ПОГЛАВЈЕ 5
Надгледници кои се грижат за Божјето стадо
ЗА ВРЕМЕ на својата служба на Земјата, Исус покажал дека е „добриот пастир“ (Јован 10:11). Во една прилика, кога ги здогледал мноштвата кои го следеле, се сожалил на нив бидејќи биле „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Петар и другите апостоли можеле да видат колку многу Исус ги сака луѓето и се грижи за нив. Исус многу се разликувал од лажните пастири на Израелците кои толку го запоставиле стадото што овците биле расеани и духовно изгладнети (Езек. 34:7, 8). Тој ги поучувал и се грижел за овците, па дури и го дал својот живот за нив. Од неговиот убав пример апостолите научиле како да им помагаат на оние што залутале да му се вратат на Јехова, „пастирот и чувар“ на нивните души (1. Пет. 2:25).
2 Кога еднаш зборувал со Петар, Исус нагласил дека е многу важно неговите овци да бидат нахранети и згрижени (Јован 21:15-17). Без сомнение, Петар бил длабоко трогнат од зборовите на Исус и подоцна и самиот ги поттикнал старешините во првиот век: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо; не како да господарите над оние што се Божја сопственост, туку бидете му пример на стадото“ (1. Пет. 5:1-3). Зборовите на Петар важат и за старешините денес. Исто како Исус, старешините спремно преземаат водство и ревносно ги извршуваат своите задачи. Со тоа му даваат добар пример на стадото (Евр. 13:7).
Исто како Исус, старешините спремно преземаат водство, ревносно ги извршуваат своите одговорности и му оставаат добар пример на стадото
3 Многу сме му благодарни на Јехова што во собранијата има надгледници кои се именувани со светиот дух. Тие ни помагаат на многу начини. На пример, го охрабруваат и му посветуваат внимание на секој поединец во собранието. Секоја седмица предводат на состаноците, каде што Божјите слуги се хранат во духовен поглед (Рим. 12:8). Тоа што старешините се трудат да го чуваат стадото од сѐ што би можело да му наштети, како што се луѓето што имаат зли намери, ни помага да се чувствуваме сигурно (Иса. 32:2; Тит 1:9-11). Тоа што ревносно проповедаат нѐ поттикнува секој месец да одиме во служба (Евр. 13:15-17). Јехова ги користи овие луѓе, кои се „како дарови“, за да го зајакнува собранието (Еф. 4:8, 11, 12).
УСЛОВИ ЗА НЕКОЈ ДА СЛУЖИ КАКО НАДГЛЕДНИК
4 За собранието да биде згрижено на најдобар начин, мажите кои се именувани да служат како надгледници мора да ги исполнуваат условите кои се запишани во Божјата Реч. Само тогаш може да се рече дека се именувани од светиот дух (Дела 20:28). Библиските мерила за надгледниците се високи бидејќи е сериозна одговорност да се служи како надгледник. Сепак, овие мерила не се недостижни за оние што вистински го сакаат Јехова и се спремни да му служат. Треба да биде очигледно за сите дека надгледниците ги применуваат библиските совети во својот живот.
За собранието да биде згрижено на најдобар начин, мажите кои се именувани да служат како надгледници мора да ги исполнуваат условите кои се запишани во Божјата Реч
5 Во првото писмо до Тимотеј и во писмото до Тит, Павле ги навел основните библиски услови за браќата што сакаат да служат како надгледници. Во 1. Тимотеј 3:1-7 пишува: „Ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба. Затоа надгледникот треба да биде беспрекорен, да има само една жена, да биде умерен во сѐ, разборит, да живее уредно, да биде гостољубив, способен да поучува други, не пијаница, ни кавгаџија, туку разумен, не воинствен, ни алчен за пари. Треба добро да управува со својот дом, а децата треба да му бидат послушни и да покажуваат потполна почит. Зашто, ако некој не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјето собрание? Не смее да биде новообратен, за да не се возгордее и да падне под истата осуда како Ѓаволот. А треба да биде и на добар глас кај луѓето надвор од собранието, за да не падне во срам и во замката на Ѓаволот“.
6 Павле му го напишал следново на Тит: „Те оставив на Крит за да го исправиш она што има некаков недостаток и да назначиш старешини по градовите, како што те упатив. Старешината мора да биде човек кому нема што да му се приговори, кој има само една жена и чии деца се верници и не може да бидат обвинети дека се распуштени или непокорни. Зашто, надгледникот, како Божји управител, мора да биде човек кому нема што да му се приговори и не смее да биде самоволен, ниту гневлив, ниту пијаница, ниту кавгаџија, ниту алчен за нечесна добивка, туку гостољубив, да ја сака добротата, разборит, праведен, лојален, кој умее да се совладува, кој при поучувањето се држи за веродостојните зборови, за да може да опоменува, служејќи се со здравото учење, и да ги укорува оние што му противречат на тоа учење“ (Тит 1:5-9).
7 Иако условите за надгледниците на прв поглед може да изгледаат превисоки, тоа не треба да ги спречи браќата да се трудат да ги исполнат. Кога ги покажуваат убавите особини кои се потребни за некој да служи како надгледник, ги поттикнуваат и другите во собранието да го прават истото. Павле напишал дека ваквите луѓе кои се „како дарови“ се поставени во собранието за да ги „насочуваат светите, да служат и да го изградуваат Христовото тело додека сите ние не постигнеме единство во верата и во доброто познавање на Синот Божји, додека не станеме возрасни луѓе, додека не пораснеме до Христовата полнота“ (Еф. 4:8, 12, 13).
8 Надгледниците не треба да бидат многу млади или новокрстени. Наместо тоа, тие треба веќе некое време да живеат како христијани, добро да ја познаваат Библијата, да ги разбираат библиските начела и искрено да го сакаат собранието. Тие треба да имаат храброст да укажат на неисправните постапки и да ги исправат оние што грешат. Така ќе ги заштитат овците од оние што сакаат себично да ги искористат (Иса. 32:2). На сите во собранието треба да им биде очигледно дека надгледниците се духовно зрели мажи кои искрено се грижат за Божјето стадо.
9 Надгледникот треба да постапува мудро во секојдневниот живот. Ако е оженет, треба да се држи за христијанското мерило за брак, односно да има само една жена и добро да управува со својот дом. Ако има деца верници кои се послушни и покажуваат потполна почит и не се распуштени или непокорни, другите во собранието ќе можат со доверба да побараат совет од него за лични работи поврзани со семејниот живот и христијанското однесување. Тој треба да биде беспрекорен човек кому нема што да му се приговори. Освен тоа, треба да биде на добар глас и кај луѓето надвор од собранието. Тогаш, никој нема да може со право да го обвини за лошо однесување со кое го нарушува угледот на собранието. Оној што неодамна бил укорен за сериозен грев не може да стане надгледник. Сите во собранието спремно го следат добриот пример на надгледниците и имаат доверба дека тие ќе се грижат за нивните духовни потреби (1. Кор. 11:1; 16:15, 16).
10 Мажите кои ги исполнуваат овие услови имаат слична улога во собранието како старешините во Израел за кои пишува дека биле „мудри, разборити и искусни“ (5. Мој. 1:13). Надгледниците не се безгрешни. Сепак, и во собранието и надвор од него треба да бидат познати како чесни и богобојазливи луѓе кои веќе некое време живеат во склад со библиските начела. Ако даваат сѐ од себе да бидат беспрекорни, ќе можат да ги поучуваат другите со слобода на говор (Рим. 3:23).
11 Мажите кои сакаат да служат како надгледници треба да бидат умерени во своите навики и во своите очекувања од другите. Тие не треба да бидат фанатици. Напротив, треба да бидат урамнотежени и да покажуваат самоконтрола. Треба да бидат умерени во јадењето, пиењето, рекреацијата и забавата. Треба да бидат умерени и во пиењето алкохол за да не дадат повод да бидат обвинети дека се пијаници. Оној што е под дејство на алкохол лесно губи контрола над себеси и не може да се грижи за духовното добро на собранието.
12 За некој да може да го надгледува собранието, треба во разумна мера да биде уреден. Тоа треба да се види од неговиот личен изглед, од изгледот на неговиот дом и од неговите секојдневни активности. Таквиот човек не ги одложува своите обврски, туку знае што треба да прави и внимателно го планира своето време. Тој се држи за библиските начела.
13 Надгледникот мора да биде разумен. Тој мора сложно да соработува со другите старешини. Треба да има исправно гледиште за себеси и не треба да има преголеми барања од другите. Тој не треба да настојува секогаш да биде по негово и не треба да смета дека неговото мислење е подобро од мислењето на другите старешини. Важно е да биде свесен дека другите старешини имаат особини или способности што тој ги нема. Еден старешина ќе покаже дека е разумен ако цврсто ги темели своите заклучоци на Библијата и ако се труди да го следи примерот на Исус (Фил. 2:2-8). Старешината не треба да биде кавгаџија или воинствен, туку треба да покажува почит кон другите и да ги смета за подобри од себе. Тој не смее да биде самоволен, односно не треба секогаш да настојува да биде прифатено неговото мислење. Не треба да биде гневлив, туку треба да се труди да биде во мир со другите.
14 Исто така, оној што сака да биде надгледник во собранието треба да биде разборит. Тој треба да биде сталожен и не треба да донесува избрзани заклучоци. Треба добро да ги разбира Јеховините начела и да знае да ги применува. Оној што е разборит е спремен да прифати совети и упатства. Тој не е лицемерен.
15 Павле го потсетил Тит дека еден надгледник треба да ја сака добротата. Тој треба да биде праведен и лојален. Овие особини се гледаат во начинот на кој се однесува со другите и во тоа дали цврсто се држи за она што е исправно и добро. Тој треба да биде постојан во својата оддаденост кон Јехова и секогаш да ги применува праведните начела. Треба да биде доверлив. Освен тоа, треба да биде гостољубив, спремно да одвојува време за другите и да го користи она што го има за да им помага (Дела 20:33-35).
16 За да може добро да ја врши својата служба, надгледникот треба да биде способен да поучува. Според зборовите што Павле му ги кажал на Тит, надгледникот треба цврсто да „се држи за веродостојните зборови, за да може да опоменува, служејќи се со здравото учење, и да ги укорува оние што му противречат на тоа учење“ (Тит 1:9). Додека поучува, надгледникот треба да изнесува логични аргументи, да изнесува докази, да совладува приговори и да ја објаснува примената на стиховите од Библијата на таков начин што ќе ги увери другите во она што го кажува и ќе ја зајакне нивната вера. Треба да поучува на ваков начин и „во поволно и во тешко време“ (2. Тим. 4:2). Тој треба да биде стрплив за да може да им ја зајакнува верата на оние што се сомневаат и да ги поттикнува на добри дела, како и на благ начин да ги исправа оние што грешат. Еден надгледник треба да го исполни овој важен услов кога поучува поголем број луѓе од подиум или поединци во личен разговор.
17 Важно е старешините да бидат ревносни во службата на проповедање. Треба да биде очигледно дека и во овој поглед даваат сѐ од себе за да го следат Исус за кого проповедањето на добрата вест било најважно. Исус покажувал искрен интерес за своите ученици и им помагал вешто да проповедаат (Мар. 1:38; Лука 8:1). Кога старешините се трудат да минуваат повеќе време во службата, и покрај тоа што се зафатени, ги поттикнуваат и другите во собранието да бидат ревносни. Освен тоа, кога старешините проповедаат со членовите на своите семејства, како и со другите во собранието, сите заемно се охрабруваат (Рим. 1:11, 12).
18 Од сето ова можеби се чини дека се очекува многу од оние што служат како надгледници. Се разбира, ниту еден надгледник не може совршено да ги исполнува високите мерила запишани во Библијата и беспрекорно да ги покажува сите наведени особини. Од друга страна, на ниту еден надгледник не треба да му недостига некоја од овие особини во толку голема мера што другите би можеле да го сметаат тоа за сериозен недостаток. На некои старешини јака страна им се едни особини, а на други старешини јака страна им се други особини. Како резултат на тоа, старешините што служат во едно собрание се надополнуваат меѓу себе и ги имаат сите особини што се потребни за да можат добро да се грижат за Божјето собрание.
19 Кога старешините препорачуваат некој брат да биде именуван како надгледник, добро е да ги имаат на ум следниве зборови на апостол Павле: „Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да мисли за себе разумно, секој според верата што му ја дал Бог“ (Рим. 12:3). Секој старешина треба да се смета себеси за помал од другите. Никој од старешинството не треба да биде преправеден кога се разгледува дали некој брат ги исполнува условите за надгледник (Проп. 7:16). Старешините треба јасно да ги имаат на ум библиските услови за надгледниците и треба да утврдат дали некој брат во разумна мера ги исполнува. Тие треба да ја земат предвид човечката несовршеност и да донесат непристрасна и нелицемерна одлука. На тој начин ќе покажат дека ги почитуваат Јеховините праведни мерила и дека се заинтересирани за доброто на собранието. Секогаш кога одлучуваат дали да препорачаат некој брат, старешините го молат Бог да ги води со својот свет дух и внимателно проверуваат дали братот ги исполнува библиските услови. Ова е голема одговорност и затоа треба да се извршува во склад со следниве зборови на Павле: „Врз никого не полагај раце пребрзо“ (1. Тим. 5:21, 22).
ПЛОДОВИ НА ДУХОТ
20 Духовно зрелите мажи го следат водството на светиот дух и ги покажуваат неговите плодови во својот живот. Павле напишал: „Плодовите на духот се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Гал. 5:22, 23). Овие надгледници се освежување за своите соверници и им помагаат на сите во собранието обединето да му служат на Бог. Нивниот начин на однесување и резултатите од трудот што го вложуваат се доказ дека се поставени од светиот дух (Дела 20:28).
МАЖИ КОИ ПОМАГААТ ДА ИМА ЕДИНСТВО
21 За да има единство во собранието, неопходно е старешините да соработуваат меѓу себе. Тие можеби имаат многу различни карактери, но го чуваат единството во старешинството со тоа што со почит се слушаат еден со друг, дури и кога немаат исто мислење за некоја работа. Сѐ додека не се крши некое библиско начело, секој старешина треба спремно да ја поддржи конечната одлука на старешинството. Кога некој е спремен да попушти, покажува дека го води „мудроста одозгора“, која е мирољубива и разумна (Јак. 3:17, 18). Ниту еден старешина не треба да мисли дека е над другите и не треба да доминира. Кога соработуваат како едно тело за доброто на собранието, старешините, всушност, соработуваат со Јехова (1. Кор. погл. 12; Кол. 2:19).
СТРЕМИ СЕ КОН НАДГЛЕДНИЧКА СЛУЖБА
22 Зрелите мажи треба да имаат желба да служат како надгледници (1. Тим. 3:1). Сепак, добро е да имаат на ум дека од надгледниците се очекува да вложуваат труд и да бидат самопожртвувани. Тоа значи дека треба да им служат на браќата и сестрите, односно да се грижат за нивните потреби и за нивната духовна благосостојба. Оној што сака да стане надгледник, треба да се труди да ги исполни библиските услови.
ШТО АКО СЕ СМЕНАТ ЛИЧНИТЕ ОКОЛНОСТИ?
23 Можеби еден брат кој верно служел подолго време ќе се разболи или од некоја друга причина нема да биде во состојба да го прави тоа што го правел порано. Можеби поради поодминати години нема да биде во можност да ги извршува своите задачи како надгледник. И покрај тоа, сѐ додека е именуван, другите треба да го почитуваат и да го гледаат како старешина. Нема потреба да се откаже од таа служба поради своите ограничувања. Тој сѐ уште ја заслужува двојната чест која им се искажува на сите трудољубиви старешини кои даваат сѐ од себе за да го пасат стадото.
24 Но, ако братот смета дека би било најдобро да престане да служи поради сменетите околности, може да го стори тоа (1. Пет. 5:2). Другите треба сѐ уште да го почитуваат. Иако веќе нема да ги добива задачите што им се доверуваат на старешините, тој сѐ уште ќе може да придонесува за доброто на собранието.
ОДГОВОРНОСТИ ВО СОБРАНИЕТО
25 Старешините имаат најразлични одговорности. Некој од нив служи како координатор на старешинството, некој служи како секретар, друг служи како надгледник за служба, некој го води Проучувањето на Стражарска кула, а друг служи како надгледник на состанокот Нашиот живот и служба како христијани. Многу старешини служат како надгледници на групите за проповедање. Старешините ги вршат овие одговорности на неодредено време. Се разбира, ако некој старешина се пресели, се разболи или веќе не ги исполнува во разумна мера библиските услови, тие одговорности ќе му бидат доверени на друг старешина. Во собранијата каде што има мал број старешини можеби ќе биде потребно еден старешина да се грижи за повеќе одговорности сѐ додека други браќа не ги исполнат условите да бидат именувани за старешини.
26 Координаторот на старешинството претседава на состаноците со старешините. Тој понизно соработува со другите старешини во грижата за Божјето стадо (Рим. 12:10; 1. Пет. 5:2, 3). Координаторот треба да биде добар организатор и ревносно да предводи во сите теократски активности (Рим. 12:8).
27 Секретарот води сметка за собраниската архива и се грижи до старешините да стигнат важните информации. Ако е потребно, може да му помага друг старешина или способен слуга-помошник.
28 Надгледникот за служба ја организира службата на проповедање и другите активности поврзани со неа. Редовно ги посетува сите групи за проповедање така што секој месец во текот на еден викенд посетува различна група. Во помалите собранија каде што има само неколку групи, надгледникот за служба може да ја посети секоја група двапати годишно. За време на посетата, тој ги води состаноците за проповедање, оди во служба со браќата и сестрите од групата и им помага да прават повторни посети и да водат библиски курсеви.
НАДГЛЕДНИЦИ НА ГРУПИТЕ ЗА ПРОПОВЕДАЊЕ
29 Една многу важна задача во собранието е да се служи како надгледник на група за проповедање. Надгледникот на групата за проповедање треба 1) да биде живо заинтересиран за духовноста на секој објавител од групата за проповедање; 2) да му помага на секој поединец редовно, ревносно и со радост да оди во служба; и 3) да им помага на слуга-помошниците во групата да ги исполнат условите да добијат повеќе одговорности во собранието. Целото старешинство одлучува кои браќа најмногу ги исполнуваат условите да служат како надгледници на групите за проповедање.
30 Поради сериозноста на оваа задача, надгледници на групите за проповедање треба да бидат старешини. Доколку нема старешини, оваа одговорност може да ја извршува способен слуга-помошник. Бидејќи не служи како надгледник во собранието, слуга-помошникот ќе се нарекува слуга на групата за проповедање. Тој ќе ја извршува оваа задача под водство на старешините.
31 Еден важен аспект на задачата што ја има надгледникот на групата е да предводи во службата на проповедање. Ако редовно, со ревност и со одушевеност учествува во службата на проповедање, ќе влијае позитивно на другите од групата. Браќата и сестрите многу ги ценат охрабрувањето и помошта што ги добиваат додека меѓусебно соработуваат. Затоа, би било добро надгледникот да организира состаноци за проповедање во време кое ќе им одговара на повеќето објавители и да се погрижи секогаш да има доволно подрачја (Лука 10:1-16). Обично тој го води состанокот за проповедање и ги организира објавителите. Кога не може да присуствува на состанокот за проповедање, треба да се замени со некој друг старешина, слуга-помошник или, ако тоа не е можно, со некој примерен објавител.
32 Надгледникот на групата треба однапред да направи план за посетата на надгледникот за служба. Тој треба да ги информира сите во групата за посетата и да им укаже на користите што ќе ги имаат од неа. Ако објавителите знаат кога ќе дојде надгледникот за служба и какви активности се предвидени за време на посетата, ќе можат со радост да ја поддржат.
33 Бројот на објавители во секоја група за проповедање е мал. Зошто? Затоа што така надгледникот на групата може добро да се запознае со сите објавители. Како пастир полн со љубов, тој е искрено заинтересиран за секој поединец. Надгледникот на групата се труди на секого да му пружи помош и да го охрабри да оди во служба на проповедање и на собраниските состаноци. Исто така, тој се труди да направи сѐ што е потребно за да им помогне на објавителите од групата да останат духовно јаки. Ги посетува болните и потиштените. Со своите охрабрувачки предлози и совети ги поттикнува браќата да ги исполнат условите да вршат додатни задачи во собранието и на тој начин уште повеќе да им помагаат на своите соверници. Логично е надгледникот на групата за проповедање да им посветува повеќе внимание на објавителите од својата група. Сепак, како старешина и пастир, тој со љубов се грижи за сите во собранието и спремен е да му помогне секому кому му е потребна помош (Дела 20:17, 28).
34 Една друга одговорност на надгледникот на групата за проповедање е да ги собере извештаите за служба од објавителите во својата група. Потоа, овие извештаи треба да му ги предаде на секретарот. Секој објавител може да му олесни на надгледникот на групата со тоа што навреме ќе го дава својот извештај за служба. На крајот од секој месец, може да му го даде извештајот директно на надгледникот на групата или да го пушти во кутијата во салата која е одредена за тоа.
ОДБОР НА СОБРАНИЕТО
35 За одредени одговорности во собранието се грижи Одборот на собранието кој е составен од координаторот на старешинството, секретарот и надгледникот за служба. На пример, одборот дава одобрување ако некој сака во салата да се одржи говор за венчавка или говор за погреб. Исто така, одредува кои објавители во која група за проповедање ќе припаѓаат. Одборот именува општи пионери и ги одобрува молбите за помошна пионерска служба, како и молбите за други видови служба. Одборот на собранието соработува со целото старешинство.
36 Подружницата ги образложува конкретните задачи на овие браќа, како и задачите на братот што го води Проучувањето на Стражарска кула, на надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба и на другите старешини.
37 Одвреме-навреме, старешинството одржува состаноци за да ги разгледа работите поврзани со духовниот напредок на собранието. Освен состанокот што го одржуваат за време на посетата на покраинскиот надгледник, старешините одржуваат дополнителен состанок околу три месеци по секоја посета на покраинскиот надгледник. Се разбира, старешините може да се состанат секогаш кога околностите го налагаат тоа.
БИДЕТЕ ПОДЛОЖНИ
38 Иако надгледниците се несовршени, сите во собранието се поттикнати да им бидат подложни затоа што тие се поставени од Јехова. Надгледниците се одговорни пред Јехова за своите постапки. Тие го застапуваат него и неговиот начин на владеење. Во Евреите 13:17 пишува: „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“. Исто како што Јехова го користи светиот дух за да именува надгледници, така ќе го искористи истиот дух за да разреши некој надгледник што не ги покажува плодовите на духот и не ги исполнува библиските барања.
39 Сите ние треба вистински да го цениме трудот и добриот пример на надгледниците во собранието. Во своето писмо до собранието во Солун, Павле ги поттикнал христијаните: „Ве молиме, браќа, почитувајте ги оние што се трудат меѓу вас и предводат во делото на Господарот и ве опоменуваат, и нив особено ценете ги со љубов поради нивната работа“ (1. Сол. 5:12, 13). Благодарение на трудот што го вложуваат надгледниците, можеме полесно и порадосно да му служиме на нашиот Бог. Исто така, во своето прво писмо до Тимотеј, Павле истакнал каков став треба да имаат сите во собранието кон надгледниците. Тој рекол: „Старешините, кои ве предводат на добар начин, сметајте ги за достојни за двојна чест, особено оние што марливо говорат и поучуваат за Божјата реч“ (1. Тим. 5:17).
ДРУГИ ОДГОВОРНОСТИ НА СТАРЕШИНИТЕ
40 Понекогаш, некои старешини служат како членови на Групите за посета на пациенти. Други старешини служат во Одборите за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци. Тие одат во болниците и разговараат со лекарите за тоа како, без употреба на крв, да им се пружи најдобра грижа на пациентите кои се Јеховини сведоци. Некои старешини, пак, помагаат во изградбата и одржувањето на Конгресните сали и на салите за состаноци. Други старешини служат во Конгресните одбори. Сите во организацијата многу ги ценат трудот и самопожртвуваноста на старешините. Навистина, многу ги почитуваме таквите браќа (Фил. 2:29).
ПОКРАИНСКИ НАДГЛЕДНИК
41 Водечкото тело именува некои старешини да служат како покраински надгледници. Потоа, подружницата ги испраќа овие браќа да ги посетуваат собранијата во нивната покраина, обично двапати во годината. Исто така, понекогаш ги посетуваат пионерите кои служат на изолирани подрачја. Покраинските надгледници прават распоред за овие посети и однапред го известуваат секое собрание за да може сите објавители да извлечат најголема корист од посетата.
42 Координаторот на старешинството организира сѐ што е потребно во врска со посетата на покраинскиот надгледник за сите да бидат освежени во духовен поглед (Рим. 1:11, 12). Откако ќе добие информации за датумот на посетата и за потребите на покраинскиот надгледник и неговата сопруга (доколку е во брак), координаторот со помош на неколку браќа ќе го организира сместувањето и сите други потребни работи. Координаторот ќе се погрижи сите, вклучувајќи го и покраинскиот надгледник, да знаат што е испланирано.
43 Покраинскиот надгледник ќе стапи во контакт со координаторот за да го дознае распоредот на состаноците, вклучувајќи ги и состаноците за проповедање. Сето ова ќе биде организирано во склад со предлозите на покраинскиот надгледник и во склад со упатствата на подружницата. Сите треба однапред да знаат кога и каде ќе се одржуваат собраниските состаноци, состанокот со пионерите, состанокот со старешините и слуга-помошниците, како и состаноците за проповедање.
44 Во вторник попладне, покраинскиот надгледник ќе ги разгледа формуларите Извештај на собраниски објавител, извештаите за присутност на состаноците, листовите за евиденција на подрачјата и собраниското сметководство. Така ќе дознае кои се потребите на собранието и како може да им помогне на браќата што се одговорни за овие задачи. Координаторот треба да се погрижи однапред да му се достават овие извештаи на покраинскиот надгледник.
45 Во текот на посетата, покраинскиот надгледник одвојува време за да зборува со браќата и сестрите поединечно. Тоа го прави на состаноците, во службата на проповедање, за време на оброците и во други прилики. Освен тоа, одржува состанок со старешините и слуга-помошниците во кој дава библиски совети, предлози и охрабрување кое ќе им помогне успешно да ги вршат своите одговорности и да се грижат за стадото (Изр. 27:23; Дела 20:26-32; 1. Тим. 4:11-16). Тој се состанува и со пионерите за да ги охрабри да истраат во делото на проповедање и за практично да им помогне во врска со некој проблем што можеби го имаат во службата.
46 Ако има други работи на кои треба да им се посвети внимание, покраинскиот надгледник ќе помогне најмногу што може за време на посетата. Ако тие работи не можат да се завршат во текот на таа седмица, покраинскиот надгледник може да им помогне на старешините или на оние што се вклучени да ги најдат соодветните библиски начела и упатства. Ако во случајот е потребно да се вклучи и подружницата, тој и старешините ќе ѝ достават детален извештај во врска со тоа.
47 За време на посетата, покраинскиот надгледник присуствува на сите собраниски состаноци. Понекогаш можеби ќе треба да се направат промени во врска со состаноците во склад со упатствата од подружницата. Покраинскиот надгледник ќе одржи говори со кои ќе го охрабри, мотивира, поучи и зајакне собранието. Тој ќе се потруди да ја разгори љубовта на браќата и сестрите кон Јехова, Исус и организацијата.
48 Една од причините поради која покраинскиот надгледник ги посетува собранијата е да ги охрабри објавителите ревносно да учествуваат во службата на проповедање и да им даде практични предлози. Многу браќа и сестри од собранието можеби ќе можат да направат промени во својот распоред за да учествуваат колку што е можно повеќе во службата на проповедање таа седмица. Можеби ќе бидат во состојба тој месец да служат како помошни пионери. Секој што сака да оди во служба со покраинскиот надгледник или со неговата сопруга може да се пријави за тоа. Објавителите може да извлечат голема корист ако заедно со нив прават повторни посети или водат библиски курсеви. Многу се цени тоа што објавителите даваат сѐ од себе за да ја поддржуваат посетата на покраинскиот надгледник (Изр. 27:17).
49 Секоја година, во секоја покраина се организираат по два покраински собири. Покраинскиот надгледник е одговорен за организацијата на собирите. Тој одлучува кој брат ќе служи како надгледник на собирот и кој брат ќе служи како негов помошник. Тие треба тесно да соработуваат со покраинскиот надгледник додека го организираат собирот. Така, тој може да посвети најголемо внимание на програмата на собирот. Освен тоа, покраинскиот надгледник поставува други вешти браќа да се грижат за различните одделенија. По секој собир, тој се грижи да се проверат сметките на покраината. На еден од покраинските собири во годината учество во програмата има еден брат од подружницата што служи како нејзин претставник. Поради големата оддалеченост или поради ограничениот капацитет на објектите во кои се одржуваат покраинските собири, некои покраини се поделени на повеќе делови и за секој дел се одржува посебен покраински собир.
50 На крајот од секој месец, покраинскиот надгледник го испраќа својот извештај од службата на проповедање директно во подружницата. Ако некои неопходни трошоци — на пример, трошоци за патување, храна, сместување или други потребни работи — не се покриени од собранието во кое служел, тој може да побара надомест од подружницата. Патувачките надгледници имаат доверба дека, ако го ставаат Царството на прво место во животот, Јехова ќе се грижи за нивните материјални потреби — токму како што ветил Исус (Лука 12:31). Собранијата треба да ја ценат честа да им покажат гостољубивост на овие верни старешини што служат за нивно добро (3. Јов. 5-8).
ОДБОР НА ПОДРУЖНИЦАТА
51 Во секоја подружница на Јеховините сведоци, тројца или повеќе духовно зрели мажи служат како Одбор на подружницата кој го надгледува делото на проповедање во една или повеќе земји. Еден од нив служи како координатор на Одборот на подружницата.
52 Браќата што служат во овој одбор се грижат за сето она што ги засега собранијата на подрачјето на подружницата. Одборот го надгледува проповедањето по целото подрачје на подружницата и формира собранија и покраини со цел да се задоволат потребите на подрачјето. Исто така, Одборот на подружницата ја следи активноста на мисионерите и на специјалните, општите и помошните пионери. Кога има собири и конгреси, одборот ги организира работите и доделува задачи за сѐ да биде пристојно и така како што е редот (1. Кор. 14:40).
53 Во некои земји се формира Одбор на земјата кој служи под водство на Одборот на подружницата во некоја друга земја. Ова овозможува подобро да се надгледува делото на подрачјето на кое служи Одборот на земјата. Одборот на земјата се грижи за активностите во Бетелот, за кореспонденцијата и за извештаите, како и за активноста на подрачјето. Одборот на земјата соработува со Одборот на подружницата за да може делото да се извршува на најдобриот можен начин.
54 Сите членови на Одборите на подружниците и Одборите на земјите се именувани од Водечкото тело.
ПРЕТСТАВНИЦИ НА ГЛАВНОТО СЕДИШТЕ
55 Одвреме-навреме, Водечкото тело испраќа браќа да ги посетуваат подружниците низ целиот свет. Братот што служи во тоа својство се нарекува претставник на главното седиште. Неговата главна цел е да го охрабри бетелското семејство и да му помогне на Одборот на подружницата доколку има проблеми или прашања во врска со делото на проповедање и поучување. Овој брат има состанок и со одредени покраински надгледници, а понекогаш и со мисионерите. Во тие прилики, тој зборува со нив за проблемите и потребите што ги имаат, и ги охрабрува во врска со нивната најважна задача — проповедањето и поучувањето.
56 Претставникот на главното седиште е живо заинтересиран за тоа што се постигнува во делото на проповедање и во другите собраниски активности на подрачјето на подружницата. Доколку времето му дозволува, тој може да ги посети преведувачките канцеларии. Додека е во посета на некоја подружница, колку што е во можност, претставникот на главното седиште оди во служба на проповедање.
Кога им се подложуваме на надгледниците кои се поставени да се грижат за стадото, соработуваме со Главата на собранието, Исус Христос
НАДГЛЕДУВАЊЕ СО ЉУБОВ
57 Сите ние извлекуваме голема корист од трудот и љубезната грижа на овие зрели браќа. Кога им се подложуваме на надгледниците кои се поставени да се грижат за стадото, соработуваме со Главата на собранието, Исус Христос (1. Кор. 16:15-18; Еф. 1:22, 23). На тој начин, дозволуваме Божјиот дух да дејствува во собранието и покажуваме дека Божјата Реч нѐ води во нашиот живот (Пс. 119:105).