Направи ја здравата поука свој начин на живот
„Побожноста е полезна за сѐ“ (1. ТИМОТЕЈ 4:8).
1, 2. До колкава мера се загрижени луѓето за своето здравје, и со какви резултати?
ПОВЕЌЕТО луѓе спремно ќе се согласат дека доброто здравје е едно од најголемите богатства во животот. Тие одвојуваат прилично време и пари за да се одржат физички здрави и да се осигураат дека добиваат исправна медицинска нега кога им е неопходно. На пример, во Соединетите Држави годишните трошоци за здравствена нега за една од последниве години изнесувале над 900 милијарди долари. Тоа изнесува преку 3.000 долари годишно за секој маж, жена и дете во таа земја, а трошоците по глава на жител во другите развиени земји не се ништо помали.
2 Што постигнал сиот тој трошок на време, енергија и пари? Сигурно никој нема да порекне дека, во глобала, денес имаме далеку понапредни медицински објекти и мерки отколку во било кое друго време во историјата. Но, тоа не се претвора автоматски во здраво живеење. Фактички, во еден говор во кој ја изложил предвидената програма за здравствена нега за САД, претседателот на САД, Бил Клинтон, истакнал дека, освен „прекумерните трошоци на насилство во оваа земја“, жителите на Соединетите Држави „имаат повисоки стапки на СИДА, пушење и прекумерно пиење, на малолетничка бременост, на бебиња кои се раѓаат со премала тежина“ отколку било која друга развиена нација. Каков бил неговиот заклучок? „Мораме да ги промениме нашите навики ако сакаме навистина да бидеме здрави како народ“ (Галатјаните 6:7, 8).
Здрав начин на живот
3. Каков совет дал Павле со оглед на древната грчка култура?
3 Во првиот век, Грците биле познати по нивната посветеност на физичката култура, боди-билдингот и атлетските натпревари. Имајќи го предвид ова, апостол Павле бил инспириран да му напише на младичот Тимотеј: „Телесното обучување е малку корисно, а побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот“ (1. Тимотеј 4:8). Со тоа, Павле укажувал на она што луѓето денес го признаваат, имено, дека медицинските или физичките мерки не гарантираат вистински здрав начин на живот. Но, Павле нѐ уверува дека она што е неопходно е да се негува духовната благосостојба и оддаденоста на Бог.
4. Кои се користите од оддаденоста на Бог?
4 Таквиот правец е корисен за „сегашниот живот“ затоа што штити од сите штетни работи коишто безбожните луѓе, или оние „на изглед побожни“, си ги нанесуваат себеси (2. Тимотеј 3:5; Изреки 23:29, 30; Лука 15:11-16; 1. Коринтјаните 6:18; 1. Тимотеј 6:9, 10). Оние кои дозволуваат оддаденоста на Бог да ги обликува нивните животи, имаат здрава почит кон Божјите закони и барања, а тоа ги мотивира да ја направат Божјата здрава поука свој начин на живот. Таквиот правец им донесува духовно и физичко здравје, задоволство и среќа. И ‚си собираат добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен [стварен живот, НС]‘ (1. Тимотеј 6:19).
5. Какви поуки дал Павле во 2. поглавје од своето писмо до Тит?
5 Бидејќи животот што е воден од Божјата здрава поука донесува такви благослови сега и во иднината, треба да знаеме, практично речено, како можеме да ја направиме Божјата здрава поука наш начин на живот. Апостол Павле го дал одговорот во своето писмо до Тит. Ќе се задржиме особено на второто поглавје од таа книга, каде што го поучил Тит ‚да го зборува она што се согласува со здравото учење‘. Се разбира, денес секој од нас, млад и стар, машко и женско, може да извлече корист од таквото „здраво учење“ (Тит 1:4, 5; 2:1).
Совет за постарите мажи
6. Каков совет им дал Павле на „старците“, и зошто било љубезно од него што сторил така?
6 Како прво, Павле имал неколку совети за постарите мажи во собранието. Молиме, прочитај Тит 2:2. „Старците“, како група, се почитувани и се сметаат за примери на вера и лојалност (3. Мојсеева 19:32; Изреки 16:31). Поради ова, другите може се колебаат да им дадат совет или сугестии на постарите мажи во врска со работи кои не се толку многу сериозни (Јов 32:6, 7; 1. Тимотеј 5:1). Затоа, од Павлева страна е љубезно што прво им се обратил на постарите мажи, и за нив би било добро да ги земат при срце Павлевите зборови и да бидат сигурни дека тие, како Павле, се достојни за имитирање (1. Коринтјаните 11:1; Филипјаните 3:17).
7, 8. а) Што вклучува да се биде ‚умерен во навиките‘ (НС)? б) Зошто мора сериозноста да биде урамнотежена со „здрави мисли“ (НС)?
7 Пред сѐ, постарите христијански мажи треба да бидат „трезвени [умерени во навиките, НС]“. Иако оригиналниот збор може да се однесува на навиките на пиење, тој исто така го има значењето да се биде буден, бистар или трезен (2. Тимотеј 4:5; 1. Петрово 1:13, НС). Според тоа, сеедно дали во пиењето или во други работи, постарите мажи мораат да бидат умерени, да не се оддаваат на неумереност или да одат во крајности.
8 Потоа, тие мораат да бидат и „целомудрени [сериозни, НС], чисти [со здрави мисли, НС]“. Сериозноста, односно достоинственоста, ценетоста и достојноста за почит обично доаѓаат со годините. Но, некои може да тежнеат да бидат пресериозни и да станат нетолерантни спрема енергичните навики на младите (Изреки 20:29). Затоа ‚сериозноста‘ треба да биде урамнотежена со ‚здравите мисли‘. Постарите мажи треба да задржат сериозност што е сразмерна со годините, а сепак во исто време да бидат урамнотежени и да имаат потполна контрола над своите чувства и нагони.
9. Зошто мораат постарите мажи да бидат здрави во верата и љубовта, а особено во трпението?
9 На крајот, постарите мажи треба да бидат „здрави во верата, во љубовта, во трпението“. Многупати во своите списи, Павле ги наброил верата и љубовта заедно со надежта (1. Коринтјаните 13:13; 1. Солунјаните 1:3; 5:8). Овде ја заменил „надежта“ со „трпение [истрајност, НС]“. Можеби затоа што чувството на резигнација може лесно да се поткрадне во постарите години (Проповедник 12:1). Меѓутоа, како што истакнал Исус, „кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Освен тоа, постарите се вредни примери за останатите не само поради нивната старост или искуство туку и поради нивните силни духовни особини — вера, љубов и истрајност.
За постарите жени
10. Каков совет дава Павле за „старичките“ во собранието?
10 Павле потоа го свртува своето внимание кон постарите жени во собранието. Молиме, прочитај Тит 2:3. „Старичките“ се постарите членови меѓу жените во собранието, вклучувајќи ги жените на „старците“, како и мајките и бабите на останатите членови. Како такви, тие можат да имаат значително влијание, на добро или на лошо. Затоа Павле ги вовел своите зборови со „исто така“, што значи дека и „старичките“ имаат извесни одговорности кои треба да ги извршат за да ја исполнат својата улога во собранието.
11. Што е однесување со почит (НС)?
11 Како прво, „старичките да живеат како што им прилега [да се однесуваат со почитување, НС]“, рекол Павле. ‚Однесувањето‘ претставува надворешен израз на нечиј внатрешен став и личност, кој се одразува и во однесувањето и во изгледот (Матеј 12:34, 35). Тогаш, каков треба да биде ставот или личноста на една остарена христијанка? Со еден збор, „со почитување“. Тоа е превод на грчкиот збор што значи „нешто што им доликува на лицата, постапките или работите посветени на Бог“. Тоа е секако соодветен совет ако се има предвид влијанието што го имаат врз останатите, особено врз помладите жени во собранието (1. Тимотеј 2:9, 10).
12. Каква злоупотреба на јазикот треба сите да избегнуваат?
12 Потоа следат две негативни карактеристики — „да не клеветат, да не се предаваат на многу вино“. Интересно е што овие две се групирани заедно. „Во старо време, кога виното било единствен пијалок“, забележува професор Е. Ф. Скот (E. F. Scott), „на нивните седенки на кои се служело вино старите жени во поединости ги коментирале карактерите на своите соседи“. Жените обично повеќе се интересираат за луѓето отколку мажите и тоа е пофално. Но, интересот може да се изопачи во озборување па дури и во клеветење, особено кога јазикот ќе се олабави од пијалок (Изреки 23:33). Секако, сите оние кои следат здрав начин на живот, мажи и жени, прават добро ако внимаваат на оваа замка.
13. На кој начин можат постарите жени да бидат учителки?
13 За да го употребат расположливото време на конструктивен начин, постарите жени се охрабрени „да учат за добро“. На едно друго место, Павле дал јасна поука дека жените не смеат да бидат учители во собранието (1. Коринтјаните 14:34; 1. Тимотеј 2:12). Меѓутоа, ова не ги спречува да даваат точно спознание за Бог во своите домаќинства и јавно (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15). Тие можат да сторат многу добро со тоа што ќе бидат христијански примери за помладите жени во собранието, како што покажуваат следните стихови.
За младите жени
14. Како можат помладите христијанки да бидат урамнотежени во грижата за своите обврски?
14 Охрабрувајќи ги постарите жени „да учат за добро“, Павле посебно ги споменал младите жени. Молиме, прочитај Тит 2:4, 5. Иако поголемиот дел од подуката е сосредоточен на домашните работи, помладите христијанки не смеат да претеруваат и да дозволат материјалните интереси да доминираат во нивниот живот. Наместо тоа, треба да бидат „целомудрени [со здрави мисли, НС], чисти, . . . добри“, а над сѐ, спремни да ја поддржуваат подготовката за христијанско погларавство за „да не се хули словото Божјо“.
15. Зошто треба да се пофалат многу од помладите жени во собранијата?
15 Денес, семејната сцена значително се изменила во однос на Павлевото време. Многу семејства се поделени во поглед на верата, а други имаат само еден родител. Дури и во т. н. традиционални семејства станува сѐ поневообичаено сопругата или мајката да е полновремена домаќинка. Сето ова претставува притисок и одговорност за младите христијанки, но тоа не ги ослободува од нивните библиски одговорности. Затоа, големо задоволство е да се видат многуте верни млади жени како работат напорно за да ги одржат во рамнотежа своите многубројни обврски, па сепак успеваат да ги стават интересите на Царството на прво место, а некои се дури и во полновремена служба како помошни или општи пионери (Матеј 6:33). Тие навистина се за пофалба!
За младичите
16. Каков совет имал Павле за младичите, и зошто е тоа навремено?
16 Павле потоа доаѓа до младичите, вклучувајќи го и Тит. Молиме, прочитај Тит 2:6-8. Имајќи го предвид неодговорниот и деструктивен начин на живот на повеќето денешни млади — пушење, злоупотреба на дрога и алкохол, недозволен секс и други световни тежнеења, како што се дивјачки спортови и расипана музика и забава — ова е навистина навремен совет за христијанските младинци кои сакаат да водат здрав и задоволувачки начин на живот.
17. Како може еден младич да биде ‚здрав во мислите‘ (НС) и „образец за добри дела“?
17 За разлика од световните младинци, еден млад христијанин треба да биде ‚чесен [со здрави мисли, НС]‘ и „образец за добри дела“. Павле објаснил дека здрав и зрел ум постигнуваат не оние кои само проучуваат, туку оние „кои благодарејќи на навиката, имаат чувства и се научени да разликуваат добро и зло“ (Евреите 5:14). Колку е прекрасно да се видат млади луѓе како доброволно го користат своето време и енергија за да имаат полн удел во многуте задолженија во христијанското собрание, наместо да ја трошат својата младешка сила за себични цели! Правејќи го тоа, тие, како Тит, можат да бидат примери на „добри дела“ во христијанското собрание (1. Тимотеј 4:12).
18. Што значи да се биде нерасипан во учењето, сериозен во постапките и здрав во говорот?
18 Младичите се потсетени дека треба да ‚покажуваат чистота во [нивното] учење, нерасипаност [сериозност, НС] . . . слово здраво, без укор‘. Учењето кое е ‚нерасипано‘ мора цврсто да се темели на Божјата Реч; затоа, младичите треба да бидат марливи проучувачи на Библијата. Тие, како постарите, треба да бидат сериозни. Треба да сфатат дека слугувањето на Божјата реч е сериозна одговорност и затоа мораат да ‚живеат достојно за Евангелието‘ (Филипјаните 1:27). Исто така, нивниот говор мора да биде ‚здрав‘ и „без укор“ за да не дадат повод за поплака од страна на противниците (2. Коринтјаните 6:3; 1. Петрово 2:12, 15).
За робовите и слугите
19, 20. Како можат оние кои работат кај други луѓе ‚да ја украсуваат науката на нашиот Спасител, Бога‘?
19 На крајот, Павле им се обратил на оние кои се вработени кај други луѓе. Молиме, прочитај Тит 2:9, 10. Не мнозина од нас денес се робови или слуги, но многумина се службеници и работници кои извршуваат служба за други. Затоа, начелата што ги навел Павле важат и денеска.
20 Да се ‚слушаат своите господари во сѐ‘ значи дека вработените христијани мораат да покажуваат искрен респект спрема своите работодавци и надзорници (Колосјаните 3:22). Исто така мораат да имаат репутација на чесни работници и да работат цело работно време како што им е доделено од страна на работодавците. И мораат да задржат високо мерило на христијанско однесување на своите работни места без оглед како се однесуваат другите. Сето ова е со цел „науката на нашиот Спасител, Бога, да ја украсуваат во се“. Колку често слушаме за среќните исходи кога искрените посматрачи ќе реагираат на вистината поради одличното однесување на нивните колеги или работодавци кои се Сведоци! Тоа е награда која Јехова им ја доделува на оние кои ја следат неговата здрава поука дури и на своите работни места (Ефесјаните 6:7, 8).
Исчистен народ
21. Зошто дава Јехова здрава поука, и како треба да реагираме?
21 Здравата поука што ја изложил Павле не претставува само некаков зборник од етички начела или морални идеи коишто можеме да ги сфатиме како сакаме. Павле понатаму ја објаснил нејзината цел. Молиме, прочитај Тит 2:11, 12. Од љубов и незаслужена доброљубивост кон нас, Јехова Бог ја дал здравата поука за да можеме да научиме да водиме смисловен и задоволувачки живот во овие критични и опасни времиња. Дали си спремен да ја прифатиш и да ја направиш здравата поука свој начин на живот? Ако правиш така, тоа за тебе ќе значи спасение.
22, 23. Какви благослови ќе имаме ако ја направиме здравата поука наш начин на живот?
22 И повеќе од тоа, ако ја направиме здравата поука наш начин на живот, тоа ќе ни донесе единствена предност сега и среќна надеж за иднината. Молиме, прочитај Тит 2:13, 14. Всушност, ако здравата поука ја направиме свој начин на живот, како исчистен народ ќе бидеме одделени од расипаниот свет што е на умирање. Павлевите зборови се идентични со Мојсеевите потсетници до синовите Израелови кај Синај: „И Господ . . . ќе те постави погоре од сите народи, што ги создал, прочуен, фален и славен, и дека вие ќе Му бидете свет народ на Господа, вашиот Бог, како што беше рекол“ (5. Мојсеева 26:18, 19).
23 Секогаш да ја цениме предноста што сме Јеховин исчистен народ така што здравата поука ќе ја направиме наш начин на живот! Секогаш биди буден да се одрекнеш од каков било облик на безбожност и световни желби, и така да останеш исчистен и прикладен за да бидеш употребен од страна на Јехова во големото дело кое тој го врши денес (Колосјаните 1:10).
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто оддаденоста на Бог е корисна за сѐ?
◻ Како можат постарите христијани и христијанки да ја следат здравата поука како начин на живот?
◻ Каква здрава поука имал Павле за помладите мажи и жени во собранието?
◻ Каква предност и благослов можеме да имаме ако здравата поука ја направиме свој начин на живот?
[Слики на страница 18]
Многумина денес го применуваат советот од Тит 2:2-4