Како ќе му дојде крајот на овој свет
„Не сте во темнина, па тој ден да ве затече како што би затекол крадци“ (1. СОЛ. 5:4)
1. Што ќе ни помогне да останеме будни и да истраеме во неволјите?
НАСКОРО Земјата ќе ја потресат застрашувачки настани. Ова го потврдуваат библиските пророштва кои се исполнуваат пред наши очи, и затоа мора да останеме будни. Што ќе ни помогне во тоа? Апостол Павле нѐ советува да ‚го гледаме она што не се гледа‘, односно да мислиме на наградата што ни ја ветил Јехова — вечен живот. Контекстот покажува дека Павле ги напишал овие зборови за да ги поттикне соверниците да го насочат погледот кон благословите што ќе ги добијат ако му останат верни на Јехова. Исто така, тоа требало да им помогне да истраат кога ќе доживееле неволји и прогонство (2. Кор. 4:8, 9, 16-18; 5:7).
2. а) Што мора да правиме за да ја задржиме нашата надеж цврсто во мислите? б) Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?
2 Советот на Павле содржи едно важно начело: За да ја задржиме нашата надеж цврсто во мислите, мора да гледаме зад она што може да се види. Мора да го впериме нашиот поглед во значајните настани кои сѐ уште не се гледаат (Евр. 11:1; 12:1, 2). Во оваа и во следната статија ќе разгледаме десет идни настани кои се тесно поврзани со нашата надеж за вечен живот.
ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ ПРЕД ДА ДОЈДЕ КРАЈОТ?
3. а) Кој настан што треба да се случи наскоро е спомнат во 1. Солуњаните 5:2, 3? б) Што ќе направат политичките водачи, и кој можеби ќе им се придружи?
3 Павле зборува за еден од овие идни настани во своето послание до Солуњаните. (Прочитај 1. Солуњаните 5:2, 3.) Тој го спомнува „Јеховиниот ден“. Овој „ден“ се однесува на периодот што ќе започне со уништувањето на лажната религија, а ќе заврши со војната Армагедон. Но, токму пред да започне Јеховиниот ден, светските водачи ќе велат: „Мир и сигурност!“ Ова можеби ќе се однесува на еден или на повеќе настани. Народите веројатно ќе мислат дека нашле решение за некои од своите големи проблеми. А што ќе прават верските водачи? Бидејќи се дел од светот, можно е и тие да извикуваат „Мир и сигурност!“ заедно со политичките водачи (Отк. 17:1, 2). На тој начин, ќе постапат слично на лажните пророци во древната Јуда. Во врска со нив, Јехова рекол дека ќе велат „,Мир е! Мир е!‘ — а мир нема“ (Ерем. 6:14; 23:16, 17).
4. За разлика од повеќето луѓе, што знаеме ние?
4 Без разлика кој ќе вели „Мир и сигурност!“, овој настан ќе покаже дека Јеховиниот ден само што не започнал. Затоа Павле можел да каже: „Вие, браќа, не сте во темнина, па тој ден да ве затече како што би затекол крадци, зашто сите вие сте синови на светлината“ (1. Сол. 5:4, 5). За разлика од повеќето луѓе, ние знаеме што вели Библијата за настаните кои се случуваат денес. Како точно ќе се исполни ова пророштво во врска со повикот „Мир и сигурност!“? Ќе мора да чекаме за да видиме. Затоа, да бидеме решени „да бдееме и да бидеме трезвени“ (1. Сол. 5:6; Соф. 3:8).
„ЦАРИЦА“ КОЈА НЕ ЗНАЕ ШТО ЈА ЧЕКА
5. а) Како ќе започне ‚големата неволја‘? б) Што ќе мисли ‚царицата‘ спомната во Откровение 18:7?
5 Кој друг настан што сѐ уште не се гледа ќе се случи потоа? Павле рекол: „Кога ќе зборуваат: „Мир и сигурност!“ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување“. Во првата фаза од ова ‚ненадејно уништување‘ ќе биде нападнат „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија, кое во Библијата е наречено и „блудницата“ (Отк. 17:5, 6, 15). Овој напад врз сите лажни религии, во кои спаѓа и христијанскиот свет, ќе го означи почетокот на ‚големата неволја‘ (Мат. 24:21; 2. Сол. 2:8). Мнозина ќе бидат изненадени од овој настан. Зошто? Затоа што, сѐ до тој напад, блудницата сѐ уште ќе се смета себеси за „царица“ која „нема да види тага“. Таа ќе мисли дека нема да ѝ се случи ништо лошо. Но, одеднаш ќе сфати колку била погрешна нејзината проценка. Ќе биде уништена брзо, како „во еден ден“ (Отк. 18:7, 8).
6. Кој ќе ја уништи лажната религија?
6 Библијата вели дека блудницата ќе ја нападне еден „ѕвер“ со „десет рогови“. Од проучувањето на книгата Откровение знаеме дека ѕверот ги претставува Обединетите нации (ОН). ‚Десетте рогови‘ ги претставуваат сите политички сили кои денес го поддржуваат овој „црвен ѕвер“a (Отк. 17:3, 5, 11, 12). Колку разорен ќе биде тој напад? Земјите-членки на ОН ќе го опљачкаат богатството на блудницата, ќе разоткријат каква навистина е таа, ќе ја опустошат и „ќе ја изгорат“. Блудницата ќе биде уништена еднаш засекогаш. (Прочитај Откровение 17:16.)
7. Како ќе започне нападот на „ѕверот“?
7 Библиските пророштва исто така покажуваат како ќе започне овој напад. На некој начин, Јехова ќе им стави во срцата на политичките владетели „да ја извршат неговата замисла“, односно да ја уништат блудницата (Отк. 17:17). Религиите кои подбуцнуваат на војни продолжуваат да сеат раздор во светот. Поради тоа, народите можеби ќе мислат дека уништувањето на блудницата е во интерес на нивните земји. Кога ќе ја нападнат, владетелите ќе мислат дека ја извршуваат својата „заедничка замисла“. Но, всушност, Бог ќе ги употреби како средство за да ја уништи целокупната лажна религија. Така, во еден ненадеен пресврт на настаните, светот на Сатана ќе се раздели и едниот негов дел ќе го нападне другиот. Ѓаволот нема да може да стори ништо за да го спречи тоа (Мат. 12:25, 26).
НАПАД ВРЗ БОЖЈИОТ НАРОД
8. Што е нападот на „Гог од земјата Магог“?
8 Откако лажната религија ќе биде уништена, Божјите слуги и понатаму ќе живеат „без страв“ и „без ѕидови“ (Езек. 38:11, 14). Што ќе се случи со оваа навидум беспомошна група луѓе кои ќе продолжат да му служат на Јехова? Библијата вели дека тие ќе бидат нападнати од „многу народи“. Во книгата Езекиел, овој настан е опишан како нападот на „Гог од земјата Магог“. (Прочитај Езекиел 38:2, 15, 16.) Како треба да гледаме на тој напад?
9. а) Што е најважно за христијаните? б) Кои чекори треба да ги преземеме сега за да си ја зајакнеме верата?
9 Иако однапред знаеме дека Гог ќе го нападне Божјиот народ со сите сили, ние не сме претерано вознемирени. Нам не ни е најважно да бидеме спасени туку да се посвети Јеховиното име и да се потврди неговото право да владее. Бог рекол повеќе од 60 пати: „Тогаш ќе знаете дека јас сум Јехова“ (Езек. 6:7, види ја фуснотата). Затоа, со душа чекаме да видиме како ќе се исполни овој важен дел од пророштвото на Езекиел, уверени дека „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени“ (2. Пет. 2:9). Во меѓувреме, сакаме да правиме сѐ што можеме за да си ја зајакнеме верата и да му останеме верни на Јехова сеедно со какви неволји ќе се соочиме. Треба да се молиме, да ја проучуваме Божјата Реч и длабоко да размислуваме за неа, и да ја објавуваме пораката за Царството. Ако го правиме ова, надежта за вечен живот ќе ни биде како сигурна и цврста „котва“ (Евр. 6:19; Пс. 25:21).
‚НАРОДИТЕ ЌЕ ЗНААТ ДЕКА ЈАС СУМ ЈЕХОВА‘
10, 11. Како ќе започне војната Армагедон, и што ќе се случува тогаш?
10 Што ќе се случи кога Божјите слуги ќе бидат нападнати? Јехова ќе ги испрати Исус и небесните војски за да го одбрани својот народ (Отк. 19:11-16). Така ќе започне Армагедон — „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ (Отк. 16:14, 16).
11 Во врска со оваа војна, преку својот пророк Езекиел, Јехова рекол: „,На сите свои планини ќе повикам меч против [Гог],‘ вели Севишниот Господар Јехова. ‚Секој ќе го подигне мечот против својот брат‘“. Оние што се на страната на Сатана ќе бидат избезумени и исплашени, и во паника ќе се свртат едни против други и ќе се убиваат. Всушност, целиот свет на Сатана ќе биде опустошен. Јехова вели: „Оган и сулфур ќе пуштам врз [Гог] и врз неговите чети и врз многуте народи што ќе бидат со него“ (Езек. 38:21, 22). Што ќе се случи откако Бог ќе го направи ова?
12. Што ќе мора да признаат народите?
12 Народите ќе мора да признаат дека Јехова е тој што наредил да бидат уништени. Тогаш, оние што се на страната на Сатана можеби во очај ќе повикаат исто како што повикале Египќаните кои ги гонеле Израелците до Црвеното Море: „Јехова се бори за нив“! (2. Мој. 14:25). Да, народите ќе бидат принудени да признаат дека Јехова е Севишен Владетел. (Прочитај Езекиел 38:23.) Колку е близу почетокот на сите овие настани?
НЕМА ДА СЕ ПОЈАВИ ДРУГА СВЕТСКА СИЛА
13. Што знаеме во врска со петтиот дел од кипот кој го опишал Даниел?
13 Едно пророштво во книгата Даниел ни помага да разбереме колку е близу почетокот на големата неволја. Даниел опишува еден кип кој се состои од различни метали (Дан. 2:28, 31-33). Со кипот се претставени неколку светски сили кои директно се бореле против Божјиот народ, и во минатото и денес. Тие се Вавилон, Медо-Персија, Грција, Рим, како и последната светска сила што постои во нашево време. Од пророштвото на Даниел дознаваме дека оваа последна светска сила е претставена со стапалата и ножните прсти на кипот. Во текот на Првата светска војна, Британија и Соединетите Американски Држави почнале да соработуваат на посебен начин. Според тоа, петтиот дел од кипот што го видел Даниел е англо-американската светска сила. Стапалата се последниот дел од кипот, што покажува дека по нив нема да се појави друга човечка светска сила. Тоа што стапалата и ножните прсти се состојат делумно од железо, а делумно од глина, укажува на слабата состојба на англо-американската светска сила.
14. Која светска сила ќе владее на Земјата кога ќе започне Армагедон?
14 Во истото пророштво, Божјето Царство е претставено со огромен камен кој се отцепил од една планина во 1914 год. Таа планина ја претставува Јеховината врховна власт. Каменот наскоро ќе удри во својата цел — стапалата на кипот. Во Армагедон ќе бидат здробени стапалата, како и остатокот од кипот. (Прочитај Даниел 2:44, 45.) Според тоа, Англо-Америка сѐ уште ќе владее како светска сила кога ќе започне Армагедон. Навистина ќе биде возбудливо да се види исполнувањето на ова пророштво!b Но, што ќе му направи Јехова на Сатана?
ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО НАЈГОЛЕМИОТ БОЖЈИ НЕПРИЈАТЕЛ?
15. Што ќе се случи со Сатана и неговите демони по Армагедон?
15 Прво, Сатана ќе гледа како целата негова организација на Земјата ќе биде потполно уништена. А потоа вниманието ќе биде насочено на него. Апостол Јован кажува што ќе се случи со Сатана. (Прочитај Откровение 20:1-3.) Исус Христос — ‚ангелот што го има клучот од бездната‘ — ќе ги фати Сатана и неговите демони, ќе ги фрли во бездната и ќе ги врзе за илјада години (Лука 8:30, 31; 1. Јов. 3:8). Така ќе почне да се исполнува делот од пророштвото во 1. Мојсеева 3:15 каде што се вели дека потомството ќе ѝ ја смачка главата на змијата.c
16. Што ќе значи за Сатана тоа што ќе биде фрлен во „бездната“?
16 Што е „бездната“ во која ќе бидат фрлени Сатана и демоните? Грчкиот збор а́висос што го користи Јован значи „неизмерна длабочина“. Исто така, може да се преведе и со „бескрајна празнина“. Само Јехова и неговиот ангел кој го има „клучот од бездната“ би можеле да ги ослободат Сатана и демоните од тоа место. Таму Сатана ќе биде ставен во состојба на неделотворност слична на смрт „за да не ги заведува повеќе народите“. Конечно тој „разрикан лав“ ќе биде замолчен! (1. Пет. 5:8).
НАСТАНИ ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧАТ ПРЕД ДА ЗАВЛАДЕЕ МИР
17, 18. а) За кои настани што сѐ уште ‚не се гледаат‘ зборувавме во оваа статија? б) Што ќе се случи по овие настани?
17 Пред нас лежат многу значајни и драматични настани. Со нетрпение очекуваме да видиме како народите ќе извикаат: „Мир и сигурност!“ Потоа ќе следи уништувањето на Големиот Вавилон, нападот на Гог од Магог и војната Армагедон по која Сатана и демоните ќе бидат фрлени во бездната. По овие настани, кога ќе го снема сето зло, ќе започне ново поглавје во нашиот живот — Христовото илјадагодишно Царство, во кое сите ќе уживаме во „изобилен мир“ (Пс. 37:10, 11).
18 Досега зборувавме за пет настани што ‚не се гледаат‘ и што треба да се случат во иднина. Но, нашиот поглед треба да го впериме и во уште пет други настани ‚што не се гледаат‘. За нив ќе стане збор во следната статија.
b Во изразот „ќе ги уништи сите други царства“ од Даниел 2:44, зборот „други“ се однесува на царствата, односно светските сили, што се претставени со разните делови на кипот. Но, едно библиско пророштво кое зборува за истиот настан покажува дека „царевите од целиот свет“ ќе се соберат против Јехова во „големиот ден на Семоќниот Бог“ (Отк. 16:14; 19:19-21). Според тоа, во Армагедон ќе бидат уништени не само царствата кои ги симболизира кипот туку и сите други човечки влади.
c Главата на змијата потполно ќе биде смачкана на крајот од тие илјада години кога Сатана и неговите демони ќе бидат фрлени во ‚огненото и сулфурно езеро‘ (Отк. 20:7-10; Мат. 25:41).