ПОГЛАВЈЕ 6
Слуга-помошниците вршат скапоцена служба
АПОСТОЛ Павле го започнал своето писмо до собранието во Филипи со следниве зборови: „Павле и Тимотеј, робови на Христос Исус, до сите свети во единство со Христос Исус, кои се во Филипи, и до надгледниците и слугите помошници“ (Фил. 1:1). Забележи дека Павле им се обратил и на слуга-помошниците. Очигледно е дека во првиот век овие мажи им биле од голема помош на старешините во христијанското собрание. Истото е случај и денес. Слуга-помошниците извршуваат голем број задачи со кои им помагаат на надгледниците и придонесуваат да има ред во собранието.
2 Дали знаеш кои браќа се слуга-помошници во твоето собрание? Дали знаеш какви задачи вршат за твое добро и за доброто на целото собрание? Јехова многу го цени нивниот труд! Павле напишал: „Оние што добро ја извршуваат службата, стекнуваат добро име и можат со голема слобода да им зборуваат на другите за верата во Христос Исус“ (1. Тим. 3:13).
БИБЛИСКИ УСЛОВИ ЗА СЛУГА-ПОМОШНИЦИТЕ
3 Од слуга-помошниците се очекува да водат примерен живот како христијани, да бидат одговорни личности и совесно да се грижат за задачите што им се доверени. Ова го истакнал и Павле кога во своето прво писмо до Тимотеј ги навел условите за слуга-помошниците. Тој напишал: „Слугите помошници, исто така, треба да бидат достојни за почит, не дволични, да не пијат многу вино, да не бидат алчни за нечесна добивка, да се држат за светата тајна на верата и да имаат чиста совест. И најпрво треба да бидат испитани, и ако нема за што да им се приговори, нека ја извршуваат службата. Слугите помошници нека имаат само една жена, добро нека управуваат со децата и со својот дом“ (1. Тим. 3:8-10, 12). Кога препорачуваат некој брат да служи како слуга-помошник, старешините треба да се уверат дека тој ги исполнува библиските услови. Ова го штити собранието од обвиненија дека им се доверуваат одговорности на несоодветни луѓе.
4 Сеедно дали се млади или стари, слуга-помошниците учествуваат во службата на проповедање секој месец. Исто како Исус, тие ревносно ја проповедаат добрата вест. На тој начин, покажуваат дека и тие, исто како Јехова, имаат силна желба да се спасат што е можно повеќе луѓе (Иса. 9:7).
5 Слуга-помошниците се добар пример во поглед на облекувањето, изгледот, говорот, ставовите и однесувањето. Исто така, тие се разумни, а поради тоа другите во собранието ги почитуваат. Освен тоа, слуга-помошниците сериозно гледаат на својот однос со Јехова и на своите одговорности во собранието (Тит 2:2, 6-8).
6 Овие мажи се испитани. Дури и пред да станат слуга-помошници, докажале дека му се вистински оддадени на Бог. Покажале дека Царството им е на прво место во животот и дека се спремни да ја извршат секоја задача што ќе им биде доверена. Тие се добар пример за другите во собранието (1. Тим. 3:10).
КАКВИ ОДГОВОРНОСТИ ИМААТ?
7 Слуга-помошниците извршуваат различни задачи кои им се од голема корист на соверниците. Така им овозможуваат на надгледниците да посветат повеќе време на поучувањето и грижата за стадото. Кога доделува задачи, старешинството зема предвид какви способности има секој слуга-помошник и какви потреби има собранието.
Слуга-помошниците извршуваат различни задачи со кои им овозможуваат на старешините да посветат повеќе време на поучувањето и грижата за стадото
8 Да разгледаме некои од задачите на слуга-помошниците. Еден слуга-помошник може да добие задача да се грижи за литературата за да можат браќата и сестрите да имаат публикации кои ќе ги користат како лични примероци или во службата на проповедање. Некои добиваат задача да се грижат за собраниското сметководство или за подрачјата. А други, пак, имаат задача да ракуваат со микрофоните, да управуваат со опремата за озвучување, да служат како редари или да им помагаат на старешините на некој друг начин. Бидејќи има многу работа околу одржувањето и чистењето на салата, слуга-помошниците честопати се замолени да помагаат и околу тоа.
9 Во некои собранија, за секоја од овие задачи можеби ќе се грижи различен слуга-помошник. Но, во други собранија, еден слуга-помошник можеби ќе има повеќе задачи. Понекогаш, неколку слуга-помошници можеби ќе се грижат за една задача. Ако во едно собрание нема доволно слуга-помошници, старешинството може да им ги довери овие задачи на други примерни крстени браќа. На тој начин, овие браќа ќе стекнат искуство кое многу ќе им користи кога подоцна ќе ги исполнат условите да служат како слуга-помошници. Ако нема браќа, примерни сестри можат да помагаат околу одредени задачи, иако, се разбира, нема да бидат именувани како слуга-помошници. Примерен христијанин е оној на кого другите може да се угледаат во поглед на присуството на состаноците, учеството во службата на проповедање, семејниот живот, изборот на забава, облекувањето, изгледот итн.
10 Во собранијата со малку старешини, способни слуга-помошници може да ги разгледаат прашањата за библиските учења со кандидатите за крштавање. Тие прашања се наоѓаат во Додатокот од оваа книга, во „Дел 1 — христијански верувања“. Бидејќи во „Дел 2 — христијански живот“ има прашања од лична природа, овој дел со кандидатите треба да го разгледа старешина.
11 Ако има добри причини, старешинството може да одлучи одвреме-навреме да им ги менува задачите на слуга-помошниците. Сепак, многу е подобро браќата некое време да извршуваат исти задачи за да стекнат искуство и да станат повешти.
12 Во зависност од околностите, на слуга-помошниците чиј напредок им е видлив на сите може да им бидат доделени и други одговорности (1. Тим. 4:15). Ако нема доволно старешини, некој слуга-помошник може да служи како помошник на некој надгледник на група за проповедање. Во некои случаи, тој може да служи како слуга на група за проповедање, под надзор на старешините. Слуга-помошниците може да бидат замолени да држат одредени точки на состанокот Нашиот живот и служба како христијани. Ако е потребно, тие можат да го водат Собраниското проучување на Библијата и да држат јавни предавања. На слуга-помошниците можат да им бидат доверени и други одговорности доколку има потреба и доколку ги исполнуваат условите (1. Пет. 4:10). Додека им помагаат на старешините, слуга-помошниците треба бидат самопожртвувани.
13 Иако слуга-помошниците имаат поинакви задачи од старешините, и тие му вршат света служба на Бог и помагаат собранието добро да функционира. Со текот на времето, ако слуга-помошниците добро ги извршуваат своите одговорности и ако ги исполнат условите да служат како пастири и учители, може да бидат препорачани да служат како старешини.
14 Ако си брат во тинејџерски години или ако неодамна си се крстил, дали имаш цел да служиш како слуга-помошник? (1. Тим. 3:1). Бидејќи секоја година голем број луѓе ја прифаќаат вистината, потребни се духовно зрели мажи кои ќе се грижат за собраниските одговорности. Што ќе ти помогне да ја исполниш таа цел? Многу е важно да разгоруваш желба да им помагаш на другите. Еден начин на кој можеш да ја разгоруваш таа желба е така што длабоко ќе размислуваш за примерот на Исус (Мат. 20:28; Јован 4:6, 7; 13:4, 5). Твојата желба да служиш уште повеќе ќе расте кога ќе почувствуваш радост бидејќи правиш нешто убаво за другите (Дела 20:35). Затоа, биди спремен да им даваш практична помош на другите, да помагаш околу одржувањето на салата или да замениш некого што има задача на состанокот Нашиот живот и служба, во делот Дај сѐ од себе во службата. Освен тоа, треба и редовно да ја проучуваш Библијата за да ги развиваш плодовите на духот (Пс. 1:1, 2; Гал. 5:22, 23). Еден брат кој сака да служи во поголема мера секогаш совесно и верно ги врши задачите што му се доверени во собранието (1. Кор. 4:2).
15 Слуга-помошниците се поставени од светиот дух за доброто на собранието. Сите во собранието ќе покажат дека го ценат трудот на слуга-помошниците така што ќе соработуваат со нив. На тој начин, целото собрание ќе покаже дека многу го цени она што Јехова го прави за да владее ред и мир во неговата организација (Гал. 6:10).