ДЕВЕТНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
Зачувај ја Божјата љубов
Што значи да го сакаш Бог?
Како можеме да ја зачуваме Божјата љубов?
Како ќе ги награди Јехова оние што ќе ја зачуваат неговата љубов?
1, 2. Каде можеме да најдеме безбедно засолниште денес?
ЗАМИСЛИ СИ дека одиш по некој пат, а се спрема бура. Небото се смрачува. Блеснува секавица, зататнува грмеж и почнува да истура пороен дожд. Брзаш и очајно бараш место да се засолниш. Одеднаш покрај патот здогледуваш засолниште. Безбедно е, суво е и просто те мами да влезеш внатре. Колку ли ќе ти значи тоа безбедно место во еден ваков момент!
2 Ние живееме во бурни времиња. Состојбата во светот оди од лошо на полошо. Но, има едно сигурно засолниште што може да нѐ заштити од трајна штета. Кое е тоа засолниште? Забележи што ни кажува Библијата: „Ќе му речам на Јехова: ,Ти си моето засолниште и мојата тврдина, мојот Бог, во кого ќе имам доверба‘“ (Псалм 91:2).
3. Како можеме да најдеме засолниште кај Јехова?
3 Замисли си! Јехова, Творецот и Врховниот Владетел на целата вселена, може да ни биде засолниште во кое ќе најдеме закрила. Тој може да нѐ заштити затоа што е многу помоќен од кој и да е или од што и да е што може да ни наштети. Дури и да ни се случи нешто лошо, Јехова може да ни надомести сѐ. Како можеме да најдеме засолниште кај Јехова? Треба да имаме доверба во него. Освен тоа, Божјата Реч нѐ поттикнува: „Останете под закрилата на Божјата љубов“ (Јуда 21, Динамичен превод). Да, треба да ја зачуваме Божјата љубов со тоа што ќе негуваме близок однос со нашиот небесен Татко. Тогаш ќе можеме да бидеме сигурни дека тој е наше засолниште. Но, како можеме да изградиме таков однос со него?
КАКО ЗНАЕМЕ ДЕКА БОГ НЀ САКА И КАКО ДА ВОЗВРАТИМЕ НА НЕГОВАТА ЉУБОВ
4, 5. На кои начини Јехова покажал љубов кон нас?
4 За да ја зачуваме Божјата љубов, треба да разбереме како тој ја покажува својата љубов кон нас. Размисли за некои библиски учења што ги дозна со помош на оваа книга. Како Творец, Јехова ни ја дал Земјата, нашиот прекрасен дом. Таа изобилува со храна и вода, со природни богатства, со зачудувачки животински свет и со преубави пејзажи. Како Автор на Библијата, Бог ни го открил своето име и своите особини. Освен тоа, неговата Реч открива дека го испратил на Земјата својот сакан Син, Исус, и дека дозволил тој да страда и да умре за нас (Јован 3:16). А што сме добиле благодарение на ова? Надеж за една прекрасна иднина.
5 Нашата надеж за иднината зависи и од нешто друго што го направил Бог. Јехова воспоставил една небесна влада, месијанското Царство. Наскоро тоа ќе му стави крај на сето страдање и ќе ја претвори Земјата во рај. Замисли! Ќе можеме засекогаш да живееме во мир и среќа! (Псалм 37:29). А додека да се оствари тоа, Бог ни покажува како уште сега да живееме на најдобар можен начин. Исто така, ни овозможил преку молитва да комуницираме со него во секое време. Ова се само неколку начини на кои Јехова ја покажал својата љубов кон човештвото и кон тебе лично.
6. Како можеш да му возвратиш на Јехова за љубовта што ја покажал кон тебе?
6 Многу е важно да размислиш за следново прашање: Како ќе возвратам јас на Јеховината љубов? Мнозина ќе речат: „Па, и јас треба да го сакам Јехова“. Дали ти чувствуваш љубов кон Јехова? Исус рекол дека најголемата од сите заповеди е оваа: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Сигурно имаш многу причини да го сакаш Јехова Бог. Но, за да можеш да кажеш дека го сакаш со сето свое срце, душа и ум, дали е доволно само да чувствуваш љубов кон него?
7. Дали е доволно само да чувствуваме љубов кон Бог? Објасни.
7 Како што покажува Библијата, љубовта кон Бог е многу повеќе од чувство. Всушност, иако е неопходно да чувствуваме љубов кон Јехова, тоа чувство е само почеток на вистинската љубов кон него. На пример, без семка од јаболко не може да порасне дрво што ќе раѓа јаболка. Меѓутоа, ако сакаш јаболко, дали ќе ти биде доволно некој да ти даде само семка? Секако дека не! Слично на тоа, и чувството на љубов кон Јехова Бог е само почеток. Од Библијата учиме: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Љубовта кон Бог е вистинска само кога дава добри плодови. Таа мора да се покаже со дела. (Прочитај Матеј 7:16-20.)
8, 9. Како можеме да ја покажеме нашата љубов и благодарност кон Бог?
8 Љубовта кон Бог ја покажуваме кога ги држиме неговите заповеди и ги применуваме неговите начела. Тоа не е премногу тешко. Јеховините закони не само што не се тешки туку ни помагаат да имаме убав, среќен и исполнет живот (Исаија 48:17, 18). Кога живееме во склад со водството што ни го дава нашиот небесен Татко, му покажуваме дека навистина сме благодарни за сѐ што прави за нас. За жал, многу малку луѓе во денешниов свет покажуваат таква благодарност. Ние не сакаме да бидеме неблагодарни како некои луѓе што живееле кога Исус бил на Земјата. Еднаш Исус излекувал десет лепрозни луѓе, но само еден се вратил за да му се заблагодари (Лука 17:12-17). Сигурно сакаме да бидеме како оној што бил благодарен, а не како деветтемина што не покажале никаква благодарност!
9 Тогаш, кои се Јеховините заповеди што треба да ги држиме? Во оваа книга разгледавме многу од нив, но сега ќе се потсетиме на неколку. Ако ги држиме Божјите заповеди, ќе ја зачуваме неговата љубов.
СТАНУВАЈ СЀ ПОБЛИЗОК СО ЈЕХОВА
10. Објасни зошто е важно да продолжиш да го запознаваш Јехова Бог.
10 За да бидеме блиски со Бог, мораме да учиме за него. Тоа е процес што никогаш не треба да престане. Замисли дека си надвор во некоја многу студена ноќ и дека се грееш крај оган. Ќе дозволиш ли огнот полека да слабее и на крајот да згасне? Не. Сигурно ќе му додаваш дрва за да биде силен и да те грее. Од тоа би можел да зависи твојот живот! Исто како што дрвата го разгоруваат огнот, така и „знаењето за Бог“ ја разгорува нашата љубов кон Јехова (Изреки 2:1-5).
11. Како се чувствувале учениците на Исус кога ги поучувал?
11 Исус сакал во срцата на неговите следбеници и понатаму силно да гори љубовта кон Јехова и кон вистините од Неговата скапоцена Реч. Откако воскреснал, тој им објаснил на двајца свои ученици некои пророштва од Хебрејските списи што се исполниле на него. Како влијаело тоа врз нив? Подоцна тие рекле: „Зарем не ни гореше срцето додека ни зборуваше по патот, додека ни ги толкуваше Писмата?“ (Лука 24:32).
12, 13. а) Што се случило со љубовта кон Бог и кон Библијата кај повеќето луѓе денес? б) Што можеме да направиме за да не олади нашата љубов?
12 Кога првпат дозна што навистина учи Библијата, зарем срцето не ти заигра од радост, восхит и љубов кон Бог? Несомнено да. Мнозина го почувствувале истото. Но, сега пред нас стои предизвикот да ја одржиме таа силна љубов и да ја разгоруваме уште повеќе. Не сакаме да бидеме како повеќето луѓе денес. Исус прорекол: „Кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:12). Што можеш да направиш за да не олади твојата љубов кон Јехова и кон библиските вистини?
13 Продолжи да ги запознаваш Јехова Бог и Исус Христос (Јован 17:3). Длабоко размислувај за она што го учиш од Божјата Реч, и прашувај се: ,Што учам од ова за Јехова Бог? Како ми помага да го сакам со сето свое срце, ум и душа?‘ (Прочитај 1. Тимотеј 4:15.) Ако размислуваш вака, ќе се разгорува твојата љубов кон Јехова.
14. Како може молитвата да ни помогне да ја разгоруваме нашата љубов кон Јехова?
14 Ќе ја разгоруваш твојата љубов кон Јехова и така што редовно ќе се молиш (1. Солуњаните 5:17). Во седумнаесеттото поглавје од оваа книга видовме дека молитвата е скапоцен подарок од Бог. Исто како што редовната, отворена комуникација ги зајакнува односите меѓу луѓето, така и редовната молитва ни помага да го зајакнуваме нашиот однос со Јехова и да стануваме уште поблиски со него. Многу е важно никогаш да не дозволиме нашите молитви да станат механички — постојано да повторуваме само едни исти зборови без никакви чувства или значење. Треба да зборуваме со Јехова како што едно дете зборува со својот сакан татко. Се разбира, треба да зборуваме со почит, но отворено, искрено и од срце (Псалм 62:8). Да, проучувањето на Библијата и срдечната молитва се многу важен дел од нашето обожавање, и ни помагаат да ја зачуваме Божјата љубов.
СЛУЖИ МУ НА БОГ СО РАДОСТ
15, 16. Зошто можеме со право да ја сметаме службата на проповедање за чест и богатство?
15 Ние го обожаваме Бог кога ја проучуваме Библијата и кога му се молиме. Ова се работи што можеме да ги правиме кога сме сами. Меѓутоа, ние го обожаваме Бог и јавно — кога им зборуваме на другите за нашите верувања. Дали веќе си зборувал со другите за библиските вистини? Ако да, си имал голема чест да учествуваш во службата што ни ја дал Јехова (Лука 1:74). Кога им зборуваме на другите за вистините кои сме ги научиле за Јехова Бог, извршуваме една многу важна задача што им е дадена на сите вистински христијани — ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство. (Прочитај Матеј 24:14; 28:19, 20.)
16 Апостол Павле ја сметал службата на проповедање за нешто скапоцено, и ја нарекол богатство (2. Коринќаните 4:7). Најдоброто нешто што можеш да го правиш е да им кажуваш на луѓето за Јехова Бог и за неговите намери. Ти му служиш на најдобриот Господар и тоа носи најголема можна награда. Кога учествуваш во оваа служба, им помагаш на искрените луѓе да станат блиски со нашиот небесен Татко и да тргнат по патот што води до вечен живот! Зарем нешто друго може да ти донесе поголемо задоволство? Освен тоа, додека сведочиш за Јехова и за неговата Реч, се зајакнува твојата вера и расте твојата љубов кон него. Тој го цени она што го правиш (Евреите 6:10). Ако секогаш си зафатен во оваа служба, ќе можеш да ја зачуваш Божјата љубов. (Прочитај 1. Коринќаните 15:58.)
17. Зошто денес е итно да проповедаме?
17 Важно е да задржиме на ум дека е многу итно да ја проповедаме веста за Царството. Библијата вели: „Проповедај ја Божјата реч и прави го тоа со чувство на итност“ (2. Тимотеј 4:2). Зошто денес е толку итно да проповедаме? Божјата Реч ни кажува: „Близу е големиот ден на Јехова. Близу е и доаѓа многу брзо“ (Софонија 1:14). Да, сѐ повеќе наближува времето кога Јехова ќе му стави крај на овој злобен свет. Луѓето треба да бидат предупредени! Треба да знаат дека сега е време да го изберат Јехова за свој Владетел. Крајот „нема да задоцни“ (Авакум 2:3).
18. Зошто треба да го обожаваме Јехова заедно со вистинските христијани?
18 Јехова сака да го обожаваме заедно со другите вистински христијани. Затоа неговата Реч вели: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25). Кога сме заедно со соверниците на христијанските состаноци, имаме прекрасна прилика да го фалиме и да го славиме нашиот сакан Бог. Исто така, се изградуваме и се охрабруваме еден со друг.
19. Што можеме да правиме за да расте љубовта во христијанското собрание?
19 Кога се дружиме со другите слуги на Јехова, се зајакнуваат врските на љубов и пријателство во собранието. Важно е да го бараме доброто кај другите, исто како што Јехова го бара доброто кај нас. Не очекувај совршенство од твоите соверници. Имај на ум дека сите сме на различен степен од духовниот напредок и дека сите грешиме. (Прочитај Колошаните 3:13.) Ако градиш блиски пријателства со оние што многу го сакаат Јехова, и ти ќе напредуваш духовно. Да, ако го обожаваш Јехова заедно со твоите браќа и сестри во верата, ќе можеш да ја зачуваш Божјата љубов. А како ги наградува Јехова оние што верно му служат и така остануваат под закрилата на неговата љубов?
ОСВОЈ ГО „ВИСТИНСКИОТ ЖИВОТ“
20, 21. Што е „вистинскиот живот“, и зошто тоа е прекрасна надеж?
20 Јехова ги наградува своите верни слуги со живот. Но, со каков живот? Зар сега не живееме? Повеќето од нас сигурно би рекле „да“. На крајот на краиштата, сите дишеме, јадеме и пиеме. А во моментите кога сме среќни од некоја посебна причина, можеби дури и велиме: „Е ова е вистински живот!“ Меѓутоа, Библијата покажува дека ниеден човек денес не живее вистински во потполна смисла на зборот.
21 Божјата Реч нѐ поттикнува ,да го освоиме вистинскиот живот‘ (1. Тимотеј 6:19). Овие зборови покажуваат дека „вистинскиот живот“ е нешто што се надеваме дека ќе го добиеме во иднина. Кога ќе бидеме совршени, ќе живееме во потполна смисла на зборот, бидејќи тогаш нашиот живот ќе биде таков каков што Бог го замислил во почетокот. Кога ќе живееме на рајска Земја во совршено здравје, мир и среќа, конечно ќе го имаме „вистинскиот живот“ — вечниот живот (1. Тимотеј 6:12). Зарем тоа не е прекрасна надеж?
22. Како можеш ,да го освоиш вистинскиот живот‘?
22 Како можеме ,да го освоиме вистинскиот живот‘? Во истото поглавје, Павле ги поттикнал христијаните „да прават добро“ и „да се богатат со добри дела“ (1. Тимотеј 6:18). Значи, јасно е дека многу зависи од тоа како ги применуваме вистините што ги учиме од Библијата. Но, дали Павле мислел дека можеме да го заработиме „вистинскиот живот“ со тоа што ќе правиме добри дела? Не, бидејќи таа прекрасна иднина зависи од „Божјата незаслужена доброта“ (Римјаните 5:15). Меѓутоа, Јехова од сѐ срце ги наградува оние што верно му служат. Тој сака да го живееш „вистинскиот живот“. Таков среќен, мирољубив, вечен живот ги очекува оние што ќе ја зачуваат Божјата љубов.
23. Зошто е многу важно да ја зачуваме Божјата љубов?
23 Секој од нас треба да се запраша: ,Дали го обожавам Бог онака како што тој заповедал во Библијата?‘ Ако на крајот од секој ден можеме да речеме ,да‘, тогаш сме на вистинскиот пат. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова е наше засолниште. Тој ќе го штити својот верен народ низ бурните последни денови на овој стар свет. Исто така, Јехова безбедно ќе нѐ воведе во величествениот нов свет што сега е толку близу. Колку ќе бидеме восхитени кога ќе дојде тоа време! И колку ќе бидеме среќни што сме донеле исправни одлуки во овие последни денови! Ако донесеш такви одлуки сега, во сета вечност ќе го уживаш „вистинскиот живот“ каков што го замислил Јехова Бог!