Проучувањето — наградувачко и угодно
„Ако го бараш . . . ќе го најдеш знаењето за Бога“ (ПОСЛОВИЦИ 2:4, 5).
1. Како лежерното читање може да ни донесе големо задоволство?
МНОГУ луѓе едноставно читаат од задоволство. Ако материјалот е добар, читањето може да биде извор на здрава релаксација. Освен својата редовна програма за читање на Библијата, некои христијани вистински уживаат кога непланирано ги читаат Псалмите, Пословиците, евангелските извештаи или други делови од Библијата. Чистата убавина на јазикот и мислите им донесуваат длабоко задоволство. Други избираат во слободното време да го читаат Годишникот на Јеховините сведоци, списанието Разбудете се!, биографските извештаи издадени во овој журнал или печатен материјал од историја, географија и природните науки.
2, 3. а) На кој начин длабоките духовни информации можат да се споредат со цврста храна? б) Што вклучува проучувањето?
2 Непланираното читање може да биде облик на релаксација, но проучувањето бара умствен напор. Англискиот филозоф Френсис Бекон напишал: „Некои книги треба да се вкусат, други да се проголтаат, а мал број да се изџвакаат и сварат“. Библијата дефинитивно спаѓа во последнава категорија. Апостол Павле напишал: „Во врска со него [Христос, сликовито предочен со царот-свештеник Мелхиседек] имаме многу нешто да кажеме и тешко е да се објасни тоа, бидејќи сте затапеле во слушањето . . . Цврстата храна им припаѓа на зрелите луѓе, на оние чија моќ за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:11, 14). Цврстата храна мора да се изџвака пред да се проголта и свари. Длабоките духовни информации бараат размислување пред да се впијат и задржат.
3 Еден речник го дефинира „проучувањето“ како „чин или процес при кој умот се посветува на стекнување спознание или разбирање, на пример со читање, истражување итн.“. Од ова произлегува дека се работи за повеќе отколку само за брзо и површно читање, можеби подвлекување на зборовите додека ги поминуваме. Проучувањето значи работа, умствен напор и користење на моќта за согледување. Меѓутоа, иако проучувањето бара напор, не значи дека тоа не може да биде угодно.
Проучувањето да се направи задоволство
4. Според псалмистот, како може проучувањето на Божјата реч да биде освежувачко и наградувачко?
4 Читањето и проучувањето на Божјата реч може да биде освежувачко и закрепнувачко. Псалмистот изјавил: „Господовиот Закон е совршен — ја крепи душата; Господовото сведоштво е верно — му дава мудрост на неукиот; Господовите повелби се праведни — го веселат срцето; Господовата заповед е светла — ги просветлува очите“ (Псалми 19:7, 8). Јеховините закони и потсетници ја преродуваат нашата душа, ја подобруваат нашата духовна благосостојба, ни донесуваат внатрешна радост и ни ги просветлуваат очите со јасна визија за Јеховините прекрасни намери. Колку восхитувачко!
5. Во кои погледи проучувањето може да ни донесе големо задоволство?
5 Кога ги гледаме добрите резултати од нашата работа, склони сме да уживаме во неа. Според тоа, за да ни биде проучувањето задоволство, треба брзо да го користиме новостекнатото спознание. Јаков напишал: „Оној кој се загледува во совршениот закон кој ѝ припаѓа на слободата и истрајува во него, тој човек, затоа што станал извршител на делото, а не заборавлив слушател, ќе биде среќен што го врши“ (Јаков 1:25). Неодложната лична примена на точките што сме ги научиле донесува големо задоволство. Истражувањето со конкретна цел да одговориме на некое прашање кое ни е поставено во делото на проповедање или поучување исто така ќе ни донесе голема среќа.
Развивање наклоност кон Божјата реч
6. Како писателот на Псалм 119 ја изразил својата наклоност кон Јеховината реч?
6 Композиторот на Псалм 119, можеби Езекија додека сѐ уште бил млад кнез, ја изразил својата наклоност кон Јеховината реч. Тој со поетски јазик рекол: „Ќе покажувам наклоност кон твоите одредби. Нема да ја заборавам твојата реч. Исто така, кон твоите потсетници имам наклоност . . . Ќе покажувам наклоност кон твоите заповеди кои ги сакам. Нека дојдат врз мене твоите милости за да продолжам да живеам; зашто кон твојот Закон имам наклоност. Копнеам по твоето спасение, о Јехова, и кон твојот Закон имам наклоност“ (Псалми 119:16, 24, 47, 77, 174, NW).
7, 8. а) Според еден прирачник, што значи да ‚се покажува наклоност‘ кон Божјата реч? б) Како можеме да ја покажеме нашата љубов кон Јеховината реч? в) Како се подготвил Езра пред да го чита Јеховиниот закон?
7 Објаснувајќи го зборот преведен со „покажува наклоност“ во Псалми 119, еден речник за Хебрејските списи вели: „Употребата во ст. 16 одговара на [глаголите] за радување . . . и за медитирање . . . Редоследот е: радување, медитирање, уживање во . . . Оваа комбинација можеби укажува дека смисловното размислување е средството преку кое некој почнува да ужива во речта на Јахве . . . Значењето вклучува емотивен елемент“.a
8 Да, љубовта кон Јеховината реч треба да извира од нашето срце, седиштето на емоциите. Треба да ни биде задоволство да се задржиме на извесни пасуси од она кое штотуку сме го прочитале. Треба да се задлабочиме во длабоките духовни мисли, да се внесеме во нив и да медитираме за нив. Ова бара смирено размислување и молитва. Слично на Езра, треба да ги подготвиме своите срца за читањето и проучувањето на Божјата реч. За него е напишано: „Езра настојуваше, со сето свое [го подготви своето, NW] срце, да проникне во Господовиот Закон, да го извршува и да го поучува Израел во законите и уредбите“ (Езра 7:10). Забележи ја трикратната цел поради која Езра го подготвил своето срце: да проучува, лично да го примени тоа и да поучува. Треба да го следиме неговиот пример.
Проучувањето како чин на обожавање
9, 10. а) На кои начини псалмистот покажал дека се занимава со Јеховината реч? б) Што значи хебрејскиот збор преведен со „[се] занимава“? в) Зошто е важно на проучувањето на Библијата да гледаме како на „чин на обожавање“?
9 Псалмистот наведува дека тој се занимавал со Јеховините закони, заповеди и потсетници. Тој пее: „Ќе размислувам за [Ќе се занимавам со, NW] Твоите повелби и ќе ги разгледувам Твоите заповеди . . . Ги подигам рацете кон Твоите заповеди, зашто ги љубам и размислувам за [се занимавам со, NW] Твоите повелби. О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за [се занимавам со, NW] него. Поумен сум од сите мои учители, зашто размислувам за [се занимавам со, NW] Твоите сведоштва“ (Псалми 119:15, 48, 97, 99). Што се подразбира со тоа некој ‚да се занимава‘ со Јеховината реч?
10 Хебрејскиот збор преведен со „[се] занимава“ значи и „да се медитира, длабоко да се размислува“, „да се разгледува некоја работа во мислите“. „Се користи за тивко размислување за Божјите дела . . . и Божјата реч“ (Theological Wordbook of the Old Testament). Именската форма „занимавање“ укажува на „медитирањето на псалмистот“, „неговото проучување [на Божјиот закон] мотивирано од љубов“како „чин на обожавање“. Ако проучувањето на Божјата реч го сметаме за дел од нашето обожавање, тоа му додава сериозност. Затоа, треба да го вршиме совесно и со користа од молитвата. Проучувањето е дел од нашето обожавање и ние проучуваме со цел да го подобриме нашето обожавање.
Подлабоко копање во Божјата реч
11. Како Јехова му ги открива длабоките духовни мисли на својот народ?
11 Во побожен восхит, псалмистот извикнал: „Колку се големи Твоите дела, Господи, и длабоки се Твоите замисли!“ (Псалми 92:5). А апостол Павле зборувал за „длабоките работи Божји“, длабоките мисли кои му ги открива Јехова на својот народ „преку својот дух“ кој дејствува во класата на верниот и разборит роб (1. Коринќаните 2:10; Матеј 24:45). Класата на робот марливо им обезбедува на сите духовна прехрана — „млеко“ за новите, но „цврста храна“ за „зрелите луѓе“, (Евреите 5:11—14).
12. Наведи пример за „длабоките работи Божји“ кои ги објаснила класата на робот.
12 За да ги сфатиме „длабоките работи Божји“ потребно е да проучуваме под молитва и да размислуваме за неговата Реч. На пример, објавен е прекрасен материјал кој покажува како Јехова може во исто време да биде и праведен и милостив. Тоа што тој практикува милост не е разводнување на неговата правда; напротив, божествената милост е израз на Божјата правда, како и на неговата љубов. Кога му суди на некој грешник, Јехова најпрвин одредува дали е можно да покаже милост на темел на откупната жртва на својот Син. Ако грешникот не се кае или е бунтовен, Бог дозволува правдата да си оди по својот тек без неоснована милост. Во секој случај, тој е верен на своите возвишени начелаb (Римјаните 3:21—26). ‚О длабочино на Божјата мудрост!‘ (Римјаните 11:33).
13. Како треба да покажеме ценење за ‚непресметливиот број‘ духовни вистини кои се откриени досега?
13 Исто како псалмистот, и ние сме возбудени поради фактот што Јехова споделува многу свои мисли со нас. Давид напишал: „Колку ми се драгоцени Твоите науми [мисли, NW], Боже, колку е непресметлив нивниот број. Да ги бројам, повеќе се од песок“ (Псалми 139:17, 18). Иако нашето спознание денес претставува само едно мало делче од безбројните мисли кои Јехова ќе ни ги открие низ вечноста, сепак, длабоко го цениме „непресметливиот број“ драгоцени духовни вистини кои ни ги открил досега и уште подлабоко копаме во нив, односно во суштината на Божјата реч (Псалми 119:160, фуснота NW).
Потребни се напор и делотворни алатки
14. Како Пословици 2:1—6 ја подвлекува потребата од напор во проучувањето на Божјата реч?
14 Длабокото проучување на Библијата бара напор. Овој факт многу јасно излегува на виделина преку внимателното читање на Пословици 2:1—6. Забележи ги активните глаголи кои ги употребил мудриот цар Соломон за да го подвлече напорот што е потребен за да се стекне божествено спознание, мудрост и проникливост. Тој напишал: „Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе, и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот; да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште — тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бог. Зашто Господ дава мудрост, од Неговата уста доаѓа знаењето и разумот“. Да, наградувачкото проучување бара истражување, копање, како кога се трага по скриено богатство.
15. Која библиска илустрација ја истакнува потребата од добри методи на проучување?
15 Духовно збогатувачкото проучување бара и добри методи на проучување. Соломон напишал: „Кога ќе се затапи железото и неговата острица не е наострена, тогаш треба повеќе сила“ (Проповедник 10:10). Ако еден работник користи алатка за острење која и самата не е остра или не ја користи вешто, тој ќе си ја потроши силата, а работата ќе му биде со лош квалитет. На сличен начин, користите од времето поминато во проучување може многу да се разликуваат, зависно од нашите методи на проучување. Одлични практични предлози како да го подобриме начинот на кој проучуваме можеме да најдеме во Задача 7 од Vodič za Teokratsku službu osposobljavanja.c
16. Кои практични предлози се дадени за да ни се помогне да се зафатиме со длабоко проучување?
16 Кога еден занаетчија се зафаќа со работа, тој ги вади алатките кои ќе му бидат потребни. На сличен начин, кога почнуваме да проучуваме, треба да избереме од нашата лична библиотека кои алатки за проучување ќе ни бидат потребни. Имајќи на ум дека проучувањето е работа и дека бара умствен напор, добро е и да заземеме соодветна положба на телото. Ако сакаме да останеме умствено будни, седењето на стол до масата или бирото може да биде поделотворно отколку лежењето во кревет или седењето во некоја удобна фотелја. Откако извесно време си сконцентриран, можеби ќе увидиш дека е корисно малку да се протегнеш или да излезеш надвор на свеж воздух.
17, 18. Наведи примери за тоа како да се користат добрите алатки за проучување кои ти се на располагање.
17 На располагање ни се и многу неспоредливи алатки за проучување. Најистакната меѓу нив ни е Превод Нов свет на Библијата, сега достапен во целина или делумно на 37 јазици. Стандардното издание на Превод Нов свет е опремено со референци и „Табела со библиските книги“ во која се наведени името на писателот, местото на пишување и временскиот период кој е опфатен. Исто така, во него има и индекс на библиски зборови, апендикс и мапи. На некои јазици, оваа Библија е отпечатена во поголемо издание, познато како Reference Bible (Библија со референци). Таа ги содржи сите горенаведени обележја па дури и повеќе, вклучувајќи опширни фусноти, за кои исто така е направен индекс. Дали целосно извлекуваш корист од она што е достапно на твојот јазик како помош уште подлабоко да копаш во Божјата реч?
18 Друга скапоцена алатка за проучување е двотомната библиска енциклопедија Insight on the Scriptures (Увид во Писмото). Ако го поседуваш ова дело на јазик што го разбираш, тоа треба да биде твој постојан придружник кога проучуваш. Ќе ти ги обезбеди заднинските информации за повеќето библиски теми. Слична корисна алатка е книгата „Све ја Писмо надахнуто од Бога и корисно“. Кога почнуваш да читаш некоја нова книга од Библијата, добро е да ја испиташ соодветната студија во книгата „Све је Писмо“ за да се запознаеш со географската и историската рамка, а исто така и со резимето на содржината на библиската книга и нејзината вредност за нас. Еден понов додаток на многуте алатки за проучување во печатен облик е компјутеризираната Watchtower Library (Библиотека на Стражарска кула), сега достапна на девет јазици.
19. а) Зошто Јехова ни обезбедил прекрасни алатки за проучување на Библијата? б) Што е потребно за исправно читање и проучување на Библијата?
19 Јехова ги обезбедил сите овие алатки преку „верниот и разборит роб“ за да им овозможи на своите слуги на Земјата ‚да го бараат и да го најдат знаењето за Бог‘ (Пословици 2:4, 5). Добрите навики на проучување ни овозможуваат да дојдеме до подобро спознание за Јехова и да уживаме поблизок однос со него (Псалми 63:1—8). Да, проучувањето значи работа, но тоа е работа која е угодна и наградувачка. Меѓутоа, тоа навистина бара време, и веројатно си мислиш: ‚Како можам да најдам време за да посветам адекватно внимание на моето читање на Библијата и лично проучување?‘ Овој аспект ќе биде разгледан во последната статија од оваа серија.
[Фусноти]
a New International Dictionary of Old Testament Theology & Exegesis, Том 4, стр. 205—207.
b Види Стражарска кула од 1 август 1998, страница 13, пасус 7. Како проект за библиска студија би можел да ги повториш обете статии во тоа издание, како и статиите, „Правда“, „Милост“, и „Праведност“ во библиската енциклопедија Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
c Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. Ако овој прирачник не е достапен на твојот јазик, убави совети за методите на проучување можеш да најдеш во следниве изданија на Стражарска кула: 15 август 1993, страници 13—17; 1 септември 1986, страници 27, 28.
Прашања за повторување
• Како можеме да го направиме нашето лично проучување освежувачко и наградувачко?
• Исто како псалмистот, како можеме да покажуваме „наклоност“ кон Јеховината реч и ‚да се занимаваме‘ со неа?
• Како во Пословици 2:1—6 е покажана потребата од напор во проучувањето на Божјата реч?
• Кои прекрасни алатки за проучување ги обезбедил Јехова?
[Слика на страница 14]
Смиреното размислување и молитвата ни помагаат да развиеме љубов кон Божјата реч
[Слики на страница 17]
Дали во потполност ги користиш достапните алатки за проучување за да копаш подлабоко во Божјата реч?