Да ѝ дозволиме на Божјата Реч да ни помогне нам и на другите
„Сите твои наредби се исправни во сѐ“ (ПС. 119:128)
1. Зошто мора да имаме потполна доверба во Божјата Реч?
КОГА некој што ја проучува Библијата сака да започне со служба, старешините треба да се прашаат: ‚Дали од она што лицето го зборува се гледа дека верува во Библијата и ја смета за вдахновена Божја Реч?‘a Всушност, сите ние треба со своите постапки и зборови да покажеме дека веруваме во Библијата. Кога имаме потполна доверба во неа и кога добро ја користиме во службата, можеме да им помагаме на другите да го запознаат Јехова и да зачекорат по патот што води до вечен живот.
2. Зошто треба ‚да останеме во она што сме го научиле‘?
2 Апостол Павле нагласил колку е важна Божјата Реч кога му го напишал следново на Тимотеј: „Остани во она што си го научил и во кое си се уверил“. ‚Она што го научил‘ Тимотеј се библиските вистини кои му помогнале да поверува во добрата вест. Овие вистини имаат исто влијание и врз нас, и ни помагаат да бидеме ‚мудри за да добиеме спасение‘ (2. Тим. 3:14, 15). Кога сакаме да им покажеме на другите дека Библијата е од Бог, често ги цитираме зборовите на Павле кои се запишани во 2. Тимотеј 3:16. (Прочитај.) Но, дали можеме да научиме уште нешто од тие зборови? Да го разгледаме подетално овој стих. Тоа уште повеќе ќе нѐ увери дека сите поуки што ни ги дава Јехова се „исправни во сѐ“ (Пс. 119:128).
„КОРИСНО ЗА ПОУЧУВАЊЕ“
3-5. а) Што се случило откако Петар одржал говор пред едно големо мноштво народ на Педесетница, и зошто? б) Зошто мнозина во Солун ја прифатиле вистината? в) Што им остава силен впечаток на многу луѓе со кои разговараме во службата?
3 Исус им го кажал следново на Израелците: „Јас ви испраќам пророци и мудреци и учители“ (Мат. 23:34). Тој, всушност, зборувал за своите ученици, кои ги поучил како да ги користат светите списи во службата. На Педесетница 33 год. од н.е., еден од овие учители, апостол Петар, одржал говор пред големо мноштво народ во Ерусалим во кој цитирал неколку стихови од Хебрејските списи. Додека слушале како Петар ги објаснува овие стихови, мнозина од оние што го слушале ‚биле прободени в срце‘, и се покајале за своите гревови за да добијат простување од Бог. Тој ден се крстиле околу три илјади души (Дела 2:37-41).
4 Апостол Павле, кој исто така бил еден од овие учители, ја проповедал добрата вест надвор од Ерусалим. На пример, тој им проповедал на Евреите што дошле во една синагога во Солун. Три саботи, Павле ‚расправал со нив на темел на Писмата, објаснувајќи и докажувајќи со она што е напишано дека Христос требало да страда и да стане од мртвите‘. Каков бил резултатот? Библијата вели: „Некои од [Евреите] станаа верници... а исто така и големо мноштво Грци“ (Дела 17:1-4).
5 На многу луѓе денес им остава силен впечаток тоа што Божјите слуги ја користат Библијата за да ги потврдат своите верувања. На пример, кога една наша сестра во Швајцарија му прочитала на станарот библиски стих, тој ја прашал: „На која религија ѝ припаѓате?“ А таа му одговорила: „Ние сме Јеховини сведоци“. „Не требаше воопшто да прашувам“, рекол тој. „Кој друг освен вас би ми дошол на врата за да ми чита од Библијата?“
6, 7. а) Како оние што поучуваат во собранието можат добро да ја користат Библијата? б) Како може делотворно да ја користиме Библијата кога водиме библиски студии?
6 Како можеме уште подобро да се служиме со Библијата додека ги поучуваме другите? Ако држиш говор или имаш некоја друга точка на состаноците, користи библиски стихови. Немој да ги парафразираш клучните стихови ниту, пак, да ги читаш од отпечатен лист хартија или од некој електронски уред. Отвори ја Библијата и читај од неа, а поттикни ги и присутните да го сторат тоа. Исто така, објасни што значат тие стихови и како можат да ни помогнат да станеме уште поблиски со Јехова. Наместо да раскажуваш комплицирани споредби или некои примери што само ќе ги насмеат присутните, искористи го времето да им помогнеш да ја разберат Божјата Реч.
7 Што треба да имаме на ум кога ја проучуваме Библијата со некого? Мора да внимаваме да не ги прескокнуваме библиските стихови кои се наведени во публикацијата што ја разгледуваме. Треба да го охрабриме интересентот однапред да ги прочита, а потоа можеме и заедно да прочитаме некои од нив. Наместо ние да му даваме опширно објаснување за одреден стих, треба да го поттикнеме да ни каже како тој го разбира. Добро е да му поставуваме логични прашања што ќе му помогнат самиот да дојде до исправен заклучок наместо ние да му кажеме во што треба да верува или како треба да постапи во одредена ситуација.b
„КОРИСНО... ЗА УКОРУВАЊЕ“
8. Каква внатрешна борба водел Павле?
8 Кога ќе се спомне зборот „укорување“, обично помислуваме на одговорноста која им е доверена на старешините. Се разбира, тие се должни да ги укоруваат „оние што прават грев“ (1. Тим. 5:20; Тит 1:13). Но, многу е важно секој од нас да се укорува самиот себеси. Павле бил примерен христијанин кој имал чиста совест (2. Тим. 1:3). Сепак, тој напишал: „Во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот“. Контекстот на овие зборови ќе ни помогне подобро да разбереме каква борба морал да води Павле со своите слабости. (Прочитај Римјаните 7:21-25.)
9, 10. а) Со какви слабости можеби се борел Павле? б) Како Павле најверојатно се борел против својата несовршеност?
9 Иако Павле не кажал конкретно со какви слабости се борел, во своето послание до Тимотеј тој напишал дека порано бил „дрзок човек“ (1. Тим. 1:13). Пред да стане христијанин, Павле немилосрдно ги прогонувал Христовите ученици. Тој признал: „Бев... бесен на нив“ (Дела 26:11). Иако научил да го контролира својот гнев, сигурно понекогаш не му било лесно да ги контролира своите зборови и чувства (Дела 15:36-39). Што му помогнало во тоа?
10 Во своето послание до христијаните во Коринт, Павле опишал на кој начин продолжил самиот да се укорува. (Прочитај 1. Коринќаните 9:26, 27.) Тој грчевито се борел против својата несовршеност. Во симболична смисла, го тепал своето грешно тело со добро насочени духовни удари. Најверојатно Павле барал совети во Писмото, а потоа го молел Јехова да му помогне да ги примени и давал сѐ од себе за да се подобри.c Може да извлечеме поука од неговиот пример бидејќи и ние водиме слична борба со нашите слабости или лоши особини.
11. Како можеме да се преиспитуваме дали живееме во склад со вистината?
11 Никогаш не треба да мислиме дека сме извојувале конечна победа во борбата со нашето грешно тело. Напротив, треба и понатаму да се преиспитуваме дали живееме во склад со вистината (2. Кор. 13:5). На пример, кога ќе прочитаме некои совети како оние што се дадени во Колошаните 3:5-10, може да се прашаме: ‚Дали давам сѐ од себе за да ги усмртам моите грешни склоности или, пак, понекогаш им попуштам? Што правам кога наеднаш ќе ми се отвори некоја страница со неморална содржина на Интернет — дали веднаш ја исклучувам или, пак, намерно одам на такви страници?‘ Ако размислуваме како да ги примениме советите од Божјата Реч во својот живот, тогаш ќе можеме да бдееме и да бидеме трезвени (1. Сол. 5:6-8).
„КОРИСНО... ЗА ПОПРАВАЊЕ“
12, 13. а) Како може да го следиме примерот на Исус кога сакаме да ги поправиме работите со некого? б) Како не треба да зборуваме кога расчистуваме некое недоразбирање?
12 Светото писмо е корисно и за поправање. Понекогаш мора да преземеме чекори за да ги поправиме работите ако некој погрешно ги разбрал нашите зборови или постапки. На пример, еврејските водачи му приговарале на Исус затоа што бил добар кон ‚даночниците и грешниците‘. Но, тој им одговорил: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. Затоа, одете и научете што значи ова: ‚Милост сакам, а не жртва‘“ (Мат. 9:11-13). Исус стрпливо и љубезно им објаснувал на сите дека Јехова е „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ (2. Мој. 34:6). Благодарение на тоа, многу понизни луѓе ја прифатиле добрата вест.
13 Како можеме да го следиме примерот на Исус ако сакаме да си ги поправиме нарушените односи со некого? Ако сме вознемирени затоа што некој ни згрешил, можеби остро и со повисок тон ќе му кажеме дека сакаме да расчистиме нешто со него. Но, тоа што во 2. Тимотеј 3:16 Павле рекол дека Библијата е корисна за да се поправат работите, не ни дава за право да бидеме груби и бесчувствителни кон другите. Ако остро ги критикуваме, со нашите зборови би можеле ‚да ги прободеме како со меч‘ и да им нанесеме болка (Изр. 12:18).
14-16. а) Како можат старешините да ја користат Библијата за да им помагаат на оние кои имаат проблеми? б) Зошто е важно родителите да ја користат Библијата за да им помогнат на своите деца да поправат некои свои ставови или постапки?
14 Како можеме стрпливо и љубезно да ја користиме Библијата за да ги поправиме работите? Да речеме дека еден брачен пар многу често има расправии, и затоа бара помош од некој старешина. Што треба да направи старешината? Без да заземе нечија страна, тој може да разгледа со нив некои библиски начела кои можат да им помогнат. На пример, би можел да им ги посочи начелата кои се изнесени во 3. поглавје од книгата Тајната на семејната среќа. Во текот на разговорот, мажот и жената можеби ќе сфатат какви промени ќе треба да направи секој од нив. По некое време, добро е старешината да ги праша дали ситуацијата се подобрува, и да им понуди помош доколку сѐ уште им е потребна.
15 Како можеш ти како родител да им помогнеш на своите деца да поправат некои свои ставови или постапки? Замисли дека твојата ќерка, која е тинејџерка, почнува да се дружи со некој што според тебе не е добро друштво за неа. Што треба да сториш? Најпрво треба да дознаеш нешто повеќе за таа личност. Ако и после тоа сметаш дека имаш причина за загриженост, би можел да зборуваш со ќерка ти и да ѝ укажеш на некои библиски начела од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2. Освен тоа, добро е во наредните денови да поминуваш повеќе време со неа. Набљудувај со каков став ја врши службата и како се однесува со другите во семејство. Ако си стрплив и љубезен, твојата ќерка ќе сфати дека се грижиш за неа затоа што навистина ја сакаш. Тоа веројатно ќе ѝ помогне да го примени твојот совет во врска со пријателите и да не направи лош избор кој би можел да има страшни последици.
16 Исто така, кога сме стрпливи и љубезни, можеме да ги охрабриме оние што имаат здравствени проблеми, оние што се потиштени затоа што останале без работа или, пак, оние што не можат да разберат некое библиско учење. Јеховините слуги имаат многу благослови затоа што ѝ дозволуваат на Божјата Реч да им помага во секојдневниот живот.
„КОРИСНО... ЗА ВОСПИТУВАЊЕ ВО ПРАВЕДНОСТА“
17. Зошто треба со благодарност да ги прифатиме опомените?
17 Грчкиот израз што во 2. Тимотеј 3:16 е преведен со „воспитување“ има многу широко значење, и може да се преведе со поука, совет, укор, опомена, казна или стега. Библијата вели: „Ниту едно укорување на почетокот не причинува радост, туку жалост“. Сепак, „на оние што преку него се поучени, подоцна им донесува плод полн со мир — праведност“ (Евр. 12:11). Повеќето возрасни христијани се благодарни за поуките и опомените што ги добивале од своите христијански родители. А опомените што ни ги дава Јехова преку старешините ни помагаат да останеме на патот кој води во живот (Изр. 4:13).
18, 19. а) Зошто е многу важно старешините да го следат советот од Изреки 18:13 кога треба да дадат укор? б) Како најчесто реагираат оние што направиле грев ако старешините покажуваат љубов и благост кон нив?
18 Како можат старешините и родителите да научат да даваат совети, укор или опомени на делотворен начин? Јехова им рекол на христијаните да го прават тоа ‚во праведност‘ (2. Тим. 3:16). Од таа причина, треба да ги следат библиските начела. Едно такво важно начело, кое е запишано во Изреки 18:13, гласи: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“. Затоа, кога некој ќе им каже на старешините дека некој брат или сестра направиле тежок грев, тие мора темелно да ги испитаат сите факти пред да преземат нешто (5. Мој. 13:14). Само така ќе можат да го дадат потребниот укор ‚во праведност‘.
19 Освен тоа, Божјата Реч вели дека христијанските старешини треба да ги исправаат другите „со благост“. (Прочитај 2. Тимотеј 2:24-26.) Точно е дека со своето однесување некој може да му нанесе срам на Јехова или да повреди невини луѓе. Сепак, ако некој старешина се разгневи кога му дава совет на едно такво лице, нема да му помогне. Кога старешините, исто како Јехова, се трудат да бидат добри кон оној што згрешил, можат да го поттикнат да се покае (Рим. 2:4).
20. Кои начела треба да ги применуваат родителите додека ги воспитуваат своите деца?
20 Родителите мора да ги применуваат библиските начела додека ги ‚воспитуваат своите деца со стега од Јехова и им помагаат да го усвојат неговиот начин на размислување‘ (Еф. 6:4). На пример, таткото не треба да го казнува своето дете само затоа што некој му кажал дека тоа направило нешто лошо. Во еден христијански дом нема место за гнев и насилство. ‚Јехова е милосрден и полн со сочувство‘, и затоа родителите треба да се угледаат на него додека ги воспитуваат своите деца (Јак. 5:11).
БЕСЦЕНЕТ ДАР ОД БОГ
21, 22. Кои зборови од Псалм 119:97-104 најдобро го опишуваат она што го чувствуваш кон Јеховината Реч?
21 Еден Божји слуга од минатото напишал зошто го сакал Јеховиниот закон. (Прочитај Псалм 119:97-104.) Со тоа што го проучувал, тој стекнал мудрост и разборитост. Бидејќи ги слушал советите од Писмото, ги избегнал грешките што ги прават многу луѓе. Тој со задоволство и со уживање ги проучувал Светите списи, и бил решен да го слуша Бог до крајот на својот живот.
22 Дали и ти го цениш „целото Писмо“? Тоа ќе ти помогне да изградиш цврста вера во Божјите ветувања. Советите што Јехова ги дал во Библијата ќе те заштитат од погубните последици на гревот. А ако делотворно ја користиш, ќе можеш да им помагаш и на другите да зачекорат и да останат на патот што води во живот. Затоа, да ѝ дозволиме на Божјата Реч и понатаму да ни помага додека му служиме на Јехова, нашиот добар и Семудар Бог.
b Кога ги поучувал луѓето, Исус честопати прашувал: „Што мислите?“, а потоа чекал да му одговорат (Мат. 18:12; 21:28; 22:42).
c Во неколку свои посланија, Павле ги охрабрува христијаните да се борат со своите слабости (Рим. 6:12; Гал. 5:16-18). Логично е да заклучиме дека и самиот ги применувал советите што им ги давал на другите (Рим. 2:21).