‚Нека се покаже твојот напредок‘
„Но сега кога сум станал маж, ги отстранив обележјата на дете“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 13:11, NW)
1. Како растењето е сведоштво за чудото на создавање?
ОД ЕДНО јајценце толку мало што може да се види само под микроскоп, китот може да порасне во суштество долго преку 30 метри и тешко преку 80 тони. Слично на тоа, едно од најмалите семиња, џиновското стебло на секвоја, може да достигне висина од преку 90 метри. Навистина, растењето е едно од чудата на животот. Како што рекол апостол Павле, можеме да садиме и вадиме, но „Бог, . . . прави да израсте“ (1. Коринтјаните 3:7).
2. Каков вид пораст бил проречен во Библијата?
2 Меѓутоа, постои еден друг вид растење кој е исто толку зачудувачки. Тоа е она растење кое го прорекол пророкот Исаија: „Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ [Јехова], ќе побрзам да го завршам тоа навреме“ (Исаија 60:22). Ова пророштво е поврзано со порастот на Божјиот народ, и тоа доживува главно исполнување во наше време.
3. Како извештајот од 1991 службена година покажал дека Јехова го забрзува делото на својот народ?
3 Извештајот од 1991 службена година за активноста на Јеховините сведоци ширум светот покажува дека бројот на објавителите на Царството достигнал нов највисок број од 4.278.820, а вкупно 300.945 луѓе се крстиле во текот на истата. Поради приливот на толку многу нови, беа формирани 3.191 ново собрание, заедно со потребниот број на нови покраини и области. Тоа е повеќе од осум нови собранија на ден, скоро една нова покраина секои два дена. Каков прекрасен пораст! Јасно, дека Јехова ги забрзува работите, а неговиот благослов е на трудот на неговиот народ (Псалми 127[126]:1).
Време за самоиспитување
4. Кои прашања мораат да се разгледаат додека гледаме кон иднината?
4 Иако тоа е охрабрувачка глетка, овој благослов носи со себе и одредени одговорности. Ќе има ли доволно зрели и спремни поединци да се грижат за духовните потреби на сите тие нови? Додека гледаме напред кон иднината, запрепастува помислата на бројот на пионери, слуги помошници, старешини и патувачки надгледници кои ќе бидат потребни за да се грижат за порастот и проширувањето, како и бројот на доброволните работници потребни за подружниците и бетелските домови ширум светот за да го поддржуваат тоа дело. Откаде ќе дојде тој голем број луѓе? Нема сомнение дека жетвата е голема. Но кој денес е во состојба да се грижи за сите потребни работници да ја жнеат таа жетва? (Матеј 9:37, 38).
5. Какви ситуации постојат во некои области поради брзиот пораст?
5 На пример, се известува дека во некои делови од светот, има собранија со по стотина објавители на Царството кадешто служи само еден старешина со еден или двајца слуги помошници. Понекогаш еден старешина мора да служи во две собранија. Во други места потребата од оспособени христијански слуги за водење на домашни библиски студии е толку голема што новите мораат да чекаат за некој да проучува со нив. Во други подрачја пак, се формираат нови собранија со толкава брзина што три, четири или дури пет собранија мораат да делат една Царска сала. Можеби си видел ваков пораст во твоето подрачје.
6. Зошто е погодно да се самоиспитуваме?
6 Што ни кажува наведеното? Дека со оглед на времињата, сите ние мораме да ги испитаме своите околности за да видиме дали најдобро го користиме нашето време и средства за да одговориме на потребата (Ефесјаните 5:15-17). Апостол Павле им напишал на еврејските христијани од првиот век: „Зашто, иако според годините вие требаше веќе да бидете учители, вие сѐ уште имате потреба да ве учат — кои се првите начала на словото Божјо, и дојдовте до таква состојба, што имате потреба од млеко, а не од тврда храна“ (Евреите 5:12). Како што покажуваат тие зборови, поедини христијани мораат исто така да растат. А постои вистинска опасност некој да се задржи во духовно детство наместо да напредува до христијанска зрелост. Во согласност со тоа, Павле нѐ поттикнува: „Постојано испитувајте се дали сте во верата, постојано докажувајте што сте“ (2. Коринтјаните 13:5, NW). Дали си се испитал за да видиш дали духовно си растел од времето на твоето крштение? Или си стоел во место? Но, како може да се знае тоа?
„Обележјата на дете“
7. Што мораме да правиме за да се покаже духовниот напредок?
7 „Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете, расудував како дете; но сега кога сум станал маж, ги остстранив обележјата на дете“, рекол апостол Павле (1. Коринтјаните 13:11, NW). Во духовниот развој, едно време сите ние сме биле деца во нашето размислување и постапки. Меѓутоа, за да се покаже напредок, мораме да ги оставиме „обележјата на дете“, како што рекол Павле. Кои се некои од тие обележја?
8. Според Павловите зборови во Евреите 5:13, 14, што е едно обележје на духовното дете?
8 Прво, забележи ги зборовите на Павле во Евреите 5:13, 14, (NW): „Секој кој се храни со млеко, не ја познава речта на праведноста, зашто е мало дете. Но тврдата храна е за зрелите, кои преку употреба ја извежбале својата моќ на забележување за да го разликуваат исправното од погрешното“. Дали ти ‚ја познаваш речта на праведноста‘? Дали доволно добро ја познаваш Божјата Реч, Библијата, за да можеш да ја употребуваш за ‚разликување на исправното од погрешното‘? Павле рекол дека зрелите луѓе можат да го прават тоа затоа што редовно земаат ‚тврда храна‘. Значи, желбата на човекот, или апетитот за тврда духовна храна, е добар показател за тоа дали некој духовно пораснал или сѐ уште останува духовно дете.
9. Како духовниот апетит е показател за нечиј духовен напредок?
9 Тогаш, каков е твојот духовен апетит? Како гледаш на изобилството од духовна храна која Јехова редовно ја дава преку библиски темелените публикации и христијанските состаноци и собири? (Исаија 65:13). Без сомнение дека многу се радуваш ако излезат нови публикации на годишните обласни конгреси. Но што правиш со нив кога ќе дојдеш дома? Што правиш кога ќе дојде нов број на Стражарска кула или Разбудете се!? Дали одвојуваш време да ги прочиташ тие публикации, или само ги прелистуваш за да ги видиш врвните точки, а потоа ги ставаш покрај останатите на твојата полица? Слични прашања би можеле да се постават во врска со христијанските состаноци. Дали редовно присуствуваш на сите состаноци? Дали се подготвуваш и учествуваш на нив? Очигледно некои западнале во лоши навики на духовно хранење, читајќи површно, и така да се каже, јадат набрзина. Колку поинаков бил случајот со псалмистот кој рекол: „Колку го љубам законот твој! Вез ден мислам на него“. Понатаму, цар Давид рекол: „Ќе Те прославувам, Господи, на големо собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам“ (Псалми 35[34]:18; 119:97, ДК). Јасно, степенот до кој ние ги цениме духовните подготовки е показател за нашиот духовен напредок.
10. Кое обележје на духовното дете е покажано во Ефесјаните 4:14?
10 Павле укажал на уште една особина на духовно дете кога предупредил: „Да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата“ (Ефесјаните 4:14). Како што родителите добро знаат, децата се љубопитни за сѐ. На еден начин тоа е позитивна особина бидејќи им овозможува да испитуваат и да научат постепено да се развиваат во зрели личности. Опасноста, меѓутоа, лежи во тоа што лесно можат постојано да бидат одвлечени. Што е уште полошо, поради тоа што немаат искуство, љубопитноста често ги доведува до сериозни неволји, дури ги доведува во опасност и другите. Истото важи за духовните деца.
11. а) На што мислел Павле кога го употребил изразот ‚секој ветар на учења‘? б) Со какви ‚ветрови‘ денес сме соочени?
11 Но, што имал Павле на ум кога рекол дека духовните деца наоколу се развејуваат од ‚секој ветар на учења‘? Овде „ветар“ преведен е од грчкиот збор а́немос, за кој делото International Critical Commentary наведува дека очигледно е „избран како таков кој одговара на идејата за променливост“. Тоа е добро опишано со следниве Павлови зборови: „по лукавството на луѓето“. Зборот „лукавство“ во првобитниот јазик има основно значење на „коцка“ или „фрлање коцка“, односно, игра на случајност. Се мисли на тоа дека сме постојано соочени со нови идеи и стремежи кои можат да изгледаат безопасни, примамливи, дури и вредни. Павловите зборови првенствено се однесуваат на работите поврзани со нашата вера — движења за светско обединување на црквите, општествени и политички прилики и слично. (Спореди 1. Јованово 4:1, NW.) Но начелото останува да важи со оглед на световните каприци и моди кои постојано се менуваат — стилови, забава, храна, здравје или физичка способност и слично. Поради недостаток на искуство и добро просудување, таквите работи можат во преголема мера да го одвлечат духовното дете и со тоа може да биде спречено духовно да напредува и да ги исполнува своите многу поважни христијански обврски (Матеј 6:22-25).
12. Како малите деца се разликуваат од возрасните со оглед на одговорноста?
12 Друга особина на малите деца е нивната постојана потреба од помош и внимание. Тие ниту се свесни ниту заинтересирани за одговорности; детството е период од животот кога скоро сѐ е само песна и игра. Како што се изразил Павле, тие ‚зборуваат како дете, размислуваат како дете, расудуваат како дете‘. Го земаат само по себе разбирливо тоа дека другите ќе се грижат за нив. Истото може да се рече за духовното дете. Кога некој нов треба да одржи свој прв библиски говор или започнува во службата на проповедање, духовниот родител е одушевен да стори сѐ за да помогне. Што се случува ако новиот продолжува да се надева на таква помош и се покажува неспособен да ја прифати одговорноста да се грижи сам за себе? Јасно дека тоа би бил показател на недостаток на самозалагање.
13. Зошто секој мора да се научи да го носи својот товар?
13 Во овој поглед присети се на опомената на апостол Павле дека иако треба ‚да ги поднесуваме тешкотиите еден на друг‘, сепак „секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:2, 5). Се разбира, потребно е време и труд за некој да научи да ги носи своите христијански одговорности, и тоа би можело да значи дека треба да прави жртви во одредени области. Меѓутоа, сериозна грешка би било некој да си дозволи да биде впуштен во забавата и игрите на животот, сеедно дали се тоа рекреации, патувања, различни уреди, или дури непотребно тежнеење по световна работа; едноставно да стои настрана, така да се каже, без никаква желба да го зголеми своето учество во делото на правење на ученици или да посегне по духовен напредок и одговорност. „Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе“, поттикнувал ученикот Јаков (Јаков 1:22; 1. Коринтјаните 16:13).
14. Зошто не треба да бидеме задоволни со покажувањето на обележјата на духовно дете?
14 Да, постојат многу лесно препознатливи обележја кои го разликуваат детето од возрасниот. Меѓутоа, важно е, како што рекол Павле, постепено да ги оставаме особините на дете и да пораснеме (1. Коринтјаните 13:11; 14:20, NW). Во спротивно, може да заостанеме во духовен поглед. Но како некој напредува? Што е вклучено во одржувањето на духовниот раст до зрелост?
Како се покажува напредокот
15. Кои се основните чекори во процесот на растење?
15 И како се одвива растењето во природата? „Секој поединец го започнува животот како единечна клетка“, објаснува The World Book Encyclopedia. „Клетката прима материи и ги претвора во елементи кои се потребни за да расте. Според тоа, единечната клетка расте одвнатре. Оваа клетка може да се множи и дели за да формира други клетки. Процесот на градење, множење и делење претсатвува растење.“ Мислата што овде е вредна за забележување е дека растењето се одвива одвнатре. Кога човек прима правилна исхрана, ја асимилира и ја користи, резултатот е растење. Тоа е јасно видливо од случајот со новородено бебе. Како што знаеме, новороденче поприма постојана залиха на посебно составена храна, млеко, кое е богато со маст и протеини, материи кои се потребни за растење. И кој е резултатот? Обемот на растење, во поглед на тежина и висина, којшто бебето го достигнува во првата година, никогаш не може да се спореди со обемот на ниедна друга година на нормалното растење во преостанатиот дел од неговиот живот.
16. Каков вид раст се гледа кај повеќето нови библиски ученици, и како е тоа овозможено?
16 Можеме многу да учиме од овој природен процес на растење којшто можеме да го примениме на нашиот духовен напредок од основните работи до зрелост. Како прво, важна е постојаната програма на хранење. Размисли за времето кога си почнал да ја проучуваш Библијата. Ако си како повеќето други, можеби не си знаел практично ништо за Божјата Реч. Но седмица по седмица, си се подготвувал и си ја одржувал својата библиска студија, и за релативно кратко време, си ги сфатил сите основни науки од Библијата. Мораш да признаеш, тоа бил невообичаен раст, и сето тоа како резултат на редовното хранење од Божјата Реч!
17. Зошто е неопходна редовна програма на духовно хранење?
17 Но како е сега? Дали сѐ уште следиш редовна програма на хранење? Никогаш не треба никој да мисли дека затоа што се крстил повеќе нема потреба од редовно и систематско проучување за да прима хранлива духовна храна. Иако Тимотеј бил зрел христијански надгледник, Павле го поттикнувал: „Размислувај за овие работи; задлабочи се во нив, за твојот напредок да се покаже пред сите луѓе“ (1. Тимотеј 4:15, NW). Колку повеќе треба секој еден од нас да го прави тоа! Ако си заинтересиран твојот духовен напредок да биде видлив, таквите напори се неопходни.
18. Како се покажува нечиј духовен напредок?
18 Да се покаже нечиј духовен напредок, тоа не значи некој да прави посебен напор да покаже што знае или да се обиде да ги импресионира другите. Исус изјавил: „Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина“, и „од преполнето срце прикажува устата“ (Матеј 5:14; 12:34). Кога срцата и мислите ни се полни со добрите работи од Божјата Реч, не можеме а тоа да не го покажуваме преку она што го правиме и зборуваме.
19. Што треба да бидеме одлучни да правиме со оглед на нашиот духовен напредок, и кој резултат можеме да го очекуваме?
19 Затоа се поставува прашањето: Дали редовно ја проучуваш Библијата и присуствуваш на христијанските состаноци за да ја примаш хранливата материја која може да го поттикне твојот внатрешен, духовен раст? Немој да се задоволуваш со тоа да бидеш пасивен набљудувач кога станува збор за духовниот развиток. Преземи позитивни чекори за да си осигураш во потполност да го користиш изобилството на духовна храна што ја дава Јехова. Ако ‚ти омилел законот на Господа [Јехова, NW] и во законот Негов дење и ноќе се поучуваш‘, тогаш и за тебе може да се каже: „Тој е како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сѐ што прави, напредува“ (Псалми 1:2, 3). Но, што можеш да сториш за да можеш со сигурност да продолжиш духовно да напредуваш? За тоа ќе дискутираме во следната статија.
Можеш ли да одговориш?
◻ Зошто е прикладно да го провериме нашиот духовен напредок?
◻ Како духовниот раст е поврзан со духовниот апетит?
◻ Што се мисли со ‚секој ветар на учења‘?
◻ Зошто секој еден мора да го носи својот товар?
◻ Како се постигнува духовниот напредок?
[Слика на страница 10]
Дали одвојуваш време да ги читаш публикациите темелени на Библијата?