Тит — „соработник за вашите интереси“
ВО ХРИСТИЈАНСКОТО собрание во првиот век понекогаш се појавувале проблеми. Тие морале да се решат. Тоа, пак, изискувало храброст и послушност. Човек кој успешно се соочил со повеќе од еден таков предизвик бил Тит. Како лице кое учествувало во делото со апостол Павле, тој вложувал искрени напори за да им помогне на другите да ги вршат работите на Јеховин начин. Затоа Павле им рекол на христијаните во Коринт дека Тит е ‚соработник за нивните интереси‘ (2. Коринтјаните 8:23, NW).
Кој бил Тит? Каква улога одиграл во решавањето на проблемите? И како можеме да извлечеме корист од разгледувањето на неговото однесување?
Спорното прашање за обрежувањето
Тит бил необрезан Грк (Галатјаните 2:3).a Бидејќи Павле го нарекува „вистинското чедо по заедничката вера“, можеби Тит бил едно од духовните деца на апостолот (Тит 1:4; спореди 1. Тимотеј 1:2). Тит бил заедно со Павле, Варнава и со некои други од Антиохија (Сирија) кога околу 49 н. е. отишле во Ерусалим за да дискутираат во врска со прашањето за обрежување (Дела 15:1, 2; Галатјаните 2:1).
Се смета дека со оглед на тоа што преобраќањето на необрезаните не-Евреи било тема на дискусија во Ерусалим, Тит бил одведен за да покаже дека Евреите и не-Евреите можеле да стекнат Божја наклоност без разлика на тоа дали се обрежани или не. Некои членови на ерусалимското собрание кои пред да го прифатат христијанството биле фарисеи, аргументирале дека нееврејските преобратеници се обврзани да се обрежат и да го држат Законот, но на тој аргумент му било пружено отпор. Да се присилат Тит и другите не-Евреи да се обрежат би значело да се порекне фактот дека спасението зависи од Јеховината незаслужена љубезност и од верата во Исус Христос, а не од делата на Законот. Исто така, тоа би било отфрлање на доказот дека не-Евреите, т. е. луѓето од народите го примиле Божјиот свет дух (Дела 15:5—12).
Испратен во Коринт
Кога било решено спорното прашање за обрежување, на Павле и Варнава им бил даден целосен авторитет да им проповедаат на народите. Истовремено настојувале да ги имаат на ум и сиромашните (Галатјаните 2:9, 10). Навистина, при повторното појавување на Тит во инспирираниот запис, после околу шест години, тој се наоѓа во Коринт. Таму е како пратеник на Павле да организира собирање прилог за светите. Но, додека Тит се зафатил со вршење на таа работа, се нашол во една друга ситуација која била полна со напнатост.
Павловата преписка со коринтјаните открива дека првин им напишал да ‚не се мешаат со блудници‘. Морал да им каже да го отстранат непокајничкиот блудник од нивната средина. Да, Павле им напишал едно силно писмо, и тоа „со многу солзи“ (1. Коринтјаните 5:9—13; 2. Коринтјаните 2:4). Во меѓувреме, во Коринт бил испратен Тит за да помогне во собирањето прилог што било во тек за јудејските христијани кои се наоѓале во оскудица. Можеби тој бил испратен и за да го набљудува одѕивот на коринтјаните на Павловото писмо (2. Коринтјаните 8:1—6).
Како ќе реагираат коринтјаните на Павловиот совет? Загрижен да го открие тоа, можеби Павле го пратил Тит од Ефес преку Егејското Море во Коринт, со упатства да поднесе извештај веднаш штом ќе биде можно. Ако таквата мисија била завршена пред да биде прекината пловидбата заради зимата (отприлика во средината на ноември), Тит можел да оди до Троада со брод или да ја избере подолгата рута по копно преку Дарданелите. Веројатно Павле рано стигнал на договореното зборно место во Троада, бидејќи метежот кој го подбуцнале златарите предизвикал тој да го напушти Ефес побрзо отколку што предвидувал. После едно загрижено чекање во Троада, Павле увидел дека Тит нема да дојде преку море. Затоа, тргнал по копно со надеж дека ќе го сретне по патот. Штом стигнал на европско тло, Павле тргнал по Виа Игнација и конечно се сретнале со Тит во Македонија. На Павлово големо олеснување и радост, вестите од Коринт биле добри. Собранието поволно реагирало на неговиот совет (2. Коринтјаните 2:12, 13; 7:5—7).
Иако Павле бил загрижен за тоа на каков пречек ќе наиде неговиот пратеник, сепак Бог му помогнал на Тит да го исполни налогот. Тит бил примен со „трепет и страв“ (2. Коринтјаните 7:8—15). Да ги употребиме зборовите на толкувачот В. Д. Томас: „Можеме да претпоставиме дека без да ја разводнува силата на Павловиот укор, [Тит] вешто и тактично ги молел коринтјаните, уверувајќи ги дека Павле, додека зборувал на начинот на кој го сторил тоа, ја имал на ум само нивната духовна благосостојба“. Притоа Тит ги засакал коринтските христијани поради нивниот послушен дух и позитивни промени. Нивниот пофален став се покажал како извор на охрабрување за него.
А што е со другиот аспект од мисијата на Тит во Коринт — да организира собирање прилог за светите во Јудеја? Тит работел и на тоа, како што може да се заклучи од информациите кои се наоѓаат во 2. Коринтјаните. Тоа писмо веројатно е напишано во Македонија во есента 55 н. е. набрзо по средбата на Тит и Павле. Павле напишал дека Тит, кој бил иницијатор за тој прилог, сега е испратен назад со двајца неименувани помошници за да ја довршат таа задача. Искрено заинтересиран за коринтјаните, Тит бил многу желен да се врати. Додека патувал назад до Коринт, веројатно го носел второто инспирирано писмо на Павле до коринтјаните (2. Коринтјаните 8:6, 17, 18, 22).
Тит не бил само добар организатор туку и човек кому можело да му се доверат деликатни налози во тешки ситуации. Тој бил храбар, зрел и цврст. Очигледно Павле го сметал Тит за способен да се справи со текуштите предизвици кои ги наметнувале коринтските „врховни апостоли“ (2. Коринтјаните 11:5). Овој впечаток за Тит го потврдува неговото следно појавување во Писмото, на една друга задача која имала големи барања.
На островот Крит
Веројатно некаде помеѓу 61 и 64 н. е. Павле му пишал на Тит кој тогаш служел на медитеранскиот остров Крит. Павле го оставил таму да ‚ги исправи неправилните работи‘ и да ‚наименува постари мажи од град во град‘ (NW). Критјаните, општо земено, биле на глас дека се „лажливци, зли ѕверови, мрзливи трбуси“. Затоа на Крит повторно се барало од Тит да дејствува храбро и цврсто (Тит 1:5, 10—12). Тоа било многу одговорна задача, зашто веројатно таа ја обликувала иднината на христијанството на тој остров. Павле под инспирација му помогнал на Тит на тој начин што конкретизирал што да бара кај потенцијалните надгледници. Тие квалификации сѐ уште се земаат предвид во врска со наименувањето на христијански старешини.
Писмото не укажува кога Тит си заминал од Крит. Таму бил доволно долго за Павле да го замоли да се погрижи за потребите на Зина и Аполос кои застанале таму за време на едно патување во некое неодредено време. Но, Тит не требало да остане на островот многу долго. Павле планирал таму да го испрати или Артемис или Тихик, а потоа Тит да се состане со апостолот во Никопол, веројатно угледен град со тоа име сместен во северозападна Грција (Тит 3:12, 13).
Од последното кратко библиско осврнување на Тит учиме дека веројатно околу 65 н. е. Павле го испратил него уште на една задача. Таа задача го однела во Далмација, регион кој се наоѓа источно од Јадранското Море, во денешна Хрватска (2. Тимотеј 4:10). Не е кажано што требало Тит да прави таму, но се смета дека бил испратен за да ги регулира собраниските работи и да учествува во мисионерската активност. Ако е така, тогаш Тит требало да дејствува во својство слично на она во кое служел на Крит.
Колку само сме благодарни за зрелите христијански надгледници како што бил Тит! Нивното јасно разбирање на библиските начела и храбрата примена на истите, помагаат да се сочува духовноста во собранието. Да ја имитираме нивната вера и да се докажеме како Тит така што ќе ги унапредуваме духовните интереси на нашите соверници (Евреите 13:7).
[Фуснота]
a Галатјаните 2:3 го опишува Тит како Грк (Елин). Ова може да значи дека тој имал грчко потекло. Меѓутоа, се тврди дека некои грчки писатели употребувале множински облик (Елини) кога укажувале на не-Грците кои биле Грци по јазикот и културата. Можно е Тит да бил Грк во таа смисла.
[Слика на страница 31]
Тит бил храбар соработник за интересите на христијаните во Коринт и на други места