Угоди му на Јехова со покажување на доброљубивост
”Што бара Јехова од тебе освен да твориш правда и да ја сакаш доброљубивоста и скромно да одиш со својот Бог?“ (МИХЕЈ 6:8, NW).
1. Зошто не би требало да нѐ изненади што Јехова очекува неговиот народ да покажува доброљубивост?
ЈЕХОВА очекува неговиот народ да покажува доброљубивост. Тоа не треба да нѐ изненади. Самиот Бог е доброљубив спрема сите, дури и спрема неблагодарните злобни луѓе. Во врска со тоа, Исус Христос им рекол на своите ученици: ”Продолжете да ги љубите своите непријатели и да правите добро и да давате без камата, не очекувајќи ништо за возврат; и вашата награда ќе биде голема, и ќе бидете синови на Највишиот, зашто тој е доброљубив спрема неблагодарните и злите. Продолжете да бидете милосрдни, како што вашиот Татко е милосрден“ (Лука 6:35, 36, NW).
2. Кои прашања во врска со доброљубивоста го заслужуваат нашето внимание?
2 Како што се изјавува во Михеј 6:8, оние кои одат со Бог всушност мораат ’да ја сакаат доброљубивоста‘. Очигледно дека Јехова е задоволен кога неговите слуги ја љубат доброљубивоста и кога ја покажуваат на срдечен начин. Но што е доброљубивост? Какви користи произлегуваат ако ја покажуваме? И како може да се покаже оваа особина?
Што е доброљубивост
3. Како би ја опишал доброљубивоста?
3 Доброљубивоста е особина на покажување на активна заинтересираност за другите. Таа доаѓа до израз со корисни дела и обѕирни зборови. Да се биде доброљубив значи да се прави добро наместо да се прави нешто штетно. Доброљубивиот човек е љубезен, благороден, сочувствителен и добродушен. Тој има великодушен, обѕирен став спрема другите. И доброљубивоста е дел од ткаенината на симболичната облека на секој вистински христијанин, зашто Павле поттикнувал: ”Облечете се во нежна наклоност на сочувство, доброљубивост, понизност на умот, благост и долготрпеливост“ (Колосјаните 3:12, NW).
4. Како Јехова презема иницијатива во покажувањето на доброљубивост спрема човештвото?
4 Јехова ја презема иницијативата во покажувањето на доброљубивост. Како што рекол апостол Павле: ”Кога се покажа доброљубивоста и љубовта спрема човекот од страна на нашиот Спасител, Бог, нѐ спаси (...) според своето милосрдие преку капењето кое нѐ доведе во живот, и со тоа што нѐ обнови преку свет дух“ (Тит 3:4, 5, NW). Бог ги чисти или ги ’капе‘ помазаните христијани во Исусовата крв, применувајќи ја во нивна корист заслугата на Исусовата откупна жртва. Тие исто така се обновени преку свет дух, станувајќи ”нова творба“ како синови Божји родени со дух (2. Коринтјаните 5:17, ДК). Се разбира, Божјата доброљубивост и љубов спрема човекот се проширила и на едно меѓународно ”големо мноштво“, кое ’ги испрало своите облеки и ги избелило со крвта на [Ј]Агнецот“ (Откровение 7:9, 14; 1. Јованово 2:1, 2). Освен тоа, помазаните и големото мноштво со земска надеж се заедно под Исусовиот ”благ“ јарем (Матеј 11:30, NW).
5. Зошто треба да очекуваме оние кои се водени од Божјиот дух да покажуваат доброљубивост спрема другите?
5 Доброљубивоста е исто така дел од плодовите на Божјиот свет дух, или активна сила. Павле рекол: ”Плодовите на духот се љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, доброта, вера, благост, самосовладување. Против такви работи нема закон“ (Галатјаните 5:22, 23, NW). Според тоа, што би требало да очекуваме од оние кои се водени од Божјиот дух? Сигурно дека ќе покажуваат доброљубивост спрема другите.
6. На какво постапување би требало доброљубивоста да ги наведе старешините и другите христијани?
6 Доброљубивоста може да се покажува на многу начини. Доброљубивост покажуваме кога сме милосрдни. На пример, христијанските старешини се доброљубиви кога го пршируваат милосрдието на покајничките грешници и кога настојуваат духовно да му помогнат. Особината на доброљубивост која ја доделува Бог, ги прави надгледниците стрпливи, обѕирни, сочувствителни и благородни. Таа ги поттикнува ”обѕирно да постапуваат со стадото“ (Дела 20:28, 29, NW). Всушност, доброљубивоста како плод на духот би требало сите христијани да ги направи милосрдни, стрпливи, обѕирни, сочувствителни, пријателски настроени и гостољубиви.
Избегнувај ја погрешната доброљубивост
7. Зошто би рекол дека погрешната доброљубивост е слабост?
7 Некои луѓе гледаат на доброљубивоста како на слабост. Сметаат дека човек треба да биде безчувствителен, понекогаш дури и непристоен, за да другите бидат импресионирани од неговата сила. Но добро е речени дека ”непристојноста е имитација на сила на слабиот човек“. Всушност, потребна е вистинска сила, и да се биде навистина доброљубив и да се избегнува погрешната доброљубивост. Доброљубивоста која е плод на Божјиот дух не е слабост, попустлив став спрема погрешното постапување. Всушност, погрешната доброљубивост е слабост која го прави некого да го оправдува погрешното постапување.
8. (а) Како Илија се покажал попустлив со оглед на своите синови? (б) Зошто старешините мораат да се чуваат да не подлегнат на погрешната доброљубивост?
8 Израелскиот првосвештеник Илија бил попустлив во поучувањето на своите синови, Офни и Финес, кои служеле како свештеници во светиот шатор. Незадоволни со делот од жртвата кој им бил доделен според Божјиот Закон, тие имале еден слуга кој барал сирово (неварено) месо од оној кој принесувал жртви, пред салото на жртвата да биде спалено на олтарот. Синовите на Илија исто така имале неморални односи со жените кои служеле на влезот од светиот шатор. Меѓутоа, наместо да ги смени Офни и Финес од должност, Илија само благо ги укорил, и со тоа повеќе им оддал чест на своите синови отколку на Бог (1. Самоилова 2:12-29). Не е чудно што ’речта Јеховина била ретка во тие денови‘! (1. Самоилова 3:1, NW). Затоа христијанските старешини не смеат да подлегнат на лажни размислувања или да покажуваат погрешна доброљубивост која може да ја загрози духовноста на собранието. Вистинската доброљубивост не е слепа на злобните зборови и дела со кои се прекршуваат Божјите мерила.
9. (а) Кој став може да ни помогне да избегнеме да ѝ подлегнеме на погрешната доброљубивост? (б) Како Исус покажал сила во постапувањето со отпадничките религионисти?
9 Ако мораме да избегнеме да покажуваме погрешна доброљубивост, мораме да молиме за Божја помош за да имаме сила за тоа, што е очигледно од зборовите на псалмистот: ”Отстапете од мене, вие злосторници, за да можам да ги држам заповедите на мојот Бог“ (Псалми 119:115, NW). Исто така треба да го следиме примерот на Исус Христос, кој никогаш не бил виновен за покажување на погрешна доброљубивост. Всушност, Исус бил самото олицетворение на вистинска доброљубивост. На пример, ’се сожалил, бидејќи биле збунети и расејани како овци без пастир‘. Затоа искрените луѓе се чувствувале слободни да му пријдат на Исус, дури и да му ги донесат своите мали деца. А замисли ја само доброљубивоста и сочувството што ги покажал кога ”ги зел децата в прегратка и почнал да ги благословува“! (Матеј 9:36, ДК; Марко 10:13-16, NW). Иако Исус бил доброљубив, сепак бил одлучен за она што било исправно во очите на неговиот небесен Татко. Исус никогаш не го одобрувал злото; ја имал силата од Бог јавно да ги прекори лицемерните религиозни водачи. Во Матеј 23:13-26, тој повеќе пати ја повторил објавата: ”Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери!“ Исус секој пат дал причина за божествена осуда.
Доброљубивост поврзана со љубов
10. Како Исусовите ученици покажуваат доброљубивост и љубов спрема соверниците?
10 Зборувајќи за своите следбеници, Исус рекол: ”По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). А кое е едно од обележјата на љубовта која ги означува Исусовите вистински ученици? Павле рекол: ”Љубовта е долготрпелива и доброљубива“ (1. Коринтјаните 13:4, NW). Да се биде долготрпелив и доброљубив значи да ги поднесуваме несовршеностите и пропустите на другите, како што Јехова тоа доброљубиво го прави (Псалм 103:10-14, ДК; Римјаните 2:4, NW; 2. Петрово 3:9, 15). Христијанската љубов и доброљубивост исто се покажуваат и кога соверниците во некој друг дел на Земјата ќе ги притиснат тешкотии. Одговарајќи со повеќе од ”човечка доброљубивост“, христијаните на другите места покажуваат братска љубов со доброволно приложување на материјални работи за да им помогнат на тие обожаватели на Јехова (Дела 28:2, NW).
11. Што е љубезна доброљубивост според Библијата?
11 Доброљубивоста е поврзана со љубовта во изразот ”љубезна доброљубивост“, кој често се користи во Библијата. Тоа е доброљубивост која произлегува од лојална љубов. Хебрејската именка преведена со ”љубезна доброљубивост“ (ке’сед) вклучува повеќе од нежна обѕирност. Тоа е доброљубивост која со љубов се приврзува за некого сѐ додека намерата поврзана со него не биде остварена. Јеховината љубезна доброљубивост, или лојална љубов, се покажува на многу начини. На пример, покажана е во неговите дела на ослободување и заштита (Псалми 6:4; 40:11; 143:12, NW).
12. Во што можат да бидат сигурни Јеховините слуги кога молат за помош или избавување?
12 Не е чудо што Јеховината љубезна доброљубивост ги привлекува луѓето кон него! (Еремија 31:3, NW). Кога на Божјите верни слуги им треба избавување или помош, тие знаат дека неговата љубезна доброљубивост е навистина лојална љубов, која нема да ги остави на цедило. Затоа, можат да се молат со вера, како што правел псалмистот кој рекол: ”А јас, во твојата љубезна доброљубивост ја ставив довербата; нека ми се радува срцето во твоето спасение“ (Псалми 13:5, NW). Бидејќи Божјата љубов е лојална, неговите слуги не ја ставаат напразно својата доверба во неговата љубезна доброљубивост. Кога се молат за помош или ослободување, го имаат следното ветување: ”Јахве нема да го отфрли народот свој и своето наследство нема да го напушти“ (Псалми 94:14, Ст).
Награди на доброљубивоста
13, 14. Зошто доброљубивиот човек има лојални пријатели?
13 Имитирајќи го Јехова, неговите слуги продолжуваат да ’постапуваат едни со други со љубезна доброљубивост и милосрдие‘ (Захарија 7:9, NW; Ефесјаните 5:1). ”Пожелна работа кај земскиот човек е неговата доброљубивост“, а оној кој ја покажува таа особина жнее богати награди (Изреките 19:22, NW). Кои се некои од нив?
14 Љубезноста нѐ прави тактични и на тој начин ни помага да одржуваме добри односи со другите. Тактичниот човек зборува и ги извршува работите или постапува во тешките ситуации промислено и ненавредливо. Додека ’немилосрдниот човек‘ стекнува лош глас, ”човекот со љубезна доброљубивост постапува корисно со својата душа“ (Изреките 11:17, NW). Луѓето го избегнуваат немилосрдниот човек, но привлечени се кон оној кој спрема нив покажува љубезна доброљубивост. Според тоа, доброљубивиот поединец има лојални пријатели (Изреките 18:24).
15. Каков ефект може да има доброљубивоста во религиозно разделен дом?
15 Христијанката која има брачен другар кој не е во верата може да го привлече кон Божјата вистина со особината како што е доброљубивоста. Пред да чуе за вистината и да ја облече ”новата личност која е создадена според Божја волја во вистинска праведност и лојалност“, можеби била недоброљубива, дури и зајадлива (Ефесјаните 4:24, NW). Ако нејзиниот сопруг знаел некои од изреките, лесно можел да се согласи дека ”кавгите на жената се како покрив кој прокапува и го протерува човека“ и ”подобро е да се живее во пустина отколку со жена кавгаџика и уште со нерасположение“ (Изреките 19:13; 21:19, NW). Но, сега чесното однесување на христијанската жена и нејзиното длабоко почитување, заедно со особините како што се доброљубивост, можат да придонесат нејзиниот брачен другар да биде придобиен во вистинската вера (1. Петрово 3:1, 2). Да, тоа може да биде награда за нејзината доброљубивост.
16. Каква корист можеме да извлечеме од доброљубивоста која ни е покажана?
16 Доброљубивоста која ни е покажана може да биде од корист така што ќе нѐ направи помилосливи и повеќе да простуваме. На пример, ако ни е потребна духовна помош и ако со нас се постапува доброљубиво и благо, зарем тоа нема да нѐ направи повеќе склони со другите да постапуваме на ист начин? Впрочем, доброљубиво и благо постапување може да се очекува од духовно оспособените мажи, бидејќи Павле напишал: ”Браќа, ако некој човек и направи некаков прекршок пред да биде свесен за тоа, вие кои имате духовни способности обидете се таквиот човек да го исправите во дух на благост, внимавајќи секој на себе, да не бидеш искушан и ти!“ (Галатјаните 6:1, NW). Именуваните старешини зборуваат благо и љубезно кога настојуваат да им помогнат на соверниците кои грешат. Меѓутоа, без разлика дали лично сме добиле таква помош или не, што очекува Бог од сите оние кои му служат? Сите христијани се должни да покажуваат доброљубивост спрема другите и треба да го следат Павловиот совет: ”Бидете доброљубиви едни спрема други, нежно сомилосни, доброволно простувајќи си едни на други како што и Бог преку Христос доброволно ви простил вам“ (Ефесјаните 4:32, NW). Се разбира, ако некој ни простил или на доброљубов начин ни помогнал да се извлечеме од духовна потешкотија, тоа би требало да ја зголеми нашата способност на простување, сочувство и доброљубивост.
Цени ја Божјата незаслужена доброљубивост
17. Бидејќи сме грешници уште од раѓање, за каква доброљубивост би требало особено да бидеме благодарни?
17 Бидејќи сите сме родени како грешници осудени на смрт, постои една доброљубивост на која сите треба особено да бидеме благодарни. Тоа е незаслужената доброљубивост на Јехова Бог. Доброљубивоста со која грешниците би биле ослободени од осудата на смрт и прогласени за праведни, е потполно незаслужена. Павле, кој во своите 14 божествено инспирирани писма 90 пати ја спомнал Божјата незаслужена доброљубивост, им рекол на христијаните во стариот Рим: ”Зашто сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава, а тоа е како бесплатен дар со кој се прогласени за праведни по неговата незаслужена доброљубивост, преку избавувањето со откупот што го платил Христос Исус“ (Римјаните 3:23, 24, NW). Колку би требало да ја цениме незаслужената доброљубивост што ја покажал Јехова Бог!
18, 19. Како можеме да избегнеме да ја промашиме целта на Божјата незаслужена доброљубивост?
18 Ако би биле неблагодарни, би можеле да ја промашиме целта на Божјата незаслужена доброљубивост. Во врска со тоа, Павле рекол: ”Според тоа, ние сме пратеници кои го застапуваат Христос, како Бог сесрдно да моли преку нас. Како застапници на Христос молиме: ’Помирете се со Бог.‘ Оној кој не знаеше за грев го направи грев за нас, за да би можеле да бидеме преку него праведност Божја. Работејќи заедно со него, сесрдно ве молиме и вас да не ја прифатите Божјата незаслужена доброљубивост и да ја промашите нејзината цел. Зашто тој вели [во Исаија 49:8, Септуагинта]: ’Во поволно време те чув, и на ден на спасение ти помогнав.‘ Гледај! Сега е особено поволното време. Гледај! Сега е денот на спасението. На никаков начин не даваме причина за сопнување, за да не ѝ се приговори на нашата служба; но на секаков начин се препорачуваме себе како Божји слуги“ (2. Коринтјаните 5:20–6:4, NW). Што мислел Павле со тоа?
19 Помазаните христијани се пратеници наместо Христос, а припадниците на големото мноштво се негови претставници. Тие заедно ги поттикнуват луѓето да се помират со Бог за да постигнат спасение. Павле не сакал никој да ја прифати незаслужената доброљубивост на Јехова Бог преку Исус Христос и да ја промаши нејзината цел. Тоа може да ни се случи ако пропуштиме да го вршиме делото за кое таа незаслужена доброљубивост нѐ направила прикладни. Бидејќи имаме добри односи со Бог како оние кои се помирени со него, нема напразно да ја примиме неговата незаслужена доброљубивост ако ја исполниме својата ”служба на помирување, имено, дека Бог преку Христос го помирил светот со себе“ (2. Коринтјаните 5:18, 19, NW). И ние спрема другите ќе покажуваме најголема доброљубивост така што ќе им помагаме да се помират со Бог.
20. Што ќе разгледаме како следно?
20 Јеховините слуги го користат своето време и средствата во дела на доброљубивост кога настојуваат духовно да им помогнат на луѓето преку христијанската служба. Но, што можеме да научиме од библиските примери на практична примена на доброљубивост? Да разгледаме сега некои од тие примери и да разгледаме и други начини како да му угодиме на Јехова со покажување на доброљубивост.
Како би одговорил?
◻ Што е доброљубивост?
◻ Како можеме да избегнеме да не подлегнеме на погрешната доброљубивост?
◻ Зошто Јеховиниот народ може да има доверба во неговата љубезна доброљубивост?
◻ Кои се некои од наградите на доброљубивоста?
◻ Со кои дела нема да ја промашиме целта на Божјата незаслужена доброљубивост?
[Слика на страница 13]
Доброљубивоста ги прави христијанските старешини стрпливи, обѕирни и сочувствителни
[Слика на страница 15]
Доброљубивоста на христијанската жена може да помогне нејзиниот брачен другар да биде придобиен во вистинската вера
[Слика на страница 17]
Спрема другите можеме да покажеме најголема доброљубивост со тоа што ќе им помагаме да се помират со Бог