Грижа за постарите — христијанска одговорност
„Јас ќе останам ист до вашата старост, ќе ве потпирам до вашето побелување“ (ИСАИЈА 46:4).
1, 2. Каква е разликата помеѓу грижата на нашиот небесен Татко и грижата на човечките родители?
РОДИТЕЛИТЕ што им се посветени на своите деца се грижат за нив додека тие се доенчиња, во детството и во тинејџерските години. Дури и кога младите ќе станат возрасни и ќе основаат свои семејства, нивните татковци и мајки и понатаму со љубов им посветуваат внимание и им помагаат.
2 Иако има граници на она што луѓето можат да го направат за своите деца, нашиот небесен Татко секогаш може со љубов да им посветува внимание и да им помага на своите верни слуги. Обраќајќи му се на својот избран народ од старо време, Јехова рекол: „Јас ќе останам ист до вашата старост, ќе ве потпирам до вашето побелување“ (Исаија 46:4). Колку само успокојувачки се овие зборови за постарите христијани! Јехова не ги напушта оние што му остануваат лојални. Напротив, тој ветува дека ќе ги поддржува, ќе им помага и ќе ги води во животот, сѐ до староста (Псалм 48:14).
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Како можеме да ја имитираме Јеховината грижа полна со љубов кон постарите? (Ефешаните 5:1, 2). Да разгледаме на кои начини децата, собраниските надгледници и христијаните како поединци можат да се грижат за потребите на постарите членови на нашето светско братство.
Нашата одговорност како деца
4. Каква одговорност имаат христијанските деца кон своите родители?
4 „Искажувај им чест на татка си и мајка си“ (Ефешаните 6:2; Излез 20:12). Со овој едноставен, но длабок цитат од Хебрејските списи, апостол Павле ги потсетил децата дека имаат одговорност кон своите родители. Но, каква врска имаат овие зборови со грижата за постарите? Еден трогателен пример од претхристијанските времиња ќе ни помогне да одговориме на ова прашање.
5. а) Што покажува дека Јосиф не ги заборавил своите синовски должности? б) Што значи да им се оддава чест на родителите, и каков добар пример дал Јосиф во овој поглед?
5 Повеќе од 20 години, Јосиф немал никакви контакти со својот остарен татко, патријархот Јаков. Меѓутоа, очигледно е дека Јосиф не ја изгубил својата синовска љубов кон Јаков. Всушност, кога Јосиф им го открил на своите браќа својот вистински идентитет, тој ги прашал: „Дали е татко ми уште жив?“ (Битие 43:7, 27; 45:3). Во тоа време, во Ханаанската земја владеел глад. Затоа, Јосиф му испратил порака на својот татко, која гласела: „Слези при мене без двоумење. Ќе се настаниш во крајот Гесен. Така ќе бидеш близу до мене . . . Таму ќе се грижам за тебе“ (Битие 45:9—11; 47:12). Всушност, да се оддава чест на остарените родители значи да се штитат и да се обезбедат материјално кога тие не се во состојба самите да се грижат за себе (1. Самоил 22:1—4; Јован 19:25—27). Јосиф со радост ја прифатил таа одговорност.
6. На кој начин Јосиф покажал вистинска љубов кон својот татко, и како можеме да го имитираме неговиот пример?
6 Со благослов од Јехова, Јосиф станал еден од најбогатите и најмоќни луѓе во Египет (Битие 41:40). Но, тој не се сметал за премногу важен и премногу зафатен за да му оддаде чест на својот 130-годишен татко. Кога дознал дека Јаков (или Израел) наближува, ‚Јосиф ја спрегнал својата кола и се запатил во Гесен — во пресрет на татка си Израел. Стапувајќи пред него, го прегрнал околу вратот и така плачел долго‘ (Битие 46:28, 29). Ваквиот дочек не бил само формално покажување почит. Јосиф многу го сакал својот остарен татко и не се срамел да ја покаже својата љубов. Ако нашите родители се во поодминати години, дали и ние великодушно ја изразуваме својата љубов кон нив?
7. Зошто Јаков сакал да биде погребан во Ханаан?
7 Јаков останал цврст во својата оддаденост на Јехова до крајот на својот живот (Евреите 11:21). Бидејќи имал вера во Божјите ветувања, Јаков замолил да биде погребан во Ханаан. Јосиф му оддал чест на својот татко со тоа што го исполнил ова барање, иако биле вклучени значителни трошоци и напор (Битие 47:29—31; 50:7—14).
8. а) Кој е нашиот главен мотив во грижата за остарените родители? б) Што направил еден полновремен слуга за да се погрижи за своите остарени родители? (Види ја рамката на 17. страница.)
8 Што го мотивирало Јосиф да се грижи за својот татко? Иако во тоа играле улога љубовта и чувството на обврска кон оној што му дал живот и што се грижел за него, Јосиф несомнено чувствувал и силна желба да му угоди на Јехова. Иста таква желба треба да имаме и ние. Павле напишал: „Ако некоја вдовица има деца или внуци, првин тие нека научат да практикуваат побожна оддаденост во своето домаќинство и да им плаќаат должен надоместок на своите родители и на дедовците и бабите, зашто тоа е прифатливо во Божји очи“ (1. Тимотеј 5:4). Навистина, љубовта кон Јехова и побожниот страв од него ќе нѐ поттикне да се грижиме за остарените родители, без оглед на тоа какви предизвици ќе бидат вклучени.a
На кој начин старешините покажуваат дека се грижат
9. Кој е поставен од Јехова да го пасе стадото, вклучувајќи ги и постарите христијани?
9 Кон крајот на својот долг живот, Јаков се осврнал на Јехова како на „Бог, Кој ми беше Пастир од кога постојам па сѐ до денес“ (Битие 48:15). Денес, Јехова ги „пасе“ своите слуги на земјата користејќи ги христијанските надгледници, односно старешините, под водство на неговиот Син, Исус Христос, „главниот пастир“ (1. Петрово 5:2—4). Како можат надгледниците да го имитираат Јехова додека се грижат за постарите членови на стадото?
10. Што е направено за да им се обезбеди материјална помош на остарените христијани? (Види ја рамката на 19. страница.)
10 Кратко по основањето на христијанското собрание, апостолите поставиле „седум осведочени мажи . . . полни со дух и мудрост“ за да го надгледуваат „секојдневното делење“ храна меѓу сиромашните христијански вдовици (Дела 6:1—6). Подоцна, Павле му дал упатство на надгледникот Тимотеј да ги стави примерните остарени вдовици на списокот на оние што имале право да добијат материјална помош (1. Тимотеј 5:3, 9, 10). Слично на тоа, и денес собраниските старешини спремно организираат да им се даде практична помош на остарените христијани кога тоа е потребно. Меѓутоа, во грижата за верните остарени лица е вклучено уште нешто.
11. Што рекол Исус за сиромашната вдовица која дала мал прилог?
11 Некаде кон крајот на својата служба на земјата, Исус седнал во храмот и ‚почнал да набљудува како мноштвото пушта пари во ковчезите за прилози‘. Тогаш некој му го привлекол вниманието. Извештајот вели: „Дојде една сиромашна вдовица и пушти две мали монети, кои имаат многу мала вредност“. Исус ги повикал кај себе своите ученици и им рекол: „Навистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите кои пуштаат пари во ковчезите за прилози; зашто сите тие пуштија од својот вишок, а таа, од својата немаштија, пушти сѐ што имаше, сета своја издршка“ (Марко 12:41—44). Што се однесува до паричната вредност, прилогот на таа вдовица бил мал, но Исус знаел колку цени неговиот небесен Татко кога некој од сѐ срце ја покажува својата оддаденост. Без оглед на тоа колку била стара таа вдовица, Исус не го превидел она што го сторила.
12. Како можат старешините да покажат ценење за придонесот на постарите христијани?
12 Исто како Исус, христијанските надгледници не го превидуваат она што го прават постарите за да го унапредат вистинското обожавање. Старешините имаат причина да ги пофалуваат постарите за нивното учество во службата и на состаноците, за позитивното влијание врз собранието и за нивната истрајност. Еден искрен збор на охрабрување може да им помогне на постарите да најдат „причина за ликување“ во нивната света служба. Така ќе ги избегнат обесхрабрувачките споредби со она што можат да го направат другите христијани или со она што самите тие го правеле во минатото (Галатите 6:4).
13. На кои начини старешините можат да ги користат талентите и искуството на постарите?
13 Старешините можат да покажат дека го ценат скапоцениот придонес на постарите христијани со тоа што ќе го користат нивното искуство и таленти. Примерните постари лица може понекогаш да се користат во прикази или интервјуа. „Присутните слушаат со начулени уши кога интервјуирам некој постар брат или сестра што подигнале деца во вистината“, забележува еден старешина. Старешините во друго собрание известуваат дека една 71-годишна пионерка успешно им помага на разни објавители на Царството да станат редовни во службата на теренот. Исто така, таа ги охрабрува да ги прават „основните работи“, како што се читање на Библијата и на дневниот стих, и потоа да медитираат за она што го прочитале.
14. На кој начин едно старешинско тело покажало ценење за еден постар надгледник?
14 Старешините го ценат и придонесот на остарените надгледници. Жозе, кој е во своите 70-ти години и со децении служи како старешина, неодамна имал тешка операција. Бидејќи му претстоел долг период на закрепнување, размислувал да се повлече од предноста да служи како претседавачки надгледник. „Ме изненади реакцијата на другите старешини“, вели Жозе. „Наместо да го прифатат мојот предлог, тие ме прашаа каква практична помош ми треба за да продолжам да ги исполнувам моите одговорности.“ Со помош на еден помлад старешина, Жозе продолжил радосно да служи како претседавачки надгледник, и тоа било благослов за собранието. Еден друг старешина вели: „Браќата многу го ценат она што го прави Жозе како старешина. Тие го сакаат и го почитуваат поради неговото искуство и поради неговиот пример на вера. Тој го збогатува нашето собрание“.
Грижете се еден за друг
15. Зошто треба сите христијани да бидат заинтересирани за доброто на постарите што се меѓу нив?
15 За постарите не треба да се грижат само нивните деца и наименуваните слуги. Споредувајќи го христијанското собрание со човечко тело, Павле напишал: „Бог го составил телото, давајќи му многу поголема чест на оној дел кој има недостаток, за да нема поделба во телото, туку неговите членови еднакво да се грижат еден за друг“ (1. Коринќаните 12:24, 25). Еден друг превод гласи: „Секој дел [од телото] треба да се грижи за доброто на другите“ (Knox). За да функционира хармонично христијанското собрание, секој член мора да се грижи за доброто на своите соверници, вклучувајќи ги и постарите (Галатите 6:2).
16. Како можеме да покажеме дека сме заинтересирани за постарите кога одиме на христијанските состаноци?
16 Христијанските состаноци се добра прилика да го покажеме нашиот интерес за постарите (Филипјаните 2:4; Евреите 10:24, 25). Дали одвојуваме време да поразговараме со постарите во тие прилики? Иако е на место да се распрашаме за нивното физичко здравје, можеме ли ‚да им дадеме некој духовен дар‘, можеби така што ќе им пренесеме некое изградувачко искуство или некоја библиска мисла? Бидејќи некои постари лица не можат многу да се движат, би било љубезно ние да им пристапиме наместо да очекуваме тие да ни пристапат нам. Ако имаат проблем со слухот, можеби ќе треба да зборуваме полека и јасно да ги изговараме зборовите. И, за да има вистинска „размена на охрабрување“, мораме внимателно да слушаме што вели тоа постаро лице (Римјаните 1:11, 12).
17. Како можеме да покажеме дека сме заинтересирани за постарите христијани што не можат да излегуваат од дома?
17 Што ако некои од постарите не можат да одат на христијанските состаноци? Стихот од Јаков 1:27 покажува дека наша должност е ‚да се грижиме за сираците и за вдовиците во нивната неволја‘. Едно значење на грчкиот глагол што е преведен со ‚се грижи‘ е ‚да посетува‘ (Дела 15:36). И колку само постарите ги ценат нашите посети! Додека бил затворен во Рим, некаде околу 65 н.е., ‚остарениот човек‘ Павле практично останал сам. Копнеел да го види својот соработник Тимотеј и напишал: „Стори сѐ што можеш за да дојдеш што поскоро кај мене“ (Филимон 9; 2. Тимотеј 1:3, 4; 4:9). Иако не се дословни затвореници, некои постари не можат да излегуваат од дома поради своите здравствени проблеми. Всушност, тие можеби велат: ‚Те молам, стори сѐ што можеш да ме посетиш наскоро‘. Дали реагираме на таквите молби?
18. Каква може да биде користа од тоа што ќе ги посетуваме постарите?
18 Никогаш не потценувај ги корисните ефекти од посетувањето на некој постар духовен брат или сестра. Кога христијанинот Онисифор бил во Рим, грижливо го барал Павле, го пронашол и потоа ‚често му носел освежување‘ (2. Тимотеј 1:16, 17). „Многу ми е убаво кога сум со помладите“, вели една постара сестра. „Најмногу ми се допаѓа тоа што со мене се однесуваат како да сум член на нивното семејство. Тоа ме расположува.“ Една друга постара христијанка вели: „Навистина ценам кога некој ќе ми испрати картичка, ќе ми телефонира само на неколку минути или накратко ќе ме посети. Тоа ми е вистинско освежување“.
Јехова ги наградува оние што се грижат
19. Какви се благословите од грижата за постарите?
19 Грижата за постарите носи многу благослови. Една предност е самото тоа што се дружиме со нив и извлекуваме корист од нивното знаење и искуство. Оние што се грижат за постарите чувствуваат поголема среќа која е резултат на давањето, а имаат и чувство на исполнетост и внатрешен мир поради тоа што ја исполниле својата библиска одговорност (Дела 20:35). Освен тоа, оние што се грижат за остарените не треба да се плашат дека и тие лично можеби ќе бидат напуштени кога ќе остарат. Божјата реч нѐ уверува: „Благотворната душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои“ (Пословици 11:25).
20, 21. Како гледа Јехова на оние што се грижат за постарите, и на што треба да бидеме решени?
20 Јехова ги наградува богобојазливите деца, надгледници и другите грижливи христијани за тоа што несебично се грижат за потребите на постарите соверници. Таквиот дух е во склад со следнава пословица: „На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството“ (Пословици 19:17). Ако љубовта нѐ поттикнува да бидеме добри кон понизните и сиромашните, Бог го смета таквото давање за долг што тој го отплатува со благослови. Исто така, ни отплатува за тоа што со љубов се грижиме за нашите постари сообожаватели, од кои многу се ‚сиромашни во поглед на светот но богати во верата‘ (Јаков 2:5).
21 Колку само великодушно ќе отплати Бог! Таа отплата вклучува вечен живот. За повеќето Јеховини слуги, тоа ќе биде вечен живот на рајска земја, каде што ќе бидат отстранети последиците од наследениот грев, и каде што верните остарени лица ќе уживаат во обновувањето на нивната младешка енергија (Откровение 21:3—5). Додека го очекуваме тоа радосно време, да продолжиме да ја исполнуваме нашата христијанска одговорност да се грижиме за постарите.
[Фуснота]
a За практични предлози како да се грижиме за остарените родители, види го хрватското издание на Разбудете се! од 8 февруари 1994, страници 3—10.
Како гласи твојот одговор?
• Како можат децата да им оддаваат чест на остарените родители?
• На кој начин старешините покажуваат ценење за постарите членови на стадото?
• Што може да стори секој христијанин за да го покаже својот искрен интерес за постарите?
• Какви можат да бидат благословите од грижата за остарените христијани?
[Рамка на страница 17]
Кога на неговите родители им била потребна помош
Во 1999 Филип служел како доброволец за градба во Либерија кога му јавиле дека татко му е тешко болен. Бидејќи бил сигурен дека мајка му нема да може сама да се справи со ситуацијата, одлучил да се врати дома и да се погрижи татко му да добие медицинска нега.
„Не ми беше лесно да се вратам“, се сеќава Филип, „но чувствував дека родителите ми се првенствена обврска“. Во текот на следните три години, ги преселил своите родители во посоодветна куќа и, со помош на локалните сохристијани, го приспособил нивниот дом за да одговара на посебните потреби на татко му.
Мајка му на Филип сега е во подобра положба да се справи со тешките здравствени проблеми на татко му. Неодамна, Филип ја прифати поканата да работи како доброволец во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Македонија.
[Рамка на страница 19]
Не ги игнорирале нејзините потреби
Кога Ада, една 85-годишна христијанка од Австралија, не можела веќе да излегува од дома поради лошото здравје, собраниските старешини се погрижиле да ѝ се помогне. Тие организирале една група од соверници што можеле да ѝ помогнат. Овие браќа и сестри со радост се грижеле за чистењето, перењето, готвењето и останатите работи.
Таквата помош започнала пред речиси десет години. Досега, повеќе од 30 други Сведоци помагале во грижата за Ада. Тие и понатаму ја посетуваат, ѝ ги читаат библиските публикации, ѝ кажуваат за духовниот напредок на другите во собранието и редовно се молат со неа.
Еден локален христијански старешина коментирал: „Оние што се грижат за Ада сметаат дека е предност да ѝ помагаат. Мнозина биле мотивирани од нејзината верна служба што ја вршела со децении и не им паѓало ни на крај памет да ги игнорираат нејзините потреби“.
[Слика на страница 16]
Дали сме великодушни во нашите изрази на наклоност кон остарените родители?
[Слики на страница 18]
Сите во собранието можат да ја покажат својата љубов кон постарите соверници