СТУДИЈА 15
Добар личен изглед
ТВОЈОТ личен изглед кажува многу за тебе. Додека Јехова гледа какво е срцето, луѓето обично извлекуваат заклучоци според ,она што го гледаат на лицето‘ (1. Сам. 16:7). Кога си чист и дотеран, другите веројатно ќе заклучат дека имаш самопочит, и ќе бидат посклони да те слушаат. Твоето пригодно облекување ќе се одрази добро и на организацијата што ја претставуваш и на гледиштето на твоите слушатели кон Богот кого го обожаваш.
Упатства што треба да се применат. Библијата не поставува многу правила за личниот изглед. Но, таа дава урамнотежени начела кои можат да ни помогнат да донесуваме здрави одлуки. За сите нив основен е фактот дека ние ,правиме сѐ за Божја слава‘ (1. Кор. 10:31). Кои начела влегуваат во игра во врска со нашиот личен изглед?
Прво, Библијата нѐ охрабрува да бидеме чисти, како во телото така и во облеката. Во Законот што му го дал на древниот Израел, Јехова поставил барања во врска со чистотата. На пример, кога свештениците биле на должност, требало да се искапат и да ја исперат својата облека во назначените термини (Лев. 16:4, 24, 26, 28). Христијаните не се под Мојсеевиот закон, но начелата што тој ги содржи сѐ уште важат (Јован 13:10; Откр. 19:8). Особено кога одиме на некое место на обожавање или учествуваме во службата на теренот, треба телото, здивот и облеката да ни бидат чисти за да не им бидеме одбивни на другите. Оние што држат предавања или учествуваат во приказите пред собранието треба да дадат добар пример во тој поглед. Ако обрнуваме внимание на нашиот личен изглед, покажуваме почит кон Јехова и кон неговата организација.
Второ, Библијата нѐ поттикнува да негуваме скромност и здрави мисли. Апостол Павле ги поттикнал христијанките да „се украсуваат . . . со скромност и здрави мисли, а не со посебно плетење на косата и со злато или бисери или со многу скапа облека, туку онака како што им прилега на жени кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог“ (1. Тим. 2:9, 10). Скромноста и здравите мисли се важни, исто така, во облекувањето и дотерувањето на мажите.
Скромното лице се грижи да не ги навреди непотребно другите и да не привлече несоодветно внимание кон себеси. Од здравите мисли произлегува разборитост, односно здраво просудување. Лице кое ги покажува овие особини поседува рамнотежа, која доаѓа од почитта кон побожните мерила. Покажувањето на овие особини не го исклучува облекувањето на привлечен начин, туку ни помага да бидеме разумни во врска со нашиот изглед и да избегнуваме екстравагантни стилови на облекување и дотерување (1. Јов. 2:16). Ние сакаме овие начела да ги применуваме сеедно дали се наоѓаме на местото на обожавање, дали учествуваме во службата на теренот или во некои други активности. Дури и нашето секојдневно облекување треба да одразува скромност и здрави мисли. На училиште или на световното работно место ќе имаме прилики да сведочиме неформално. Иако можеби нема да бидеме облечени на ист начин како кога одиме на состаноци, конгреси и собири, нашата облека сепак треба да биде уредна, чиста и скромна.
Се разбира, сите не се облекуваме исто. Тоа не се ни очекува од нас. Луѓето си имаат различни вкусови, и тоа е сосема во ред. Но, секогаш треба да ги применуваме библиските упатства.
Апостол Петар покажал дека уште поважно од фризурите и од горните облеки е рувото поврзано со „тајната личност на срцето“ (1. Петр. 3:3, 4). Кога нашите срца се исполнети со љубов, радост, мир, љубезност и вера која има цврсти темели, тие ќе ни станат духовни облеки кои навистина ќе му донесат чест на Бог.
Трето, Библијата нѐ поттикнува да размислиме дали нашиот изглед е уреден. Во 1. Тимотеј 2:9 е спомната „уредна облека“. Иако апостол Павле укажувал на облеката на жените, истото начело важи и за мажите. Она што е уредно е чисто и на свое место. Сеедно дали во материјален поглед имаме многу или малку, можеме да изгледаме уредно.
Еден од првите аспекти на личниот изглед, кој другите го забележуваат, е нашата коса. Таа треба да е уредна, односно средена. Локалните обичаи и наследните фактори влијаат врз тоа како луѓето ја носат косата. Во 1. Коринќаните 11:14, 15 наоѓаме совет од апостол Павле во врска со фризурите, при што очигледно се земени предвид обата фактора. Меѓутоа, кога фризурата на едно лице остава впечаток дека тој или таа се обидува да изгледа како некој од спротивниот пол, тогаш е во конфликт со библиските начела (Втор. 22:5).
Уредниот личен изглед кај мажите може да вклучува да бидат добро избричени. Во подрачја каде што на мустаќите се гледа со прилично достоинство, оние што ги имаат, треба да ги одржуваат уредено поткастрени.
Четврто, нашиот изглед не треба да одразува љубов кон светот и кон неговите патишта. Апостол Јован предупредил: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот“ (1. Јов. 2:15-17). Овој свет го карактеризираат многу грешни желби. Меѓу нив Јован ја спомнува желбата на грешното тело и нападното истакнување на она што некој го поседува. Писмото свртува внимание и кон духот на побуна, т.е. непослушност кон авторитетот (Посл. 17:11; Ефеш. 2:2). Овие желби и ставови честопати се покажуваат во начинот на кој луѓето се облекуваат и дотеруваат. Како резултат на тоа, нивниот изглед може да биде нескромен, сензуален, нагизден, неуреден, безгрижен или немарен. Ние, како Јеховини слуги, избегнуваме стилови што одразуваат такви нехристијански патишта.
Колку само е подобро, наместо да го имитираш светот, да дозволиш врз твоето облекување и дотерување да влијае убавиот пример на духовно зрелите мажи и жени во христијанското собрание! Младите мажи што се надеваат еден ден да бидат јавни говорници можат да ја набљудуваат облеката на оние што веќе се квалификувани да држат јавни предавања. Сите можеме да учиме од примерот на оние поединци кои многу години лојално учествуваат во јавната служба (1. Тим. 4:12; 1. Петр. 5:2, 3).
Петто, при одредувањето што е пригодно, треба да задржиме на ум дека ,ниту Христос не си угодувал себеси‘ (Рим. 15:3). Главна грижа на Христос му била да ја врши Божјата волја. Исто така, Исус го ставал помагањето на другите пред личната удобност. Кога станува збор за извесни стилови на облекување и дотерување, ако нешто би подигнало бариера меѓу нас и луѓето каде што сега служиме, што треба да сториме? Имитирањето на понизниот дух кој го покажал Христос може да ни помогне мудро да одлучиме. Апостол Павле го изложил начелото: „На никаков начин не даваме каков и да е повод за спрепнување“ (2. Кор. 6:3). Од таа причина можеби се откажуваме од фризури или украсни предмети што имаат тенденција да ги затворат умовите на луѓето на кои сакаме да им сведочиме.
Држење на телото. Добриот личен изглед вклучува и правилно држење на телото. Се разбира, сите ние немаме исто држење, а и не настојуваме да се приспособуваме кон некаков шаблон. Меѓутоа, вредно е да се забележи дека според тоа како е користено во Библијата, стоењето во исправена положба пренесува чувство на достоинство и оптимизам (Лев. 26:13; Лука 21:28). Сепак, поради тоа што со години работел во наведната положба или поради напреднатите години или физичка слабост, некој брат или сестра можеби нема да може да стои исправено или можеби ќе треба да се потпре на нешто. Но, за оние што можат, се препорачува кога разговараат со другите да стојат во разумно исправена положба за да не пренесат рамнодушен или извинувачки став. Исто така, иако не е погрешно говорникот повремено да ги стави рацете на пултот, обично кај присутните се пренесува попозитивен впечаток ако тој не се потпира на него.
Уредна опрема. Не треба само нашиот личен изглед да биде чист и уреден, туку и опремата што ја користиме во службата.
Разгледај ја својата Библија. Не е можно сите ние да добиеме нова Библија кога таа ќе се излити. Сепак, сеедно колку долго ја имаме нашата Библија, таа треба да даде доказ дека грижливо ракуваме со неа.
Се разбира, постојат многу начини да се среди чантата за сведочење, но таа треба да биде уредна. Дали некогаш си видел како, кога некој објавител се подготвувал да му прочита стих на домаќинот или можеби кога некој брат држел предавање во собранието, од Библијата му испаѓале хартии? Ти било одвлечено вниманието, нели? Ако хартиите што ги чуваш во Библијата го одвраќаат вниманието, можеби ќе треба да ги чуваш на друго место за твојата опрема да биде уредна. Исто така, биди свесен дека во некои култури, ако се стави Библијата или други религиозни публикации на подот, на тоа се гледа како на големо непочитување.
Добриот личен изглед треба да ни биде важен. Тој влијае и врз тоа како нѐ гледаат другите. Но, пред сѐ, му обрнуваме грижливо внимание бидејќи сакаме да ,го украсуваме учењето на нашиот Спасител, Бог, во сѐ‘ (Тит 2:10).