‚Опоменување на темел на љубов‘
ОКОЛУ 60-61 н. е., еден побегнат роб го напуштил Рим и започнал патување долго 1.400 километри кон Колоси, град на југоисток од Мала Азија. Со себе носел пишувана порака за својот господар, што ја напишал никој друг туку апостол Павле. Денес тоа писмо е дел од Библијата и го носи името на неговиот примател, Филимон.
Писмото до Филимон е ремек-дело на тактично, уверливо расудување. Сепак, уште поважно е тоа што содржи повеќе практични поуки за христијаните денес, а една од нив е вредноста на меѓусебното опоменување на темел на христијанската љубов. Да го разгледаме одблизу ова кратко, но силно писмо.
Бегалецот се враќа
Филимон бил христијанин, омилен член на собранието во Колоси (Филимон 4, 5). Па, тамошното собрание го користело неговиот дом како место за собирање! (стих 2). Освен тоа, Филимон лично се знаел со апостолот Павле; можеби апостолот придонел тој да стане христијанин. Вистина, Павле покажува дека тој лично не проповедал во Колоси (Колосјаните 2:1). Но, поминал две години во Ефес и проповедал во толкава мера, што ‚сите жители на Азија [која го опфаќала и Колоси] . . . го чуја словото за Господа Исуса‘ (Дела на св. апостоли 19:10). Веројатно Филимон бил помеѓу оние слушатели кои одговориле.
Во секој случај, налик на многумина богати мажи од тој период, Филимон бил робовласник. Во старо време робувањето не било секогаш потценувачко. Кај Евреите продавањето себеси или членови од семејството како роб, било прифатливо средство за плаќање на долгови (3. Мојсеева 25:39, 40). The International Standard Bible Encyclopedia коментира за римскиот период: „Голем број луѓе се продавале себеси во ропство од различни причини, а најповеќе за да започнат живот кој е полесен и побезбеден од егзистенцијата како беден, слободен човек, да најдат посебна работа и да напредуваат во општеството. . . . Многу не-Римјани им се продавале на римски граѓани со оправдани очекувања, грижливо регулирани со Римскиот закон, и самите да станат римски граѓани кога ќе бидат ослободени“.
Сепак, проблемот настанал кога еден од Филимоновите робови, човекот по име Онисим, го напуштил и избегал во Рим, можеби дури и украл пари од Филимон за да го плати своето бегство (стих 18). Во Рим, Онисим дошол во контакт со апостолот Павле кој таму бил затвореник.
‚Некогаш непотребниот‘ [бескорисниот, NW] роб кој избегал од ропството, сега станал христијанин. Тој се ставил себеси на располагање на Павле и му направил корисни услуги на затворениот апостол. Не е чудо што Онисим нашол место во Павловото „срце“ и му станал „возљубен брат“ на Павле! (стихови 11, 12, 16).
Апостол Павле веројатно сакал Онисим да остане кај него, но Филимон поседувал законско право како Онисимов сопственик. Така Онисим бил должен да се врати во служба на својот законски господар. Тогаш, како Филимон ќе го прими? Дали луто би посегнал по своето право да му одмери остра казна? Дали ќе ја отфрли искреноста на тврдењето на Онисим дека станал негов христијански брат?
Решавање на работите во љубов
Павле бил поттикнат да му напише на Филимон во врска со Онисим. Тој лично го напишал писмото со своја рака, и не употребил секретар како што имал обичај (стих 19). Одвој неколку минути да го прочиташ во целост краткото писмо до Филимон. Ќе забележиш дека откако се претставува себеси, и на Филимон и неговото домаќинство му пожелува „благодет и мир“ [„незаслужена доброта и мир“, NW], Павле го препорачува Филимон заради ‚неговата љубов и вера што ја има во Господа Исуса и кон сите светии [свети, NW]‘ (стихови 1-7).
Павле би можел лесно да го искористи својот авторитет како апостол и ‚да му заповеда на Филимон како што треба‘, но наместо тоа, Павле ‚опоменува на темел на љубов‘ (NW). Тој се повикува на фактот што Онисим навистина станал христијански брат, кој се покажал корисен за Павле. Апостолот соопштува: „Сакав да го задржам [Онисим] при мене, за да ми служи место тебе во оковите за Благовестието. Но“, продолжува Павле, „без твоја согласност не сакав ништо да направам, за да биде твојата добрина не како принуда, туку доброволна“ (стихови 8-14).
Така апостолот го поттикнал Филимон да го прими својот поранешен роб како брат. „Прими го како мене“, пишува Павле. Тоа не значело дека Онисим безусловно би бил ослободен од робувањето. Павле не агитирал да се промени постоечкиот општествен поредок во своето време. (Спореди Ефесјаните 6:9; Колосјаните 4:1; 1. Тимотеј 6:2.) Меѓутоа, односите господар-роб несомнено требало да бидат ускладени со христијанската врска која сега постоела помеѓу Онисим и Филимон. Филимон требало да гледа на Онисим ‚како на повеќе од роб, како на возљубен брат‘ (стихови 15-17).
Сепак, што е со долговите коишто Онисим можеби ги направил, можеби ако украл? Повторно, Павле се повикал на своето пријателство со Филимон, велејќи: „Ако, пак, во нешто ти згрешил, или ти е должен, префрли го тоа на моја сметка.“ Павле изразил увереност дека Филимон ќе покаже дух на проштевање и дека ќе направи повеќе отколку што Павле бара. Бидејќи се надевал наскоро да го пуштат, Павле дури се надевал да ужива гостопримство кај Филимон во блиска иднина. Откако му предал некои натамошни поздрави и му посакал на Филимон „благодат на нашиот Господ Исус Христос“, Павле го заклучил писмото (стихови 18-25).
Поуки за денешните христијани
Книгата Филимон изобилува со практични поуки за денешните христијани. Како прво, таа нѐ потсетува на потребата да простуваме, дури и ако нашиот соверник сериозно ни згрешил. „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни, и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“ (Матеј 6:14).
Оние кои имаат авторитетна положба во христијанското собрание, можат да извлечат посебна корист од книгата Филимон. Значајно е тоа што Павле се воздржал од употреба на апостолскиот авторитет и не му наредил на Филимон да го стори она што е исправно. Понатаму, Павле не барал за Онисим дозвола да остане во Рим и да му служи на Павле. Павле го почитувал туѓото право на сопственост. Тој исто така проценил дека наместо со авторитетен пристап да постигне покорност, за Филимон би било подобро да постапи од срце. Тој се обратил на темел на љубов за да извлече одговор од срце.
Затоа денешните христијански старешини никогаш не треба да „господарат над оние кои се Божје наследство“ (NW), така што би ја злоупотребувале својата моќ, или да употребуваат суров, авторитетен начин на постапување со стадото (1. Петрово 5:1-3). Исус рекол: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат на нив; меѓу вас, пак, нека не биде така“ (Матеј 20:25, 26). Надгледниците воглавно увидуваат дека членовите на стадото многу поспремно одговараат на обраќања со љубов, отколку на наредби. Оние кои страдаат од депресија, ги ценат надгледниците кои љубезно одвојуваат време да ги сослушаат нивните проблеми и да им дадат разумен совет.
Павловото писмо понатаму ги потсетува старешините на вредноста од пофалбата и тактичноста. Тој започнува со своето признание дека преку Филимон ‚се успокоиле срцата на светиите [светите, NW]‘ (стих 7). Оваа искрена пофалба без сомнение го довела Филимон во поприемчиво душевно расположение. На сличен начин и денес, советот може често да се ублажи со искрена, срдечна пофалба. А таквиот совет не би требало да биде груб или нетактичен, туку великодушно „зачинет со сол“, за да биде повкусен за слушачот (Колосјаните 4:6).
Апостолот Павле понатаму изразува уверување дека Филимон ќе постапи исправно, велејќи: „Убеден во твојата послушност, ти напишав, знаејќи дека ќе направиш и повеќе отколку што ти велам“ (стих 21). Старешини, дали ја изразувате истата таква увереност во своите соверници? Зарем тоа нема да им помогне да сакаат да го прават она што е исправно?
Интересно е што родителите често заклучуваат дека изразувањето доверба во своите потомци исто така има добар учинок. Со тоа што ја увидуваат вредноста од доброволната послушност — желба да се стори повеќе отколку само да се исполнат барањата — родителите можат да им признаат на своите деца поголема мера на достоинство. Родителските заповеди или барања би требало, ако е можно, да бидат дадени со љубезен, доброљубив тон на гласот. Мораат да покажат сочувство и да ги наведат причините. Родителите треба искрено да ги пофалат своите деца ако ја заслужуваат таквата пофалба и да избегнуваат да бидат премногу критички настроени кон нив, особено не јавно.
Во таа смисла, сопрузите можат да покажуваат особини на одговорност и љубезност и да бидат спремни да ги ценат своите сопруги. Тоа ја прави женската подложност задоволство и извор на освежување и радост! (Соломонови изреки 31:28; Ефесјаните 5:28).
Како точно Филимон одговорил на Павловото писмо, не е речено. Сепак, можеме да си замислиме дека Павловата доверба во него не била залудна. Нека христијанските старешини, родителите и сопрузите, на сличен начин денес најдат успех во своето однесување, не со присила, заповедање или изнудување, туку ‚опоменувајќи на темел на љубов‘.
[Слика на страница 23]
Наместо да се повика на својот авторитет како апостол, Павле го опоменал Филимон на темел на христијанската љубов