјето Царство.
22 Конечно, не смееме да го заборавиме цврстото уверување на нашите млади браќа и сестри кои секојдневно одат на училиште и се справуваат со притисок од врсниците и со други предизвици. Во врска со притисокот да попушти на училиште, една млада девојка Сведок рекла: „Кога си на училиште, сите секогаш те охрабруваат да бидеш малку бунтовен. Децата повеќе те почитуваат ако правиш некои работи што се на границата“. Со каков притисок се соочуваат нашите млади! Тие мора да бидат цврсто решени во мислите и во срцето да одолеат на искушенијата.
23 Многу наши млади успешно го задржуваат својот интегритет и покрај испитите. Еден пример е една млада сестра која живее во Франција. Еден ден на паузата за ручек, некои момчиња се обиделе да ја присилат да ги бакне, но таа се молела и цврсто им се спротивставила и затоа момчињата ја оставиле на мира. Подоцна, еден од нив се вратил и ѝ рекол дека ѝ се восхитува на храброста. Била во можност да му даде добро сведоштво за Царството, објаснувајќи ги високите мерила што ги поставува Јехова за сите оние кои сакаат да ги добијат неговите благослови. Во текот на школската година, таа им ги објаснила своите верувања и на сите други од класот.
24 Колку само скапоцена предност имаме да бидеме уброени меѓу оние кои Јехова сака да ги користи за да зборуваат со цврсто уверување за неговата волја! (Кол. 4:12, NW ). Освен тоа, имаме прекрасна прилика да го докажеме својот интегритет кога сме нападнати од нашиот Непријател, Сатана Ѓаволот, кој е како лав (1. Петр. 5:8, 9). Никогаш не заборавај дека Јехова ја користи пораката за Царството за да ни донесе спасение и нам кои го проповедаме, и на оние што слушаат. Одлуките што ги донесуваме и нашиот секојдневен начин на живот нека докажат дека на прво место го ставаме Царството. Да продолжиме да ја проповедаме добрата вест со цврсто уверување!