Да им се помогне на вдовиците во нивните испити
ЕДНА од најпознатите приказни за вдовици е библискиот извештај за Рута и нејзината свекрва Ноемина. Обете биле вдовици. Меѓутоа, Ноемина не го изгубила само сопругот туку и двата сина, од кои едниот ѝ бил сопруг на Рута. Бидејќи живееле во земјоделско општество кое многу зависело од мажите, нивната ситуација била навистина трагична (Рута 1:1-5, 20, 21).
Меѓутоа, Ноемина имала извонреден пријател и утешител во својата снаа Рута, која одбила да ја напушти. Со текот на времето, се покажало дека Рута „вреди [за Ноемина] повеќе од седум синови“ — не само поради нејзината длабока љубов кон Ноемина туку и поради нејзината љубов кон Бог (Рута 4:15). Кога Ноемина ѝ препорачала на Рута да се врати кај своето моавско семејство и кај пријателите, Рута одговорила со еден од најтрогателните изрази на лојалност што некогаш биле запишани: „Каде ќе одиш ти, ќе одам и јас, и каде ќе живееш ти, ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог. Каде ќе умреш ти, ќе умрам и јас, каде ќе те погребат тебе, ќе ме погребат и мене. Господ нека ми врати со секакво зло и со неволја ако ме оддели нешто од тебе освен смртта“ (Рута 1:16, 17).
Ставот на Рута не поминал незабележан од страна на Јехова Бог. Тој го благословил малото домаќинство на Ноемина и Рута, и на крајот Рута се омажила за Израелецот Воз. За нивното дете, кое станало предок на Исус Христос, Ноемина се грижела како за свое. Оваа историја е пример за тоа на кој начин Јехова ги цени вдовиците кои му се приближуваат и имаат доверба во него. Освен тоа, Библијата ни кажува и дека тој високо ги цени оние што со љубов им помагаат на вдовиците во нивните испити. Тогаш, како можеме ние денес да ги поддржиме вдовиците што се меѓу нас? (Рута 4:13, 16-22; Псалм 68:5).
Да се биде конкретен, но да не се доминира
Кога ѝ се нуди помош на една вдовица, најдобро е да се биде јасен и конкретен, а не да се доминира. Избегнувај нејасни коментари како што се: „Само кажи ми ако ти затреба нешто“. Тоа би било исто како да му се каже: ‚Греј се и добро најади се‘ некому кому му е ладно и е гладен, а потоа да не се направи ништо за да му се помогне (Јаков 2:16). Многу луѓе нема да побараат помош кога нешто ќе им затреба; наместо тоа, во себе ќе страдаат. За да им се помогне на таквите е потребна проникливост, односно да се согледа какви се нивните потреби. Од друга страна, пак, да се покажува преголема иницијатива — всушност, да се зема под контрола животот на вдовицата — би можело да води до повредени чувства или до конфликт. Затоа, Библијата ја нагласува потребата да имаме рамнотежа во постапките со другите. Иако нѐ охрабрува да покажеме несебичен личен интерес за луѓето, таа нѐ потсетува да не бидеме луѓе кои се мешаат во туѓите работи (Филипјаните 2:4; 1. Петрово 4:15).
Рута покажала таков урамнотежен став кон Ноемина. Иако била лојално покрај својата свекрва, Рута не ја притискала ниту доминирала над неа. Презела разумни иницијативи, на пример, да набави храна за Ноемина и за себе, но ги следела и упатствата на Ноемина (Рута 2:2, 22, 23; 3:1-6).
Се разбира, потребите можат многу да се разликуваат од личност до личност. Сандра, што ја спомнавме претходно, вели: „Го имав она што ми беше потребно во мојата неволја — многу драги и љубезни пријатели што се собраа околу мене“. На Илејн, пак, спомната претходно, ѝ било потребно време за да биде сама. Според тоа, да се биде од помош значи да се биде прониклив и да се најде рамнотежа меѓу почитувањето на приватноста на другиот и стоењето на располагање за да се помогне кога е потребно.
Поддршка од семејството
Семејство што е срдечно и полно со љубов, ако го има, може да постигне многу за да увери една вдовица дека ќе може да излезе на крај. Иако некои членови на семејството можеби ќе бидат во состојба да понудат поголема помош отколку други, сите можат да учествуваат. „Ако некоја вдовица има деца или внуци, првин тие нека научат да практикуваат побожна оддаденост во своето домаќинство и да им плаќаат должен надоместок на своите родители и на дедовците и бабите, зашто тоа е прифатливо во Божји очи“ (1. Тимотеј 5:4).
Во многу случаи, можеби не е потребна финансиска поддршка или „надоместок“. Некои вдовици имаат доволно средства да се грижат за своите потреби, а други исполнуваат услови да добијат помош од државата, која е на располагање во некои земји. Но, таму каде што вдовиците се во оскудица, треба да помогнат членовите на семејството. Ако една вдовица нема блиски роднини што ќе ѝ дадат поддршка или тие роднини не се во состојба да помогнат, Писмото ги охрабрува соверниците да дојдат на помош: „Обликот на обожавање кој е чист и неизвалкан од гледна точка на нашиот Бог и Татко е овој: да се грижиш за сираците и за вдовиците во нивната неволја“ (Јаков 1:27).
Оние што постапуваат според овие библиски начела навистина ‚им искажуваат чест на вдовиците‘ (1. Тимотеј 5:3). Да му се искаже чест на едно лице значи, всушност, да се покаже почит кон него. Луѓето на кои им се искажува чест се чувствуваат вредни, ценети, удостоени. Не мислат дека другите им помагаат чисто заради чувство на должност. Рута, иако и самата некое време била вдовица, навистина ѝ искажала чест на Ноемина на тој начин што спремно и со љубов водела сметка да бидат згрижени физичките и емоционалните потреби на Ноемина. Всушност, ставот на Рута брзо ја донел на добар глас, така што нејзиниот иден сопруг за неа рекол: „Секој во градот на мојот народ знае дека ти си извонредна жена“ (Рута 3:11, фуснота, NW со референции). Истовремено, поради љубовта на Ноемина кон Бог, поради тоа што по природа немала преголеми барања и имала длабоко ценење за напорите на Рута во нејзина полза, на Рута несомнено ѝ причинувало задоволство да ѝ помага. Колку само убав пример е Ноемина за вдовиците денес!
Приближи му се на Бог
Се разбира, членовите на семејството и пријателите не можат да ја пополнат празнината што останала по смртта на брачниот партнер. Од таа причина, важно е ужаленото лице да дојде особено близу до „Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4). Разгледај го примерот на Ана, оддадена вдовица која во времето на Исусовото раѓање имала 84 години.
Кога ѝ умрел сопругот, откако биле во брак само седум години, Ана побарала утеха од Јехова. „[Таа] никогаш не изостануваше од храмот, принесувајќи света служба ноќ и ден со пост и преколнувања“ (Лука 2:36, 37). Дали Јехова реагирал на побожната оддаденост на Ана? Да! Тој ја покажал својата љубов кон неа на еден многу посебен начин — дозволил да го види бебето што требало да порасне во Спасител на светот. Колку само била возбудена и утешена Ана! Јасно, таа ја доживеала вистинитоста на Псалм 37:4: „Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце!“
Бог дејствува преку сохристијаните
Илејн, спомната претходно, вели: „Долго време по смртта на Дејвид имав физичка болка, како нож да ме бодеше во градниот кош. Мислев дека имам проблеми со варењето. Еден ден ми стана толку лошо што помислив дека ќе морам да одам на лекар. Една прониклива духовна сестра и пријателка ми укажа дека можеби мојата жалост е причина за тоа и ме охрабри да му се помолам на Јехова за помош и утеха. Веднаш го послушав нејзиниот совет и упатив една тивка, но длабока молитва, молејќи го Јехова да ме поддржи во мојата жалост. И навистина ме поддржа!“ Илејн почнала да се чувствува подобро, и набрзо потоа исчезнала дури и нејзината физичка болка.
Собраниските старешини особено можат да им понудат пријателство на ожалостените вдовици на еден љубезен начин. Давајќи редовна духовна поддршка и утеха на тактичен и прониклив начин, старешините можат да им помогнат да останат близу до Јехова и покрај испитите. Таму каде што е потребно, старешините можат да помогнат и организирајќи материјална поддршка. Таквите сочувствителни, проникливи старешини навистина стануваат „заветрина“ (Исаија 32:2; Дела 6:1-3).
Трајна утеха од новиот Цар над Земјата
Оној, на кого, пред околу две илјади години, остарената Ана му се израдувала кога го видела, сега веќе е месијански Цар на Божјето небесно Царство. Оваа влада наскоро ќе ги отстрани сите причини за тага, вклучувајќи ја и смртта. Во тој поглед, во Откровение 21:3, 4 се вели: „Гледај, Божјиот шатор е со луѓето . . . И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“. Дали забележа дека овој пасус укажува на „човештвото“? Да, луѓето ќе бидат ослободени од смртта и од сета тага и од сиот пискот што го донесува таа.
Но, има и други добри вести! Библијата ветува и воскресение за мртвите. „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Исто како Лазар, кого Исус го подигнал од мртвите, тие ќе излезат како луѓе, не како духовни суштества (Јован 11:43, 44). Оние што потоа ‚ќе прават добри работи‘ ќе бидат доведени до човечко совршенство и лично ќе ја доживеат Јеховината татковска грижа додека тој ‚ја отвора раката и ја наситува желбата на сѐ живо‘ (Псалм 145:16).
За оние што изгубиле некој сакан поради смрт и положуваат вера во оваа сигурна надеж ова е извор на голема утеха (1. Солуњаните 4:13). Затоа, ако си вдовица, труди се ‚непрестајно да се молиш‘ за утеха и помош, кои ти се потребни секој ден за да ги носиш своите различни товари (1. Солуњаните 5:17; 1. Петрово 5:7). И одвој си време секој ден да ја читаш Божјата реч за да можат Божјите мисли да те утешат. Ако ги правиш овие работи, ќе видиш како, и покрај сите испити и предизвици со кои се соочуваш како вдовица, Јехова може навистина да ти помогне да најдеш мир.
[Истакната мисла на страница 5]
Да се биде од помош значи да се најде рамнотежа меѓу почитувањето на приватноста на другиот и стоењето на располагање кога е потребно
[Слика на страница 7]
Бог ја благословил остарената вдовица Ана