Родители и деца: Ставете го Бог на прво место!
„Бој се од Бога и пази ги неговите заповеди“ (ПРОПОВЕДНИК 12:13).
1. Каков страв треба да негуваат родителите и децата, и што ќе им донесе тоа?
ЕДНО пророштво во врска со Исус Христос гласело дека „тој ќе се радува во стравот од Јехова“ (Исаија 11:3, НС). Неговиот страв всушност бил длабоко почитување и стравопочит кон Бог, страв да не предизвика Негово незадоволство бидејќи го сакал. Родителите и децата треба да негуваат таков страв од Бог, сличен на Христовиот, кој ќе им донесе радост исто како што му донел на Исус. Тие треба да го ставаат Бог на прво место во својот живот така што ќе ги слушаат неговите заповеди. Според еден библиски писател, „тоа е сета должност на човекот“ (Проповедник 12:13, НС).
2. Која била најважната заповед од Законот, и на кого првенствено му била дадена?
2 Најважната заповед од Законот, имено, да го ‚сакаме Господ од сѐ срце, со сета душа и со сите сили‘, првенствено им била дадена на родителите. Тоа се гледа од натамошните зборови од Законот: „Пренесувај им ги [овие зборови за љубовта кон Јехова] на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:4-7; Марко 12:28-30). На тој начин, на родителите им било заповедано да го ставаат Бог на прво место со тоа што самите ќе го сакаат, а и ќе ги поучуваат своите деца да го прават истото.
Христијанска одговорност
3. На кој начин Исус покажал дека е важно да им се посветува внимание на децата?
3 Исус покажал колку е важно да им се посвети внимание дури и на малечките деца. Во една прилика, кон крајот на неговата земна служба, луѓето почнале да ги донесуваат своите дечиња кај него. Очигледно, мислејќи дека Исус е презафатен за да му досадуваат, учениците се обиделе да ги сопрат луѓето. Но, Исус ги укорил: „Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не пречете им“. Исус дури и ‚ги прегрнал‘, со што на трогателен начин покажал колку е важно да им се посветува внимание на младите (Лука 18:15-17; Марко 10:13-16).
4. На кого била дадена заповедта да ‚ги научат сите народи‘, и што би изискувало тоа од нив?
4 Исус исто така објаснил дека неговите следбеници имаат одговорност да ги поучуваат и другите, а не само сопствените деца. По својата смрт и воскресение, Исус ‚им се јавил еднаш на повеќе од петстотини браќа‘, меѓу кои имало и некои родители (1. Коринтјаните 15:6). Очигледно, ова се случило на една планина близу Галилеја каде што биле собрани и неговите 11 апостоли. Таму Исус ги поттикнал сите нив: „Одете и научете ги сите народи, . . . учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:16-20). Ниеден христијанин не може со право да ја запостави оваа заповед! За да ја извршат, татковците и мајките треба да се грижат за своите деца, а и да учествуваат во јавното дело на проповедање и поучување.
5. а) Што покажува дека повеќето, ако не и сите апостоли, биле оженети и дека веројатно имале и деца? б) Кој совет требало сериозно да го сфатат поглаварите на семејствата?
5 Значајно е тоа што дури и апостолите морале да ги урамнотежат своите семејни одговорности со обврската да проповедаат и да го пасат Божјето стадо (Јован 21:1-3, 15-17; Дела 1:8). Тоа било така затоа што повеќето, ако не и сите од нив, биле оженети. Затоа апостол Павле објаснил: „Зар немаме право да водиме со себеси една жена сестра, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?“ (1. Коринтјаните 9:5; Матеј 8:14). Некои апостоли можеби имале и деца. Раните историчари, како Евзебиј, велат дека Петар имал деца. Сите рани христијански родители требало да го слушаат библискиот совет: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8).
Првенствена одговорност
6. а) Пред кој предизвик стојат христијанските старешини кои имаат семејства? б) Која е првенствената одговорност на еден старешина?
6 Денешните христијански старешини кои имаат семејства, се во слична ситуација како апостолите. Тие мораат да ја урамнотежат својата одговорност да се грижат за духовните и физичките потреби на своите семејства со обврската да проповедаат јавно и да го пасат Божјето стадо. На која активност треба да ѝ се даде предност? Стражарска кула од 15 март 1964 година забележала: „Првенствената обврска [на таткото] е обврската спрема неговото семејство, и тој всушност не може да биде вистински слуга ако не ја исполнува оваа обврска“.
7. Како можат христијанските татковци да го ставаат Бог на прво место?
7 Затоа, татковците мораат да го ставаат Бог на прво место на тој начин што ќе ја слушаат заповедта ‚да ги воспитуваат своите деца во науката и стравот Господов‘ (Ефесјаните 6:4). Таа одговорност не може да му се препушти на некој друг, иако таткото можеби има задача да ги надгледува и активностите во христијанското собрание. Како можат таквите татковци да се грижат за своите одговорности — да ги задоволат физичките, духовните и емоционалните потреби на членовите на семејството — а истовремено да го водат и да го надгледуваат собранието?
Да се даде потребната поддршка
8. Како може сопругата да го поддржува својот сопруг кој е старешина?
8 Јасно е дека на старешините со семејни одговорности може да им користи поддршката. Горецитираната Стражарска кула забележала дека една христијанска сопруга може да му даде поддршка на својот сопруг. Во неа пишувало: „Таа може многу да му го олесни подготвувањето на разните задачи и да се погрижи обајцата да заштедат скапоцено време така што добро ќе си го распореди времето дома — јадењето да биде навреме готово и да е подготвена кога треба брзо да заминат на собраниските состаноци. . . . Под водство на својот сопруг, христијанската сопруга може многу да стори во воспитувањето на децата за патот по кој треба да одат за да му се допаднат на Јехова“ (Изреки 22:6). Да, сопругата била создадена за да биде „помошник“, а нејзиниот сопруг мудро ја прифаќа нејзината помош (1. Мојсеева 2:18). Нејзината поддршка може да му овозможи да се грижи поделотворно и за своето семејство и за собраниските одговорности.
9. Кој во собранието во Солун бил охрабрен да им помага на другите членови на собранието?
9 Меѓутоа, сопругите на христијанските старешини не се единствените кои можат да поддржуваат еден надгледник кој мора и ‚да го пасе Божјото стадо‘ и да се грижи за сопственото домаќинство (1. Петрово 5:2). Кој може уште да ги поддржува надгледниците? Апостол Павле ги поттикнал браќата во Солун да ги почитуваат своите „претстојници“. Сепак, Павле понатаму им се обраќа на истите овие браќа — особено на оние кои не предводеле — велејќи: „Браќа, ве молам, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите“ (1. Солунјаните 5:12-14).
10. Какво извонредно влијание врз собранието има љубезната помош од сите браќа?
10 Колку е убаво кога браќата во едно собрание имаат таква љубов која ги мотивира да ги утешуваат потиштените, да ги поткрепуваат слабите, да ги укоруваат неуредните и да бидат долготрпеливи кон сите! Браќата во Солун кои кратко пред тоа ја прифатиле библиската вистина, го примениле овој Павлов совет, иако поднеле голема неволја (Дела 17:1-9; 1. Солунјаните 1:6; 2:14; 5:11). Помисли и на извонредниот ефект што нивната срдечна соработка го имала врз зајакнувањето и обединувањето на целото собрание! На сличен начин, кога браќата денес се утешуваат, поддржуваат и укоруваат еден со друг, тоа во голема мера им ги олеснува одговорностите за пастирење на старешините кои честопати имаат семејства за кои треба да се грижат.
11. а) Зошто е разумно да заклучиме дека и жените биле вклучени во изразот „браќа“? б) Каква помош може да им даде една зрела христијанка на денешните помлади жени?
11 Дали меѓу „браќата“ на кои им се обратил Павле, биле вклучени и жените? Да, затоа што многу жени станале верници (Дела 17:1, 4; 1. Петрово 2:17; 5:9). Каква помош можеле да дадат тие жени? Па, во собранијата имало помлади жени кои имале проблем со контролирањето на своите „сексуални пориви“ (НС) или кои станувале „малодушни“ (1. Тимотеј 5:11-13). Некои жени денес имаат слични проблеми. Едноставно, она што можеби најмногу им треба е уво кое слуша или рамо за плачење. Честопати, најпогодната личност која може да даде таква помош е некоја зрела христијанка. На пример, таа може со некоја друга жена да дискутира за лични проблеми, кои еден христијански маж не би можел соодветно да ги реши. Истакнувајќи ја вредноста на таквата помош, Павле напишал: „Старичките . . . да учат за добро, за да ги вразумуваат невестите да ги сакаат мажите свои и децата свои: да бидат целомудрени, чисти, добри домаќинки, благи, покорни на своите мажи, та да не се хули словото Божјо“ (Тит 2:3-5).
12. Чие водство е многу битно да го следат сите во собранието?
12 Каков само благослов се понизните сестри во собранието кога соработуваат и ги поддржуваат и своите сопрузи и старешините! (1. Тимотеј 2:11, 12; Евреите 13:17). На старешините кои имаат семејни одговорности особено ќе им користи ако сите меѓусебно соработуваат, ако си помагаат еден на друг во дух на љубов и ако сите се подложни на водството од наименуваните пастири (1. Петрово 5:1, 2).
Родители, што ставате на прво место?
13. На кој начин многу татковци ги занемаруваат своите семејства?
13 Пред повеќе години, еден популарен забавувач забележал: „Гледам успешни луѓе како управуваат компании со стотици вработени; знаат како да постапат во секоја ситуација, како да укорат и да наградат во светот на бизнисот. Но, најголемиот бизнис што го водат е нивното семејство, и тука тие банкротираат“. Зошто? Зарем не затоа што бизнисот и другите интереси ги ставаат на прво место, а го занемаруваат Божјиот совет? Неговата Реч вели: „Овие зборови, што ти ги заповедам . . . пренесувај им ги на децата свои“. А ова треба да се прави секој ден. Родителите треба великодушно да го даваат своето време — особено својата љубов и длабок интерес (5. Мојсеева 6:6-9).
14. а) Како треба родителите да се грижат за своите деца? б) Што се подразбира под исправно воспитување на децата?
14 Библијата нѐ потсетува дека децата се наследство од Јехова (Псалм 126:3). Дали ти се грижиш за своите деца како за Божја сопственост, како за подарок што тој ти го доверил? Твоето дете веројатно ќе возврати ако го земеш в раце и со тоа ја покажеш својата грижа полна со љубов и своето внимание (Марко 10:16). Но, за да ‚го поучиш момчето на патот негов‘, неопходно е повеќе отколку само да го гушкаш и бакнуваш. За да биде опремено со мудроста со која ќе ги избегнува животните замки, на детето му е потребна и љубезна стега. Родителот ќе покаже искрена љубов ако ‚го казнува своето дете за да го поправи‘ (Изреки 13:1, 25; 22:6).
15. Од што може да се види дека е потребна родителска стега?
15 Дека родителската стега е неопходна, може да се види и од описот што го дала една школска советничка во врска со децата кои доаѓаат во нејзината канцеларија: „Тие се јадни, депримирани и изгубени. Плачат додека зборуваат за тоа како навистина изгледаат работите. Многу од нив — многу повеќе отколку што би помислиле — веќе се обиделе да се самоубијат, но не затоа што се пресреќни, туку затоа што се толку несреќни, незгрижени и под огромен притисок, бидејќи уште на млада возраст ‚сносат одговорност‘, што за нив е премногу“. Таа додала: „Страшно е кога една млада личност мисли дека е одговорна за некакви работи“. Точно е дека децата можат да се инаетат на дисциплината, но тие всушност ги ценат родителските упатства и ограничувања. Тие се среќни кога нивните родители им поставуваат ограничувања, покажувајќи ја на тој начин својата грижа. „Ми се симна еден огромен товар од мислите“, рекол еден тинејџер чиишто родители го правеле тоа.
16. а) Што се случува со некои деца кои биле одгледани во христијански домови? б) Зошто своеглавоста на едно дете не мора задолжително да значи дека воспитувањето што го добило од родителите не било добро?
16 Сепак, и покрај тоа што имаат родители кои ги сакаат и се грижат да дадат добро воспитување, некои младинци, како што бил расипничкиот син од Исусовата илустрација, го отфрлаат родителското водство и тргнуваат по погрешен пат (Лука 15:11-16). Меѓутоа, тоа, само по себе, не мора да значи дека родителите не ја исполниле својата одговорност да го воспитуваат детето на исправен начин, како што заповеда Изреки 22:6. Изјавата: „Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него“, била дадена како општо правило. За жал, како и расипникот, некои деца ‚не ќе сакаат да се покоруваат на родителот‘ (Изреки 30:17).
17. Со што можат да се утешат родителите на своеглавите деца?
17 Таткото на еден своеглав син се жалел: „Постојано се трудев да го достигнам неговото срце. Не знам што да правам, бидејќи веќе испробав толку многу работи. Сѐ беше безуспешно“. Да се надеваме дека таквите своеглави деца со текот на времето ќе се сетат на љубезното воспитување што го добиле и дека ќе се вратат како расипничкиот син. Сепак, останува фактот дека некои деца се бунтуваат и прават неморални работи кои им задаваат голема болка на нивните родители. Но, родителите можат да најдат утеха во спознанието дека дури и најголемиот учител кој живеел на Земјата, доживеал да биде издаден од својот долгогодишен ученик Јуда Искариотски. И самиот Јехова несомнено жалел кога многу од неговите духовни синови го отфрлиле неговиот совет и се покажале бунтовни иако немало вина од Негова страна (Лука 22:47, 48; Откровение 12:9).
Деца — на кого ќе му угодите?
18. Како можат децата да покажат дека го ставаат Бог на прво место?
18 Јехова ве поттикнува вас младите: „Бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа“ (Ефесјаните 6:1). Ако го прават тоа, младите го ставаат Бог на прво место. Немојте да се залажувате! „Безумниот се подбива со татковата поука“, вели Божјата Реч. Не треба ниту арогантно да мислите дека можете да поминете и без стега. Факт е дека „има генерација која е чиста во свои сопствени очи, а сепак не е измиена од својата извалканост“ (Изреки 15:5; 30:12, American Standard Version). Затоа, послушајте го божественото водство — ‚слушајте ги‘, ‚примете ги‘, ‚не ги заборавајте‘, ‚внимавајте‘ и ‚не ги отфрлајте‘ заповедите и стегата од родителите (Изреки 1:8; 2:1; 3:1; 4:1; 6:20).
19. а) Кои силни причини ги имаат децата да го слушаат Јехова? б) Како можат децата да покажат дека му се благодарни на Бог?
19 Имате силни причини да му бидете послушни на Јехова. Тој ве сака и затоа ги дал своите закони, вклучувајќи го и законот кој бара децата да ги слушаат своите родители за да ве штитат и да ви помогнат да се радувате на среќен живот (Исаија 48:17). Исто така, го дал и својот Син да умре за вас за да бидете спасени од грев и смрт и да се радувате на вечен живот (Јован 3:16). Дали сте благодарни? Бог посматра од небесата и го испитува вашето срце дали вие навистина Го сакате и ги цените неговите подготовки (Псалм 13:2). Сатана исто така гледа и го исмејува Бог, тврдејќи дека вие нема да Го слушате. Кога не го слушате Него вие го радувате Сатана, а Јехова се чувствува ‚повреден‘ (Псалм 78:40, 41, НС). Јехова ви се обраќа: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое [со својата послушност] — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“ (Изреки 27:11). Да, прашањето е: На кого ќе му угодите, на Сатана или на Јехова?
20. Како една млада особа ја задржува храброста да му служи на Јехова дури и кога чувствува страв?
20 Не е лесно да се врши Божјата волја под притисоците што Сатана и неговиот свет ги вршат врз вас. Тоа може да биде страшно. Една млада особа забележала: „Да бидеш уплашен е исто како да ти е ладно. Но, може да се стори нешто против тоа“. Таа објаснила: „Кога ти е ладно, облекуваш џемпер. Ако сѐ уште ти е ладно, облекуваш уште еден. Постојано облекуваш по нешто сѐ додека студот не помине и повеќе не ти е ладно. Така и молењето на Јехова во време кога си уплашен е како да облекуваш џемпер кога ти е ладно. Ако после една молитва сѐ уште сум уплашена, се молам повторно, и повторно, и повторно, сѐ додека не ми помине стравот. Тоа навистина ми помага и ме чува од неволји!“
21. Како ќе нѐ поддржи Јехова ако навистина се трудиме да го ставаме на прво место во својот живот?
21 Ако навистина се трудиме да го ставаме Бог на прво место во својот живот, Јехова ќе нѐ поддржува, ќе нѐ зајакнува и ќе ни даде ангелска помош кога е потребно, исто како што сторил за својот Син (Матеј 18:10; Лука 22:43). Бидете храбри сите вие родители и деца. Имајте страв сличен на Христовиот и тоа ќе ви донесе радост (Исаија 11:3). Да, „бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот“ (Проповедник 12:13).
Можеш ли да одговориш?
◻ Кои одговорности требало да ги урамнотежат Исусовите рани следбеници?
◻ Која одговорност мораат да ја исполнат христијанските родители?
◻ Каква помош им е достапна на христијанските старешини кои имаат семејства?
◻ Каква вредна служба можат да вршат сестрите во собранието?
◻ Кој совет и заповед е многу битно да го слушаат децата?
[Слика на страница 15]
Честопати, една зрела христијанка може да ѝ ја даде потребната помош на една помлада жена
[Слика на страница 17]
Каква утеха од Светото писмо можат да добијат оние родители кои имаат своеглави деца?