Што се крие зад ”мирот и безбедноста“ создадени од луѓе
Факт е дека луѓето никогаш не можат да донесат вистински и траен мир. Зошто не? Затоа што луѓето не се вистинските нарушувачи на мирот, иако ја споделуваат вината за својата крвава историја. Вистинскиот нарушувач на мирот е многу посилен од човекот. Тоа не е никој друг туку Сатана Ѓаволот, кој во Библијата се опишува како ”заводник на целиот свет“ (Откривење 12:9, Ст).
БИБЛИЈАТА вели: ”Целиот свет е во власта на Злобниот [Сатана]“ (1. Иванова 5:19, Ст). Според тоа, постигнувањето на вистински мир и трајна безбедност мора да го вклучува отстранување на Сатана од светската сцена заедно со светскиот систем што тој го изградил и со кој толку очигледно управува. (Спореди Исаија 48:22; Римјаните 16:20.) Луѓето не можат да го сторат тоа.
Тогаш, како може да се постигне мир и безбедност? Преку силата на Оној кој е неизмерно посилен од Сатана. Семоќниот Бог поставил временска граница на активностите на Сатана врз луѓето. Кога ќе се наврши таа временска граница, ’ненадејна погибел‘ ќе дојде над светот кој лежи во власта на Сатана (1. Солунјаните 5:3-7). Сите докази водат до заклучукот дека тоа наскоро ќе се случи.
Мир и безбедност сега!
Но, како е сега? Извесна мера на вистински мир и безбедност е можна дури и денес. Како? Не така како што многу религиозни водачи се обиделе — со мешање во политиката на овој свет, туку со следење на Божјите заповеди и совети.
Дали таквиот правец навистина донесува мир? Да, секако. На пример, Јеховините сведоци испитале и откриле дека навистина е можно да се ужива вистински мир како и одредена мера на безбедност. Следењето на Божјите заповеди кои се откриени во Библијата им овозможило да се соберат заедно како меѓународна организација во вистински мир, без разлика на расата, националноста или јазикот (Псалми 132:1 [133:1, ДК]).
Послушни на божествениот закон, тие симболично ’ги прековале своите мечови во плугови и повеќе не се учат на војна‘ (Исаија 2:2-4). Се чувствуваат безбедни во Божјата љубов и сигурни се дека нивните духовни браќа се заинтересирани за нив (Римјаните 8:28, 35-39; Филипјаните 4:7). Ако се прашуваш дали ова е вистина, те покануваме да ги посетиш во една од нивните Царски сали и самиот да се увериш.
Мир и безбедност ширум светот
Меѓутоа, тоа не е конечното исполнување на библиското ветување за вистински мир и безбедност. Далеку од тоа! Тоа е само мал одблесок на она каков би бил овој свет кога сите би ги следеле Божјите закони. Наскоро тој одблесок ќе се претвори во стварност.
Апостолот Павле рекол: ”Зашто кога луѓето [оние кои не му служат на Бог] ќе речат: ’Мир и безбедност!‘ [мислејќи дека конечно постигнале мир и безбедност на свој начин], тогаш ненадејно ќе ги нападне пропаст“ (1. Солуњанима 5:3, Ба). Бог ќе утврди дека Сатана доволно долго го мамел човештвото. Тогаш ќе биде времето да го отстрани од сцената заедно со расипаниот светски систем кој е во негова власт. Тогаш ќе биде времето за исполнување на Даниеловото пророштвото: ”И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниел 2:44).
Дали тоа ќе биде неправедна постапка од страна на Бог? Воопшто не. Ненадејната пропаст ќе дојде само над оние кои ја заслужуваат според Божјиот суд и Божјите мерила. Дали ти имаш доверба во Творецот дека тој праведно ќе одлучи за таа работа? Секако дека можеме со сигурност да го оставиме тоа во негови раце! А каков ќе биде резултатот од неговото дело на судење? Една Изрека вели: ”Праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребени од земјата“ (Изреки 2:21, 22). Дали некој ќе жали заради пропаста на злобните?
Кога нарушувачите на мирот ќе бидат отстранети, на вистинскиот мир и безбедност ќе му се радува човештвото ширум Земјата под добротворната влада на Божјето Царство. ”Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа [Јехова, NW], како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9). Дали веруваш во ова библиско ветување? Дали си сигурен дека овие работи наскоро ќе се случат? Ако имаш некои сомневања, те охрабруваме подлабоко да го испиташ тоа. Всушност, Божјиот начин е единствениот начин на кој човекот некогаш ќе ја постигне долгопосакуваната цел на вистински мир и права безбедност.
[Слики на страница 8]
Јеховиниот народ денес се радува на вистински мир и на доволна мера на безбедност